САД: Груевски да ја отслужи затворската казна во Македонија


Вашингтон, 15 ноември, 2018 - 16:55 (META) 

САД сметаат дека осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во својата земја, изјавил портпаролот на Стејт департментот за „Политико.еу“.

„По темелен и транспарентен правен процес, Никола Груевски беше обвинет од македонскиот суд за злоупотреба на службената должност и осуден на две години затвор. Пресудата беше потврдена и од повисоките судови. Дополнително, Груевски е обвинет во уште четири кривични случаи. Сметаме дека е соодветно судските постапки во Македонија да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем“, вели портпаролот на Стејт департментот.

Груевски е правосилно осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, а во затворот Шутка требаше да се јави на 9 ноември откако му беше одбиена жалбата.

Тој преку „Фејсбук“ статус завчера напиша дека се наоѓа во Будимпешта каде што ќе бара политички азил.  Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека го истражува бегството и сомнева дека службени лица му помогнале на Груевски да избега од Македонија.


Заев: Нема политички договор со Груевски, тој ќе се врати и ќе ја служи казната


Скопје, 14 ноември, 2018 - 16:47 (META) 

Остро и категорично ги отфрлам сите шпекулации за каков било политички договор со Никола Груевски, порача премиерот Зоран Заев денеска, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со премиерот на Малта, Џозеф Мускат.

Тој порача оти е убеден дека Груевски ќе се врати и ќе ја отслужи затворската казна.

– Имаше многу скептици што велеа дека нема да видат политичари исправени пред суд, но тоа се случи. Имаше многу скептици дека нема да има судски пресуди – тоа се случи. Досега се потврди владеење на правото до максимум и независност на правосудните институции до максимум, низ еден комплетно транспарентен процес. И јас сум убеден, дека времето ќе покаже, Груевски ќе се врати назад и ќе ја служи својата казна, и секако ќе биде исправен пред суд, да се брани, а системот да докаже дека е виновен и за други дела – рече премиерот.

Прашан дали полицијата постапувала неправилно, Заев рече дека се постапувало строго по законите.

– Министерството за внатрешни работи постапи исклучиво согласно законот. Како и за секој човек, без наредба на судот, министерството не може да пристапи во делот на следење, негово набљудување или слично. Без наредба, Министерството за внатрешни работи не може ни вас, ниту на мене, ниту на било кој граѓанин да му пристапи. И од таков аспект, морам да кажам дека строго е постапено по закон, на еден внимателен и демократски начин. Секако, проверката на возилата кои што излегуваат од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на полицијата, е согласно наредбата која што е добиена од полицијата, за  внатрешна потерница, да се бара лице, во конкретниот случај, Никола Груевски, за да биде испорачан на отслужување на казната затвор. Немаше налог за влез во политичка партија,  ниту пак некој имаше намера, да направи таков влез во политичка партија, исклучително се постапувало согласно наредбите – рече Заев.


Груевски: Во Будимпешта сум, побарав политички азил


Будимпешта, 13 ноември, 2018 - 13:36 (META) 

Поранешниот премиер и екс лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по кого е распишана потерница, се наоѓа во Будимпешта и таму ќе бара политички азил.

Ова самиот го соопшти на социјалната мрежа „Фејсбук“.

„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, вели Груевски на статус на „Фејсбук“.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за незаконска набавка на луксузен „мерцедес“ кој против него го водеше Специјалното јавно обвинителство.

Откако неколку дена не можеше да го најде и да му врачи решение сам да се упати во затвор, Основниот суд вчера побара од МВР да издаде потерница по Груевски.


Кривичниот совет му ја одби жалбата, Груевски мора да се пријави во Шутка


Скопје, 9 ноември, 2018 - 17:24 (META) 

Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 му ја одби жалбата на осудениот поранешен премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на решението за издржување на затворската казна од две години, во случајот „Тенк“ на СЈО, што треба да ја одлежи во затворот во Шуто Оризари.

„По добиени повеќе прашања од медиумите, ја информираме јавноста, дека Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалби истакнати од одбраната и обвинетиот во предметот со КОК бр. 59/17, од обвинителството означен како „Тенк“, изјавени против решението на судија за извршување санкции, денеска одржа седница на која по ценење на фактите и доказите во жалбите донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции. Решението е испратено до странките во постапката и истото е извршно веднаш по приемот од странките”, соопшти Основниот суд Скопје 1.

Ова решение ќе му биде испратено на Груевски, по што тој веднаш ќе мора да се пријави на издржување на затворската казна од две години затвор.

Ако пак доставувачот не го најде, полицијата ќе го уапси и присилно ќе го спроведе во затвор.


Собранието одлучи да не му го одземе пратеничкиот мандат на Груевски


Скопје, 9 ноември, 2018 - 13:06 (META) 

Собранието денеска одлучи да не му го одземе пратеничкиот мандат на поранешниот премиер и екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од вкупно 87 присутни пратеници, 58 гласаа „за“ одземање на мандатот, а 28 против. За одземање на мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници односно минимум 80 пратеници.

Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Груевски беше доставен до пратениците од Kомисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања врз основа на добиеното известување од Основен Суд Скопје 1 Скопје, за пресудата со која Груевски е осуден на казна затвор во траење од две години во случајот „Тенк“.

Комисијата во средата со мнозинство гласови препорача одземање на мандатот, но денеска не беше постигнато двотретинско мнозинство.

Одлуката на пратениците да не го му го одземат мандатот на Груевски, нема да го одложи издржувањето на затворската казна.


Груевски денеска треба да се јави во затворот Шутка, но може да добие одложување


Скопје, 8 ноември, 2018 - 9:30 (META) 

Според упатниот акт од кривичниот суд, Никола Груевски денеска треба да се јави во затворот во Шуто Оризари, поради одржување на казната од две години затвор изречена во случајот „Тенк“.

Во Кривичниот суд од вчера почнале да пристигаат поединечните жалби на сите адвокати од тимот на Груевски на одлуката на судијата за извршување санкции, кој одби да му го одложи издржувањето на казната. Денеска на адреса на судот треба да пристигне и личната жалба од Груевски, по што ќе почне да тече рокот од три дена во кој Кривичниот совет ќе треба да одлучи дали да му го одложи издржувањето на казната или да го упати кон Шутка.

Со поднесувањето на жалбата автоматски му се одложува извршувањето на казната и тоа во зависност од времето потребно Кривичниот совет да ја донесе одлуката, но кое е ограничено на три дена.

Вчера Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со мнозинство гласови „за“, испрати препорака до Собранието за одземање на мандатот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега на ред е пленарна седница за која е потребно двотретинско мнозинство гласови за одземање на мандатот, а доколку тоа се случи, тогаш поранешниот премиер ќе мора да ја одлежи казната затвор.
Груевски минатата недела бараше одложување на казната, но неговото барање беше одбиено.

Екс премиерот на двегодишна затворска казна беше осуден за предметот „Тенк” на СЈО за набавката на мерцедесот од 580.000 евра.

Синоќа пред Основниот суд 1 Скопје, симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ побараа правда за поранешниот лидер на партијата и протестираа против судската пресуда со која Груевски е осуден на двегодишна казна затвор.

На протестот беше упатен и повик до претседателот на државата, Ѓорге Иванов да донесе одлука со која ќе го прекине овој, како што го нарекоа, политички прогон што се спроведува во Македонија.


„Протест за правда за Никола Груевски“ утре пред Кривичниот суд


Скопје, 6 ноември, 2018 - 12:27 (META) 

Група граѓани и симпатизери на поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски преку социјалните мрежи организираат мирен „протест за правда“.

Протестот на „Фејсбук“ е најавен за утре, среда, во 19 часот пред основниот суд Скопје 1 Скопје.

На нивната „Фејсбук“ страна пишува дека „цела Македонија е сведок на неправдата која се врши врз Никола Груевски“.

„Кога неправдата е на сила, непокорот е единствениот пат до правдата“, се вели во најавата за протестот.

Груевски е осуден на две години затвор во случајот на СЈО „Тенк” и задутре треба да се јави на издржување на затворската казна.


Судот ја одби молбата на Груевски за одложување на затворската казна


Скопје, 2 ноември, 2018 - 14:25 (META) 

Кривичниот суд ја одби молбата на поранешниот премиер Никола Груевски за одложување на затворската казна од две години за предметот на СЈО „Тенк“. Адвокатите на Груевски бараа тој да не замине на издржување на затворската казна на 8 ноември, поради пратенички обврски и обврските околу пишувањето на книга поврзана со неговиот докторат.

„Судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата. Решението на судија за извршување санкции е испратено на странките во постапката“, велат од Судот.

По ова, Груевски има рок во наредните три дена да поднесе повторно жалба до Кривичниот совет, кој исто така има рок од три дена да одговори на жалбата.

Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ и според упатниот акт треба најдоцна до наредниот четврток на 8 ноември да се пријави во затворот Шутка.


Груевски до 8 ноември треба да се јави во Шутка за отслужување затворска казна


Скопје, 26 октомври, 2018 - 12:22 (META) 

Поранешниот премиер Никола Груевски доби упатен акт да се пријави во затворот во Шуто Оризари, каде треба да ја отслужи 2 годишната казна за набавката на луксузниот „мерцедес“.

Според актот, Груевски треба најдоцна до 8 ноември да се јави во затворот. Упатниот акт му беше доставен утринава во Кривичниот суд, каде што тој го чекаше продолжението на судскиот процес за „Траекторија“.

Првостепената пресуда за предметот „Тенк“ на СЈО скопскиот кривичен суд, односно Судечкиот совет со кој раководеше судијката Добрила Кацарска, ја изрече на 23 мај оваа година и со неа помошникот министер во Министерството за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, беше осуден на 6 и пол, а Никола Груевски на две години затвор. На петти овој месец, Апелециониот суд во Скопје, донесе решение со кое на Поповски му беа намалени две години од првобитната казна, а пресудата за Груевски беше потврдена во целост.

Адвокатите на Груевски најавија дека ќе бараат одложување на извршувањето на правосилната пресуда. Одбраната може да бара вонредно преиспитување на пресудата кое треба да се поднесе во рок од 30 дена од приемот.


Груевски ја добил пресудата, го чека упатниот акт


Скопје, 24 октомври, 2018 - 9:57 (META) 

Експремиерот Никола Груевски и неговите адвокати ја примиле пресудата од Апелацискиот суд со која тој е осуден на две години затвор поради набавка на луксузниот „мерцедес“, за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Пресудата сега автоматски преку АКМИС системот треба да биде доделена и до судија за извршување на санкции кој во рок од осум дена треба да му достави на Груевски покана за отслужување на затворската казна.

Од скопска единица, за дел од медиумите, велат дека Груевски добил само пресуда, но не е изготвен упатен акт.

Првостепената пресуда за предметот наречен „Тенк“ скопскиот кривичен суд, односно Судечкиот совет со кој раководеше судијката Добрила Кацарска, ја изрече на 23 мај оваа година и со неа помошникот министер во Министерството за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, беше осуден на 6 и пол, а Никола Груевски на две години затвор. На петти овој месец, Апелециониот суд во Скопје, донесе решение со кое на Поповски му беа намалени две години од првобитната казна, а пресудата за Груевски беше потврдена во целост.