!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Запленети 5,8 тони кокаин во Шпанија


Мадрид, 5 декември, 2017 - 15:16 (META) 

Шпанската полиција одзела 5,8 тони кокаин, што е најголема заплена во последните 18 години, соопшти денеска шпанското министерство за внатрешни работи.

Дрогата е откриена во контејнер на брод, кој впловил во шпанско пристаниште од Меделина во Колумбија, а притоа се уапсени три лица, меѓу кои и директорот на увозната компанија.

Полицијата соопшти дека уште најмалку две лица се под истрага, а планирани се уште апсења.

Бродот, кој превезувал банани, бил запрен кај Алхесирас на 28 ноември, а вредноста на дрогата на црниот пазар се проценува на 210 милиони евра.

Догата била спакувана во пакети од еден килограм и била означена за евентуална дистрибуција кон бројни дестинации и организации, соопшти шпанското МВР.


Шестмина уапсени и запленети 500.000 таблети дрога во лабораторијата во Тетово


Скопје, 1 декември, 2017 - 13:51 (META) 

Шест лица досега се уапсени во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на Министерството за внатрешни работи, во која е откриена најголемата лабораторија за нелегално производство на синтетички дроги на Балканот, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Уапсените се државјани на Македонија и на Србија, а крајната дестинација каде одела дрогата била Турција.

Полициски екипи по наредба на Обвинителството вчера извршиле претреси на две локации во Тетово и на пет во Скопје и било запленето големо количество синтетичка дрога, чија вредност, како што рече Спасовски, надминува 2,5 милиони евра.

– Откриени се досега најголеми количества синтетичка дрога на Балканот. Доколку првичните проценки излезат точни, веројатно ќе биде една од поголемите заплени на синтетички дроги во меѓународни рамки. Во лабораторијата откриена во куќа во Тетово, според привичните сознанија, откриени се повеќе од 125 килограми синтетичка дрога или според некои првични процени, станува збор за минимум 500.000 таблети синтетичка дрога, чијашто вредност надминува 2,5 милиони евра – рече Спасовски, кој додаде дека се очекува бројките да бидат поголеми бидејќи активностите од акцијата се сè уште во тек.

Како што нагласи Спасовски, станува збор за меѓуародна истрага во која покрај македонското МВР и Обвинителството, вклучени биле и Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Србија, како и американската Агенција за борба против наркотици – ДЕА.

– Со оваа акција испраќаме порака дека сме подготвени да се справиме со секаков вид криминал – рече Спасовски.


МВР и Царина запленија стотици килограми марихуана на Блаце


Скопје, 31 октомври, 2017 - 20:35 (META) 

Царинската управа и Министерството за внатрешни работи денеска попладне заплениле поголемо количество дрога на еден од граничните премини, дознава „Мета“ од извори во истрагата.

Според нашите информации, запленети се неколку стотици килограми марихуана на граничниот премин Блаце, кои биле откриени во камион.

Од МВР и од Царинската управа засега нема официјална потврда за заплената, но според нашите извори, сè уште трае увидот на нивните екипи и утврдувањето на точното количество дрога, кое е големо.

Вчера на истиот граничен премин беа запленети 16 килограми марихуана.


Запленет тутун „вирџинија“ забранет за производство


Битола, 3 септември, 2017 - 11:55 (META) 

СВР Битола и Државниот инспекторат за земјоделство во координација со Министерството за земјоделство пронашле насади и обработка на тутун од типот „вирџинија“, кои не се пријавени и немаат договор со регистрираните откупувачи, а согласно Законот за тутун не смеат да се произведуваат.

Биле извршени претреси кај пет физички лица и едно правно лице од село Могила и биле одземени 24.826 килограми тутун „вирџинија“, а биле пронајдени шест ниви со насади од тутунот.

Државниот инспекторат за земјоделство петте физички лица ги казнил по 1.000 евра, а со 20.000 евра го казнил правното лице. Државниот инспекторат за земјоделство издал и три решенија за разорување ниви, а во постапка се издавање на уште три решенија за разорување ниви насадени со тутун од типот „вирџинија“.


Бразилската полиција пронашла пет тони марихуана во камион


Бразилија, 9 јули, 2017 - 11:49 (META) 

Бразилската полиција запленила 5,1 тон марихуана во еден камион во државата Санта Катарина, информираат локалните власти.

Три лица се уапсени за време на операцијата која се случила во четвртокот и која овозможила најголема заплена на дрога во таа држава, информираше локалната полиција.

Приведен е возачот на камионот, како и неговите двајца браќа за кои постојат сомневања дека се сопственици на дрогата.

Според првичните истраги, браќата се поврзани и со други две афери на запленет канабис, од пет тона во мај и 4,7 тони во јуни.


АХВ на Ќафасан запленила 1.300 килограми небезбедно месо од Бразил


Охрид, 19 април, 2017 - 20:47 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) запленила 1.300 килограми небезбедно пилешко месо со потекло од Бразил на граничниот премин Ќафасан.

Запленетото месо, како што се наведува во соопштението, било уништено на депонијата во Струга.

– Станува збор за легален увоз на замрзнато пилешко месо, за кое, врз основа на извршениот преглед од страна на официјален ветеринар, било констатирано дека потекнува од објект – кланица, кој во моментот на прегледот не се наоѓал на листата објекти што се одобрени за извоз од страна на Европската Унија, односно кој дозволата за извоз ја изгубил на 23 март годинава – се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.


Запленети 7 килограми хероин на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 18 април, 2017 - 11:44 (META) 

Царинските инспектори од одделението за оперативни работи за време на велигденските празници на граничниот премин Богородица заплениле 7 килограми хероин, соопштија денеска од Царинската управа.

Како што информираат оттаму, дрогата е запленета во саботата, а била сокриена во возило што го управувал државјанин на Србија, кој бил пријавен за влез во земјава.

„При контрола на возилото во два акумулатори, од кои едниот бил сместен под хаубата, а другиот во багажниот простор, царинските службеници пронајдоа вкупно 14 пакувања облепени со леплива лента, наполнети со кафеава прашкаста материја, за која по извршеното тестирање на тестер за дрога е утврдено дека се работи за хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму информираат дека осомничениот го набавил хероинот во Истанбул и требало да го пренесе до Нови Пазар во Србија.

Против него Царинската управа до надлежното јавно обвинителство во Велес поднело кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.


Запленети 12 тони марихуана во Албанија


Корча, 9 април, 2017 - 11:15 (META) 

Магацин со 12 тони марихуана открила албанската полиција во селото Пагри, кај Пермет, во рамки на голема акција за сузбивање на производството и трговијата со дрога.
Магацинот бил контролиран и пред два месеца, но тогаш бил празен, а овој пат е најдена дрогата, која била делумно подготвена за продажба, а делумно се сушела.

Уапсени се три лица, по сопственикот на магацинот се трага, а сегашните претпоставки се дека дрогата била донесена од Скрапар и Корча.

Албанската полиција само во изминатите осум дена од април на разни локации во земјата запленила околу 20 тони марихуана.


Запленети повеќе од шест тони кокаин во Колумбија


Богота, 3 април, 2017 - 9:59 (META) 

Во Колумбија се запленети повеќе од шест тони кокаин наменет за црниот пазар во Шпанија, што претставува најголема заплена на дрога во земјата, соопшти денеска полицијата.

„Полицијата го зададе засега најголемиот удар на организираниот криминал, запленувајќи 6.134 килограми кокаин во местото Баранкиља. Кокаинот бил наменет за Шпанија“, наведе полицијата.

Министерот за одбрана, Луис Карлос Виљегас, го посети пристаништето Баранкиља, на северот на земјата, од каде кокаинот требало да биде префрлен во Европа.

Дрогата ѝ припаѓала на криминалната група Заливски клан, со која раководи Даиро Антонио Узуга, во моментов најбараниот криминалец во Колумбија, а неговиот клан го сочинуваат припадници на десничарската паравоена единица.
Колумбија е најголем светски произведувач на растението кока, кое се одгледува на површина од 96.000 хектари.


Полицијата пронајде 42 килограми марихуана во Струга


Охрид, 25 февруари, 2017 - 13:14 (META) 

При координирана акција на криминалистичката полиција од Струга и од Охрид, пронајдени се околу 42 килограми зелена тревкаста материја во патнички автомобил.

Од СВР Охрид информираат дека акцијата била реализирана околу 22 часот, во близина на еден хотел на улицата Димче Ковачески во Струга.

– Полициските инспектори заедно со полициски службеници од полициската станица во Струга, извршија запирање на патничко моторно возило „мини купер“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Ф.И. (31) од струшкото село Калишта. При извршен преглед во возилото, забележани се пет вреќи со тревкаста материја, завиткана во повеќе јутени и платнени пакувања. Дополнително, во предната лева врата од автомобилот, пронајдена е едно мало најлонско пакување со бела прашкаста материја – информираат од СВР Охрид.

Оттаму велат дека при извршен претрес во домот на Ф.И. во селото Калишта, пронајдени се две црни најлонски кеси со траги од тревкаста материја.

Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.