Македонија со трипати помалку тимови за Итна помош од Хрватска, а со повеќе работа


Скопје, 26 ноември, 2018 - 11:19 (META) 

Службата за итна помош за два милиони жители на Македонија функционира со 290 тимови, според одлука на Владата. Хрватска пак, со четири милиони жители има 914 тимови, што е над три пати повеќе, пишува Порталб.мк.

За илустрација за тоа во какви услови работат екипите за Итна помош во Македонија, порталот прави споредба со Хрватска, земја на Балканот, која како и Македонија беше дел од Југославија, но сега е дел од ЕУ.

Македонија се разликува од Хрватска и според системот на функционирање на Итната медицинска помош – таа таму е раководена од Институтот за итна помош, додека во Македонија службата функционира и се управува од Домовите за јавно здравје.

Хрватска се разликува и според бројот и според различните видови тимови. Тамошната Итна помош има 709 тимови Т1 кои вклучуваат: специјалист за Итна помош, една медицинска сестра или медицински техничар и возач, и 205 тимови Т2 кои вклучуваат: една медицинска сестра или медицински техничар и возач, или пак лекар и техничар.

Во Македонија постои само еден вид тим – лекар, медицинска сестра и возач.

Иако Македонија има трипати помалку тимови од Хрватска, нашата Итна помош има повеќе повици.

Според статистиките изнесени во емисијата „360 степени“, во периодот 1-10 октомври 2018 година имало 903 интервенции само на територијата на Скопје, така што испаѓа дека само во Скопје за еден месец има 2.709 интервенции, додека во Хрватска има 2.213  интервенции месечно на државно ниво.

Бидејќи Хрватска има територија од 56.594 квадратни километри, произлегува дека на секои 61 км² има по еден тим на Итна помош, а пак Македонија, со површина од 25.713 км², има по еден тим во секои 88 км².

Инаку, промената на функционирањето на системот на Итна медицинска помош во Хрватска беше направена во 2009 година, како дел од пакетот на реформите на здравствената заштита иницирани од Владата на Хрватска. Целта на реформите беше службата за Итна помош да ја покрива целата територија на Хрватска.


Во Охрид презентиран проектот за новиот Здравствен дом


Охрид, 14 септември, 2018 - 16:33 (META) 

Во рамките на Општа болница Охрид наскоро ќе почне изградбата на нов модерен објект на Здравствениот дом, кој ги задоволува највисоките стандарди за овој тип градби, беше кажано на вчерашниот настан во Општина Охрид, на кој се презентираше архитектонскиот проект.

Министерот за здравство Венко Филипче порача дека пари oд државниот буџет за изградбата на модерниот објект ќе се доделат во 2019 година. Автори на проектот се професорите Зорица Блажевска и Саша Тасиќ од Архитектонскиот факултет од Скопје.

– Објектот ќе биде составен од две блоковски структури, приземје и кат и приземје и два ката, од каде што ќе излегува мала административна кула. Во новиот современ здравствен дом ќе бидат сместени службата за итна медицинска помош, педијатри, примање инфузии, лабораторија, диспанзер за деца од предшколска и школска возраст, трудова медицина, служба за рендген, патронажна служба, како и концесионери стоматолози и детска стоматологија – информира Блажевска на презентацијата.

Министерот Филипче истакна дека целта на новиот здравствен дом е пациентот да добие интегрирана услуга, односно сè да биде на едно место.


Серија нови именувања на директори на клиники и на здравствени домови


Скопје, 4 август, 2017 - 13:55 (META) 

Министерството за здравство денеска ги соопшти имињата на новоназначените директори на клиники и на здравствени домови. Промените на директорските места почнаа кон крајот на јуни, речиси еден месец по стапувањето на должност на новиот министер за здравство, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, еден од трите клучни партнери во владината коалиција.

Нов директор на Институтот за трансфузиона медицина е Кочо Димитровски, а на чело на Клиничка болница Битола ќе застане Зоран Лазаров. Нови директори на општите болници во Кавадарци и во Велес се Диме Коцев и Димитар Стровјански.  Прв човек на Општа болница Гостивар стана Гојарт Сулејмани.

Во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се именувани девет нови директори на клиники. На Дигестивна хирургија прв човек ќе биде Зоран Караџов, а во фотелјата на Детска клиника долгогодишната директорка Аспазија Софијанова ќе биде наследена од Катерина Ставриќ. Прв човек на Клиниката за психијатрија ќе биде Стојан Бајрактаров, на таа за неврохирургија – Владимир Рендевски, а на Максилофацијална хирургија – Славе Наумовски. На чело на Клиниката за пулмологија и алергологија застанува Дејан Докиќ, кој беше обвинет за примање мито, а на местото на Смиља Туџарова, долгогодишната директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓа Софија Пејкова. Прв човек на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија ќе биде Неџати Јакупи, хирург и поранешен министер за животна средина. На челото на Клиниката за  уво, нос и грло доаѓа Јане Нетковски

Маја Манолева е новата директорка на Заводот за физикална медицина и за рехабилитација – Скопје.

Од денеска директор на  Здравствен дом Битола е Весна Спировска, на Здравствен дом Штип  Снежана Трајковска, на Здравствен дом Крива Паланка директор ќе биде Бранко Стаменковски, во Кратово – Љупчо Бојаџиев, во Виница – Венцо Вијунов, во Пробиштип – Гоце Неделковски, а во Струмица – Љубица Митева.

За прв човек на Заводот за слух, говор и глас во Битола е назначена Дивна Најдовска.

Министерот за здравство, исто така, го разрешил економскиот директор на Клиниката за гастроентерохепатологија.


Oбвинителството чека МВР да реагира во случајот со починатите во брзата помош


Скопје, 13 март, 2017 - 17:05 (META) 

Надлежното јавно обвинителство чека официјално известување и документација за целиот случај од Полициската станица во Крива Паланка, па кога тоа ќе стигне, ќе го разгледа случајот, е одговорот што „Мета“ го доби од службата за односи со јавноста на Јавното обвинителство на Република Македонија, на прашањето дали обвинителството по допрен глас ќе го истражува случајот со двајца пациенти што вчера починале во возило на брза помош што од Крива Паланка било упатено кон Скопје.

„Надлежното јавно обвинителство е информирано за настанот и чека да пристигне официјално писмено известување со целокупна документација за целиот случај од Полициската станица во Крива Паланка. По пристигнување на информацијата, обвинителството ќе го разгледа случајот“, гласи одговорот.

Во врска со случајот на двајцата пациенти, од кои едниот по десетина дена од трансплантација на бубрег се јавил во Здравствен дом во Крива Паланка поради болки, а вториот пристигнал непосредно пред заминувањето на возилото на брза помош и бил веднаш качен и транспортиран, во јавноста се појавија многу шпекулации.

Претходно и в.д. директорот на Здравствен дом Крива Паланка за „Мета“ даде образложение за случајот и порача дека е најдобро да се утврдат фактите и да не се суди предвремено. Истрагата на Јавното обвинителство би требало да фрли повеќе светлина на случајот.


Две лица починале во расипано возило на брза помош


Крива Паланка, 12 март, 2017 - 19:37 (META) 

Две лица од Крива Паланка со брза помош биле испратени во Ургентниот центар во Скопје денеска, но возилото се расипало и тие починале додека се отстранувал дефектот, некаде пред скопска патарина. Таа информација вечерва по електронска пошта беше испратена до голем број новинари и редакции.

„Мета“ се обиде да ги потврди овие наводи, но на телефонската централа на Здравствен дом Крива Паланка не се јавуваше никој.

Успеавме да стапиме во контакт со вработен во Здравствениот дом, кој неофицијално ни кажа дека слушнал дека „брза помош се расипала некаде пред скопска патарина“, а на прашање што се случило со пациентите во возилото, рече оти слушнал „дека умреле“.


Кривична пријава за поранешен директор на ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид


Охрид, 8 август, 2016 - 15:36 (META) 

Поранешен директор на ЈЗУ „Здравствен дом“ во Охрид, со уште двајца негови соработници, ја оштетиле установата за 598.508 денари односно 9.731 евра.
Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, СВР од Охрид поднесе кривична пријава против 47-годишно и 45-годишно лице од Охрид.

Во пријавата, опфатен е и 60-годишен жител од Охрид за сторено казнено дело „несовесно работење во службата“.

Во текот на 2013 и 2014 година, првопријавениот како директор на јавната установа ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид, заедно со второпријавената, која во тој период била раководител за економски работи, од повеќе фирми во Охрид и од други градови, набавиле техничка опрема (лап-топ компјутер, мобилен телефон, фото апарат) во вредност од 208.583 денари, потоа часовници и накит во вредност од 149.050 денари, фотоапарат со оптички зум и мобилни телефони, тренерки,  21 чифт обувки и две влезни врати.

Набавените производи не биле евидентирани во сметководствената евиденција, не била изготвена документација за прием, а фактурите од добавувачите биле целосно исплаќани од сметката на ЈЗУ„Здравствен дом“.

„При извршениот попис во листите, констатирано е дека стоката не е евидентирана и ја нема во просториите. Од извршениот увид во фактурите од фирмите каде се купени производите, утврдено е дека сите фактури се потпишани од првопријавениот кој лично ги подигнувал купените предмети. Од извршените контроли, констатирано било дека фактурите уредно се заведувале во влезната книга во ЈЗУ „Здравствен дом“ со потпис од второ пријавената, а потоа се чувале заклучени во нејзиното биро. Тука биле пронајдени при извршена финансиска контрола од ФЗО“, велат од СВР Охрид.

Трето пријавениот како одговорен за возниот парк во период од 27.03.2014 година до 19.06.2015 година, во патните налози за службеното возило впишувал податоци за изминати километри многу поголеми од реалните, додека возилото, заедно со прво пријавениот, го користел за приватни потреби.