Нема ново нето-задолжување со денешната аукција, велат од Министерство за финансии


Скопје, 5 јуни, 2018 - 15:00 (META) 

Нема ново нето-задолжување со денешната аукција, информираат од Министерство за финансии и додаваат дека на аукцијата на државни хартии од вредност запишани се 22,24 милиони евра, од кои утре ќе се вратат 22,46 милиони евра по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност.

„На аукцијата беа запишани 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од една милијарда денари со камата од еден отсто и 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 337 милиони денари со камата од 3,50 отсто. Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои утре се отплаќаат се шестмесечни државни записи без девизна клаузула во износ од 910 милиони денари со камата од 1,55 отсто, шестмесечни државни записи со девизна клаузула во износ од 403,6 милиони денари со камата од 1,45 отсто и петгодишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 68 милиони денари, со каматна стапка 4,60 отсто“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека во текот на месец јуни по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 29,9 милиони евра.


Ново задолжување од 28,94 милиони евра


Скопје, 6 септември, 2016 - 10:32 (META) 

Државата денеска повторно ќе се задолжи со 28,94 милиони евра.

На аукцијата на државни хартии од вредност ќе бидат понудени шестмесечни записи со девизна клаузула во вредност од 3,74 милиони евра и шестмесечни записи без девизна клаузула за 8,13 милиони евра.

Пред домашните кредитори ќе бидат понудени и едногодишни записи за 17,07 милиони евра.

Утре за враќање доспеваат 28,99 милиони евра.


Државата бара 5,1 милиони евра од домашните кредитори


Скопје, 17 мај, 2016 - 13:21 (META) 

Државата денеска бара заем од 5,1 милиони евра од домашните кредитори за да се раздолжи утре, кога врз основа на доспеани долгови треба да ја врати истата сума пари.

На аукција на хартии од вредност се продаваат три месечни записи со и без девизна клаузула во вкупна вредност од 3,5 милиони евра и записи со рок на доспевање од една година за 1,62 милиони евра.

Во првите три месеци јавниот долг изнесува 4,3 милијарди евра, што е 45 проценти од домашниот бруто-производ.


Наумов: Енормно зголемување на каматните стапки во услови на пад во Европа


Скопје, 22 март, 2016 - 16:11 (META) 

Министерството за финансии за само една година енормно ги зголеми каматните стапки на државните записи, во услови кога каматните стапки во цела Европа опаѓаат, вклучително и референтната каматна стапка на Европската централна банка, која е на историско најниско ниво од 0,05 отсто, се вели во соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Според него, на денешната аукција на државни хартии од вредност, со која се запишаа 93,6 милиони евра, каматните стапки на шестмесечните и за 12-месечните записи се зголемени за 84 отсто и за 53 отсто соодветно.

– Ако шестмесечните записи кои доспеваат за враќање оваа недела пред шест месеци беа запишани со каматна стапка од 1,25 проценти, денеска за истите да бидат вратени, се запишани нови со каматна стапка од 2,3 проценти. Слично е и кај 12-месечните записи. Ако пред една година каматната стапка изнесувала 1,7 отсто, денеска за истите да бидат вратени, Министерството за финансии запиша нови записи со рок на враќање од една година, ама сега со каматна стапка од 2,6 проценти – вели Наумов.


Наумов: Самоволното задолжување мора да престане за доброто на државата


Скопје, 16 февруари, 2016 - 14:59 (META) 

И покрај одлуката на Управниот суд, со која е поништена одлуката на Државната изборна комисија, министерот Ставрески запиша нови 13,382 милиони евра и го зголеми јавниот долг за нето-износ од речиси 10 милиони евра – се вели во соопштението од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Според него, со петте одржани аукции, направен е нов нето-долг од 56 милиони евра. Во овој момент јавниот долг изнесува 48 отсто од домашниот бруто-производ (БДП).

– Министерот за финансии на денешната аукција запиша износ четирипати поголем од износот потребен за враќање на доспеаните долгови. Во првите 36 дена од годината веќе 30 отсто од планираниот дефицит за целата година е реализиран. Министерот за финансии може да продолжи да се повикува на неправосилност на одлуката на Управниот суд и со тоа да продолжи да ја задолжува самоволно државата, иако е свесен дека одлуката на Државната изборна комисија е оспорена и постои првостепена одлука на суд, со која истата е поништена – се вели во соопштението.

Оттаму се повикува дека самоволното задолжување мора да престане за доброто на државата.


Државата денеска ќе се задолжи 7 милиони евра кај домашните кредитори


Скопје, 9 февруари, 2016 - 11:23 (META) 

Државата денеска ќе се задолжи 7,07 милиони евра од домашните кредитори, преку аукција на државни хартии од вредност.

Министерството за финансии ја откажа аукцијата на државни записи на 2 февруари, на која требаше да побара 813.000 евра од домашните кредитори.

Дополнителениот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, предупреди дека со вакво темпо на задолжување, планираниот дефицит за целата 2016 година ќе биде реализиран во мај.


Наумов: Потребна е одговорност за пропустите во процедурите при задолжувањата


Скопје, 3 февруари, 2016 - 16:22 (META) 

Дополнителниот заменик-минитер за финансии, Кире Наумов, денеска повика на одговорност за „пропустите во процедурите при задолжувањата“.

Во соопштение се наведува дека по вчерашното откажување на аукцијата, денеска е закажана нова за 9 февруари 2016 година.

Според него, тоа е направено по двојното прекршување на постапката за закажување аукции на државни хартии од вредност, во согласност со правилникот за начинот и за постапката за издавање и за исплата на државни хартии од вредност.


Министерството за финансии ја откажа денешната аукција на државни записи


Скопје, 2 февруари, 2016 - 14:06 (META) 

Министерството за финансии ја откажа денешната аукција на државни записи, на која требаше да побара 813.000 евра од домашните кредитори.

Дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, вчера најави дека ќе поднесе жалба до Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка при работен однос во втор степен, со која ќе го оспори одржувањето на аукцијата поради прекршување на постапката од министерот за финансии, Зоран Ставрески.