Надлежните без конкретни рокови за завршување на автопатот Миладиновци – Штип


Штип, 4 октомври, 2018 - 16:36 (META) 

Дождливите денови во јуни и свлечиштата што се појавија на одделни делници, го пролонгираа рокот за завршување на автопатот Штип – Миладиновци, кој се гради веќе петта година. Ова е објаснувањето од директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, кој не даде прецизен одговор кога автопатот ќе биде завршен – кон средината на овој месец, во ноември или сепак ќе се почека.

– Се работи на клучката кај Три Чешми. За некои десетина дена асфалтирањето на патот комплетно завршува. Во меѓувреме забрзано се работат еластичните огради, поставувањето на мрежите, одводните канали. Значи автопатот Миладиновци-Штип е во завршна фаза и ќе биде пуштен согласно очекувањата и препораките од надзорот – рече Китанов.

Китанов и министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески денеска беа во увид на градежните работи на експресниот пат Штип – Радовиш, на кој видливо забрзано се работи. Трасата е целосно пробиена, а завршува првата фаза од реката Брегалница до клучката кај Бучим, со што се завршени 10 проценти од патот.

– Трасата е комплетно завршена и веќе може да се очекува да се градат завршните делови. Во меѓувреме заврши тендерот за рехабилитација на споредниот регионален пат и кога возилата ќе се движат по оваа траса, тој ќе биде асфалтиран за да не претрпи дополнителни оштетувања – изјави Китанов.

Експресниот пат Штип – Радовиш, што го гради „Штрабаг“ и чини 47 милиони евра, се очекува да биде готов за две години.


Автопатот Миладиновци – Штип ќе „изеде“ уште 20 милиони евра


Скопје, 27 јули, 2017 - 14:14 (META) 

Завршувањето на автопатот Миладиновци – Штип ќе значи трошок од уште 20 милиони евра, поради проблемите во изградбата. Претходниот министер за транспорт и врски, неколку дена пред заминувањето од власт на владата на ВМРО-ДПМНЕ, доставил информација до владата за тоа, но, како што рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, тоа досега се криело од јавноста.

Сугарески изјави дека тоа го утврдиле новите анализи на документацијата, кои покажале дека Владимир Мисајловски, во последните денови од мандатот, во април годинава, до владата доставил информација за склучување анекс на договорот за изградба на автопатот, со кој би продолжила изградбата.

Како што рече министерот за транспорт и врски, оваа влада ќе ги реши проблемите и автопатиштата што се почнати мора да бидат завршени.

– Покрај 206 милиони евра, колку што би требало да чини изградбата на овој автопат, проценките сега се дека ќе бидат потребни уште 20 милиони евра за негово завршување. Сепак, и овој и проблемите со автопатот Кичево – Охрид, каде 32 отсто од работите се незавршени, оваа Влада ќе ги реши – рече Сугарески.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид, за чие завршување ќе бидат потребни дополнителни 100 милиони евра, министерот за транспорт и врски посочи дека компанијата што ги гради, кинеската „Синохидро“, побарала продолжување на рокот за уште една година, односно наместо на 1 мај годинава, да го заврши на 1 мај следната година.

– Се сомневам и дека на 1 мај 2018 година овој автопат ќе биде готов. Сепак, ќе продолжиме со нивната изградба, иако за тоа, бидејќи се градат според посебни закони, ќе мора да се направат посебни анекси – рече Сугарески на прес-конференцијата во Владата.

Во однос на изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, Сугарески посочи дека може да се очекува тој да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.