!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерство за култура: За Домот на културата во Охрид речиси ништо не е сработено


Скопје, 11 јули, 2017 - 14:39 (META) 

Министерството за култура денеска се огласи со реакција на вчерашната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, кој обвини дека министерот Роберт Алаѓозовски ги прекинал и ги поништил постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Лага е дека за овој објект бил обезбеден буџет и дека била завршена постапката за избор на проектант. Всушност, токму за тоа идејно решение бил распишан тендер за избор на проектант, а поради промени во буџетот, односно несоодветно испланирани финансии за реализација, министерот за култура одлучи да ја поништи оваа постапка. Од изнесените наводи, точно е само тоа дека досега било избрано само идејното решение за новиот изглед на Центарот за култура“, се вели во реакцијата.

Министерството за култура информира дека ја анализира документацијата за проектот, по што ќе следува избор на проектант преку јавен тендер.


Богдановиќ бара од Жерновски запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември


Скопје, 4 мај, 2017 - 18:22 (META) 

Претседателот на општинската организација на СДСМ Центар, Саша Богдановиќ, денеска поднел барање до градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември.

„Причината за поднесување на барањето е избегнување на сите евентуални штетни последици кои може да настанат, како за животната средина, така и за формално-правниот аспект од веќе почнатото спроведување на одлуките на подрачјето на Општина Центар, а донесени од надлежните органи на Град Скопје, со дискутабилна законска основа“, се наведува во дописот на Богдановиќ до Жерновски.

Во него се потсетува дека на 20 март оваа година, Советот на Општина Центар усвоил програма за утврдување на изгледот на градбите на територијата на Општина Центар од значење за општината, врз основа на која на шеталиштето Кеј 13 Ноември е планирано поставување на нова урбанистичка опрема за заштита на постоечкото зеленило во Центар, но и за подобрување на квалитетот на животната средина.

„За спроведување на оваа програма, покрај нејзината исклучителна важност, досега не е преземена ниту една мерка за почнување на нејзина реализација. Дополнително, настанати се нови околности со поништување на ДУП – Мал Ринг донесен на 24 декември 2012 година од претходниот состав на Советот на Општина Центар, за што неопходно е да биде известен и органот што го издал одобрението на приватниот инвеститор што почна со градба на улица на местото од шеталиштето“, стои во барањето на Богдановиќ.


Богдановиќ: Трајановски да ја повлече одлуката за изградба на улица на Кеј 13 Ноември


Скопје, 18 март, 2017 - 17:07 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска го повика градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката и одобрението за изградба на сообраќајница на Кејот 13 Ноември.

– Изминатиот период донесовме една одлука како Општина Центар, каде што законски успеавме да ја спречиме изградбата на оваа улица, но сепак со измени на законот, Градот ни ги одзеде ингеренциите во тој дел – изјави денеска претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Тој рече дека за понеделник е договорена вонредна седница на Советот на Општина Центар, на која, како што рече, ќе бидат преземени сите законски мерки за да се спречи да продолжи изградбата на спорната улица.

– Сакаме да апелираме и до инвеститорот, односно изведувачот на улицата, веднаш да престане бидејќи ќе се соочи со санкции. Го повикуваме и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката за изградба на оваа улица, односно одобрението за градба. Ако тоа не се случи, како Општина Центар ќе преземеме соодветни мерки – рече Богдановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, какви мерки планира да преземе Општина Центар, Богдановиќ рече дека „најрадикалното“ нешто што ќе го преземат, а го најавиле  и претходно, е тоа што ќе бараат отфрлање на актуелниот детален урбанистички план (ДУП) и враќање на претходниот.

– Ќе го вратиме ДУП во првобитна состојба, каде што беше предвидена изградба на подземна сообраќајница и со тоа ќе ја спречиме изградбата на оваа улица – изјави Богдановиќ.


Членките на ЕУ договорија механизам за брза суспензија на безвизниот режим


Брисел, 20 мај, 2016 - 20:46 (META) 

Земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) денеска постигнаа договор за механизмот кој треба да овозможи брза суспензија на визната либерализација одобрена за трети земји. Оваа одлука, како што јавуваат медиумите, е донесена поради загриженоста на дел од земјите- членки поради планираната визна либерализација за Турција и други држави.

„Брзиот повратен механизам“, треба да им овозможи на членките на ЕУ да го укинат безвизниот режим доколку голем број на турски државјани останат илегално во Унијата или ако нагло се зголеми бројот на баратели на азил од Турција.

„Задоволство ми е што постигнавме договор за механизмот кој треба да ни овозможи полесно да одговориме на злоупотребите“, изјавил Клас Дијкхоф, министер за миграција на Кралството Холандија, земја-членка која во моментов претседава со шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ.

За „заштитната клаузула“ сега треба да расправа и да се преговара со Европскиот парламент.


Законот за завршување на лустрацијата го помина првото читање во Собранието


Скопје, 22 јули, 2015 - 20:46 (META) 

Предлог-законот за завршување на процесот на лустрација, односно за престанување на важењето на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, денеска помина во првото читање во Собранието.

Предлагачи на Законот со кој завршува лустрацијата се пратениците Илија Димовски и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери и Рафис Алити од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

– Сите акти што се донесени, а се поврзани со процесот на лустрација ниту се укинуваат, ниту се поништуваат. Но, предлагаме, врз база на наша процена, Собранието да утврди завршување на процесот на лустрација. Сметаме дека лустрацијата траеше сосема доволно време за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што, всушност, беше и главната цел, не како казна или укор за оние што кодошеле во минатото, туку како процес со кој требаше да се извадат и се извадија на виделина многу темнини од минатото во Македонија – рече Илија Димовски, во образложението на предлог-законот, според кого „сите нелогичности и критики насочени кон лустрацијата, ги продуцираше левицата“.

На говорот на Димовски, реагираше независната пратеничка Роза Топузова-Каревска, која истакна дека Законот за лустрација не ја исполнил својата цел и дека Комисијата работела селективно.

– За жал, законот не ја исполни основната цел, да се исправи историската неправда, да бидат лустрирани оние кои јасно имаат потпишано согласност со службите. Комисијата работеше селективно и се зафати со одамна починатите, наместо да ги разгледа документите на оние кои во овој момент се на јавни функции – рече Топузова-Каревска.

Пратеникот на ДУИ, Рафис Алити, истакна дека се согласува дека станува збор за задоцнет процес и дека ефектите „ќе беа подобри ако законот се донесеше во деведесеттите години на минатиот век, но тогаш немаше такво расположение“, додавајќи дека Македонија треба да ги побара досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација, а „се дотогаш работите ќе останат отворени“.

Инаку, Комисјата за лустрација во изминатиот период разгледала околу 30.000 случаи, а за околу 300 од нив утврди дека лицата кои биле предмет на работата на Комисијата, соработувале со тајните служби.

Според предлог-законот, Собранието треба да го одземе мандатот на Комисијата од 1 септември и таа да нема право да почнува нови постапки. Комисијата ќе продолжи со работа додека не завршат постапките за кои се донесени решенија, но се во жалбена постапка.