Во Србија 29 луѓе починале од вирусот Западен Нил


Белград, 12 септември, 2018 - 14:59 (META) 

Од почетокот на сезоната на комарците, од 1 мај, о соседна Србија до вчера биле регистрирани 286 случаи на заболени од вирусот Западен Нил, а 29 починале од последиците, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ – Батут“.

Најголемиот број заболени се регистрирани околу Белград и на територијата на Војводина.

До 6 септември, на Косово биле регистрирани три случаи на заболени од Западнонилска треска, со еден починат,  во Грција имало 168 случаи, со 18 починати.


ИЈЗ: Во Македонија нема Западнонилска треска


Скопје, 16 август, 2018 - 11:05 (META) 

Во Македонија до вчера не е регистриран ниту еден случај на Западнонилска треска, болест што ја пренесуваат комарците, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Здравствените власти потсетуваат дека ниту еден случај на заболен од оваа болест нема од 2016 година до вчера, за разлика од соседството, каде од почетокот на сезоната до 9 август има 13 смртни случаи.

Така, од соседните земји најлоша е состојбата со Србија, каде се забележани 102 случаи на Западнонилска треска, од кои 9 се починати, потоа Грција со 59 случаи , од кои три смртни. Болеста се појави и на Косово, каде беа регистрирани два случаи, од кои еден е починат.

Во поблиските земји, по 23 случаи имаше во Унгарија и Романија, каде пак имаше и еден смртен случај.


Прв случај на западнонилска треска во Грција по две години


Атина, 19 јули, 2017 - 11:58 (META) 

Грчкиот центар за контрола и за превенција на болести соопшти дека во Грција е потврден првиот случај на човек заразен со вирусот на западнонилската треска. Во минатата година и во 2015 година во Грција немало случаи на заболени луѓе.

Станува збор за лице кое живее во земјоделската област Арголида, на Пелопонез.

Од Центарот за контрола и превенција соопштија дека не е можно да се предвиди каде може да се појави вирусот, советувајќи ги жителите и туристите да се заштитат од комарци, кои ја пренесуваат болеста. Во Грција западно-нилската треска првпат се појави во 2010 година, кога заболеа 262 лица, од кои 35 починаа.