Oпштините побрзо ќе ги услужуваат граѓаните со софтверот за градежно земјиште


Скопје, 13 март, 2018 - 12:42 (META) 

Министерството за транспорт и врски го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС) софтверскиот систем „е-Градежно земјиште“ кој треба да го користат општините во Македонија.

Оваа софтверска програма има за цел да им овозможи на граѓаните да ја спроведат целата постапка по поднесени барања за отуѓување, за давање на долготраен и краткотраен закуп, за давање на право на трајно користење, за пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во сопственост на државата.

Премиерот Зоран Заев рече дека, пренесувањето на надележостите од централна кон локалните власти, ќе создаде услови за уште поодговорно работење на општините во интерес на граѓаните.

– Со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво – рече премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека овој сервис кој е во рацете на општините е уште еден чекор од децентрализацијата, односно од пренесувањето на правата и обврските од централната на локалната власт.

Со програмата „е-Градежно земјиште“, во период од неколку месеци се очекува да има забрзување на сите постапки и да се воспостави висок степен на прецизност и дисциплина во однос на роковите.


И Општина Гевгелија барала Владата да ја повлече стратегијата за бегалци


Гевгелија, 10 август, 2017 - 13:26 (META) 

Мислење во врска со нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година до Министерството за труд и социјална политика и до Владата, преку Здружението на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), доставила и Општина Гевгелија. Оттаму денеска испратија реакција до „Мета“, во која, повикувајќи се на текстот со наслов „Доза ксенофобија и најави за референдуми од општините за стратегијата за бегалци“, нагласуваат дека покрај општините Ново Село, Демир Капија, Крива Паланка, Велес, Гази Баба и Прилеп, мислење доставила и Општина Гевгелија.

Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, во мислењето неведува дека стратегијата треба „итно да биде повлечена“, за тоа што, според него, Македонија нема ниту финансиски потенцијали ниту, пак, какви било капацитети за спроведување на „ваква обемна и претенциозна стратегија“.

„Јас, како градоначалник на општина Гевгелија, не можам да дадам позитивно мислење за стратегијата, во име на граѓаните на општината, кога ќе се потсетам што истрпевме во 2015 година, кога ни се случуваше ситуација во еден ден во нашиот град да влезат и по 10.000 бегалци, кои едноставно го блокираа секојдневното живеење во градот“, наведува Франгов во мислењето.

Според него, Владата треба да ги насочи своите капацитети на намалување на стапката на невработеност и на изградба на станови за граѓаните кои сè уште немаат решено станбено прашање.

Инаку, безмалку сите општини што доставиле мислење до МТСП се против стратегијата за бегалци, а како што оценуваат од Министерството, образложенијата на дел од општините се на линија на ксенофобија.

Општина Ново Село најавува и референдум за изјаснување на граѓаните по ова прашање.


МЛС: Начинот на финансирање на општините треба да се промени


Скопје, 27 јули, 2017 - 19:53 (META) 

Министерството за локална самоуправа (МЛС) денеска организирало состанок со претставници на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) за да се најдат решенија со кои ќе се промени системот на финансирање на единиците на локална самоуправа, соопштија оттаму.

На состанокот се разговарало за утврдување на критериумите за наменските и за блок-дотациите кои централната власт ги префрла на единиците на локална самоуправа за образование, детска заштита и за култура.

Претставниците од ЗЕЛС и од надлежните министерства се согласиле дека овие средствата не се доволни, што се одразува на квалитетот на услугите во овие области.

„Крајната цел е секој граѓанин на целата територија на Република Македонија да добие еднакво квалитетни услуги“, изјавил заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески.

На состанокот на кој присуствувале и претставници од други министерства, исто така било заклучено дека општините треба работат пофикасно и да имаат повисока реализација на средствата од централниот буџет, како и да бидат поажурни во обезбедувањето на локалните приходи.


Џафери ги информирал пратениците дека итно треба да се усогласат за локалните избори


Скопје, 11 мај, 2017 - 13:16 (META) 

Министерот за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија до Собранието на Република Македонија доставиле барања со кои се бара Собранието на Република Македонија да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори и притоа укажале на проблемите што ќе настанат во оваа ситуација, информираат денеска собраниските служби.

„Претседателот на Собранието, Џафери, барањата ги достави до пратениците во Собранието на Република Македонија бидејќи ова прашање исклучиво е во надлежност на Собранието на Република Македонија и бара итно усогласување на сите политички партии во Собранието во однос на потребните измени во Изборниот законик, но и на сите други активности што се однесуваат на постапката утврдена во деловникот на Собранието на Република Македонија како во однос на основање на сите работни тела во Собранието, така и во однос на постапката за разгледување и за донесување на законите“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.

Вчера Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на иницијативите со кои се бараа измени во Законот за локална самоуправа и во Изборниот законик за продолжување на мандатот на градоначалниците и на советите на општините.

Со ваквата одлука на судот, актуелните закони остануваат на сила, односно на градоначалниците и на општинските совети мандатите им завршуваат на 15 мај.


Петиција од општините од Источна Македонија за нов датум за локални избори


Штип, 14 април, 2017 - 10:59 (META) 

Градоначалниците на општините од Источна Македонија преку петиција бараат Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) да поведе изменување на Изборниот законик за да се поместат локалните избори.

Според градоначалниците, со измените ќе може да се овозможи нормално и законско функционирање на општините. Во спротивно, по 15 мај, сите нивните активности престануваат. Тие наведуваат дека без измените, нема да може да се одговара на барањата на граѓаните, да се управува со блок-дотациите, преку кои плата земаат илјадници вработени во училиштата и во градинките, ниту пак ќе има плата за општинската администрација.

Општините, како што наведуваат во петицијата, веќе имаат штета од овој правно-политички вакуум, бидејќи не можат да продаваат градежно земјиште и да распишуваат тендери.

Иако нема поместување во работењето на Собранието на Република Македонија, каде сè уште се одржува маратонската конститутивната седница, градоначалниците и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ брифираат дека се разговара за итна законска измена на Изборниот законик, со кој ќе се поместат локалните избори. На овој начин ќе им се даде простор на актуелните локални власти да продолжат со работа.

Неделава е формирана работна група составена од претставници на ЗЕЛС и од министерствата за правда и за локална самоуправа, која би требало да даде насоки на кој начин ќе може да се премости овој период. Предлогот за работна група е на техничката влада, што според градоначалниците е добар знак дека има политичка волја да се надмине овој вакуум што им се заканува на општините. Правниците се повикуваат на Уставот и на членот 114 кој гарантира услуги и права на граѓаните во локалната власт.


Членовите на ДИК се сретнаа со претставници на ЗЕЛС и на невладиниот сектор


Скопје, 6 октомври, 2016 - 14:31 (META) 

Членовите на Државната изборна комисија во изминатите два дена се сретнале со претставници на невладините организации и на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

На денешната средба со претставници на невладините организации во Република Македонија, членовите на ДИК разговарале за методите за унапредување на соработката и на координацијата помеѓу ДИК, како највисок изборен орган, и невладините организации, како важни чинители во изборниот процес.

Вчера членовите на ДИК со претставниците на ЗЕЛС разговарале за начинот на имплементација на членот од Изборниот законик, кој предвидува дека општините во Република Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди, а заради политичко рекламирање.

„Максималниот број рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50 отсто од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на која определено правно лице стопанисува со истите“, информираат од ДИК.