!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕУ ќе има повеќе од 27 членки, но не пред 2019 година, порача Јункер


Брисел, 13 септември, 2017 - 13:23 (META) 

До крајот на мандатот на сегашната Европска комисија нема да бидат исполнети условите за влез на некоја од земјите од Западен Балкан во Европската Унија, изјави денеска претседателот на Европската комисија, во годишното излагање за состојбата на Унијата во Европскиот парламент.

– Условите за влез на некоја нова членка во ЕУ од Западен Балкан нема да може да се исполнат до крајот на сегашниот мандат на Европската комисија, 2019 година – рече Јункер, додавајќи дека апсолутен приоритет е секоја нова члена целосно да ја има воспоставено правната држава и да ги почитува темелните вредности на ЕУ.

Тој рече дека во годините што следат Европската Унија ќе има повеќе од 27 членки, но дека тука не спаѓа и Турција која, како што рече, веќе извесно време со џиновски чекори се оддалечува од ЕУ.

– Тамошните новинари мораат да ја имаат слободата на говор во редакциите, новинарите не смеат да бодат затворани – предупреди Јункер.

Тој ги повика турските власти да ги ослободат сите затворени новинари и да престанат да ги навредуваат земјите од ЕУ и нивните лидери, нарекувајќи ги фашисти и нацисти.

– Европа е континент на зрела демократија, но тие што свесно навредуваат уриваат мостови, а во Турција тие што го прават тоа сакаат да ги урнат мостовите и притоа да ја обвинат Европската Унија за неуспехот во преговорите – рече Јункер.


Џафери денеска на средби со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и со новинари


Скопје, 12 мај, 2017 - 11:02 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе се сретне со амбасадорите од земјите членки на Европската Унија во земјава, како и со претставници на медиумите.

Во сала 5 во Собранието, Џафери во 11 часот ќе се сретне со амбасадорката на Австрија, Ренате Коблер, амбасадорот на Бугарија, Иван Петков, на Хрватска, Данијела Баришиќ, на Чешка, Мирослав Рамеш, претставниците на француската и на германската амбасада, Доминик Готиер и Марко Акватичи, претставникот од грчката амбасада, Ефтимиос Царлафтис, амбасадорот на Италија, Карло Ромео, на Словачка, Мартин Безак, на Холандија, Воаутер Пломп, на Полска, Јацек Мултановски, на Романија, Виорел Станила, на Словенија, Милан Јазбец, на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет, претставникот на шпанската амбасада, Фернандо Лопез де Кастро, и со претставникот на шведската амбасада, Антон Иреквист.

Во 13 часот, пак, новоизбраниот претседател на Собранието ќе има средба со претставниците на медиумите во Македонија, со кои, како што најавија од неговиот кабинет, ќе размени мислења за актуелната состојба во државата.


Eвропско СЈО ќе ги гони тие што крадат од ЕУ-фондовите


Брисел, 5 април, 2017 - 13:50 (META) 

Советот на Европската Унија соопшти дека 16 земји членки на ЕУ испратиле известување до европските институции дека ќе поведат постапка, со т.н. „засилена соработка“, за основање на канцеларија на европски јавен обвинител, пренесува хрватскиот весник „Нови лист“.

Според соопштението на Европскиот совет, канцеларијата на европскиот јавен обвинител ќе биде надлежна за водење истраги, кривичен прогон и за поведување судски постапки против „извршители на кривични дела насочени против финансиските интереси на Унијата“.

Поради измами и злоупотреби, од сметките на Европската Унија годишно „исчезнуваат“ во просек околу 500 милиони евра. Ова уште пред четири години било утврдено од Европската комисија, која тогаш предложила основање на канцеларија на европски јавен обвинител, кој ќе се занимава со тие што се обидуваат (или ќе успеат) да „дрпнат“ пари од сметката на ЕУ, како, на пример, средства од ЕУ-фондовите.

Како што пишува „Нови лист“, канцеларијата е пред основање и засега ќе биде поддржана од 16 земји членки преку т.н. институт за „засилена соработка“, која овозможува на државите што сакаат да соработуваат во одредена област, да го направат тоа без да чекаат за тоа да се согласат сите 28 членки на ЕУ.

Зад иницијативата стојат Белгија, Бугарија, Кипар, Чешка, Германија, Шпанија, Грција, Финска, Франција, Литванија, Луксембург, Португалија, Романија, Словенија, Словачка и Хрватска.


Роамингот во ЕУ се укинува, цените на разговорите и на интернетот драстично паѓаат


Брисел, 1 февруари, 2017 - 16:35 (META) 

Владите и институциите на земјите членки на Европската Унија потпишаа договор за техничките услови за намалувањето на давачките за роаминг на телекомуникациските оператори. Станува збор за средства што државите ги плаќаат едни на други за користење на мобилни услуги.

Реформите во цените би значеле граѓаните на Европа да зборуваат без да плаќаат роаминг, а се очекува новите правила да стапат на сила од 15 јуни годинава.

Договорот треба да биде изгласан на седници на Советот на Европа и на Европарламентот.

Според новиот договор, цената на мобилниот интернет, која во моментов е 7,7 евра за еден гигабајт, до 2022 година треба да се намали на 2,5 евра. Цената за една минута разговор од сегашните 5 евроценти ќе стане 3,2 евроценти, а од средината на јуни испраќање СМС-порака ќе чини 1 евроцент, што ќе биде двојно помалку од сегашната цена.

Неколку европратеници и политичари на социјалните мрежи ја најавија новината и напишаа „збогум роаминг“.

Во согласност со Регионален договор за роаминг, за негова хармонизација со политиките на Европската Унија, изминатите две години, роамингот помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина поевтини за 30 отсто.


Донесувањето закони не е доволно, треба да се спроведат во практика, порача Хан за Албанија


Тирана, 25 јануари, 2017 - 17:28 (META) 

Еврокомесарот Јоханес Хан изјавил дека во Албанија не е доволно само да се донесуваат закони, туку преку конкретни дела да се покаже дека се спроведуваат реформите во правосудството, јавува дописничката на „Мета“ од Албанија.

Хан, исто така, посочил дека политичарите и функционерите треба да бидат казнети ако се вмешани во корупција.

Еврокомесарот истакнал дека потребно е да се провери функционалноста на институциите во Албанија и нивните демократски капацитети, пред да бидат отворени поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на реформи во правосудството, слобода на медиумите и на човековите права.

Овој период за имплементација на судските реформи бил од клучно значење и претставува тест за земјите кандидатки за членство во ЕУ.


Туск: Со национализамот и со популизамот во земјите членки, ЕУ нема да преживее


Варшава, 9 декември, 2016 - 12:39 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ги предупреди не само Полска туку и другите земји членки на Европската Унија дека демократијата е кревка работа и да не се играат со огнот на национализмот, авторитарноста и на популизмот, бидејќи со тоа ќе ја скршат ЕУ, јавуваат светските агенции.

„Без добрата волја и недвосмислената солидарност на Полска, ЕУ не може да издржи. Знам дека тоа звучи драматично, но денес е очигледно повеќе од кога било дека е тешко да се одржи ЕУ. Тоа бара постојана ангажираност“, изјавил Туск во интервјуто кое денеска го објавил полскиот портал „Онет“.

Туск ги критикувал сè поголемиот број функционери кои со очигледно задоволство зборуваат дека на Европската Унија ѝ дошол крајот и предупредил дека сега, по Брексит, ќе се зајакне улогата на Германија и дека одговорноста за ЕУ во голема мера ќе падне на само неколку земји членки.

„Тешко го доживувам тоа што Право и правда (владејачката партија во Полска, н.з.) го прави со институциите кои се основа на либералната демократија, но имам впечаток дека и тоа ќе го преживееме. Тоа релативно лесно ќе се поправи. Најмногу ме загрижува плутањето на Полска кон периферијата на геополитичкиот систем, кон осаменост“, рекол Туск.

Поранешниот полски премиер и актуелен претседател на Европскиот совет вели дека нема илузии дека некоја држава, како осамен херој ќе ја спаси ЕУ од нестабилноста, додавајќи дека е потрошен потенцијалот на Полска да игра значајна улога преку зајакнување на врските со Германија и со Франција.

Претседателот на Европскиот совет истакнал дека Полјаците се еден од најпроевропските народи и дека Полска, геополитички поставена помеѓу Германија и Русија, надвор од ЕУ нема шанси да преживее.


Отворено седиштето на Балканските медицински наменски сили во Скопје


Скопје, 5 октомври, 2016 - 17:56 (META) 

Министрите за одбрана на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Словенија денеска се состанаа во Скопје по повод свеченото отворање на седиштето на Балканските медицински наменски сили во касарната „Илинден“. Станува збор за регионална организација, составена од шесте балкански земји, а поддржана од Норвешка и од Соединетите Американски Држави.

Целта на проектот, како што посочи министерот за одбрана, Зоран Јолевски, е да се изградат регионални медицински капацитети што ќе бидат способни да дадат брз одговор во кризни ситуации, како што се природните непогоди.

„Станува збор за проект во духот на концептот „паметна одбрана“ на НАТО, кој ќе создаде мала, мобилна, брза организација која секаде и секогаш ќе биде таму каде што им е потребна на граѓаните“, додаде Јолевски.

Неговите колеги од другите земји-членки на регионалната организација истакнаа дека се работи за исклучително корисен проект бидејќи сите земји од регионот се соочуваат со природни непогоди, особено со поплави од големи размери, како пред неколку години во Србија и во Босна и Херцеговина, а неодамна во Македонија.

Амбасадорот на Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, посочи дека формирањето на Балканските медицински наменски сили ќе ги зголеми капацитетите во регионот, но и националните капацитети за заеднички операции во рамки на Европската Унија и на Обединетите нации.

Полковник Кевин Хил, претставник од Пентагон, САД, истакна дека не станува збор за обична воена, туку уникатна мултинационална единица, според НАТО-стандардите и е конкретен пример за регионална соработка.

Србија ќе биде првата држава што ќе командува со 86-те припадници на Балканските медицински наменски сили. Командата е на ротирачка основа, на секои две години.


Чавков во Братислава: Потребна е засилена европска солидарност за бегалската криза


Братислава, 7 јули, 2016 - 18:23 (META) 

Мигрантската и бегалската криза биле во фокусот на неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите членки на Европската Унија и на земјите кандидати за членство во Унијата, што денеска се одржа во Братислава, Словачка, а на кој учествуваше и министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков.

Чавков, по состанокот, како што соопштуваат од МВР, меѓу другото истакнал дека е неопходна засилена европска солидарност, како во рамките на заедничкиот европски систем за азил, така и во поглед на зајакнување на шенгенските граници.

На состанокот, според Чавков, било договорено во наредниот период да се продолжи со интензивни контакти и средби, кои треба да бидат претходница на двата клучни настани посветени на мигрантската и на бегалската криза, односно самитот на лидери на глобално ниво во Њујорк и средбата на високо ниво во рамки на Обединетите нации (ОН), кои треба да резултираат со конкретни заклучоци и мерки за справување со кризата.

“Беа детектирани одредени слабости во досегашниот настап и следствено на тоа и реформи што треба да се преземат како во рамки на шенгенскиот каталог, така и во рамките на Фронтекс, односно проширување на неговата мисија, потоа зајакнување на регулатива за датотеки Еуродакт и на капацитети на постоечкиот систем на азил“, изјавил Чавков.

Тој, по состанокот, истакнал дека на дебатата од страна на повеќе земји на ЕУ била нотирана и поздравена досегашната активност и учество на Македонија во справувањето со мигрантската криза.


Лагард: Земјите членки на ЕУ подобро да комуницираат во интерес на економијата


Вашингтон, 3 јули, 2016 - 15:25 (META) 

Од суштинско значење за економијата е земјите членки на Европската Унија прашањето со Брексит да го решат со крената глава, изјави првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард.

Taa даде забелешка за недостигот од комуникација во EУ и за префрлувањето на одговорноста од едни на други. Според неа, треба да се согледа економската реалност и да се работи на подобра соработка и комуникација.

Лагард изрази жалење што напорите за објаснување на негативните последици од Брексит, пред да се одржи референдумот во Велика Британија, биле залудни.


Могерини: На ЕУ ѝ е потребна нова стратегија


Брисел, 26 јуни, 2016 - 16:48 (META) 

Високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, денеска на земјите членки на Унијата им ја испратила новата глобална стратегија на ЕУ за надворешна политика и за безбедност.

Таа формално ќе ја претстави стратегијата на самитот на ЕУ, кој ќе се одржи оваа недела во Брисел.

Стратегијата, подготвена и елаборирана од Могерини, како што е наведено, нуди стратешка визија за глобалната улога на ЕУ.

Таа, според наведеното, е резултат на отворен и транспарентен процес и покажува дека во последната година биле одржани детални консултации во државите членки на ЕУ, европските институции, меѓу кои Европската комисија и Европскиот парламент, европските граѓански организаци и консултантските организации.

„Целта, дури и постоењето на нашата Унија се доведени во прашање. Сепак, на нашите граѓани и на светот им е потребна силна ЕУ како никогаш досега. Во овие времиња полни со предизвици, силната Унија е таа која размислува стратешки, ја дели визијата и дејствува во заедништво. Тоа е уште повистинито по британскиот референдум. Ние навистина ќе мораме да го преиспитаме начинот на кој работи нашата Унија, но ние точно знаеме на што треба да работиме. Ние знаеме кои се нашите принципи, нашите интереси и нашите приоритети. Ова не е време за неизвесност: на нашата Унија ѝ е потребна стратегија. Потребна ни е заедничка визија и заедничка акција“, вели Могерини.