„Диво Насеље“: Пресудата се преведува, жалбите се процесуирани, предметот оди во Апелација


Скопје, 8 мај, 2018 - 14:58 (META) 

На 2 ноември минатата година, две години и пет месеци по настаните 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба, и година и осум месеци по почетокот на судењето на 8 февруари 2016 година, Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.

Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Адвокатите веднаш најавија жалби, а случајот се уште не е стасан во Апелациски суд Скопје, за второстепено одлучување.

Како што објаснија од Основен суд Скопје 1, жалбите се процесуирани, а во моментот пресудата се преведува на албански јазик, и набргу предметот ќе биде доставен до Апелација.

– Од страна на одбраната во предметот, до судот доставени се повеќе жалби изјавени против првостепената пресуда. Во моментов се врши превод на пресудата на албански јазик, кој е во финална фаза, по што пресудата ќе биде доставена до обвинетите и откако ќе се комплетира доставата, предметот веднаш ќе биде доставен до Апелациониот суд на надлежно постапување – одговорија од Кривичниот суд на прашање од „Мета“ до каде е постапката со испраќање на предметот во повисокиот суд.

По пресудата и владејачката ДУИ, но и нејзиниот лидер Али Ахмети, го повторија ставот дека ќе бараат меѓународна истрага, а и премиерот Зоран Заев нагласи дека мора да има меѓународен експерт за случајот за кој СДСМ тврдеше дека е фингиран од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

За расчистување на случајот формирана е собраниска Анкетна комисија, која освен конститутивната седница, не напреднала многу.

Поради пресудата се протестираше во Македонија, Косово, а имаше и мал протест во Албанија.

Косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.


СЕММ: Порталите се најчеста мета за жалби за неетичко известување


Скопје, 29 март, 2018 - 14:24 (META) 

Статистиката, од Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите (СЕММ) покажува дека, во периодот од 2014 до 2017 година, најголем дел од жалбите за неетичко известување на медиумите – 79 проценти – се однесувале на интернет порталите. Потоа следуваат телевизиите со 12,6 отсто, весниците и неделниците 8 отсто и новинските агенции 0,5 отсто.

Најмногу жалби, 59, поднеле организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 51 се дело на јавни функционери, јавни институции и партии, 55 дошле од медиуми и новинари и 49 се водат во категоријата „други“.

Вкупниот број на донесени одлуки од страна на СЕММ е 214, од кои, во 175 е прекршен Кодексот на новинарите и изречена е морална санкција.

Во 28 одлуки жалбите биле неосновани, а 11 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување на страните.

Овие бројки официјално ќе бидат презентирани на утре на Годишното собрание на СЕММ.


Врховен суд треба ја соопшти одлуката за притворените од 27 април


Скопје, 26 март, 2018 - 10:02 (META) 

Врховниот суд на Република Македонија денеска, три дена откако истече рокот за тоа,  треба да ја донесе одлуката по жалбите за притворите на пратениците и другите осомничени за настаните во Собранието на РМ од 27 април минатата година.

Рокот од 48 часа за донесување на решението по однос на жалбите на притворените истече во четвртокот.

Осомничени за настаните од 27 април се 35 лица, меѓу кои пратеници, организатори на протестот и вработени во МВР.

Врховен решава за жалбите на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски и десетина осомничени граѓани.

Според претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, судот не доцни со решение, туку се работи за сложен предмет за кој не може да се очекува да има брза одлука.


Владо Јовановски заминува во куќен притвор, Мукоски останува во „Шутка“


Скопје, 22 февруари, 2018 - 17:08 (META) 

Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на актерот Владо Јовановски и му ја ја замени мерката притвор во истражен затвор, со мерка куќен притвор.

Пратеникот Крсто Мукоски, чии жалби денеска ги разгледуваше Апелација, останува во притвор. Второстепениот суд го одби негово барање притворот да му биде заменет со куќен притвор.

Тој пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд се пожали дека психичкото здравје му е сериозно нарушено и оти не планира да бега.

Јовановски и Мукоски се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.

Во исто време, Апелацискиот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.

Во притвор остануваат и пратеникот Сашо Василевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, началникот во МВР, Душко Лазаров и началникот на посебните и специјалните единици на МВР, Митко Пешов откако Апелација им ги одби жалбите и ја потврди одлуката на Кривичниот суд.


Пратеникот Сашо Василевски останува во притвор


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:00 (META) 

Пратеникот Сашо Василевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, началникот во МВР, Душко Лазаров и началникот на посебните и специјалните единици на МВР, Митко Пешов остануваат во притвор, откако Апелацискиот суд им ги одби жалбите и ја потврди одлуката на Кривичниот суд.

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ги разгледува жалбите за притворот на пратеникот Крсто Мукоски и за домашниот притвор на пратеникот Љупчо Димовски, кои како и останатите се осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Дамовски, Илиевски и Арнаудов излегуваат од „Шутка“, Апелација им одреди куќен притвор


Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:03 (META) 

Организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и пратеникот Љубен Арнаудов, излегуваат од истражниот затвор „Скопје“, откако Апелацискиот суд Скопје им ги прифатил жалбите и им ја заменил мерката притвор со куќен притвор и да им бидат одземени пасошите, потврдиле за „Телма“ од судот.

Дамовски, Илиевски и Арнаудов се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Покрај нив тројца, Апелација им одредила куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски, кој работел во кабинетот на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и на Оливер Радулов од УБК.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучила поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Рочиштето за жалбите на Грујевски и Бошковски во Атина одложено за 2 март


Атина, 16 февруари, 2018 - 10:37 (META) 

Врховниот суд во Атина го одложи за 2 март рочиштето на кое треба да се разгледува жалбата на одлуката на Судот во Солун за екстрадиција на поранешниот началник во УБК, Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Грујевски и Бошковски биле денеска во судот во Атина заедно со нивните адвокати.

Советот на судии во Солун на 5 јануари, годинава донесе одлука поранешните началници во УБК да бидат екстрадирани во Македонија, каде се обвинети во повеќе случаи на Специјалното јавно обвинителство поврзани со незаконското прислушување.

Веднаш по објавувањето на пресудата, Грујевски и Бошковски преку своите грчки адвокати поднесоа жалби на пресудата на солунскиот суд, по кои сега треба да одлучува Врховниот суд во Атина.

Инаку, Грујевски и Бошковски вчера требаше да бидат сослушани пред Комитетот за азил во Солун, но и ова рочиште беше одложено. Тие пред Комитетот треба да ги образложат причините поради кои бараат азил во Грција.

Против двајцата бегалци во Ггрција се води уште еден судски процес, оној за фалсификуваните бугарски пасоши со кои на 18 октомври, лани беа фатени на аеродромот во Солун при обид да заминат за Унгарија. Ова рочиште, кое досега неколку пати беше одложувано, е закажано за 17 мај.

Според некои проценки, Грујевски и Бошковски се очекува да бидат екстрадирани во земјава до крајот на март, за кога се закажани рочиштата за случаите „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“.


Арнаудов и Василевски остануваат во „Шутка“, а Тарчуловски во куќен притвор


Скопје, 15 јануари, 2018 - 15:16 (META) 

Апелацискиот суд Скопје денеска на затворени седници ги одби како неосновани жалбите за продолжениот притвор на уште седуммина осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Меѓу осомничените чии жалби се одбиени се и пратениците Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски.

Со денешните одлуки Арнаудов и Василевски остануваат во притвор во истражниот затвор „Скопје во „Шуто Оризари“, додека Тарчуловски останува во куќен притвор.

Минатата недела Апелацискиот суд на јавни и на нејавни седници ги разгледа и ги одби жалбите на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, на Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски, кои остануваат во притвор.

Инаку, Кривичниот суд на 27 декември им го продолжи притворот на вкупно 23 осомничени за насилствата во Собранието, на четворица им беше продолжен куќниот притворо, а на двајца осомничени мерката притвор, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, им беше заменета со куќен притвор.


Апелација денеска на затворени седници ќе одлучува за уште девет жалби за 27 април


Скопје, 15 јануари, 2018 - 11:07 (META) 

Апелацискиот суд Скопјe и денеска ќе разгледува жалби за продолжувањето на притворите на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април, потврдија за „Мета“ од судот.

Оттаму велат дека денешните седници ќе бидат затворени за јавноста, бидејќи никој од осомничените не побарал нивните жалби да бидат разгледани на јавна седница.

Како што ни изјавија од судот, станува збор за осум или девет жалби, но, дали за сите денеска ќе има одлуки од второстепениот суд не можеа со сигурност да потврдат.

Велат дека се во постојано заседание и дека е е можно кон крајот на денот да ги објават одлуките по жалбите што ќе бидат разгледани денеска.

Минатата недела Апелацискиот суд на јавни и на нејавни седници ги разгледа и ги одби жалбите на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, на Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски, кои остануваат во притвор.

Минатата недела Апелација на јавна седница ја разгледуваше и жалбата за продолжениот притвор и на пратеникот Сашо Василевски, но, одлуката сè уште не е официјално објавена.

Кривичниот суд во Скопје на 27 декември им го продолжи притворот за нови 30 дена и на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Борис Дамовски, додека пратениците, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски добија мерка куќен притворот.

Сите се товарат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.


ВМРО-ДПМНЕ: Судот беше соучесник во уништувањето на правната држава


Скопје, 12 јануари, 2018 - 18:13 (META) 

За ВМРО-ДПМНЕ одлуките на Апелациски суд Скопје да ги отфрли жалбите на единаесеттемина притворени за насилствата во Собранието на Република Македонија на 27 април лани се уништување на правната држава и гола политичка конструкција.

Судот денес беше соучесник во уништувањето на правната држава. Судиите не собраа сили да се кренат над притисокот и политичките конструкции. Одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворите на лицата од настаните од 27 април е скандалозна и не се темели на факти и докази, туку на гола политичка конструкција. Институциите денес паднаа на тестот за владеење на правото“, се вели во реакцијата од партијата.