РЕК Битола се обврза помалку да ја загадува животната средина


Битола, 29 мај, 2018 - 16:23 (META) 

Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа и РЕК Битола потпишаа меморандум за соработка, со кој ќе ја промовираат одржливата употреба на природните ресурси и заштитата на животната средина.

„РЕЦ и РЕК Битола со овој Меморандум за соработка се обврзуваат на заедничка посветеност, да ги намалат влијанијата од производствените капацитети врз животната средина и нејзина заштита, и унапредување преку стимулирање на одржлив развој. Овие заложби се и во насока на исполнување на инвестициската програма на АД ЕЛЕМ и на РЕК Битола, меѓу кои се и зголемено производство од обновливи извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност, модернизација на постојните објекти, воведување на еколошки технологии и усогласување со националните и ЕУ стандардите“, соопштуваат од компанијата.


ЕЛЕМ ќе ги реконструира филтрите на РЕК Битола за да се намали загадувањето


Скопје, 24 јануари, 2018 - 14:20 (META) 

ЕЛЕМ годинава ќе изврши реконструкција на електростатските филтри на РЕК Битола, за да се намали емисијата на парашина, а со тоа и загадувањето на околината, информираа од Владата.

– Сметаме дека сумата која е издвоена е крајно сериозна и ќе придонесе кон подобрување на состојбите со аерозагадувањето во Битола и околината –  изјави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

ЕЛЕМ во својата годишна инвестициска програма предвидува 20 милиони евра за еколошки проекти со кои ќе придонесе во заштитата на животната средина.


Град Скопје изработи анализа за можностите за намалување на ризикот од поплави


Скопје, 30 ноември, 2017 - 15:01 (META) 

„Анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот Регион“ е името на студијата што Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП, а денеска беше презентирана пред јавноста.

– Градот Скопје почнува нова практика во начинот на работењето, во смисла на споделување на резултатите од научните студии со јавноста. Сакам да нагласам дека Градот Скопје и УНДП во декември 2014 година почнаа заедничка реализација на проектот за зголемување на урбаната отпорност на природни катастрофи и на климатски промени, со примена на информатичка технологија, кој сè уште е активен – рече Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје.

На презентацијата на овој значаен документ присуствуваа и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, како и претставнци од скопските општини, јавните градски претпријатија, министерствата и од научните институции, невладини организации и граѓани.

Во анализата се содржани сите активности, анализи и моделирања во стратегијата за климатски промени, како и сознанијата од поплавите во септември 2016 година во Стајковци и во населените места во близина.

Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, порача дека треба да се работи на намалување на ризиците од поплавите, имајќи го предвид, пред сè, доброто и безбедноста на луѓето, зашто алармот од климатските промени е веќе вклучен.


Заев до ЛГБТИ-заедницата: Ве охрабрувам да бидете гласни и слободно да се изразувате


Скопје, 1 ноември, 2017 - 12:22 (META) 

Ве охрабрувам да бидете гласни, слободно да се изразувате и да дејствувате во насока на заштитата на правата на граѓаните, истакна премиерот Зоран Заев, во своето обраќање по повод одбележувањето на петгодишнината од формирањето на ЛГБТИ-Центарот во Скопје.

Осврнувајќи се на инцидентите и на нападите, кои сè уште не се расчистени и поради кои центарот ја смени својата локација и се иссели од просториите во Скопската чаршија, Заев рече дека тие времиња на беззаконие, на кршење на човековите права по која било основа се минато, затоа што „Владата поставува темели на држава која е заедничка за сите и која ќе се стреми да ги штити правата на секој, без разлика на какви било различности, припадност, уверувања и слично“.

Еден од чекорите што се преземаат во таа насока, рече Заев, е подготовката на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација, за кој во тек е јавната расправа.

– Целта е, со овој закон да постигнеме законска усогласеност со меѓународните стандарди за човекови права. Дефинирањето поими, што се подразбира под дискриминација, ќе биде во согласност со меѓународните стандарди. Значајни промени се предвидени и во самата Комисија за заштита од дискриминација, која ќе биде професионализирана, преку транспарентен избор на членови, докажани во областа на човековите права. Знаеме дека законите не се доволни и дека тоа што е потребно е да се погрижиме сите ние, како заедница, да покажеме почитување и недискриминација по која било основа, низ давањето личен пример, во семејството, во нашето непосредно опкружување, во општеството – истакна Заев.


Вакцинацијата против грип ќе почне в среда


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:06 (META) 

Вакцинацијата против грип ќе почне в среда (18 октомври) и ќе се врши во центрите за јавно здравје и во нивните подрачни единици на територијата на целата држава, информираат од Министерство за здравство.

„Вакцината е подготвена во согласност со препораките на СЗО и штити од два типа вируси од групата A и од еден тип вирус од групата Б, а производител е „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата над 65 години, особено хронично болните лица, мали деца под три години со намален имунитет, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и со респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет“, се вели во сооопштението на Министерство за здравство.

Оттаму велат дека вакцината против грип е незадолжителна и се дава на доброволна база. Цената на вакцинацијата е 400 денари, исто како и минатите години.


„Фејсбук“ работи на заштита на изборите во Германија од руско влијание, вели Зукерберг


Менло Парк, 22 септември, 2017 - 15:05 (META) 

Основачот и директор на „Фејсбук“,Марк Зукерберг во видео-обраќање изјави дека социјалната мрежа ќе и помогне на Германија во спречувањето на евентуално мешање на Русија во парламентарните избори во земјата, закажани за в недела.

„Работиме на тоа да обезбедиме интегритет на германските избори за време на викендот, од преземање на мерки против неколку илјади лажни профили, до соработка со властите…како и размена на информации за безбедносните постапки со кандидатите и партиите“, вели Зукерберг во обраќањето, објавено синоќа, во кое ги наведе мерките што „Фејсбук“ ги спроведува и планира да ги спроведе за заштита на интегритетот на демократските изборни процеси во светот од руско влијание.

Тој наведе дека „Фејсбук“ отстранил илјадници лажни профили поврзани со Русија, а преку кои имало обид да се влијае на гласањето во неколку земји, меѓу кои неодамна била и Франција. Зукерберг додава дека засега не е забележан сличен обид и во Германија, но, во тек е анализата на активностите на отстранети профили во оваа земја.

Основачот на „Фејсбук“ соопшти дека компанијата ќе сподели 3.000 политички реклами поврзани со Русија, со истражителите во САД, во врска со претседателските избори што се одржаа минатата година, на кои победи Доналд Трамп.

На ваквите наводи веднаш реагираше Кремљ, нагласувајќи дека Русија никогаш не огласувала на „Фејсбук“ во обид да влијае на американските претседателски избори.

„Ние не знаеме како да поставиме оглас на ‘Фејсбук“. Ние тоа никогаш не сме го правеле, и Русија никогаш не била вмешана“, изјавил синоќа, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Инаку, Зукерберг во обраќањето ветува дека политичкото рекламирање на неговата мрежа во иднина ќе биде потранспарентно.

„Ние ќе работиме со другите за да создадеме нов стандард за транспаретност за политичкото рекламирање он-лајн“, вели Зукерберг.


Стаклен ѕид отпорен на куршуми ќе се гради околу Ајфелова кула


Париз, 18 септември, 2017 - 10:25 (META) 

Ајфелова кула во Париз ќе биде обезбедена со стаклен заштитен ѕид, а ќе се гради според проект на австрискиот архитект Дитмар Фајхтингер.

Изградбата, според пишувањата на австрискиот весник „Стандард“, треба да почне денеска, а ќе треа половина година и ќе чини 20 милиони евра. Зад ѕидот планирана е изградба на бетонски столбови кои треба да спречат напади со камиони.

Фајхтингер изјави дека ќе се обиде обезбедувањето на Ајфелова кула да го направи што е можно подискретно.

„Избравме непробојно стакло со дебелина од 70 сантиметри, за да се овозможи отворен поглед“, изјави тој.


Топлотен бран за викендот, Македонија ќе биде во жолта фаза


Скопје, 15 септември, 2017 - 15:05 (META) 

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на викендот што следува, територијата на целата држава ќе биде зафатена со температура од жолта (алертна) фаза, информираат од Министерство за здравство.

Од таму апелираат граѓаните особено да внимаваат на своето здравје, поради температурните осцилации во изминатиот период.

Исто така, потребно е да се избегнува директна сончева изложеност, како и да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето.


Спасов: Македонскиот јазик не е загрозен од Законот за употреба на јазиците


Скопје, 6 септември, 2017 - 15:29 (META) 

Македонскиот јазик не е загрозен од Законот за употреба на јазиците што е во собраниска процедура, рече проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата, на која тој презентираше пет од 25-те мерки за подобрување на состојбата на македонскиот јазик.

Новиот состав на Советот за македонски јазик ѝ ги предложил 25-те мерки на Владата, која на вчерашната седница дала позитивен сигнал и ќе одвои пари за нивната примена, што, според Спасов, е првпат една влада да одвои фондови за афирмација на македонскиот јазик.

Претседателот на Советот за македонски јазик како особено важни ги нагласи основањето фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странски универзитети и за поддршка на постоечките и отворање нови лекторати, како и преобразбата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Македонистички центар „Македоникум“ и почнување на повеќе различни школи за македонски јазик за странци и за децата кои живеат надвор од државата.

Спасов најави дека кон крајот на годината ќе почне јавна расправа и за Законот за македонски јазик, а и ќе се формира и одбор за стандардизација и за грижа за македонскиот јазик и ќе се обезбедат повеќе пари за научните работници.


Д-р Људмил Спасов ќе ги презентира владините мерки за македонскиот јазик


Скопје, 6 септември, 2017 - 10:28 (META) 

Откако вчера Владата усвои повеќе предлог-мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик, денеска мерките ќе ги образложи проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик. За мерките ќе зборува и владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Според тоа што вчера го соопшти Министерството за култура, со мерките се предвидува и формирање фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, како и формирање фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области.

Пакетот мерки предвидува и дополнување, преработка и доработување на електронските бази, документи, книги, списи од развојот на македонскиот јазик од страна на стручни лица, како и обновување на родните куќи и создавање музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура, како и понатамошна поддршка на постојните по принципот на Куќата на Конески во Небрегово.

Исто така, со мерките се предлага формирање на постојан одбор за стандардизација на македонскиот јазик, кој би бил составен од експерти и би ги решавал ад хок проблемите што се појавуваат во практиката, а за кои нормата не пропишала решенија.