Од 1 јануари почнува тригодишниот план за замена на електростатските филтри на РЕК Битола


Скопје, 30 ноември, 2018 - 16:09 (META) 

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, денеска на отворениот ден во Цементарница УСЈЕ информираше дека во декември ќе заврши процесот на третирање на пепелта во РЕК Битола и дека ова прашање се решава, прв пат после 10 години.

„МЗТ Инжинеринг“ е компанијата која што победи на тендер, тендерот беше во вредност од 22 милиони денари, започна во август и завршува во декември. Оние лоши и грди слики што ги гледавме на прашината што се разлеваше во земјоделските површини во Могила и Новаци, тоа повеќе нема да се случува“, одговори Макрадули на новинарско прашање во врска со загадувањето од страна на РЕК Битола.

Тој додаде дека од 1 јануари започнува тригодишниот план за замена на електростатските филтри кои не се заменети од 1980 година. Очекувањата се дека, емисиите на штетни материи ќе се намалат од 100 на 20 како што се пропишува во усогласувањето во Оперативниот план.

„За жал, во 2014 година, обврската за усогласување со Оперативниот план се исполнила од страна на компании кои што се од странски инвеститори. Тоа го направиле Цементарница УСЈЕ, Макстил, но не успеале Југохром, РЕК Битола а се државни компании. И затоа почнуваат преговори за усогласување на Оперативниот план, во кој што сите овие обврски, колку милиграми треба да има емисии, како да се третира прашината, ќе се дел од еден систем кој веќе е поставен во РЕК Битола и кој се работи. Третата активност која е голема во РЕК Битола, е засадувањето на 20.000 багремови дрвца, а ќе бидат засадени вкупно 50.000“, додаде Макрадули.

Тој потенцираше дека „за жал, некој во минатото зел кредит од 50 милиони евра за да донесе топла вода од РЕК до влезот на Битола, без притоа да размисли, дека кога ќе дојдете до влезот, нема што да и правите на цевката.“

„Наместо тој кредит да се искористил обратно или наместо за тие 50 милиони евра да купите по два инвертори за секоја индивидуална куќа и да го решите загадувањето во Битола. Во Скопје, тоа би чинело 47 милиони евра“, додаде Макрадули и појасни дека за РЕК Битола потоа ќе остане процесот на десулфуризација.


Стејт департментот ѝ предложи на Москва да ги замени протераните дипломати


Вашингтон, 4 април, 2018 - 10:36 (META) 

Стејт департментот на САД ѝ предложи на Москва да испрати нови дипломати за да ги замени 60-те кои беа протерани.

„Руската влада, како и претходно, има право да побара акредитација за пополнување на слободните места во дипломатската мисија“, изјави претставник на Стејт департментот на САД, истакнувајќи дека секое барање ќе биде разгледано одделно.

Тој смета дека Русија, исто така, ќе ги прифати новите американски дипломати на местото на протераните.


Тролејбусите во Белград ќе одат во пензија


Белград, 15 февруари, 2018 - 15:19 (META) 

Град Белград планира до крајот на оваа година да купи уште 60 електроавтобуси и да почне да ги „пензионира“ тролејбусите, вели Угљеша Митовиќ, секретар за јавен градски превоз. Во главниот град на Србија сега кинески електроавтобуси сообраќаат на линијата Е1, од споменикот на Вук Стефановиќ – Караџиќ до Делта Сити.

Како што известува српскиот весник „Вечерње новости“ предноста на електроавтобусите, покрај тоа што не го загадуваат воздухот, е што се пет пати енергетски поефикасни од класичните автобуси, а речиси и не се расипуваат, за разлика од обичните, на кои често им се случуваат дефекти. Електроавтобусите се подобри за градот и поради тоа што не може да дојде до застој, за разлика од сегашната состојба со тролејбусите, кога ако еден се расипе, сите други на таа линија мора да чекаат, вели градскиот секретар на Белград за јавен градски превоз.


Министерство за здравство демантира дека исчезнало бебе на Клиника за гинекологија


Скопје, 3 февруари, 2018 - 23:01 (META) 

Министерството за здравство категорично ги отфла информациите пласирани во јавноста дека исчезнало бебе на Клиниката за гинекологија, информираат од таму.

„Министерството ја информира јавноста дека бебето и мајката се на Клиниката за гинекологија и нивната здравствена состојба е добра. Истовремено, сакаме да информираме дека е поднесена пријава до МВР за насилно однесување против семејството на родилката“, се вели во соопштението на министерството.

Реакцијата следи откако таткото на бебето во изјава за телевизија „Сител“ рече дека бебето му го изгубиле.

Директорката на Клиниката, Викторија Јовановска во изјава за „Фокус“ објасни дека, на родителот не му било дозволено да го види бебето, бидејќи имало процедури кога смее тоа да го направи.

– Откако му беше кажано дека според процедурите на Клиниката во тој момент не може да го види бебето, тој почна да крши се околу себе и го вознемири целиот медицински персонал – изјави Јовановска.


Серија нови именувања на директори на клиники и на здравствени домови


Скопје, 4 август, 2017 - 13:55 (META) 

Министерството за здравство денеска ги соопшти имињата на новоназначените директори на клиники и на здравствени домови. Промените на директорските места почнаа кон крајот на јуни, речиси еден месец по стапувањето на должност на новиот министер за здравство, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, еден од трите клучни партнери во владината коалиција.

Нов директор на Институтот за трансфузиона медицина е Кочо Димитровски, а на чело на Клиничка болница Битола ќе застане Зоран Лазаров. Нови директори на општите болници во Кавадарци и во Велес се Диме Коцев и Димитар Стровјански.  Прв човек на Општа болница Гостивар стана Гојарт Сулејмани.

Во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се именувани девет нови директори на клиники. На Дигестивна хирургија прв човек ќе биде Зоран Караџов, а во фотелјата на Детска клиника долгогодишната директорка Аспазија Софијанова ќе биде наследена од Катерина Ставриќ. Прв човек на Клиниката за психијатрија ќе биде Стојан Бајрактаров, на таа за неврохирургија – Владимир Рендевски, а на Максилофацијална хирургија – Славе Наумовски. На чело на Клиниката за пулмологија и алергологија застанува Дејан Докиќ, кој беше обвинет за примање мито, а на местото на Смиља Туџарова, долгогодишната директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓа Софија Пејкова. Прв човек на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија ќе биде Неџати Јакупи, хирург и поранешен министер за животна средина. На челото на Клиниката за  уво, нос и грло доаѓа Јане Нетковски

Маја Манолева е новата директорка на Заводот за физикална медицина и за рехабилитација – Скопје.

Од денеска директор на  Здравствен дом Битола е Весна Спировска, на Здравствен дом Штип  Снежана Трајковска, на Здравствен дом Крива Паланка директор ќе биде Бранко Стаменковски, во Кратово – Љупчо Бојаџиев, во Виница – Венцо Вијунов, во Пробиштип – Гоце Неделковски, а во Струмица – Љубица Митева.

За прв човек на Заводот за слух, говор и глас во Битола е назначена Дивна Најдовска.

Министерот за здравство, исто така, го разрешил економскиот директор на Клиниката за гастроентерохепатологија.


Хрватска се подготвува да ги „пензионира“ старите aвиони


Загреб, 24 јули, 2017 - 17:03 (META) 

Министерството за одбрана на Хрватска испрати официјален повик за прибирање понуди за купување на 12 ловци за военото воздухопловство на земјата, јави „Џејнс Дифенс Викли“. Набавените летала треба да ги заменат 12 советски „миг-21бис“ и школските „миг-21ум“.

Хрватската војска испрати повик за понуди до амбасадите на САД, Израел, Грција, Шведска и на Јужна Кореја. Од првите три држави предмет на набавка би биле користени ловци „F-16“ од составот на воените воздухоповства на соодветните земји, во случајот со Шведска – за купување на ловци „JAS-39 Gripen“ на компанијата СААБ, а со Јужна Кореја – за купување на авион „FA-50“ (лесен јуришен авион врз база на школскиот „T-50 Golden Eagle“).

Земјите имаат 75 дена да испратат одговор на повикот, а по крајниот рок, кој е на почетокот на октомври, ќе уследи оценување на понудите, кое ќе трае најверојатно до крајот на годинава. Три критериуми се битни – цената,  пакетот за економска и индустриска соработка, како и тоа дека авионите ќе се купат директно од владата на земјата.

Во моментов военото воздухопловство на Хрватска располага со 12 авиони „миг-21бис“ и „миг-21ум“ произведени 1970-тите, кои ѝ останаа во наследство од военото воздухопловство на Југославија.

Хрватска бара замена за „миг-21“ повеќе од 10 години. Во 2008 година Министерството за одбрана на Хрватска испрати барање за информација, но поради економската криза, набавката беше одложена.


Пластични пари од 10 и од 50 денари треба да се појават до крајот на годината


Скопје, 12 јуни, 2017 - 14:03 (META) 

Пластични пари од 10 и од 50 денари треба да се појават до крајот на годината, објави Народна банка. Според банката, ваквите пари тешко се оштетуваат и тешко се фалсификуваат.

„Банкнотите од 10 и 50 денари беа најупотребувани во платниот промет поради што најбргу се уништуваа. За да се намалат трошоците за нивното често печатење, се заменија со ковани. Замената, според анализите, се покажа како исплатлива зашто кованите пари имаат подолг рок на траење, од книжните. Но, на пазарот ситуацијата беше поинаква. Кованите пари исчезнуваа, не се враќаа во оптек зошто граѓаните немаат однос кон нив како кон книжните банкноти и често ги губат“, велат од Народна банка.

Народна банка за оваа цел објави оглас на Електронскиот систем за јавни набавки за договор со проценета вредност од околу 2 милиони евра.

Критериум за добивање на договорот е најниска цена. Договорот е во времетраење од една година.


Јанева се согласила Верушевски и Лазаревски да излезат од притвор


Скопје, 25 декември, 2015 - 16:04 (META) 

Специјалното обвинителство не барало замена на притворот на Зоран Верушевски, обвинет во случајот „Пуч“, со куќен притвор, како што објaвија дел од медиумите, туку постапувајќи по барање на судот, дало позитивно мислење на предлогот на одбраната и образложиле зошто сметаат дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција, велат за „Мета“ од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Ова значи дека Јанева се согласува да се укине притворот на Верушевски и на Ѓорги Лазаревски, кои се единствените обвинети во случајот што сè уште издржуваат притвор.

„Во однос на Вашето прашање, би сакале да појасниме дека од наша страна не е барана замена на притворот со куќен притвор. Ние постапувавме по барање на судот, со кое судот бараше да се произнесеме по предлогот на одбраната и на двајцата обвинети, за укинување на притворот и за негова замена со гаранција. Постапувајќи по ваквото барање на судот, ние дадовме позитивно мислење и образложивме од кои причини сметаме дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција и тоа за двајцата обвинети“, стои во дописот од Специјалното обвинителство.

Оттаму велат дека воедно, од специјалното обвинителство, било предложено и определување мерки на претпазливост и тоа мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште или престојувалиште и мерка на претпазливост – одземање патна исправа за поминување државна граница.

Конечната одлука за притворот, сепак, ја носи судот, во случајов Основниот суд Скопје 1

Судот треба да реши дали на обвинетите ќе им биде продолжен притворот или ќе им одреди друга мерка – слобода, гаранција, куќен привор, одземање пасош и слично.


Нема заболени деца од туберколоза во Чаир


Скопје, 11 април, 2015 - 16:43 (META) 

Сите досега направени тестови за туберколоза на учениците и на наставниот кадар во основното училиште во населба Чаир, „Васил Главинов“, кои биле во контакт со заболената наставничка, се негативни, пишува „Фокус“.

– Контролните прегледи ќе продолжат во вторник. Учениците се праќаат на тестови одделение по одделение, во зависност од распоредот што го добиваат од надлежните здравствени установи – изјави Ќамуран Кучи, директор на ОУ „Васил Главинов“.

За заболената наставничка, пак, ќе биде издадено решение за привремено отстранување од работа сè додека трае процесот на лекување, а за неа е веќе најдена замена.