!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хрватска се подготвува за воведување на еврото


Загреб, 9 октомври, 2017 - 10:31 (META) 

Народна банка на Хрватска подготви стратегија за воведување на еврото, која содржи анализа во корист на можните ризици од влегување во еврозоната, а ќе се објави на крајот на овој месец, пишуваат хрватските медиуми.

Евростратегијата ќе послужи како темелен документ за јавна расправа за воведување на еврото, која ќе ја отвори премиерот Андреј Пленковиќ.

Пленковиќ изјави дека се залага за воведување на еврото, по што би следувало официјално барање за влегување на Хрватска во Европскиот механизам на девизен курс (ЕРМ2).

Последен пат одлука за влегување на некоја земја во ЕРМ2 беше донесена во 2005 година и тоа за Словачка.


Османи: На Балканот има оптимизам за влез во Европската Унија


Салцбург, 24 септември, 2017 - 18:25 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, присуствуваше на 13. Конференција на европски градови и региони на тема „Наредната генерација на нови земји – членки на ЕУ“, што се одржа во Салцбург.

На конференцијата се говорело за перспективите на земјите од Западен Балкан во контекст на политиката на проширување на ЕУ, а говорник бил и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.

На почетокот од конференцијата, Османи и министрите од регионот задолжени за ЕУ имале неформална средба со еврокомесарот.

Османи го информирал Хан за напредокот на Македонија во откочувањето на евроинтегративните процеси, имплементацијата на планот „3-6-9“, како и за напредокот на земјата во односите со соседите.

„Напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси не го гледам како изолиран случај на Балканот, туку како составен дел од еден нов европски оптимизам во регионот, кој е проширен и во земјите членки на Унијата“, истакнал Османи во своето обраќање.


Голема сончева бура може да ја погоди Земјата утре и задутре


Вашингтон, 7 септември, 2017 - 16:06 (META) 

Од утре попладне до сабота околу пладне, голем дел од светот би можел да ги почувствува последици од големата соларна ерупција што се случила вчера, алармираше Центарот за вселенска метеоролошка прогноза при американската Национална администрација за океаните и атмосферата.

Русија, балтичките републики, Јужна Шведска, Данска, Обединотото Кралство и голем дел од северните држави на САД ќе бидат земјите кои веројатно ќе ги почувствуваат најсилно последиците од сончевата бура, предизвикана од ерупцијата на Сонцето со сила Х 9,3, која е најсилниот „факел“ исфрлен од Сонцето во последните 10 години.

Три часа претходно имало ерупција, односно „факел“, со сила Х 2,2, која избила од голема дамка на површината на Сонцето, а потоа уследила и гигантската ерупција од Х 9,3б, за која се очекува да предизвика магнетни бури и други последици на Земјата од утре попладне до задутре до пладне.

Последната толку силна ерупција, која имала сила Х 9, се случила во 2006 година, кога на осончаната површина на Земјата предизвикала прекин на радиосигналите во период од еден час и ги нарушила фрекфенциите. Научниците сметаат дека новата ерупција може да предизвика штети на сателити, комуникациски апарати и системи, па дури и на електропреносната мрежа.

Новата силна ерупција се случила во сончевата дамка во активниот регион 2673, помалата од двете масивни дамки на Сонцето. Оваа дамка е седумпати поширока од Земјината топка а висока колку девет Земји, објаснува астрофизичарот Карл Батамс.


Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност


Скопје, 17 ноември, 2016 - 9:16 (META) 

Времето во Македонија ќе биде сончево со умерена облачност. Во претпладневните часови по котлините ќе има појава на ниска облачност и на слаба магла.

Утринската температура ќе се движи од минус 5 Целзиусови степени до нула, а дневната од 8 до 15 степени.

Во Скопје се очекува слично време со температура до 10 Целзиуосви степени.

 


По катастрофалниот земјотрес, регистрирани 470 потреси на тлото во Италија


Рим, 25 август, 2016 - 11:59 (META) 

Повеќе од 470 потреси на земјата биле регистрирани во Италија по силниот земјотрес што во средата го погоди централниот дел на државата, јавуваат италијанските медиуми.

Најсилниот бил со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, со епицентар недалеку од Ријети, соопштиле сеизмолозите.

Стручњаците велат дека ваквата појава на потреси на земјата е нормална по вчерашниот земјотрес, кој беше со јачина 6,4 степени според Рихтеровата скала, а во кој загинаа 247 лица.


Патот Шипковица – Бродец делумно расчистен по невремето, жителите и на натаму во грч


Тетово, 7 август, 2016 - 11:59 (META) 

Надлежните служби сè уште го расчистуваат патниот правец Шипковица – Бродец – Вешала, кој вчера по големите врнежи од дожд беше затрупан со наноси од камења и земја, но по патот, со претпазливост, поминуваат возила за итни случаи.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која денеска го посети местото, изјави дека градежната механизација и во текот на наредните денови ќе продолжи со работа, за целосно расчистување на патот. Освен на расчистување на патот, како што посочи Арифи, ќе се работи и на преземање на превентивни мерки во случај на нови наноси од камења и земја.

Таа додаде дека во координација со службите на централната власт работат и на отстранување на големите карпи кои што надвиснуваат над патниот правец Шипковица – Бродец и претставуваат опасност.

Вчера, исто така, беше затрупан и патот на влезот во Шипковица, кој за неколку часа беше расчистен.

Во невремето во Шипковица нема настрадани лица, а не е предизвикана ниту материјална штета на домовите. Сепак жителите и натаму стравуваат од поголеми катастрофи со оглед на најавените врнежи од дожд во наредните денови.

Во селото Голема Речица, вчера врнежите од дожд го зголемија нивото на реката, но таму ситуацијата е под контрола и нема поплави или оштетувања на имотите на граѓаните. Оперативните екипи се на терен и се во постојан контакт со локалните жители.

Во минатогодишните поплави во Тетовско загинаа шест лица, а беа оштетени и стотина домови.


Македонија на 60. место според индексот на најдобри земји


Скопје, 4 јуни, 2016 - 12:00 (META) 

Шведска се наоѓа на врвот според позитивниот животен стил. Исланд се наоѓа на врвот на листата за придонесот за зачувување на климата на планетата, со минималното производство на штетен материјал и со ниско ниво на испуштање јаглерод диоксид. Велика Британија е на врвот кога станува збор за науката и за технологијата, покажува индексот на добри земји.

Индексот покажува дека Шведска, соодветно на нејзината економија, прави повеќе добро отколку штета од која било друга земја. Оваа година, на листата биле додадени 38 земји. Либија е на дното.

Земајќи ги предвид сите фактори, Македонија се наоѓа на 60. место на листата.

Во посебните категории, најдолу на листата се наоѓаме во поглед на меѓународниот мир и безбедноста (125. место) и здравјето (119. место).

На 93. место сме кога станува збор за просперитетот и за еднаквоста, на 62. позиција за планетата и за климата, а на 59. место во поглед на светскиот ред.

Во поглед на културата се наоѓаме на 57. место, а во науката и во технологијата сме на 27. позиција на листата.


„Часот на планетата Земја“ вечерва и во Македонија


Охрид, 19 март, 2016 - 15:28 (META) 

Во Охрид, вечерва за одбележувањето на најголемата светска еколошка акција, „Часот на планетата Земја“, во симболичен мрак ќе потонат црквата „Света Софија“, градскиот плоштад и гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Покрај Охрид, поддршка кон акцијата најавија и градовите Струмица, Битола, Велес, Крушево, Ресен, Радовиш, Струга, Куманово, Кавадарци и Берово, а осветлувањето ќе биде исклучено и во резерватот Јасен, цементарницата Усје, трговските центри „Капитол мол“ и „Скопје Сити мол“, како и салоните на мобилниот оператор „Оне – вип“.

Оваа година акцијата е поддржана и од Канцеларијата на УНДП во Македонија.

– Направени се многу анализи за тоа како климатските промени влијаат на различни сектори и аспекти од нашиот живот, од енергетика и транспорт до земјоделство и здравство, но дадени се и конкретни пораки и акции што треба да се направат за да се намалат емисиите на гасови или подобро да се адаптираме на промените кои ќе настанат. Утрешната акција „Часот на планетата Земја“ е еден начин секој од нас на индивидуално ниво да даде свој придонес во акцијата за спречување на климатските промени, да биде модел за другите – изјави Павлина Здравева, од УНДП Македонија.

Седма година по ред, Македонија се вклучува во акцијата. Во 20.30 часот по локално време, во период од еден час без струја ќе останат повеќе од 178 земји и 7.000 града во светот.


Земјоделците од Карбинци останаa без ниви за обработка


Штип, 24 јануари, 2016 - 10:25 (META) 

Дваесетина земјоделци во општината Карбинци се пожалија дека останале без земјата за обработка, која им е извор на основна егзитенција, откако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не им го продолжило договорот за закуп. Овие земјоделци веќе неколку години закупуваат околу 180 хектари државно земјиште.

– Имавме договори на пет години, што ни завршија во 2014 година. Очекувавме дека ќе ни ги продолжат, меѓутоа наместо ние да ја добиеме земјата на плодоуживање, Министерството ја даде на оглас – рече еден од земјоделците.

Друг земојделец од селото Крупишите се пожали дека земјиштето го добиваат членови и симпатизери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

– Партиски ја доделуваат земјата. Јас сум од Крупиште, имавме 100 хектари под ориз, но припадници на ВМРО-ДПМНЕ ги зедоа. Тоа земјиште е на селото, барем да се доделеше на регистираните и тие што навистина се земјоделци од селото – рече земојделецот кој останал без земја за обработка.

Според земјоделците, земјиштето на овие огласи го добиваат крупни земјоделски стопанства или индивидуалци од други градови. Како пример го посочија случајот кога биле доделени 1.500 хектари на земјоделец од Крива Паланка, кој сега им дава по некое парче земја на локалните земјоделци, а тој ги користи субвенциите.

Својот револт од доделувањето на земјиштето, земјоделците од општината Карбинци го искажаа пред дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој откако ги ислуша, најави ревизија на закупот на државното земјиште.

– Оваа неправда е уште еден доказ дека ревизија на распределбата на земјоделското земјиште мора да има. Јас како дополнителен заменик-министер, во овој период на организацијата на изборите, ќе ги употребам сите мои инструменти и надлежности што ми ги дава законот за оваа неправда да ја исправиме – изјави Николовски.


Денеска се одбележува Меѓународниот ден на планетата Земја


Скопје, 5 јуни, 2015 - 10:08 (META) 

Низа настани ќе се случуваат денеска во главниот град по повод одбележување на Меѓународниот ден на планетата Земја. Градоначалникот Коце Трајановски ќе додели награди за најголем придонес за зашита на животната средина. Меѓународниот ден на животната средина годинава Обединетите Нации го одбележуваат под мотото „Седум билиони сништа, една планета! Искористувајте ги природните ресурси со грижа!“.

Лајонс клубот „Вардар“ ќе го одбележи светскиот ден на животната средина во лабораторијата за мотори со внатрешно согорување на Машинскиот факултет, каде ќе се одржи беседа на тема „Решенија за потомците“, а ученици ќе сликаат и ќе читаат песни за екологијата.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со еколошкото здружение „Гоу грин“ организираат конференција на тема „Откријте го вашиот обновлив потенцијал“.