!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Министерството за финансии исплатило 13 милиони евра субвенции на земјоделците


Скопје, 18 мај, 2017 - 12:49 (META) 

Министерството за финансии исплатило 463 милиони денари (7.528.455 евра) субвенции за земјоделците за 2015 година и 364 милиони денари (5.918.699 евра), за дел од 2016 година, соопштуваат оттаму.

„Целосно се намирени обврските за субвенции заклучно со 2015 година, односно за фуражни култури, житарици, ориз, градинарство, овошни насади, лозови насади, говеда, несилки, млеко, органзко производство и за рурален развој. Во рамки на исплатената сума се и 364 милиони денари (5.918.699 евра) субвенции за 2016 година за млеко и за оризова арпа“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Министерството почнало со исплатата веднаш по објавување на одлуката на Уставен суд во „Службен весник“ со која ги отстранува законските пречки за исплата.

Претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, Ристо Велков, вели дека утре ќе знаат дали Министерството ги префрлило парите.

Субвенции на земјоделците не им беа исплатени за цела 2016 година и дел за 2014 и за 2015 година, а станува збор за сума од 100 милиони евра.


Родот на 650 земјоделци од Пелагонија настрада од априлскиот студ


Битола, 15 мај, 2017 - 10:50 (META) 

Априлскиот студ и мраз годинава го уништи родот кај близу 650 земјоделци од Пелагонија. Според подрачниот раководител  на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во Битола, Илија Србиновски, денеска завршува увидот на стручните комисии за проценка на штети, по што извештаите ќе бидат пратени во министерството во Скопје за исплата на штетите.

– Три комисии, секоја со три члена, постапија по секоја пријава на оштетените земјоделци и заклучно е дека 648 индивидуални земјоделци, земјоделски фирми како и ЗК „Пелагонија“, „Лозар Битола“ претрпеле штети од 50 до 100 проценти од априлските мразеви и од студот. Најмногу се оштетени лозовите насади, јаболката, крушата, црешите – изјави Србиновски.

Според земјоделците, родот е преполовен не само од мразот, туку и од пролетната суша.

Во Битолско-пелагонискиот Регион под есенски култури се засеани 22.000 хектари, по што со преполовени приноси се соочуваат производителите на јачмен и на пченица.

– Ваква априлска суша, никогаш не сме имале на ова подрачје. На многу места комбајните нема што да работат, и пченицата и јачменот и другите култури се загрозени. Ни една машина не може да сработи на ваква суша – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.

Земјоделците спасот од сушата го гледаат во копање бунари, како и во средствата за обесштетување од претрпени штети, кои не влегуваат во осигурителните полиси.


Уставен суд ја објави одлуката за земјоделските субвенции


Скопје, 12 мај, 2017 - 14:29 (META) 

Уставен суд на својата веб-страница ја објави одлуката за субвенциите на земјоделците, што ја донесе на седницата на 10 мај. Со ова, се овозможува субвенциите да бидат исплатени од Министерство за финансии, кое чекаше одлуката да биде објавена.

„Со оспорената забрана за исплата на субвенциите се доведува во прашање остварувањето на легитимните очекувања на оваа категорија граѓани, кои веќе инвестирале во земјоделското производство и легитимно очекувале дека дел од вложените средства и капитал ќе им биде вратен преку субвенциите“, се вели, меѓу другото, во одлуката на судот.

Уставен суд пресече дека субвенциите на земјоделците ќе може да се исплаќаат, при што на седницата со мнозинство гласови донесе одлука да поведе постапка за оценка на уставноста и на законитоста на членот 8-а од Изборниот законик и на членот 11 од Законот за спречување на корупција.


Миноски само наоѓа изговори да не ги исплати субвенциите, велат земјоделците


Скопје, 27 април, 2017 - 13:47 (META) 

Претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, Ристо Велков, вели дека министерот за финансии, Кирил Миноски, само си наоѓа изговори во Изборниот законик за да не се исплатат субвенции.

„Или нема пари, или политика е во прашање. Нека ми каже министерот кои избори се планирани во догледен период за да бидат пречка да не се исплатат субвенциите или, пак, каде во Изборниот законик пишува за исплатата на субвенциите. Исто така се работи за субвенции за 2015 и за 2016 година, кои требаше да бидат исплатени тековните години“, вели Велков.

Тој додава дека сè уште не знаат дали утре ќе се сретнат со министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Михаил Цветков, министерот за финансии, Кирил Миноски, и со директорот на Платежната агенција, Игор Златков, бидејќи немаат повратен одговор на барањата за средби.

Велков вели дека можно е од вторник, земјоделците да го блокираат влезот на Скопје.

„Ако ги блокираме граничните премини, тоа ќе биде на штета на земјоделците, бидејќи сега се врши откупот. На тој начин ќе се оневозможи извозот. За тоа што ќе правиме, одлука ќе донесеме за викендот“, додаде Велков.


Миноски: Пари за субвенции за земјоделците има, чекаме на Уставен суд


Скопје, 27 април, 2017 - 9:49 (META) 

– Доколку Уставниот суд го оспори членот од Изборниот законик, нема да постојат пречки за исплата на субвенциите. Имаме соодветна ликвидност – изјави министерот за финансии, Кирил Миноски, за „Телевизија 24“.

Тој се надева дека парите ќе се исплатат во законски предвидениот рок до 30 јуни.

Од Уставниот суд за „Алсат-М“ потврдиле дека ќе решаваат дали министерот за финансии во заминување, Кирил Миноски, може или не во овој период да исплаќа субвенции, но не кажале кога оваа точка би била на дневен ред.

Земјоделците до утре поставија рок за да се сретнат со министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Михаил Цветков, министерот за финансии, Кирил Миноски, и со директорот на Платежната агенција, Игор Златков. Во спротивно, најавија порадикални протести, но и блокирање на граничните премини.


Земјоделците ќе ги блокираат границите ако до петок не ги добијат субвенциите


Струмица, 25 април, 2017 - 15:26 (META) 

Револтирани поради неисплатата на субвенциите, земјоделците денеска од 12 до 13 часот блокираа повеќе патни правци низ државата. Тие бараат до петок да се сретнат со министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Михаил Цветков, министерот за финансии, Кирил Миноски, и со директорот на Платежната агенција, Игор Златков.

– Бараме средби во трите надлежни институции за да видиме кој лаже и кој си игра со маката на земјоделците. До петок нема да има протести и блокади –  изјави за „Мета“ претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, Ристо Велков.

Ако барањата за исплата на парите не се исполнат, земјоделците од Пелагонискиот Регион ќе преземат порадикални чекори, односно се закануваат со блокади на граничните премини.

– До петок поставивме ултиматум да се состанат Министерството за финансии, Министерство за земјоделество, шумарство и водостопанство и Платежната агенција. Ако не се исплатат парите, ќе се обноват протестите, но не само тоа – ќе бидат порадикални. Главна цел ќе ни биде блокадата на граничните премини, а со тоа и граничниот премин Меџитлија – изјави Кире Неделковски, земјоделец од селото Вашареица, основач на синдикатот на земјоделци „Спас“.

Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, денеска на прес-конференција рече дека земјоделските субвенции не се партиска мерка, туку се државна мерка.

– Проблемот на земјоделците може да им се случи и на вработените во училиштата, градинките, општините, кои по 15 мај остануваат без градоначалници и без совети, а со тоа и без плати. Затоа веднаш мора да прекинат неразумните блокади на ВМРО-ДПМНЕ – истакна Николовски.

Денеска блокади на патиштата имаше кај Струмица, Прилеп, Кочани, како и пред Министерството за земјоделство и шумарство во Скопје.

Субвенции на земјоделците не им се исплатени за цела 2016 година и дел за 2014 и за 2015 година и станува збор за сума од 100 милиони евра.


ВМРО-ДПМНЕ: Грижата на СДСМ за земјоделците е лицемерна


Скопје, 13 април, 2017 - 16:35 (META) 

„Тиранската платформа за криминогеното раководство на СДС е поважна отколку судбината на земјоделците и иднината на Република Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Од партијата велат дека грижата на СДСМ кон земјоделците е лицемерна и дека земјоделците знаат дека „единствено ВМРО-ДПМНЕ се грижи за нив и за подобрување на нивниот стандард“.

„За разлика од СДС, кој за време на неговото владеење имаше издвоено нула евра за субвенции, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ како субвенции на земјоделците им се доделени преку една милијарда евра. Земјоделците знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе стори сè за да ја надмине деструктивноста на СДС, со што нивниот труд ќе биде соодветно валоризиран, односно ќе ги добијат заслужените субвенции. Пари во буџетот за субвенции има. Истите се програмирани и треба да бидат исплатени“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Николовски: Земјоделците и нивните семејства ќе го дочекаат Велигден без пари


Скопје, 13 април, 2017 - 13:12 (META) 

„Освен што се блокирани сите процеси во државата, и граѓаните се економски загрозени. Меѓу нив се земјоделците кои сè уште не ги имаат добиено субвенциите за минатата година, а многумина од нив и за претходните неколку години“, изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој додаде дека поради несериозноста и неодговорноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните пратеници, илјадници земјоделци и нивните семејства ќе го дочекаат Велигден без пари.

„Луѓето се оставени без субвенции токму во време кога најмногу им се потребни за нови вложувања. Дел од нив се задолжуваат за да продолжат да работат. Дел од нив немаат кој да им помогне, и тие, ако не посадат род, следната година нема да има ни од што да се прехранат. Со недели досегашната власт ги лаже земјоделците дека исплатата на субвенциите само што не почнала. Тоа се случува додека секојдневно смислуваат нови изговори да не им ги исплатат парите на луѓето, префрлувајќи ја одговорноста од една на друга институција“, изјави Николовски.

Тој нагласи дека и по смена на тројца директори на Платежната агенција, субвенциите не се исплаќаат, а Министерството за финансии не одговара зошто земјоделците не ги добија субвенциите што им следуваат по закон.


Во Свети Николе земјоделци со стотина трактори си ги бараа субвенциите за 2015 и за 2016 година


Свети Николе, 7 април, 2017 - 16:32 (META) 

Наместо кон нивите, земјоделците од Овче Поле, денеска со стотина трактори се упатија пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Свети Николе, каде протестираа и побараа исплата на субвенциите. Земјоделците тврдат дека не им се исплатени субвенциите за 2015 и за 2016 година. Велат дека без субвенции не можат да ја почнат новата реколта ниту, пак, можат да ги издржуваат своите семејства.

Според нивна груба проценка, на земјоделците од овој регион, државата за субвенции им должи околу четири милиони евра. Доколку не им се исплатат парите за седум дена, тие се заканија дека ќе го блокираат патот Штип – Велес.

Проценка е дека во општините Лозово и Свети Николе има повеќе од 4.000 земјоделци кои ги очекуваат своите субвенции. Тие се соменеваат дека наскоро ќе ги добијат парите што им следуваат, бидејќи со месеци доцнат решенијата со кои им се одобруваат.

– Бараме веднаш да ни бидат исплатени заостанатите субвенции за 2015 и за 2016 година. Секојдневно слушаме дека има субвенции, но на сметките на земјоделците нема ни денар. Со паушални изјави се даваат лажни надежи на земјоделците, кои немаат пари да ги продолжат пролетните работи. Прашувам дали има посебни бензински пумпи и продавници за храна за зејмоделците – изјави Љубе Анастасов од здружението „Овчеполски фармер“ од Свети Николе.

Земјоделството е единствената дејност на овие луѓе, кои се пожалија дека одвај преживуваат поради ниските откупни цени на пченицата и на јагнешкото и на свинското месо.


Николовски: Блокадата на Собранието е на директна штета на граѓаните


Скопје, 5 април, 2017 - 15:49 (META) 

„Блокадата на Собранието е неодржлива ситуација и мора веднаш да прекине затоа што се одразува директно на штета на граѓаните на Македонија“, изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој додаде дека раководните кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Платежната агенција и во Министерството за финансии „буквално си играат со егзистенцијата на илјадници семејства на земјоделци со мали деца“.

„Ако од Платежната агенција има налози до Министерството за финансии, зошто Министерството за финансии не ги исплаќа субвенциите на луѓето? Ако Министерството за финансии нема пари, Кирил Миноски мора веднаш да одговори каде отидоа повеќе од 300 милиони евра од задолжувањата направени од почетокот на годината до денес? И што е поважно од интересите на граѓаните?“, изјави Николовски.

Тој нагласи дека станува збор за задоцнета исплата на субвенции за 2016 година, 2015 г., па сè до 2012 година“.

„Несериозните кадри на ВМРО-ДПМНЕ прво менуваа директори, дадоа откази, па потоа се правдаа со процедури, но тука е крајот. Досегашната криминална власт на ВМРО-ДПМНЕ до последен ден е подготвена да работи за криминалот со кој трупа богатства на своја сметка. И во февруари и во март, приоритет им биле нафтени платформи, тендерите и бизнисите на Мијалков и на Груевски“, додаде Николовски.

Според него, затоа „Трајко Вељаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, мора веднаш да се ослободат од  директивите со криминална заднина од криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и да дозволат да се изберат новиот собраниски претседател и новата демократска и реформска влада“.

„Тоа ќе значи исплата на субвенциите за земјоделците, но и решавање на сите други важни прашања од интерес за сите граѓани на Македонија“, изјави Николовски.