„Слобода на интернет“: Потребна е едукација, поголема свесност и транспарентна судска пракса


Скопје, 4 мај, 2018 - 17:09 (META) 

Повеќе од потребно е да има едукација, поголема свесност и транспарентна судска пракса која ќе биде гарант за владеењето на правото и слободата во интернет сферата, како и специјализирани судски одделенија и судии за авторки права, беа некои од заклучоците од вториот јавен настан „Слобода на интернет“, организиран од Фондацијата „Метаморфозис“, а спроведен во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерство инжинерство – ФИНКИ и „Форумот за управување со интернетот Македонија“ (IGF).

Настанот беше посветен на претставување на прелиминарните извештаи од проектот „Слобода на интернет“, финансиран од Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ), поврзани со заштита на човековите права на интернет, како и претставување на резултатите од мерењата за отвореноста на институциите од проектот „Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во ЈИЕ“, поддржан од ЕУ.

Проектот „Слобода на интернет“ и прелиминарните извештаи за слобода на изразување, приватност и безбедност на интернет во Македонија во генерални црти ги претстави Филип Стојановски, програмски директор на „Метаморфозис“. Потоа адвокатот Валентин Пепељуговски, експерт за авторското право и сродните права го презентираше Прелиминарниот извештај за состојбите поврзани со примената на Законот за авторското право и сродните права.

За Прелиминарниот извештај за состојбите поврзани со примената на законските рамки поврзани со прислушување зборуваше Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата „Зенит“, додека Лилјана Пецова – Илиеска од „Метаморфозис“ ги претстави  резултатите од мониторингот за институционална отвореност и транспарентност за Република Македонија од проектот од проектот „Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во ЈИЕ“ (ACTION SEE).

Во дискусиите на новинари, правници, адвокати и активисти, преовладуваше пораката дека треба да се посвети големо внимание на подигањето на јавната свест за меѓународните правни стандарди кои треба да се применат, а правниците кои работат во овие области во Македонија, пак, ги споделија и своите искуства, но и судската практика за случаите поврзани со интернет.


Собранието усвојувало „европски“ закони со заобиколување на процедурата


Скопје, 18 мај, 2017 - 15:19 (META) 

Собранието усвојувало повеќе „европски“ закони заобиколувајќи ја целата процедура предвидена за законите со европско знаменце во периодот од 2014 до 2016 година. Во годишниот извештај за работата на Собранието во 2016 година се вели дека Собранието донело вкупно 14 закони што произлегуваат од Национална програма за усвојување на правото на Европската Унија и претставуваат усогласување со правото на ЕУ. Притоа, симптоматично е што 13 закони воопшто не се разгледувани на седница на Комисија за европски прашања, за нив нема европско знаменце, нема изјава за усогласеност ниту коресподентна табела, иако се прикажани како „европски“ закони.

Ова се дел од клучните наоди на истражувачите на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), објавени во краткиот документ за јавни политики „Ефективен собраниски надзор: Отсликување на реалноста во процесот на правна хармонизација со ЕУ“, изработен заеднички од организациите „Евротинк“, „Еко-свест“, „Реактор“ и „Зенит“.

„Загрижувачки е податокот дека Комисијата за европски прашања се заобиколува и притоа се оневозможува да ја извршува својата примарна надзорна и контролна функција, имено, следење на процесот на усогласување на националното со законодавството на ЕУ“, порачува ИДСЦС.

Исто така, според ИДСЦС, загрижувачки е фактот што ниедна од политичките партии присутни во Собранието, не ја забележала оваа практика и не интервенирала со препорака таа да се напушти.


Годишна средба на граѓанските организации корисници на ИПА2


Охрид, 16 мај, 2017 - 11:57 (META) 

Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, „Реактор – истражување во акција“ и Асоцијација за развојни иницијативи „Зенит“, денеска и утре, во Охрид, ја одржуваат годишната средба на корисниците на механизмот за граѓански организации ИПА2.

Овие и други поканети граѓански организации и асоцијации, во хотелот „Метропол“ во Охрид, дебатираат и бараат решенија за секторските предизвици и идеи за секторска комуникација и за вмрежување.

Исто така, ќе бидат презентирани досега спроведените активности на механизмот ИПА2, како и активностите планирани за иднина.