Хуманитарна катастрофа во Доума, поради голем број на бегалци и недостаток на храна


Доума, 12 март, 2018 - 11:28 (META) 

Сирискиот град Доума се соочува со хуманитарна катастрофа, откако стана единствено прибежиште за илјадници луѓе кои бегаат од владините сили кои се во офанзива на Источна Гута, регион кој го контролира опозицијата.

Илјадници семејства бараат засолништа по улиците и парковите, имајќи предвид дека засолништата се преполни, а има и недостаток на храна.

Силите на сирискиот претседател Башар ал Асад напредуваат во офанзивата против енклавата недалеку од Дамаск, која ја држат опозициските сили.

Поради честите бомбардирања, стотиците загинати не можат достојно да бидат погребани.


Петмина загинати во налетот на ураганот Винстон на Фиџи


Сува, 21 февруари, 2016 - 14:31 (META) 

Пет лица ги загубиле животите на Фиџи во најсилниот ураган што некогаш поминал низ овој архипелаг во Тихиот Океан, на кој живеат околу 900.000 жители, јавуваат светските медиуми.

Ураганот Винстон бил проследен од ветер кој дувал со брзина од 320 километри на час и од бранови со висина до 12 метри.

Во налетот на ураганот неколку села на Фиџи биле целосно уништени, а поради обилните врнежи сега се заканува опасност од поплави.

Премиерот на Фиџи, Френк Баинимарама, прогласил 30-дневна вонредна состојба, а воведен е и полициски час.

Сите училишта, од кои дел се користат како привремени засолништа, ќе бидат затворени една недела, а откажани се и сите авионски линии. Голем дел од жителите ноќта ја поминале во центрите за евакуација, каде добиле храна и вода.


Ураганот Винстон се заканува да ги погоди Фиџи


Сува, 20 февруари, 2016 - 18:10 (META) 

Островската држава во Тихиот Океан, Фиџи, воведе полициски час поради силниот ураган кој се заканува да ја погоди земјата. Како што јавуваат агенциите, откажани се сите летови, а премиерот на земјата ги предупредил граѓаните да се засолнат.

Според „Би-Би-Си“, ураганот Винстон веќе го погодил главниот остров на Фиџи, Вити Леву, и се движи кон главниот град на земјата Сувa, со ветрови кои дуваат со брзина од 230 километри на час.

Премиерот на Фиџи, Франк Баинимарама, ги повикал граѓаните да се подготват, предупредувајќи дека се соочуваат со „искушение од најтежок вид“.

„Како луѓе мораме да се држиме заедно и да внимаваме едни на други. Мораме да бидеме подготвени“, рекол Баинимарама, пренесува „Би-Би-Си“.

Ураганот Винстон веќе погоди неколку од помалите острови на Фиџи, но засега нема информации за предизвиканите штети.


Мјанмар прогласи вонредна состојба поради големите поплави


Непјида, 1 август, 2015 - 14:05 (META) 

Претседателот на Мјанмар прогласи вонредна состојба во четири региони во државата поради поплавите во кои животите ги загубија 27 луѓе, јавуваат светските медиуми.

Монсунските дождови кои врнат веќе неколку недели го поплавија поголемиот дел од Мјанмар, земја која, исто така, е позната под името Бурма.

Според медиумските извештаи, илјадници луѓе побарале засолниште во будистичките манастири во земјата. Според некои информации, припадници на муслиманското малцинство во земјата биле насила избркани од напуштените училишта и јавни центри, во западниот дел на Мјанмар, каде претходно се засолниле од поплавите.