!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ССНМ: Политиката и менаџментот се виновни за згаснувањето на „Дневник“ и на МПМ


Скопје, 14 јуни, 2017 - 11:33 (META) 

Згаснувањето на еден од првите независни весници во Македонија е уште еден клинец во ковчегот со кој цела деценија се погребува новинарството во земјава, стои во реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за затворањето на дневниот весник „Дневник“.

Од синдикатот, потсетувајќи дека „Дневник“ престана да излегува само месец и половина откако истата судбина ја доживеаја „Вест“ и „Утрински весник“, кои беа под капата на ист издавач, велат дека главен виновник за урнисувањето на медиумската куќа „Медиа принт Македонија“ е менаџментот и тоа од повеќе причини.

„Луѓето што ја водеа куќата, наместо навреме да се прилагодат на новите трендови во медиумскиот бизнис, тие сервилно ѝ слугуваа на политиката со што буквално не им дозволија на новинарите професионално да произведуваат новинарски содржини и со нив рамноправно да се натпреваруваат на пазарот. Колегите беа оневозможени да прават весници што публиката ќе сака да ги купува и да ги чита“, се вели во соопштението на ССНМ.

Доплнително, додаваат оттаму, јавноста дозна дека во МПМ во истиот период испаќала неоправдано висока плата на еден од своите управители, со што финансиски се исцрпувала куќата до колапс.

„Токму поради сомневањата за намерно финансиско исцрпување на компанијата, ССНМ поднесе кривични пријави против поранешните управители Јана Станисављева и Срѓан Керим. Единствен начин оваа медиумска трагедија да не се повтори е политиката да ги тргне рацете од медиумите и буквално сите новинари и медиумски работници солидарно да реагираат и да се борат секогаш кога и во најмала мера ќе бидат доведени во прашање слободата на изразувањето и достоинствените услови за работа во медиумите“, порачуваат од ССНМ.


Новинарите со протестен собир ги најавија последните броеви на „Вест“ и на „Утрински“


Скопје, 28 април, 2017 - 14:07 (META) 

Новинарите на „Утрински весник“ и на „Вест“ се собраа на паркиралиштето на трговскиот центар „Зебра“ каде што преку мирен протестен собир го одбележаа згаснувањето на двата дневни весници, кои 18 години излегуваа и ја обележаа медиумската сцена.

Овие два дневни весници, за последен пат во печатено издание ќе излезат утре, 29 април.

Новинарите добија поддршка од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и од Европската федерација на новинари, чиј генерален секретар, Рикардо Гутиерез, присуствуваше на собирот.

За гаснењето на „Вест“, основачот и главниот уредник, Горан Михајловски, кој го раководеше весникот од основањето, 5 јули 2000 до 31 декември 2015 година, вели дека за него таа приказна заврши во моментот кога од „Вест“ заминаа германските газди.

– Со „Вест“ докажав дека знам да направам успешен медиумски производ. На колегите од мојот тим кои до последен момент даваа отпор на злосторниците што дојдоа да им го уништат производот и да ја загрозат егзистенцијата на нивните семејства, им посакувам добро здравје за да ги пребродат овие тешки моменти. Верувам дека со нивното знаење и професионалност, бргу ќе му се вратат на вистинското новинарство – вели Михајловски.

Бизнисменот Трифун Костовски беше мнозински сопственик и заедно со уште неколку уредници го основа „Утрински весник“.

На прашањето на „Мета“ дали се обидел да си го врати некогашното сопствеништво врз весникот, Костовски вели изрично „не“.

– Времињата се променија, поминаа многу години и сега еден таков обид за враќање на брендот би предизвикал бурни реакции, пред сè политички – вели Костовски.

Според новинарот Бранко Тричковски, кој е еден од основачите на „Утрински весник“, „смртта на „Утрински“ е тажен крај на еден голем новинарски, издавачки и културен проект“.

„Во својата агонија, весникот ја следеше агонијата на Македонија како национална и државна идеја. Тоа што ќе умре пред да умреме сите како заедница, можеби и не е толку лош редослед за еден весник“, вели Тричковски.


ФК „Тетекс“ во сериозна криза, му се заканува згаснување


Тетово, 21 април, 2017 - 14:44 (META) 

Фудбалскиот клуб „Тетекс“ се наоѓа во најтешка ситуација од своето формирање. Од раководството на клубот велат дека функционираат поради добрата волја на играчите, на кои не можат да им ги платат ниту патните трошоци.

Од клубот уште еднаш побараа помош од фирмите, за да не се случи, како што велат, најлошото, односно згаснување на клубот.

– Се бориме за да опстанеме, немаме пари да платиме струја за просториите каде се тушираат нашите играчи, немаме пари и за патни трошоци за играчите кои играат за нас, а се од Скопје и од тетовските села. И лани се најдовме во ваква ситуација, но на нашиот апел за помош се одзваа повеќе спонзори и фирми. Сега, пак, тие спонзори и фирми нè напуштаат. Затоа уште еднаш апелирам да се помогне на клубот, во спротивно може да згасне – изјави Ивица Јовановски, шеф на стручниот штаб на ФК „Тетекс“.

Утре „Тетекс“ игра натпревар со фудбалскиот клуб „Скопје“. Освоениот бод од овој натпревар е многу важен за опстанок на ФК „Тетекс“ во Втората македонска фудбалска лига. Моментално клубот е последен на табелата од Втората македонска фудбалска лига.


ЗНМ: Менаџментот на МПМ, наместо да ја реши кризата, се пресметува со новинарите


Скопје, 21 април, 2017 - 13:10 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска изрази загриженост поради опасноста „Медиа принт Македонија“ (МПМ), која поседува четири весници, еден магазин и еден интернет-портал, да оди под стечај.

ОД ЗНМ велат дека намерата на сопствениците и на менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите, што, како што нагласуваат од Здружението, не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите.

„Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи, претставуваат понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните. Менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на компанијата е негов неуспех. Наместо да ги отстранат причините што ја произведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите“, стои во соопштението на ЗНМ.

Оттаму велат дека драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи се случило поради „погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ“.

„Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина. Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат својата улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта“, нагласуваат од ЗНМ.

Здружението се солидаризира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во неговите барања да се почне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ заради наоѓање одржливо решение во интерес на сите.