Започнаа преговорите за заемно признавање на дипломите на Балканот


Брисел, 9 октомври, 2018 - 13:25 (META) 

Шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, започнале преговори за заемно признавање на стручните квалификации на докторите по медицина, стоматологија, архитектура и на градежните инженери.

Состанокот се одржал во Брисел по покана од Регионалниот совет за соработка (РСС), оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и е дел од повеќегодишниот план за економска соработка усвоен од премиерите на балканските земји на самитот во Трст.

„Нацрт-спогодбата е заснована на уредба на Европската унија за признавање на стручните квалификации и како таква ќе придонесе кон пристапувањето во Унијата“,  истакнал генералниот секретар на РСС, Горан Силановиќ.

Главните преговарачи од ресорните министерства од земјите на Западен Балкан, како што соопшти РСС, го усвоиле акцискиот план и изразиле очекување дека спогодбата може да биде потпишана до средина на 2019 година, пред самитот на ЕУ со Западен Балкан, кој догодина се одржува во Полска.

Со признавањето на стручните квалификации ќе се овозможи поголема мобилност на пазарот на труд на Западен Балкан.


Дигитално поврзување на граѓаните од Западен Балкан, тема на Самитот во април


Софија, 3 февруари, 2018 - 12:02 (META) 

Дигитализацијата и дигиталните знаења можат да бидат механизмот, преку кој, луѓето од Западен Балкан многу побрзо и полесно ќе може да се интегрираат во Европската унија, изјави министерот за информатичко општество и админстрација, Дамјан Манчевски на средбата со еврокомесарката Мариа Габриел во Софија.

Тој додаде дека, токму дигитализацијата односно дигиталната интеграција на Западен Балкан е она што може да се случи побрзо од политичката интеграција, и тоа е од полза на граѓаните.

– Тука е важна поддршката од комесарката Габриел и целите и плановите во програмата за нејзината работа.Таа конкретно ме информираше за сите иницијативи што ги има за следниот период и ги очекуваме конкретни резултати од сите планови. Ја искористив оваа прилика, како земја-домаќин на првиот Дигитален самит на Западен Балкан, да ја поканам да го отвори. Ќе присуствуваат премиерите на државите, министрите за информациски и комуникациски технологии, но ќе присуствуваат и претставници на земјите од Берлинскиот процес, од медиумите, од индустријата – изјави Манчевски.

Тој додаде дека на Самитот ќе се разговара на многу теми, односно како да се подобри дигиталната економија, но и како да се подобри дигиталната поврзаност помеѓу земјите и граѓаните.

– Она што е фокус е како да се подобрат дигиталните знаења на граѓаните, за да можат што повеќе да ги користат бенефитите на услугите кои ги нудат државите и системот – додаде Манчевски.

Министерот соопшти дека сите шест земји од Западен Балкан излегле со конкретен план за приклучување кон европските земји, да нема повеќе роаминг.


Од денеска нема повеќе роаминг во земјите на ЕУ


Брисел, 15 јуни, 2017 - 10:59 (META) 

Денеска официјално стапува на сила укинувањето на роамингот за сите корисници на мобилни телефони во земјите на Европската Унија.

Владите и институциите на земјите членки на Европската Унија потпишаа договор за техничките услови за намалувањето на давачките за роаминг на телекомуникациските оператори, а тој беше изгласан на седници на Советот на Европа и на Европарламентот.

Според новиот договор, цената на мобилниот интернет, која во моментов е 7,7 евра за еден гигабајт, до 2022 година треба да се намали на 2,5 евра. Цената за една минута разговор од сегашните 5 евроценти ќе стане 3,2 евроценти, а од средината на јуни испраќање СМС ќе чини 1 евроцент, што ќе биде двојно помалку од сегашната цена.


Македонија со слаб систем за бесплатна правна помош за своите граѓани


Скопје, 21 март, 2017 - 15:11 (META) 

Иако законот за бесплатна правна помош постои седум години, пристапот до помош е рестриктивен и селективен, а според истражувањата, може да го користат само 1,1 отсто или околу 18.000 граѓани.

Ова беше кажано на денешната прес-конференција оддржана во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје, каде беа презентирани резултатите од досегашното спроведување на проектот за „Пристап до правдата“, кој е финасиски поддржан од ЕУ, а го реализара Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, со мрежа граѓански организации кои се лиценцирани за давање правни совети.

Забелешки има и Европската Унија, која сепак ќе продолжи да работи со земјата на унапредување на ова прашање.

– Засега многу малку луѓе ја примаат или, пак, предоцна ја добиваат правната помош во Македонија, што е еден од претпристапните услови за членство во Европската Унија – изјави шефот на oдделот за економија и финансии, јакнење на институционалните капацитети и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Јаромир Левичек.

Тој додаде дека е неопходно менување на законот, зголемување на свеста и на образованието, видливоста, но и на буџетот за бесплатна паравна помош, кој е еден од најмалите во Европа.

Според Надица Наумовска, координаторка на проект во ФООМ, Македонија годишно издвојува околу 44.000 евра за бесплатна правна помош, но и таа сума не се троши во целост.

И покрај бројните документи, како што е Европската конвенција за човекови права, разни директиви на ЕУ, па и практиката во земјите од Унијата, во Македонија пристапот до бесплатна правда е особено „рестриктивен и дискриминаторски“, како што беше речено, во кривичната материја. Само тие осомничени или обвинети за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку десет години, имаат право на бесплатна правна помош.

Притоа, исто како и другите граѓани, претходно треба да ги исполнат трите услови во законот, да имаат семејни приходи помалку од половина од просечната плата во РМ, да се корисници на некое социјално право (социјална помош, детски додаток, нега и издршка) и нивниот севкупен имот да не надминува пет просечни бруто-плати во земјата.

Доколку ги исполнат, треба да го почекаат министерот за правда и формално да ја одобри бесплатната правна помош, што, како што беше наведено на прес-конференцијата, е единствен случај споредено со другите законодавства во Европа и во светот и тоа доведува до просечно доцнење од 40-50 денови, наместо гарантираните 20 денови.


Меркел ја осуди уредбата на Трамп со која се забранува влез во САД на лица од седум земји


Берлин, 29 јануари, 2017 - 13:14 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја осуди уредбата на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана на влез во САД на лицата од седум муслимански земји, наведувајќи дека таа е неоправдана.

Иако лидерите на Германија и на САД претходно во телефонски разговор се согласиле да ја интензивираат соработката во борбата против тероризмот, Меркел смета дека не е оправдано луѓето од одредена религија или потекло да се ставаат под сомнение за тероризам.

Американскиот претседател Доналд Трамп го прифати повикот на Меркел за присуство на самитот Г-20 во Хамбург во јули оваа година.


Иванов го честиташе празникот Свети Сава на српската заедница во Македонија


Скопје, 27 јануари, 2017 - 11:49 (META) 

„Македонија и Србија имаат долга историска и културна традиција која не може да биде нарушена поради различни ставови по некое прашање. Изминативе години ни покажаа дека таму каде што постојат различни ставови и мислења, треба да ги решиме по пат на дијалог“, се вели во честитката на претседателот Ѓорге Иванов упатена до српската заедница во Македонија по повод празникот Свети Сава.

– Српската заедница во Македонија и македонската заедница во Србија се гарант за добрите односи меѓу двете пријателски држави.Тие се лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи кои придонесуваат за развојот и за квалитетот на односите меѓу двете држави – се додава во честитката на Иванов.


Истражување: Во Македонија германската плата вреди двојно повеќе


Диселдорф, 4 јануари, 2017 - 12:41 (META) 

Македонија и другите земји долж балканската магистрала (Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора) се најевтини за живот и во нив германски државјанин за истите пари што во својата земја ги троши за основни работи, може да добие двојно повеќе. Ова го покажува обемното истражување на Институтот за економски и општествени науки од Диселдорф, кој ги анализирал статиските на Европскиот завод за статистика (Евростат), националните заводи за статистика за да ги спореди трошоците за живот во 37 европски земји, САД и во Јапонија, пренесува „Дојче веле“.

Целта на истражувањето била да одговори на прашањата на германските граѓани како што се: Колку моите пари вредат во странство?; Каде се најевтини подароците за празници?; Во која земја можам да одам на одмор за најмалку пари?

Кога станува збор за трошоците за живот – станарина, сметки, храна, облека, трошоци за автомобил, образование, забава, според истражувањето, германската плата најмалку вреди во Швајцарија, а нејзината вредност е двојно поголема во Македонија, Србија…

Според методологијата, ако на германското евро му се даде индекс 100, тогаш Швајцарија има индекс 158,5, што значи дека оваа земја е за 58,5 отсто поскапа во однос на Германија. Покрај Швајцарија, меѓу најскапите се Исланд (со индекс 147,8), Норвешка (141,8), Данска (136,7), Ирска (121,4), Финска (119,7), Луксембург (119,2) итн.

Македонија спаѓа меѓу најевтините земји, каде германската заработувачка има вредност повеќе од половина од својата вредност. Македонското „евро“, според диселдорфскиот институт, има индекс 45,3, односно Македонија е за 54,7 отсто поевтина земја од Германија. Србија има индекс 48,5, Словенија – 79,9, Хрватска – 65,6, Црна Гора – 55,4, Босна и Херцеговина – 50, Албанија – 48,2 и Бугарија 46,1.

Во истражувањето нема податоци за можеби најсиромашните земји во Европа – Косово и Молдавија.

Нордиските земји и Швајцарија се најскапи и кога станува збор за цените во хотелите и во рестораните, додека од балканските земји, овие услуги се најевтини во Македонија и во Албанија, кои имаат идентичен индекс – 41,8.

Според достапните податоци, што ги пренесува „Дојче веле“, просечната заработувачка на вработен во Германија, кој работи со полно работно време е околу 2.200 евра, со одбиени даноци, здравствено и социјално осигурување.

Во Македонија просечната месечна нето-плата, според последните пресметки на Дражавниот завод за статистика за октомври е 22.460 денари, односно 365 евра.


Јилдирим – Медведев: Турција и Русија имаат важна улога во борбата против тероризмот


Москва, 6 декември, 2016 - 15:16 (META) 

Русија и Турција имаат важна улога во борбата против тероризмот, оценија денеска турскиот и рускиот премиер, Бинали Јилдирим и Дмитриј Медведев, на средбата во Москва.

– Турција и Русија имаат големо значење не само во смисла на односите помеѓу двете земји, туку и во борбата против тероризмот и во гарантирањето на мирот – изјави Јилдирим при посетата на Русија.

Медведев истакна дека овие две земји имале голема трговска размена, но дека тие врски ослабеле.

– Постои можност да ги зголемиме и да ги реализираме заедничките проекти и да се поттикнат економските и инвестициските врски – изјави рускиот премиер.


Ештон: Ставот на ЕУ кон земјите од Западен Балкан останува непроменет и по Брексит


Вашингтон, 27 октомври, 2016 - 20:13 (META) 

Пристапот и ставот на Европската Унија околу интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата и понатаму е непроменет, изјавила поранешната висока претставничка за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, за време на нејзината посета на САД, пренесува „Гласот на Америка“.

Ештон рекла дека земјите од Балканот имаат причина да бидат преокупирани со нивните аспирации за членство во Европската Унија по резултатите од британскиот референдум.

Сепак, и покрај случувањата околу Брексит, земјите од Западен Балкан треба да останат фокусирани на бројните предизвици што се поставени пред нив на патот кон ЕУ, изјавила Ештон, додавајќи оти верува дека тие еден ден ќе бидат дел од Унијата.


Мекалистер: Сите шест држави од Западен Балкан имаат европска перспектива


Белград, 19 октомври, 2016 - 15:27 (META) 

Земјите-членки на Европската Унија имаат единствен став дека сите шест држави од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија) имаат европска перспектива, вели известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер.

„На сите им е во интерес сите шест држави од регионот, пред сè, Србија, да имаат проевропски курс. Сакаме трајна политичка и економска стабилност и продолжување на добрососедските односи. Сите можеме да дадеме придонес со поддршката на проевропските сили“, вели Мекалистер во интервју што денеска го пренесуваат белградските медиуми.

Мекалистер, кој неделава учествуваше на Економскиот самит во Белград, изјави дека Србија остварила голем напредок со почнувањето на преговорите за членство во ЕУ.

На прашањето за евентуална блокада од страна на Хрватска во процесот на интреграција, Мекалистер рече дека српско-хрватските прашања треба да се решаваат билатерално, додека само тие прашања што се од европско значење можат да бидат решевани во Брисел или Стразбур.

Мекалистер рече дека очекува Европската комисија во новиот извештај за напредокот на Србија во процесот на евроинтеграции да има конструктивно-критички пристап и нагласува дека е важно да се напредува во клучните прашања – владеењето на правото, економските реформи, но и понатамошно нормализирање на односите со Приштина, од кои, истакнува, зависи понатамошниот напредок на патот кон ЕУ и на Белград и на Приштина.

„Тоа значи дека и двете страни мора да се придржуваат на своите права и обврски и дека не смеат меѓусебно да се блокираат на патот кон ЕУ“, рече Мекалистер, додавајќи дека ако тоа сепак се случи, детално ќе се анализира која страна е одговорна.