Курц: Балканот ни е приоритет, ЕУ да ги прекине преговорите со Турција


Виена, 16 јули, 2018 - 10:05 (META) 

Договорот меѓу Скопје и Атина покажува дека упорните преговори и дипломатијата носат резултат, вели канцеларот на Австрија, Себастијан Курц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ и ја потенцира австриската поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Топло го поздравуваме договорот меѓу двете страни. Тој покажува дека упорните преговори и дипломатијата носат резултат. За Австрија, регионот на Западен Балкан е основен приоритет во нашата надворешна и европска политика, но и на нашето претседателство со ЕУ. Ја поддржуваме линијата на комесарот за проширување, Јоханес Хан. Обезбедувањето чесен и веродостоен пат кон ЕУ за земјите од Западен Балкан им служи на нашите интереси на безбедносно, политичко и економско ниво – вели Курц.

Австрискиот канцелар за „Катимерини“ коментира дека треба веднаш да запрат преговорите меѓу ЕУ и Турција, бидејќи „Турција во изминатите години се оддалечува од Европа и од европските вредности“.


Заев за Лондонскиот самит: Македонија имаше специјално место


Лондон, 11 јули, 2018 - 9:43 (META) 

Премиерот Зоран Заев во оценката за учеството на ова издание на Самитот ЕУ/Западен Балкан во Лондон вели дека Република Македонија имала специјално место на овој собир посветен на Регионалната економската соработка, потоа на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото, како и на безбедносните прашања и миграциите.

– Мора да се каже дека Република Македонија има специјално место на ова издание на Самитот на ЕУ за Западен Балкан. Со постигнатиот договор македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, како и со датумот за преговори со Европската Унија, нашата земја е препознаена како лидер во регионот од аспект на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото. Начинот на кој нашата земја ги затвори отворените прашања со сите соседи е модел за успешна приказна што ја поздрави целиот демократски свет, и посебно нашите соседи и нашите партнери во Европската Унија – изјави Заев по завршувањето на Лондонскиот самит.

Заев имаше средба и со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, на која биле и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Како што соопштија од Службата за односи со јавноста на Владата, Могерини лично му честитала на Заев за одлуката на Европскиот Совет да одреди датум за отворање на преговорите во делот за поглавјата за членство во ЕУ, како и за храбрата одлука за постигнување на договор со Грција.


Рот: Договорот за името доказ дека е можно да се надминат и длабоките разлики


Лондон, 9 јули, 2018 - 12:48 (META) 

Историскиот договор меѓу Грција и Македонија за спорот со името покажа дека е можно да се надминат и длабоките билатерални разлики, доколку се зголеми довербата и постои политичка волја, нагласи денеска државниот секретар во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот.

Тој во соопштение, пред учеството на состанокот со шефовите на дипломатиите на самитот ЕУ-Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Лондон, нагласи дека стабилноста и демократскиот развој на земјите во регионот е во интерес како на Германија, така и на Европа, како и дека се од особено значење за сопствената безбедност.

– Состанокот е можност за земјите во регионот да ја подобрат регионалната соработка и со тоа да го поттикнат своето приближување до ЕУ – нагласи Рот.

Тој истакна дека со цел постигнување на раст на довербата, не само меѓу политичарите, туку и меѓу граѓаните, германската Влада ја поддржува работата на регионалната младинска заедница во рамки на Берлинскиот процес.

– Тука станува збор за помирување на идните генерации во регионот во кој раните од војните и натаму се присутни – рече Рот.


Заев денеска и утре ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон


Лондон, 9 јули, 2018 - 9:45 (META) 

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола денеска и утре учествуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што се одржува во Лондон, информираат од владината прес-служба.

Утре премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј ќе има прием за шефовите на делегациите на земјите членки на Берлинскиот процес, и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската Комисија.

Премиерот Заев во текот на првиот работен ден ќе присуствува и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите.

Темата на работната сесија на ручекот, под раководство на Меј е економијата и регионалната соработка, со воведно излагање на еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Заев ќе се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој ќе претседава британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон и ќе учествува во работата на пленарната сесија водена од премиерка Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година.

На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, како и Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан, кои ќе говорат на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

За време на самитот планирана е и средба на премиерот Заев и владината делегација со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес) ќе заврши со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс.

Кабинетот на премиерот информира дека по Лондон, Заев ќе замине за Брисел каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.


Заев и Ципрас ќе се сретнат во Лондон на 10 јули


Лондон, 4 јули, 2018 - 10:45 (META) 

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се сретнат во Лондон, на маргините од Самитот на Западен Балкан што ќе се одржи во вторник (10 јули), дознава „Независен весник“.

Двајцата премиери ќе разговараат за развојот на настаните по потпишувањето на Преспанскиот договор и ќе ги координираат своите активности.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Мај, ќе биде домаќин на Самитот за Западен Балкан во Лондон, покажувајќи ја долгогодишната заложба на Велика Британија во регионот и европската безбедност. Таа ги покани шефовите на владите на шесте земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Самитот во 2018 година ќе биде петти што ќе се одржи под Берлинскиот процес по Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016) и Трст (2017 година). Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива што германската канцеларка Ангела Меркел ја започна во 2014 година. Секоја година ги обединува шесте земји од Западен Балкан, партнерите на ЕУ, како и претставниците на институциите на ЕУ, да работат заедно за поддршка на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот.

Другите земји кои Велика Британија ги покани да присуствуваат се партнери од ЕУ, вклучувајќи ги Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и Словенија, Бугарија и Полска која ќе биде домаќин на Самитот за Западен Балкан во 2019 година.


Владата на Македонија најдобра во регионот според индексот на отвореност на институциите


Скопје, 3 јули, 2018 - 17:04 (META) 

Според најновото истражување, Владата на Македонија покажа 75,61% отвореност и најдобри резултати во регионот и пораст од 23,27% во споредба со изминатиот период. Истражувањето е направено преку Индексот на отвореност, дизајниран според единствена Методологија за мониторинг која одговара на потребите и препораките за земјите од Западен Балкан.

Ова истражување за отвореноста, отчетноста и транспарентноста на институциите во Македонија и 5 држави во регионот е спроведено во периодот од декември 2017 – до крај на февруари 2018 година.

За разлика од ова, во првото истражување Владата беше на последно место со само 52,34% на отвореност во текот на 2016 година.

Индексот на отвореност е композитен показател, којшто го определува степенот на отвореност на владите од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.

Action

За да се измери степенот на институционалната отвореност се следеа меѓународните стандарди, препораки добиени од повеќе ЕУ извештаи за земјите од регионот, како и примери на добри практики. Институциите се оценуваа според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб-страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, и т.н.

– Резултатите од мерењето на отвореноста на институциите во рамките на проектот ACTION SEE покажуваат дека препораките од минатогодишниот извештај биле корисни за институциите и дека дел од нив се имплементирани. Тоа се гледа и од напредокот што го бележат сите држави опфатени со проектот во степенот на отвореност на институциите.  Посебно ме радува што Македонија веќе не последна во регионот и дека имаме најотворена влада. Индексот на отвореност исто така покажува дека сме сепак далеку од нивото на земјите членки на ЕУ и дека преостанува уште многу работа за да го достигнеме тоа ниво. Нашата улога како НВО е да го следиме процесот, да дадеме препораки и да се вклучиме во надминувањето на предизвиците поврзани со отвореноста на државните институции – изјави Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и проект менаџер на проектот ACTION SEE.

Според Лилјана Пецова – Илиеска, проектен координатор на ACTION SEE, општата слика која ја добивме преку Индексот е дека всушност имаме одреден напредок во рамки на институциите, во делот на извршната власт, но и голем пад на степенот на отвореност во делот на судство, правосудните органи и локалната власт.

– Далеку сме од комплетен напредок по основ на отчетност и интегритет. Ние и понатаму ќе бараме од институциите континуирана имплементација на заложбите за транспарентност и важно е дека мониторингот ќе продолжи со трета фаза од декември 2018 до крај на февруари 2019 година. Следува период на презентација на резултатите кај сите засегнати страни и дистрибуирање на препораки за добро владеење, преку дефинирање на конкретни чекори што треба да ги преземат институциите – вели Пецова – Илиеска.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска се сретна со претставници на „Метаморфозис“, предводени од програмскиот директор Филип Стојановски и истакна дека Македонија настојува да биде лидер во транспарентност, отчетност и одговорност, не само во регионот, туку и многу пошироко.

Во однос на одделните принципи – институциите кај нас покажуваат добри резултати во објавувањето на информации од областа на слободен пристап до информации, делумно добри за информации за јавните набавки, а најмалку добри од областа на извештаи за работењето, евалуација на буџетската и финансиската транспарентност, следливост на стратешки документи, и т.н.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот ACTION SEE – одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, со поддршка од Европската Унија, кој го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“, заедно со други партнери од регионот.


Хан и Димитров во Лондон ќе говорат што носи следната деценија за Западниот Балкан


Лондон, 3 јули, 2018 - 15:53 (META) 

На маргините на Лондонскиот самит, кој ќе се одржи в понеделник и вторник во Четам хаус, британскиот Кралски институт за меѓународни односи, ќе се одржи и трибина на темата „По Берлин: Што носи следната деценија за Западниот Балкан?“.

Трибината заеднички ја организираат Четам хаус, Европскиот фонд за Балканот и Генералниот директорат за добрососедски и преговори за проширување при Европската Комисија.

Високи функционери од ЕУ, како и експерти од Европа и регионот, ќе дискутираат за иднината на Берлинскиот процес, како и на влијанието на Русија, Турција и САД во регионот.

Воведните зборови на првиот панел ќе ги дадат еврокомесарот Јоханес Хан и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. На него ќе се дискутира за напредокот на Берлинскиот процес и за перспективите и можностите за регионот, но и пропустите во процесот. Дискутантите ќе се осврнат и на прашањето како ЕУ да ја подобри комуникацијата со граѓаните и политичките елити во регионот.

Во оваа дискусија ќе учествуваат и Кристијан Даниелсон, првиот човек на Генералниот директорат, Зоран Нечев од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, Срѓан Мајсторовиќ, претседател на Управниот одбор на Центарот за современа политика од Белград, како и Милица Делевиќ, директор за владеење и политички прашања при Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

На вториот панел ќе се дискутира за не-ЕУ факторите на влијание во Западниот Балкан, односно Русија, САД и Турција. Воведните зборови ќе ги изнесе Кетрин Ештон, поранешниот Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и сегашен висок советник во Четам Хаус.

На темата ќе дискутираат Тена Прелец, експерт од Европскиот Институт при Лондонскиот факултет за економија и политички науки, потоа Никола Буразер, извршен уредник на порталот „Европски Западен Балкан“ и Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац и координатор за Балканот во Европската советодавна група за политики (БиЕПАГ).


Курц: Западен Балкан заслужува членство во ЕУ


Виена, 3 јули, 2018 - 11:31 (META) 

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, на пленарната седница на Европскиот Парламент ги презентираше приоритетите на австриското претседавање со ЕУ, кое започна на 1 јули и ќе трае до 31 декември 2018 година, нагласувајќи дека Западен Балкан ќе фигурира на врвот на оваа листа.

– Европскиот проект ќе биде целосен само кога Западен Балкан ќе и припаѓа на нашата заедница на нации – изјави Курц.

Тој посочи дека земјите од Западниот Балкан „не само што имаат европска перспектива која ја заслужија, туку заслужија и членство во ЕУ, и затоа го поддржуваме процесот на пристапување“.

– Воодушевен сум што спорот за името конечно се реши и што Албанија и Македонија се сега во позиција да отворат преговори, иако сакавме побрз процес – вели Курц.

Тој додаде дека е потребен постојан прогрес на патот кон членство во ЕУ и дека само така Унијата ќе успее да им се спротивстави на другите земји кои го зголемуваат своето влијание во регионот.

– Мораме да се осигуриме дека ќе го комплетираме проектот на ЕУ и да ги внесеме овие земји во ЕУ – рече австрискиот канцелар.


Пет милиони евра за заеднички туристички понуди на Западен Балкан


Сараево, 28 јуни, 2018 - 14:17 (META) 

Тригодишен проект за унапредување на туризмот преку заеднички туристички понуди во земјите од Западен Балкан, вреден пет милиони евра, беше промовиран денеска во Сараево.

Проектот, како што соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), треба да им помогне на земјите од Балканот да ги прошират и соединат туристичките производи од културниот и авантуристичкиот туризам.

„Во следните три години преку овој проект на РСС, ќе се доделат до 30 мали грантови во вредност од околу 50 илјади евра со цел на унапредување на инфраструктурата поврзана со културниот и авантуристичкиот туризам, при што првите јавни повици за грантови ќе бидат објавени веќе во средината на јули годинава – изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.

Активностите ќе бидат спроведувани со помош на владите, приватниот и невладиниот сектор, а крајната цел е привлекување што поголем број странски туристи.

Проектот ќе го спроведува РСС, а го финансира Европската унија. РСС е оперативно меѓувладино тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.


Заев на трибина во Виена утре ќе зборува за напредокот на Македонија


Скопје, 25 јуни, 2018 - 16:11 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев утре во Виена ќе зборува и ќе одговара на прашања за напредокот и перспективите на Македонија и на Западен Балкан, на трибина организирана од Австрискиот институт за надворешни работи (ОИПП), во соработка со Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Советодавната група за политики „Балкан во Европа“.

На настанот „Кон заедничка европска иднина за Југоисточна Европа: Македонскиот случај“, модериран од Ведран Џихиќ, истражувач во ОИПП и предавач на Универзитетот на Виена, ќе се зборува за тоа што земјите во регионот може да научат од Македонија во ситуација кога земјава по речиси 27 години спор, потпиша договор со Грција. Подеднакво важно, ќе се разговара за можностите за соработка меѓу  земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.