БЕСА: Ќе раководиме со Министерството за култура, името допрва ќе го соопштиме


Скопје, 16 мај, 2018 - 11:01 (META) 

Движењето БЕСА односно крилото на Африм Гаши потврди дека ќе стане дел од владината коалиција и дека го добила ресорот култура во новиот владин кабинет.

По состанокот на Централното претседателство на Движењето БЕСА и Централното собрание беше соопштено дека е позитивно одговорено на понудата на премиерот да станат дел од парламентарното мнозинство и на извршната власт.

Името на идниот министер за култура не е соопштено, а од БЕСА појаснија дека Централното собрание го овластило Централното претседателство да направи избор од листата предлози од партиските структури.

Зекирија Ибрахими, кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори вчера рече дека не сака да ја преземе министерската функција.


Ибрахими: И да ме предложат, нема да прифатам да бидам министер!


Скопје, 15 мај, 2018 - 12:07 (META) 

Нема да прифатам министерска функција ако ме предложат, вели Зеќирија Ибрахими, член на Централното претседателство на движењето БЕСА, поточно на крилото на Африм Гаши, на прашањето од „Порталб“ дали се точни пишувањата во медиумите дека тој ќе биде новиот министер за култура.

– Уште не сме дошле до таа фаза, но дури и да ме предложат, нема да прифатам да бидам министер – одговори Ибрахими на прашањето од новинарот на „Порталб“.

Според пишувањата на медиумите вчеравечер и денеска, Ибрахими би го зел ресорот Култура во владата на Зоран Заев по реконструкцијата. Тоа, според шпекулациите, било договорено во преговорите на премиерот со парламентарните партии што сега се надвор од владината коалиција.

Се очекува денеска да се произнесе и ДПА на Мендух Тачи, за која исто така се шпекулира дека добила едно министерско место во новиот владин кабинет.

Реконструкцијата Заев ја најави уште во февруари.


Потпретседателот на Беса, Зекирија Ибрахими, поднесе оставка на функцијата


Скопје, 5 јануари, 2018 - 20:18 (META) 

Потпретседателот на Беса, Зекирија Ибрахими, денеска информираше дека поднесува оставка на функцијата, јави Алсат-М.

Тој исто така вели и дека нема да се кандидира за лидер на Беса на партискиот конгрес кој треба да се одржи во февруари. Оваа негова одлука доаѓа на само еден ден пред утрешниот состанок на Централниот одбор.

Зекирија Ибрахими беше градоначалнички кандидат на Беса за општина Чаир.


Им престана мандатот на пратениците што станаа градоначалници


Скопје, 1 ноември, 2017 - 12:56 (META) 

Во експресното прво продолжение на 18. седница, прва по долгата пауза поради локалните избори, Собранието денеска констатираше дека им престанал мандатот на пратениците што беа избрани за градоначалници во првиот круг на локалните избори, односно на Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Максим Димитриевски и Коста Јаневски, но и на Бардиљ Даути од ДПА и на Зеќирија Ибрахими од Беса, кои си поднесоа оставки откако Собранието ја прекина работата поради изборите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, посочи дека на ред е Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го извести Собранието кои имиња од кандидатските листи на нивните партии ќе ги пополнат испразнетите пратенички фотелји.

По десетина минути работа, Џафери даде пауза и најави продолжение во 13 часот. На него Собранието би требало да ги прогласи новите пратеници од изборната листа на СДСМ.

Пред почетокот на денешната седница, која беше најавена за 11 часот, а почна со задоцнување од 25 минути, во собраниската пленарна сала, пратениците од СДСМ им ги честитаа новите градоначалнички функции на Шилегов, Богоев, Димитриевски, Поцков и на Јаневски.


Зеќирија Ибрахими: Општина Чаир должи 2,3 милиони евра


Скопје, 4 октомври, 2017 - 17:01 (META) 

Долгот на Општина Чаир во мај годинава, според Министерство за финансии, изнесувал 2,3 милиони евра, рече на прес-конференција Зеќирија Ибрахими, градоначалнички кандидат на Беса за Чаир.

Тој се обрати до својот противкандидат Висар Ганиу од ДУИ, велејќи му дека не треба да верува на гарнитурата во Општина Чаир, чии претставници „му рекле дека Општината не должи, бидејќи тие не водат сметка за неговиот образ во јавноста“. Ибрахими вети дека ако Беса ја добие довербата на граѓаните да ја раководи општина Чаир, ќе го исплати наследениот долг и нема да дозволи да ја остави во долгови.

– Ќе ги презентирам податоците од Министерството за финансии. Во извештајот на ова министерство, направен во мај 2017 година, долгот на Општина Чаир е 143 милиони денари или малку повеќе од 2,3 милиони евра. Ветуваме пред целата јавност дека при нашето владеење со Општина Чаир, сите податоци за финансиската состојба ќе бидат јавни и достапни за секого. Исто така, ветуваме дека во рамките на нашиот мандат овој долг ќе се исплати и по никоја цена нема да дозволиме да излеземе од Општината оставајќи зад себе големи долгови – рече Ибрахими.


Ибрахими: Владата не е реформска, туку со рециклирани криминалци, не гласам за неа


Скопје, 30 мај, 2017 - 16:14 (META) 

„Знаете ли, почитуван господине Заев, што е разликата меѓу реформа и рециклирање? Ако под реформа подразбирате дека сте избрале што е добро и денес е во вашиот табор, тоа не е реформа, туку сте направиле рециклирање. Јас бев убеден што причината што одбивте соработка со нас е нашето барање за редефинирање на државата, но гледам дека не било тоа причината, туку нашето инсистирање да нема инкриминирани лица во владата. Благодарам што не ја прифативте нашата понуда“, му порача Зеќирија Ибрахими, заменик-координатор на пратеничката група на Беса, на мандаторот Зоран Заев.

Ибрахими на почетокот му честиташе на Заев, но рече дека нема намера да гласа за предложениот владин кабинет.

– Каква машина за перење имате, господине Заев? Граѓаните сакаат да знаат зошто обвинителката Катица Јанева нема тужба за ниту еден висок експонент на ДУИ, туку се занимава со периферни лица од Кичево. Дали сте ги помилувале или таа нема доволно информации? Заев, како се вика тој во прислушуваните разговори што беше корумпирана личност, а сега е во Вашиот кабинет? Дали е уште корумпиран или го помилувавте? Сами рековте, господине Заев, дека во СЈО готова е тужбата за поранешниот министер за здравство, па денеска Ве прашувам дали таа ја отфрлила тужбата или Вие го помилувате, господине Заев. Кажете ми што е тоа што го врзува зборот реформа со овој кадар од ДУИ? – праша Ибрахими.

Според пратеникот на Беса, со изборот на некои од министрите Албанци, Заев како да ги послушал Груевски и Мијалков и на младите Албанци им порачал: „Може да крадете, јас на крај ќе ве направам функционери и ќе ве помилувам“.


Обвинувањата за „предавство“ го активираа СДСМ во Собранието


Скопје, 27 април, 2017 - 15:40 (META) 

Дваесеттото продолжение на конститутивната седница на Собранието денеска донесе пресврт, кога по многуте обвинувања за Зоран Заев и за СДСМ, што беа кажувани и на сите досегашни продолженија на седницата, првин на говорницата со процедурална забелешка се обрати Заев, а потоа и Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Оливер Спасовски и Петре Шилегов, одговарајќи на обвинувањата за „предавство на македонските национални интереси“. Но, во 14 часот претседавачот Трајко Вељаноски прогласи пауза.

Редовната претстава со реплики и со контрареплики меѓу пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата претходно ја наруши Зекирија Ибрахими од Беса, кој одговори на нападите врз претседателот на партијата Билал Касами. Тој појасни дека ставот на Беса е дека се почитуваат државните симболи и химната, но тоа сепак им создава „нелагодност“.

– Ние не сме неискрени, ги почитуваме химната и знамето, но не може да немаме наши забелешки на државните симболи – рече Ибрахими, барајќи од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не се поттикнува албанофобија кај гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.