Во затворот во Штип отворено детско катче за посетите на децата на затворениците


Штип, 21 септември, 2018 - 13:40 (META) 

Кога осуденик кој е родител заминува во затвор, казната е изречена кон него, но неговите деца се колатерална штета на таа казна. Отсуствува родителската и материјалната грижа, создава трауми и страв, што дополнително го проблематизира детскиот живот. Ова е оценката на психологот Мавродиј Карпичаров, кој во затворот во Штип го раководи секторот за ресоцијализација.

Денеска во штипскиот затвор беше отворено детско катче, опремена детска соба, каде затворениците ќе можат да го поминат времето кога нивните деца ќе дојдат да ги посетат. Карпичаров проценува дека во прашање се меѓу 3.500 – 4.000 деца во Македонија, чии родители издржуваат казна затвор.

– Огромен е бројот на сведоштва на сега возрасни луѓе со трауматични сеќавања од посетата на самиот затвор, кои остануваат во текот на нивниот развој. Сето тоа влијае и врз емоционалниот и врз социјалниот развој на децата – оценува Карпичаров.

Поради тоа, штипскиот затвор изминатиот период работел на опремување на соба, која по ништо не се разликува од која било игротека. Директорот на Управата за санкции, Јовица Стојановиќ изјави дека постапиле по препораките на Советот на Европа, од април оваа година, за создавање на похумани услови во казнено – поправните установи.

– Со овој пример, кој ќе се следи и во другите установи, создаваме европски услови за лицата кои издржуваат казна затвор. До сега во овие 13 месеци како Управа имаме вложено околу 3,5 милиони евра во затворскиот систем, пари обезбедени од Европската Комисија и од други донатори – вели Стојановиќ.

Тој наведе дека со овие средства се работи на опремување на женскиот затвор со 27.000 евра, околу 100.000 евра се искористени за набавка на транспортни возила на притворениците и затворениците, се опремува судница во битолскиот затвор, каде се затвори притворскиот оддел поради лошите услови, а се работи и на втората фаза на реконструкција на затворот Идризово.

За опремувањето на детската соба во затворот Штип се потрошени 1.500 евра.


Дескоска ги претстави новите објекти во затворот „Идризово“


Скопје, 29 август, 2018 - 17:01 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска и директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ, денеска ги промовираа двата новоизградени објекти во затворот „Идризово“. Тоа се КПУ Идризово – отворено одделение за сместување на 294 осудени лица на површина од 3.800 м2, како и полуотворено одделение за сместување на 252 осудени лица на површина од 4.000 м2.

Новите одделенија се изградени по најсовремени европски стандарди и затворски правила. Ќелиите се за сместување на четири осудени лица, со бања, предвидени се заеднички простории за престој, работилници, фитнес сали, ќелии за лица со посебни потреби, шеталишта и игралишта, соопшти Министерство за правда.

Во отвореното одделение изградени се и гаражи и работилници во кои затворениците ќе работат. Добрите услови и работилниците помагаат за побрза и подобра ресоцијализација на осудените лица.

Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека еден од приоритетите на Владата на Република Македонија, претставува и искоренувањето на сите облици на кршење на човековите права, спречување на мачењето и понижувачко постапување и казнување на затворениците.

– Новата Влада на Република Македонија со посетата на премиерот Заев на овој затвор, ги отвори вратите на Идризово за јавноста, која преку новинарите можеа од блиску да ги видат условите во оваа институција. Денеска повторно ги отвараме вратите на новоизградениот дел на Казнено поправниот дом Идризово во кој можете да видите поинаква слика, слика која ветува значително подобрени услови за сместување на лицата кои издржуваат казна затвор овде – истакна министерката Дескоска.

Во Идризово се сместени повеќе од 3/5 од затворениците во целата земја.

Покрај изградбата на новите одделенија во КПУ Идризово, изградена е пречистителна станица за отпадни води, извршена е реконструкција на постоен објект кој се адаптираше во Тренинг центар за одржување на обуки и проверка на знаењата на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија, реконструирана е административната зграда, а набавена е и современа опрема за негово функционирање, односно набавена е информатичка опрема, опрема за симултан превод, кујна и мебел за сите простории во објектот.

Дескоска најави дека наскоро ќе биде пуштен во процедура и Законот за извршување на санкциите.

Проектот за изградба и реконструкција на казнено поправните и воспитно поправните установи во Република Македонија се реализира преку Министерство за правда – Управа за извршување на санкции со заем од Банката за развој на Совет на Европа (ЦЕБ), во износ од 46 милиони евра.

Директорот на управата за санкции Јовица Стојановиќ одговарајќи на новинарски прашања појасни дека со грант на Европската Комисија од затворот „Скопје“  во скопската населба Шуто Оризари во затворот Идризово ќе биде префрлена судницата. Причината е големиот број осудени лица кои се наоѓаат во најголемиот затвор во Македонија.

Со истиот грант, додаде тој, завршена е постапката за комплетна реконструкција во затворот во Битола, во кој  во мај-јуни беше затворен притворскиот дел што не ги исполнува условите.

Стојановиќ најави и воведување на пробацијата во сите затвори во Македонија,  проект што треба да почне од 3 септември.

 


Совети на Кривичен суд ќе утврдуваат кој исполнува услови за амнестија


Скопје, 26 јануари, 2018 - 13:19 (META) 

Основен суд Скопје 1 формирал совети кои треба да утврдат дали одредени осудени лица за кои е надлежен овој Суд ги исполнуваат условите од Законот за амнестија, потврди претседателот на Судот, Иван Џолев на брифинг со новинарите.

Тој рече дека бил информиран оти до Судот денеска од затворите стигнале помеѓу 50 и 100 вакви барања, а дека со актот за амнестија треба да бидат опфатени 1.500 осуденици за кои Кривичниот суд во Скопје треба да одговори. Од овие петстотини треба да добијат целосна, а останатите 1.000 делумна амнестија.

-Формиравме совети за да можеме да го запазиме рокот од пет дена во кој треба Судот да се произнесе за барањата од затворите. Со актот за амнестија, Кривичниот суд треба да утврди дека некое осудено лице ги исполнува условите за амнестија – рече Џолев додавајќи дека се надева дека Судот ќе одговори во предвидениот рок.

Инаку одлуките на Судот потоа треба да бидат доставени до Министерството за правда, а оттаму до Управата за извршување на санкции.


Омбудсман: Дел од затворениците не гласаа поради истекот на важноста на личните карти


Скопје, 28 октомври, 2017 - 18:18 (META) 

Од канцеларијата на народниот правобранител реагираат дека, како и за гласањето во првиот круг на локалните избори, така и денеска, дел од затворениците не гласале поради истекот на важноста на нивните лични карти.

Советникот на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, рече дека управата на затворот „Идризово“ не води сметка за тоа кога треба да им ги обнови личните карти.

„Кога ќе дојдат на издржување на затворските казни, осудените лица ѝ ги оставаат личните карти на управата. Управата не ги известува кога изминува рокот на личните документи и не им помага да си ги обноват“, вели Билбиловски.

За вториот круг на локалните избори, кој ќе се одржи утре, денеска, од 7 до 19 часот гласаат избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во 13 казнено-поправни установи, избирачко право имаат 939 гласачи.


Кампањата за локалните избори заврши, гласаат затворениците, болните и раселените


Скопје, 28 октомври, 2017 - 10:24 (META) 

За вториот круг на локалните избори, кој ќе се одржи утре, денеска, од 7 до 19 часот ќе гласаат избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во 13 казнено-поправни установи, своето избирачко право ќе можат да го остварат 939 гласачи.

Денеска, исто така, ќе гласаат и осум гласачи кои се водат како внатрешно раселени, како и 1.435 лица кои се болни или немоќни или во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација.

На полноќ заврши политичката кампања за локалните избори, а денеска е изборен молк. Вкупно 833.716 гласачи ќе имаат право на глас на 1.517 избирачки места во 35 општини.

Изборите ќе ги следат вкупно 5.101 домашни, 473 странски набљудувачи, 315 преведувачи и 20 странски новинари.


Гласале 70 отсто од затворениците, ДИК ќе утврдува дали некои биле спречени да гласаат


Скопје, 14 октомври, 2017 - 22:14 (META) 

Одѕивот на затворениците во казнено-поправните установи на гласањето за локалните избори што се одржа денеска, еден ден пред изборите, според првичните податоци на Државната изборна комисија е меѓу 68 и 70 проценти. До ДИК нема пријави за инциденти на избирачки места, изјави вечерва портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

За информациите дека дел од затворениците во затворот во Издризово не успеале да го остварат своето гласачко право, Гугучевска рече дека ДИК дополнително ќе работи на утврдување на бројот на затвореници кои не гласале, како и на причините поради кои тие не биле запишани во Избирачкиот список.

– Секој од нив може да поднесе приговор за заштита на избирачкото право, по што лично ќе му се одговори зошто тоа право му било нарушено. И на претходните избори имаше затвореници кои не гласаa, главно поради немање валидни лични документи – вели Гугучевска.

Локалните избори утре ќе се одржат во 80 општини и во Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за советници.

За набљудување на изборите ДИК има издадено акредитации на 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и на шест странски новинари.


ДИК: Гласањето на болните, затворениците и на раселените лица се одвива без проблем


Скопје, 14 октомври, 2017 - 13:04 (META) 

Гласањето на болните, изнемоштените и на раселените лица, како и на затворениците во казнено-поправните установи, што се одржува ден пред утрешните локални избори, засега се одвива добро и без проблеми, соопшти попладнево на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисја, Љупка Гугучевска.

– Гласачките места се отворени во 7 часот утрото и гласањето ќе трае до 19 часот. На ден пред изборите се гласа во 13 казнено-поравни установи, каде право на глас имаат 1.882 избирачи. Своето гласачко право денеска ќе го искористат 5.025 болни и изнемоштени лица, како и лица во куќен притвор. Денеска гласаат и девет внатрешно раселени лица – изјави Гугучевска.

Локалните избори утре ќе се одржат во 80 општини и во Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи, кои можат да се изјаснат за кандидатите за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.


Денеска гласаат затворениците, болните и раселените


Скопје, 14 октомври, 2017 - 10:43 (META) 

Денеска, еден ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат 1.882 лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, девет внатрешно раселени лица, како и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Внатрешно раселените лица гласаат во прифатилиштата каде што се сместени, болните и немоќните лица во своите домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката.

Гласањето и денеска и утре на денот на изборите почнува во седум и ќе трае до 19 часот.

Локалните избори ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас имаат 1.814.644 избирачи. Во изводите од избирачкиот список се запишани 1.735.682 гласачи, 77.071 избирачи се на привремена работа или престој во странство.

Ова се шести локални избори во Македонија. Првите локални избори се одржаа во 1990 година, следните во 1996, во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.


Владата подготви закон за амнестија


Скопје, 19 септември, 2017 - 20:45 (META) 

Владата на својата денешна, 28. седница, го разгледала и го усвои предлог-законот за амнестија и им препорача на Министерството за правда и на службите во Владата да ги обезбедат условите за увид во предлог-текстот на законот до засегнатите министерства, како и до пошироката јавност, соопшти владината служба за информирање.

Предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонијa (ЕНЕР).

Овој закон е привремен и ќе се однесува на точно определени временски одредници. Министерот за правда, Билен Саљији, објаснил дека со предложениот текст на законот не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, на сторители на кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и за кривични дела против државата (член 305-327), како и за злосторничко здружување и кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

На денешната седница е презентирана информација со предлози за справување со високото ниво на загадување на воздухот во текот на летниот период и во текот на целата година.

Донесена е и одлука за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во детските градинки, односно зголемување за 2 отсто на платата на вработените во нив, почнувајќи од октомври. Истовремено биле усвоени и предлог-уредбите за критериумите за распределба на блок-дотации за детски градинки по општини за 2018 година и за распределба на блок-дотации за јавните установи за домови за стари лица за 2018 година.

Донесена е и одлука со која се укинува надоместокот за испорака на информации од јавен интерес, во вид на електронски запис на информацијата на УСБ, или на е-маил адреса на барателите.


Убиени 37 затвореници во затвор во Венецуела


Каракас, 17 август, 2017 - 10:50 (META) 

За време на упадот на владините безбедносни сили во затворот во венецуелскиот град Пуерто Ордас се убиени 37 затвореници.

Активистите за човекови права веќе подолго време предупредуваат дека насилните банди вежбаат „одржување контрола“ на повеќето хаотични затвори во оваа земја, како и дека имаат пристап до автоматско оружје и рачни гранати.

Владата се обидува повторно да воспостави контрола над затворите со мал број на вработени, испраќајќи специјални единици од време на време, но конфронтациите со смртоносен исход се чести.