„Србија данас“ ги помеша лончињата со платата на Груевски


Скопје, 1 февруари, 2019 - 14:48 (META) 

Српската информативна веб-страница „Србија данас“ завчера вечерта на веста за укинувањето на пратеничката плата и другите бенефиции како пратеник на поранешниот македонски премиер Никола Груевски стави наслов што е клеветнички и не ги претставува фактите.

Имено, пишувајќи „ ЗАЕВ НАСИЛНО ГРАБА ПАРИ: Со овој потег Македонија ја вовлече раката во џебот на поранешниот премиер Груевски“, информативната страница ги обвини и премиерот Зоран Заев и Македонија воопшто дека украле пари што му припаѓаат на Груевски.

Но подолу во текстот на „Србија данас“ нема ниту едно образложение за ваквите клеветнички тврдења, туку суво се пренесува веста од МИА дека македонското Собрание изгласа закон со кој се укинува платата и сите други повластици на пратеници што се осудени на затворска казна подолга од шест месеци. Информативниот сајт пренесува и на каква затворска казна е осуден Груевски  – и толку!

Фактите се јасни  – македонскиот премиер Зоран Заев во ситуацијата воопшто не е вмешан, туку Собранието изгласа закон со кој се заштедуваат пари на граѓаните, одземајќи ја платата на пратеници кои се осудени на затворска казна од најмалку шест месеци, која пак се досудува не за ситни прекршоци, туку за посериозни форми на криминал. Затоа и потегот на Собранието е оправдан  – ја одзема можноста тие што се огрешиле од законот и понатаму да се офајдуваат од парите што им припаѓаат на граѓаните.

Значи, единственото точно од насловот е тоа дека Македонија, преку народните претставници – пратениците, ја укина платата на осуденик што избега од земјава за да не оди в затвор.


Апелација ја потврди казната од 2 години затвор за Груевски за „мерцедесот“


Скопје, 5 октомври, 2018 - 12:01 (META) 

Скопскиот Апелациски суд на својот веб-сајт денеска ја објави одлуката со која се отфрлаат жалбите на Никола Груевски за неговата двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, за набавката на скапиот луксузен „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.

„Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост“, се вели во соопштението.

Апелација делумно ја уважи жалбата на првообвинетиот, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски и му ја намали затворската казна од шест и пол години на четири и пол години.

Пресудата беше изречена во Основен суд Скопје 1 на 23 мај годинава, а јавната седница на жалбите на двајцата осудени во Апелациски суд се одржа на 5 септември, и на судот му требаше еден месец да ја донесе одлуката.

Во случајот и се судеше и на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но поради нејзината бременост пролетва за неа почна издвоено судење. Завршните зборови на овој процес беа завчера.


Се одложи јавната расправа во Апелација за затворската казна за Груевски


Скопје, 30 август, 2018 - 11:55 (META) 

Во Апелацискиот суд во Скопје денеска на самиот почеток беше одложена јавната седница на која се разгледува жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра, со која тој доби двегодишна затворска казна.

Одложувањето беше поради отсуството на Груевски и неговите четворица адвокати, кои според претседателката на кривичниот совет Цветанка Перишиќ, уредно го известиле судот дека денеска ќе приствуваат на рочиштето во Кривичниот суд Скопје за предметот на СЈО „Насилство во Центар“, во кое Груевски, исто така, е обвинет.

Седницата е презакажана за утре.


Апелација ја потврди четиригодишната затворска казна за напаѓачот на Шекеринска


Скопје, 27 јануари, 2018 - 16:13 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја отфрли жалбата на Панче Ангелов за четиригодишната затворска казна што му ја одреди Кривичниот суд за нападот на Радмила Шекеринска, тогашна пратеничка, а сега актуелна министерка за одбрана, за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година, пренесува „Телма“.

Со одлуката Апелацискиот суд ја потврди пресудата и висината на казната што на Ангелов му ја одреди првостепениот суд на 12 октомри, минатата година.

Ангелов и неговата одбрана на јавна седница во Апелација на 16 јануари побараа судот да ја преиспита висината на казната и да определи поблага или условна казна.

Тој пред судот рече дека само ја потегнал Шекеринска за коса, но не ја повредил.


Александар Диневски вратен во „Идризово“


Скопје, 17 ноември, 2017 - 19:00 (META) 

Поранешниот разузнавач Александар Диневски е вратен во затворот „Идризово“ на издржување на затворската казна од четири и пол година за случајот „Шпион“.

На неговиот профил на „Фејсбук“ многумина му изразуваат поддршка и алармираат дека нарушеното здравје ќе му се влоши во затворската ќелија.

Диневски неколку месеци беше на слобода, додека се чекаше одлуката на скопскиот Апелациски суд за овој случај, кој му ја намали казната на три и пол години.  Во мај Основниот суд Скопје 1 распиша потерница по него, со која се бараше за да одлежи уште година и пол од казната.


Четворицата обвинети го признаа грабежот во НЛБ, но не открија каде се парите


Скопје, 19 октомври, 2017 - 16:08 (META) 

Четворицата обвинети за милионскиот грабеж во НЛБ, на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 го признале кривичното дело, но не откриле што сториле со украдените пари, соопшти Јавното обвинителство.

„Тие се изјаснија за виновни, односно дека со умисла и во повеќе временски поврзани дејства, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10 април 2017 извршиле кражба и на 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра. Иако ги признале во целост наводите од обвинителниот акт, обвинетите не откриле што сториле со украдените парични средства“, стои во соопштението.

По признавањето на вината, судијата закажал рочиште на 27 октомври, на кое ќе бидат изнесени завршните зборови.

За кривичните дела, тешка кражба и затајување, за кое се товарат обвинетите, предвидена е затворска казна од три до 10 години, односно од една до 10 години.

Надлежниот обвинител, кој го води предметот, до судот доставил и обвинителен предлог против други четири лица, кои како одговорни лица во банката „несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности“ и со тоа ја овозможиле кражбата на големата сума на пари. Тие се товарат за несовесно работење во службата.

Постапката против овие четири лица продолжува одвоено.


Црна традиција: И Урко на Груевски и Зекиров на Мијалков прегазија по еден човечки живот


Скопје, 4 август, 2016 - 16:38 (META) 

На Дејан Митровски – Урко и на Ален Зекиров, освен што им беа лични телохранители на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на неговиот братучед и поранешен шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, заедничко им е и тоа што двајцата се инволвирани во сообраќајни несреќи со смртни последици.

Денеска, МВР до скопското јавно обвинителство поднело кривична пријава против Митровски за сообраќајната несреќа што се случи на 27 јули, а во која тешко беше повреден 22-годишен мотициклист, кој по неколку дена почина.

Ален Зекиров, кој му беше телохранител на Мијалков, во 2009 година на булеварот Партизански одреди со мотор го прегази 73-годишниот скопјанец Симо Серафимовски, додека тој го туркал својот велосипед на пешачки премин.

Судскиот процес против Зекиров траеше речиси шест години, по голем број одложени рочишта поради неприсуство на обвинетиот, како и поради вештачењата околу сообраќајката.

Зекиров во 2014 година беше осуден на само шест месеци затворска казна.

По изрекувањето на пресудата, нема податок дали Зекиров ја одлежал казната, се водела или, пак, се води некаква постапка во повисок суд и кој е исходот од неа.

Дел од порталите неодамна објавија видеоснимка споделена на „Инстаграм“, на која, како што тврдеа, е Зекиров како со автомобил вози низ булеварот Илинден со брзина од 200 километри на час.


Турските војници што пребегаа во Грција осудени на условни казни


Атина, 21 јули, 2016 - 15:11 (META) 

Виновни за нелегално влегување во Грција и условна казна затвор од два месеци е конечната пресуда на грчкиот суд за осумте турски војници кои бараа азил во Грција, по обидот за државен удар во Турција.

Судот оцени дека војниците се виновни оти нелегално влегле во државата, меѓутоа казната им е олеснета бидејќи се смета дека животот им бил под закана кога го извршиле делото.

Условната казна е со времетраење од три години.

Со ова војниците се пуштени на слобода, но поради безбедносни причини на барање на полицијата ќе останат во притвор сè додека целосно не заврши нивната процедура за барање азил во Грција.


Шест и пол години затвор за возачот што ја усмрти студентката кај Универзална сала


Скопје, 15 јули, 2016 - 16:04 (META) 

Кривичниот суд денеска го прогласи за виновен и го осуди на казна затвор од шест години и шест месеци возачот кој во април минатата година ја прегази студентката Фросина Цековска на булеварот Партизански одреди во близина на Универзалната сала.

Во несреќата, од ударот, Цековска почина на самото место.

„Ценејќи ги сите материјални и вербални докази кои беа изведени во текот на постапката, вештиот наод и мислење, како и олеснителните и отежителните околности, обвинетиот Љ.В. го огласи за виновен за кривичните дека тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300, став 2, во врска со член 297, став 1 од Кривичниот законик и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301, став 1 од Кривичниот законик, и го осуди на единствена казна затвор во траење од шест години и шест месеци затвор“, стои во соопштението од судот.

Кривичниот суд, покрај затворската казна, на обвинетиот му изрекол и забрана за управување моторно возило во траење од една година по правосилноста на пресудата, без да биде сметано времето минато во издржување на затворската казна.


Лионел Меси осуден на 21 месец затвор поради даночна измама


Барселона, 6 јули, 2016 - 13:36 (META) 

Аргентинската фудбалска ѕвезда и член на Барселона, Лионел Меси, е осуден на затворска казна од 21 месец поради даночна измама, јавуваат шпанските медиуми.

На затворска казна, исто така, е осуден и неговиот татко, Хорхе Меси, поради затајување на 4,1 милиони евра во периодот од 2007 до 2009 година.

Тие, како што пренесува „Би-би-си“, се соочуваат и со парчини казни од неколку милиони евра бидејќи користеле услуги во Белизе и во Уругвај, кои важат за даночни раеви.

Сепак, Меси и неговиот татко, како што јавуваат медиумите, најверојатно нема да одат в затвор, бидејќи, според шпанските закони, затворските казни под две години можат да бидат заменти со условна казна.

Судот во Барселона денеска ги прогласил славниот фудбалер и неговиот татко за виновни по три точки од обвинението за даночна измама.

За време на судењето, Меси тврдел дека не знаел ништо за управувањето со неговите финансии, додавајќи дека тој само играл фудбал.