!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го укинува најавеното и планирано зголемување на пензиите


Скопје, 16 август, 2017 - 15:48 (META) 

Според информациите кои деновиве излегоа во медиумите и во јавноста, пензионерите годинава нема да го добијат планираното зголемување од пет проценти на пензиите, изјави на прес-конференција, Марија Којзеклиска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека „септемвриската пензија ќе биде зголемена за само 180 денари, а не според планираната динамика на владата на ВМРО-ДПМНЕ.“

– Повеќе од 300.000 пензионери на сопствена кожа ќе ја почувствуваат неодговорната политика на неспособната влада на Зоран Заев. Владата на СДС го напушта концептот на линеарно зголемување на пензиите односно еднаков износ за сите пензионери. Со нивниот концепт побогатите пензионери ќе добијат повеќе, а посиромашните ќе добијат помалку. СДС планира наместо законските пет проценти, на пензионерите да им додели само симболичен еден процент, односно најниските ќе бидат зголемени за 180 денари, а за 500 денари ќе бидат зголемени само највисоките пензии – изјави Којзеклиска.


Поднесен предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор


Скопје, 2 август, 2017 - 12:43 (META) 

Водени од реалните потреби на вработените во јавниот сектор, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија во Собранието поднесоа предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти, изјави денеска на прес-конференција Зекир Рамчиловиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека овој закон предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти во 2018 година и дополнително зголемување од пет проценти во 2020 година.

– Со овој предлог-закон се предвидува зголемување на платите на вработени во државната и во јавната администрација, значи здравство, образование, полиција, војска и јавни претпријатија. Истиот закон претставува изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и претставува реална потреба за вработените – изјави Рамчиловиќ.

Тој додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ се задоволни што овој закон поминал на собраниската Комисија за труд и социјална политика, каде што добил поддршка и од пратеници кои не се дел од нивната коалиција.

– Предлог-законот наскоро ќе се најде и на собраниска седница и ВМРО-ДПМНЕ искрено се надева дека СДС ќе се надмине себе си и партиските интереси и ќе даде поддршка за истиот – нагласи Рамчиловиќ.


Нето-платата во мај изнесувала 22.889 денари


Скопје, 21 јули, 2017 - 14:33 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата во мај годинава изнесувала 22.889 денари, а бруто-платата била 33.640 денари, објави Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите рударство и вадење камен (14,2 проценти), стручни, научни и технички дејности (5,8 проценти) и преработувачка индустрија (5,5 проценти).

Во мај годинава, 1,2 отсто од вработените не примиле плата.


ОН: До 2050 година на Земјата ќе има повеќе од 9 милијарди жители


Њујорк, 22 јуни, 2017 - 11:59 (META) 

Индија за седум години ќе ја надмине Кина по бројот на жители, а се очекува Нигерија пред 2050 година да стане трета најнаселена земја во светот и да ги претекне САД, се наведува во извештајот на Обединетите нации.

Според извештајот на Економскиот и социјалниот комитет на ОН, светската популација од сегашните речиси 7,6 милијарди луѓе ќе достигне 8,6 милијарди до 2030 година, 9,8 милијари до 2050 г. и на 11,2 милијарди до 2100 година.

Бројот на жители на Земјата секоја година се зголемува за 83 милиони луѓе. Ваквиот тренд, според ОН, ќе продолжи и покрај фактот што од 1960-тите фертилитетот континуирано се намалува.

Директорот на секторот за популација, Џон Вилмонт, изјавил дека вклучува иноформации за популацијата на 233 земји во светот. Вилмонт вели дека бројот на жители во Африка брзо се зголемува, додавајќи оти се очекува до 2050 година половина од светската популација да живее во овој дел од светот.

Според него, може да се очекува намалување на бројот на жители во Европа. Половина од светската популација до 2050 година ќе биде сконцентрирана во само девет земји – Индија, Нигерија, Конго, Пакистан, Етиопија, Танзанија, САД, Уганда и Индонезија.


Бројот на туристи во првиот квартал е зголемен за 10,7 проценти во однос на лани


Скопје, 12 јуни, 2017 - 15:00 (META) 

Во првиот квартал на 2017 година во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 10,7 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 9,4 проценти, а кај странските има зголемување за 11,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период има зголемување и кај бројот на ноќевањата и тоа за 9,8 проценти. Кај домашните туристи бројот на ноќевања бележи зголемување за 3,4 проценти, а кај странските има зголемување за 14,6 проценти.

Бројот на туристите во април изнесувал 68.047, а бројот на ноќевањата изнесува 140.081. Во однос на истиот месец лани, бројот на туристи е зголемен за 18,4 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 18,6 проценти.


Бројот на туристите е зголемен за 13,4 отсто во првите два месеци во однос на лани


Скопје, 12 април, 2017 - 13:37 (META) 

Во првите два месеци годинава, бројот на туристи е зголемен за 13,4 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика. Кај домашните туристи има зголемување за 12,7 проценти, а кај странските за 13,9 проценти.

Во истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 11,1 отсто, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 4,2 проценти, а кај странските има зголемување за 16,6 проценти.

Бројот на туристите во февруари изнесувал 36.869 лица, а бројот на ноќевања бил 79.860.


Зголемен бројот на туристи во јануари за 13,3 проценти во однос на лани


Скопје, 13 март, 2017 - 14:26 (META) 

Бројот на туристите во јануари годинава изнесувал 43.220 и во однос на истиот месец лани, тој е зголемен за 13,3 проценти, објави Државен завод за статистика.

Бројот на ноќевања истиот месец изнесувал 87.894 денари и во однос на лани има зголемување од 11,7 проценти.

Во истиот период бројот на домашните туристи е зголемен за 10,3 проценти, а бројот на странските туристи е зголемен за 15,5 проценти.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во јануари 2017 година, во однос на јануари 2016 година, е зголемен за 8,1 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 15,2 проценти.


Кина ќе го зголеми буџетот за војската за седум отсто


Пекинг, 4 март, 2017 - 16:42 (META) 

Кина оваа година ќе го зголеми буџетот за одбраната за околу седум отсто, соопштија властите во Пекинг, пренесуваат светските медиуми. Информацијата доаѓа во пресрет на годишниот состанок на Националниот народен конгрес во Пекинг.

Како што пренесува „Би-би-си“, Кина последните неколку години забрзано ги модернизира своите вооружени сили, а овој процес го следи и забрзаниот развој на екомијата на земјата.

Сепак, буџетот на Кина за одбрана и понатаму останува значително помал во однос на САД.

Дел од кинеските медиуми минатата недела пишуваа и апелираа буџетот на кинеската армија да се зголеми за најмалку 10 отсто за да може да одговори на неизвесноста што ја предизвикува американскиот претседател Доналд Трамп, кој предлага зголемување на буџетот на Пентагон за околу 10 отсто.

Неименуван поранешен висок офицер на кинеската армија за медиумите во Хонг Конг изјавил дека кинескиот воен буџет треба да се зголеми за 12 отсто за да може да им парира на САД.

Армијата на Кина, која има два милиони припадници е најбројна во светот.


НБМ: Лани имало 358 милиони евра странски инвестиции


Скопје, 28 февруари, 2017 - 13:08 (META) 

Вкупниот прилив на странски директни инвестиции лани изнесувал 358,4 милиони евра, објави денеска Народната банка на Македонија.

Споредено со 2015 година, странските инвестиции минатата година се поголеми за 141,7 милиони евра.

Во декември минатата година, во земјава влегол странски капитал во вредност од 74,7 милиони евра.


Бројот на туристи лани е зголемен за 5 проценти во однос на 2015 година


Скопје, 13 февруари, 2017 - 13:01 (META) 

Бројот на туристи лани е зголемен за 5 проценти, во однос на 2015 година објави Државниот завод за статистика.

Кај домашните туристи зголемувањето е за 4,8 проценти, а кај странските за 5,1 процент.

За истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 2,8 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 3,6 проценти, а кај странските за 1,7 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во декември 2016 година изнесува 42.101, а бројот на ноќевањата бил 81.060.