!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Собранието не расправаше за законот за јазиците, пауза до утре поради локалните избори


Скопје, 13 септември, 2017 - 15:57 (META) 

По подолга пауза, Собранието попладнево ја прекина 15. седница, на која требаше, меѓу другото, да расправа за Законот за употреба на јазиците, со образложение дека сите парламентарни партии имале обврски поради пријавувањето на кандидати за локалните избори.

Претходно експресно беше изгласана одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК), која беше уфрлена како дополнителна точка.

Денешната седница мина со две гласања за симнување на законот за јазиците од дневниот ред и со две барања за пауза, кои претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги одобри, а последната потраја многу подолго од предвиденото.

Пред давањето пауза во 13.40 часот во Собранието се случуваше жестока расправа за дневниот ред на седницата, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ излегоа на собраниската говорница. Опозициската партија бараше пауза откако нејзините претставници не успеаја нивните обиди законот за јазиците да се симне од дневниот ред.

Речиси сите координатори на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ во расправата бараа да се симне законот од дневниот ред. Тие велеа дека законот не може да има европско знаменце оти не е наведено со кој пропис на ЕУ се усогласува, како и дека е прекршен деловникот, оти не бил даден во Комисијата за политички систем како матична комисија, туку на Комисијата за европски прашања.

Седницата ќе продолжи утре во 11 часот.


Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред Џафери, барајќи пауза


Скопје, 13 септември, 2017 - 13:59 (META) 

Голем број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија се собраа пред претседателот на Собранието, Талат Џафери, инсистирајќи да даде пауза. По неколку минути расправање, другите пратеници се повлекоа, а остана Илија Димовски да се расправа со Џафери. Претседателот на Собранието ги обвини пратениците од опозицијата дека сакаат насилно да прават промени.

– Мора да се работи според деловникот и законите, а вие сакате насилно да направите промени – рече Џафери, по што сепак даде еден час пауза.

Димовски побара пауза откако го нападна предлог-законот за јазиците во расправата за дневниот ред. Откако Џафери одби да го направи тоа, првин Димовски пред неговиот микрофон постојано му бараше пауза, а потоа се собраа пратениците, барајќи го истото. Џафери одбиваше да даде пауза додека пратениците не се вратат на своите места.

Претходно, во расправата за дневниот ред за денешната 15. седница, сите координатори на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ бараа да се симне законот од дневниот ред. Тие велеа дека законот не може да има европско знаменце оти не е наведено со кој пропис на ЕУ се усогласува, како и дека е прекршен деловникот, оти не бил даден во Комисијата за политички систем како матична комисија, туку на Комисијата за европски прашања.

Неколкупати во текот на денешната расправа се бараше да се гласа за симнување на законот од дневниот ред, а Џафери тоа двапати го направи, но на гласањето немаше доволно гласови „за“ и расправата продолжуваше.


Во Собрание денеска законот за јазиците и интерпелациите за Тевдовски, Алаѓозовски и за Дураку


Скопје, 13 септември, 2017 - 9:52 (META) 

На својата 15. седница, Собранието на Република Македонија денеска ќе има полни раце работа, со неколку важни точки.

Предвидено е најпрвин да се дискутира за предлог-законот за употреба на јазиците, а потоа за минималната плата и за стечајците, сите во прво читање. На дневниот ред се и законот за употреба на македонскиот јазик, како и законот со кој ќе згасне титулата национален уметник.

На дневниот ред се и интерпелациите на министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и на министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку. Сите три интерпелации се поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата почнува во 11 часот, а претходно Комисијата за политички систем и односи меѓу заедници ќе расправа за предлог-законот за јазиците, по што тој ќе биде прва точка на пленарната седница.


Спасов: Македонскиот јазик не е загрозен од Законот за употреба на јазиците


Скопје, 6 септември, 2017 - 15:29 (META) 

Македонскиот јазик не е загрозен од Законот за употреба на јазиците што е во собраниска процедура, рече проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата, на која тој презентираше пет од 25-те мерки за подобрување на состојбата на македонскиот јазик.

Новиот состав на Советот за македонски јазик ѝ ги предложил 25-те мерки на Владата, која на вчерашната седница дала позитивен сигнал и ќе одвои пари за нивната примена, што, според Спасов, е првпат една влада да одвои фондови за афирмација на македонскиот јазик.

Претседателот на Советот за македонски јазик како особено важни ги нагласи основањето фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странски универзитети и за поддршка на постоечките и отворање нови лекторати, како и преобразбата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Македонистички центар „Македоникум“ и почнување на повеќе различни школи за македонски јазик за странци и за децата кои живеат надвор од државата.

Спасов најави дека кон крајот на годината ќе почне јавна расправа и за Законот за македонски јазик, а и ќе се формира и одбор за стандардизација и за грижа за македонскиот јазик и ќе се обезбедат повеќе пари за научните работници.


Таравари: Законот за јазиците ќе помине во првите сто дена на Владата


Скопје, 3 август, 2017 - 13:50 (META) 

Усогласени се сите страни и нема коалициски пречки за разгледување на законот за јазиците, предлогот ќе помине на владина седница во стоте дена од работата на новиот владин состав, порача денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.

– Законот ќе помине во Влада и ќе се испрати во Венецијанската комисија. Ние, како партија, тоа што сме го кажале пред да влеземе во владата, како Движење за реформи во ДПА, тоа го кажавме првиот ден кога влеговме во влада, тоа го кажуваме и сега. Дали ние ќе ја напуштиме владата ако не се реализира тоа? Нема потреба да ја напуштиме владата, координирани сме и тоа ќе помине – изјави Таравари.

Тој најави и назначување на шест до осум нови директори на неколку клиники и болници деновиве, а рече и дека некои од сегашните директори ќе останат на функција.

– Уште не можам точно да кажам. Меѓутоа веќе размислуваме за одредени директори кои ќе останат. Можеби ќе бидат во периферијата, можеби во Клиничкиот центар. Сè уште правиме консултации – додаде Таравари.


Владата договори дополнителна координација за законот за јазиците


Скопје, 1 август, 2017 - 11:39 (META) 

На 18. седница синоќа, Владата на Република Македонија, покрај за шумските пожари и за проблемот со струшката депонија, расправала и за Законот за јазиците, за стечајните работници, како и за повеќе социјални закони, соопшти владината служба за информирање.

Било дебатирано за усвојување на предлог-закон за употреба на јазиците и било договорено да се прави понатамошна координација, односно да се утврдат целосно надлежностите на двете предвидени институции што треба да се формираат: агенцијата за примена на јазиците и инспекторат за употреба на јазици. Предлог-законот за употреба на јазиците по утврдување на наведеното ќе биде ставен повторно на дневен ред на некоја од наредните владини седници, појаснуваат од владината служба за информирање.

Владата, исто така, го утврдила и предлог-законот за материјално обезбедување на стечајните работници, за кој се обезбедени финансиски средства со ребалансот на буџетот. Со овој закон, според најавите од Владата, ќе се реши долгогодишниот проблем на 3.000 стечајни работници.

На вчерашната владина седница се разгледувале и прашања од социјалната сфера: била усвоена информација за потребата од вработување нови социјални работници, бил утврден предлог-законот за измени и дополнување на Законот за социјална заштита, за кој се вели дека предвидува значително унапредување на правата на лицата со попреченост, бил утврден и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата со кој се предвидува продолжување на додатокот за деца со посебни потреби по службена должност.

Била донесена и одлука да се зголеми капиталот на Република Македонија во Меѓународната банка за обнова и развој, со запишување на дополнителни 114 акции.

На осумнаесеттата седница, Владата ја усвоила и информацијата за можноста за вршење периодични здравствени прегледи од здравствени работници на корисниците во дневните центри за деца и за лица со пречки во развојот.