Канадската химна стана родово неутрална


Отава, 1 февруари, 2018 - 19:18 (META) 

Канадскиот Сенат го усвои законот со кој националната химна на земјата станува родово неутрална, пренесуваат светските медиуми.

Со измените, во вториот стих од хумната „О, Канада“ зборот „синови“ се заменува со изразот „сите нас“.

Против донесувањето на законот беа опозициските конзервативци, но решението сепак го помина конечното гласање.

Борбата за промена на стиховите во текстот на химната предизвика, како што пренесува „Би-би-си“, жестока дебата, а слично решение беше одбиено од конзервативците во 2010 година, кои тогаш го имаа мнозинството во канадскиот парламент.

Промената во 2016 година ја предложи сега покојниот пратеникот на либералите, Морил Беланже, на кого му беше дијагностицирана Амиотрофична латерална склероза, позната и како Лу Геригова болест и кој почина кон крајот на истата година.

Инаку, канадскиот Сенат се изјаснува за законите кои претходно ќе ги усвои Претставничкиот дом.


Ќе поминат ли законските измени со кои ќе се скратат патните трошоци за пратениците


Скопје, 15 јануари, 2018 - 15:04 (META) 

Пратеничката група на СДСМ на 12 јануари 2018 година до претседателот на Собранието, Талат Џафери, достави предлот-измени на Законот за плата и други надоместоци за пратениците и другите избрани и именувани лица и Законот за пратеници, со кои се предлага надоместокот, односно висината на сумата за патни трошоци да изнесува максимум 20 отсто од цената на горивата, наместо 30 отсто како што е во актуелниот закон, пишува „Вистиномер“ кој оценува дека ова ветување на СДСМ е во тек на реализација.

По донесување на овие измени, СДСМ предлага потоа да се смени и предлог-одлуката во Собранието со која патните трошоци ќе ги одредат на 15 отсто. За отстранување на злоупотребите, пак, се предлага пратениците сами со своите кредитни картички да плаќаат, а како доказ да ги приложат фискалните сметки.

СДСМ ова ветување го даде за време на парламентарните избори во 2016 година во „Планот за живот“ (страна 28) во одделот „Одговорна власт и контрола на власта – СТОП ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ“, а се актуелизира по силните реакции на јавноста за висината на патните трошоци кои им се исплаќаат на пратениците во текот на годината и злоупотребите на пропишаното. Податоците изнесени во јавноста покажаа дека на годишно ниво пратениците од Охрид, Гевгелија, Струмица, Битола… добиваат и по 20.000 евра за патни трошоци, а од страна на собраниските служби никогаш и не биле вршени построги контроли.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Собранието денеска треба да го именува новиот јавен обвинител


Скопје, 25 ноември, 2017 - 10:15 (META) 

Собранието денеска ќе ја одржи 22. седница, на која прва точка на дневен ред е именувањето на нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески, актуелен член на Советот на јавни обвинители.

На оваа седница, покрај именувањето на јавниот обвинител, на дневен ред се уште седум точки, меѓу кои се и измените на Законот за заштита на сведоци, што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, со кои треба да му се овозможи да одлучува кој ќе биде заштитен сведок во постапките што се под негова надлежност. Измените на Законот за заштита на сведоци, како што е наведено, треба да бидат донесени по скратена постапка.

Покрај овие, на седницата ќе се расправа и за измените на Законот за Судскиот совет, за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и за поведување постапка за утврдување одговорност за судија, за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за измените на Законот за акцизите – сите по скратена постапка.

Инаку, за денеска се предвидени уште две пленарни седници. Пратениците треба да ја продолжат работата по 8. седница, на која е предлог-одлуката за именување заменици на генералниот секретар на Собранието и пет законски измени предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа треба да продолжи 12. седница на која пратениците расправаат за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието и за измени на законите за исплата на платите во Република Македонија, за извршување и за издавање на вредносни бонови, предложени од пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


Според новиот пакет закони, работата на полицијата ќе ја контролира Обвинителството


Скопје, 14 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Министерството за правда ја почна подготовката на пакетот измени во неколку закони со кои треба да се обезбеди надворешна независна контрола на работата на полицијата.

Според известувањето, објавено денеска, измените ќе се прават во Законите за јавно обвинителска служба, за јавно обвинителство, за Совет на јавни обвинители и во Кривичниот законик.

Подготвувањето на измените во четирите закони почнало вчера, а новите решенија треба да бидат готови до 24 ноември.

Контролата на работата на полицијата – редовната на Министерството за внатрешни работи и на затворската полиција, за која е надлежно Министерството за правда, според измените на законите, ќе ја врши Јавното обвинителство.

„Имплементација на надворешниот независен контролен механизам во нашето законодавство за припадниците на Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција. Еден од сегментите на овој механизам е воспоставување контрола од страна на јавното обвинителство. Значајна улога во рамките на овој механизам се планира да имаат истражителите во јавното обвинителство“, стои во образложението за целта на законските измени.

Новите законски решенија, како што се наведува, произлегуваат од стандардите пропишани во Европската конвенција за заштита на човековите права и од пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Инаку, според актуелните законски решенија, работата на полицијата и нејзиното постапување во рамките на законите го контролира и испитува Секторот за внатрешна контрола на МВР, што од експретската јавност беше оценето како недоволно и проблематично.


Сугарески: Владата го усвои предлогот за продолжување на рокот за легализација


Скопје, 29 август, 2017 - 16:23 (META) 

Владата на денешната седница го усвоила предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и за дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што се дава нова можност за легализација на дивоградбите, информираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Сметано од 1 јануари до 31 декември 2018 година, сите граѓани што претходно не успеале да поднесат барање за легализација, ќе можат да го направат тоа во овој дополнителен рок. Граѓаните, пак, кои поднеле барања, но не ја обезбедиле неопходната документација, ќе имаат дополнителни шест месеци од 1 јануари до 30 јуни 2018 година – изјави Сугарески.

Тој нагласи дека услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година и додаде дека и понатаму се потребни истите документи за аплицирање како и претходно.

Досега процентот на легализирани дивоградби е околу 40 проценти или околу 186.000 објекти кои се легализирани и запшани во катастарот.

Сугарески ги повика сите пратенички групи во Собранието да ги прифатат овие законски измени, кои, според него, се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.


Измените на Законот за внатрешни работи денеска на седница на Влада


Скопје, 15 август, 2017 - 11:38 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 23. седница на која на дневен ред ќе биде измена на Законот за внатрешни работи, чиј предлагач е Министерството за внатрешни работи.

Како што соопштија од прес-службата на Владата, на дневен ред на денешната седница ќе се разгледува и предлогот за изменување на Деловникот за работа на Владата и предлог-програмата и предлог акциски план за спроведување на Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020 година.

Предлагач на програмата и на Стратегијата е Министерството за труд и социјална политика.


Лицата со попреченост кампуваат пред Собрание, Царовска им вети подобри услови


Скопје, 20 јуни, 2017 - 14:32 (META) 

Родителите и децата со посебни потреби од денеска во наредните три дена со шатори ќе спијат во паркот Жена борец спроти Собранието, од каде што повторно ќе испратат апел да се слушнат нивните барања кои се однесуваат на законските измени за социјална заштита, за здравствено осигурување и во образованието.

Претставници на иницијативата „Пет до дванаесет“ денеска се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот на заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост. Договоривме дека административната бариера за преминување на посебниот додаток во додаток за туѓа нега ќе се тргне со законска измена затоа што е целосно нехумано да ги малтретираме родителите на децата кои навршуваат 26 години, повторно да поминуваат низ конзилијарни мислења и комисии на веќе добиена дијагноза – изјави Царовска.

Министерката на здруженијата им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

– Доколку измените се спроведат без регистар, ќе креираме политики без да имаме бројки и без да имаме утврдена состојба на лицата. Регистарот не е едноставна операција, но ќе почнеме со вмрежување на сите електронски евиденции во институциите што имаат обврска да евидентираат некое лице со попреченост. Следна фаза од тој регистар е пописот во Македонија, од кој, со додавање на посебна графа, ќе добиеме целосен увид – додаде Царовска.

Граѓанските здруженија преку петиција собраа 10.000 потписи за законски измени за кои се очекува да се достават во Собранието наредните денови. Меѓу многуте барања се: отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.


Образованието, здравството и судството имаат потреба од законски промени


Скопје, 15 ноември, 2016 - 14:53 (META) 

Три различни граѓански иницијативи имаат заеднички содржател, а тоа е ставот дека е неопходна промена на постојните законски регулативи. Нивните предлози се за промена на законите во областа на здравствствената и на социјалната заштитата, човековите права и во образованието и се резултат на спроведени теренски истражувања.

– Реформите што се препорачани од Европската Унија и ратификуваните договори за измена на постојните закони не се спроведуваат во целост. Понекогаш се носат сосема спротивни или закони кои се разликуваат во одредени детали од тие што претходно биле договорени во согласност со препораките од ЕУ – изјави Мирослав Драганов од Институтот за човекови права. Тој додаде дека измени во регулативите за човекови права се неопходни, а спомна дека утрово, пред да дојде на панел-дискусијата, бил мета на дискриминација поради возраста.

Во дискусијата учествуваа претставници од ранливите категории граѓани, поточно лица со ретки болести, а се презентираа и проблемите со кои се соочуваат граѓаните кои имаат потреба од лекување со масло од канабис.

– Во Македонија си невидлив ако имаш ретка болест. Ваквата категорија на луѓе, во која сум и лично јас, се соочува со многу проблеми поради немањето евиденција за лица со ретки болести, недостапноста на лекарствата кои треба да ги примаат во сите градови во земјата и недоволната образованост на лекарите за овие ретки болести – изјави Ања Босилкова од невладиното здружение „Вилсон – Македонија“.

Од областа на образованието беше презентирана иницијатива за имплементација на отворените образовни ресурси кои ги опфаќаат законите за основно, средно и за високо образование, законот за учебници во основно и во средно училиште и законот за авторски и сродни права.

– Бидејќи кај нас има многу мал пристап до отворени образовни ресурси, потребна е измена во неколку закони, но, се разбира, притоа да се внимава да не се повредат авторските права на авторите на учебниците – изјави Тамара Ресавска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Панел-дискусијата беше овозможена од Фондацијата за демократија „Вестминстер“ и од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, која подготви и прирачник за истражување и за пишување документи за јавни политики.


Усвоени измените за екстерното тестирање


Скопје, 6 јули, 2016 - 20:18 (META) 

Собранието денеска ги усвои новите измени на Законот за основно и за средно образование, со кои се предвидува екстерното тестирање да почне да се спроведува од шесто одделение, а не како досега од четврто одделение.

Со измените е предвидено оценките од екстерното тестирање да не се запишуваат во свидетелството, туку на посебен документ кој ќе биде додаток на свидетелството. Во законот, исто така, се предвидува Државниот испитен центар, покрај прашањата, да објави и пробни тестови, со кои учениците од шесто одделение до четврта година ќе можат да вежбаат.
Пратениците изгласаа набљудувачите на екстерното тестирање да се избираат на јавен конкурс и за нивната услуга да добијат паричен надоместок утврден од Државниот испитен центар.

Од владејачката партија велат дека измените се исти со барањата што ги имаат учениците и студентите и оти со нив ќе подобри квалитетот во основното и во средното образование.


Потребни се законски измени за поголема заштита на потрошувачите


Скопје, 17 февруари, 2016 - 16:18 (META) 

Неопходни се измени на законската регулатива за заштита на потрошувачите и на конкуренцијата за да се подобри општата состојба во овие области, оценија претставниците на компаниите членки на Американската стопанска комора во Македонија, Државниот пазарен инспекторат и Организацијата на потрошувачите на Македонија на тркалезната маса во организација на комората.

– Постои голем јаз меѓу практиките на меѓународно конкурентните компании и локалната законска рамка. Поради ова, овие компании треба да бидат вклучени во подигнувањето на стандардите и во дефинирањето на правните обврски при заштитата на потрошувачите и на конкуренцијата – рече Мишел Османли, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија.

Присутните заклучија дека само директното вклучување на деловната заедница при подготвувањето на законските решенија што се однесуваат на заштитата на потрошувачите и на конкуренцијата, ќе доведе до поквалитетни решенија, кои вистински ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваат и потрошувачите и компаниите.