Измените и дополнувањата на законите не ги исполнија очекувањата на судите


Скопје, 17 мај, 2018 - 14:50 (META) 

Последните измени и дополнувања на Законот за судовите и Законот за Судски совет, не ги исполнија очекувањата на судите за ефективно реформирање на овој сектор, особено измените и дополнувањата кои ги регулираат статусните прашања, односно дисциплинската одговорност на судиите и основите за разрешување.

Таков заклучок донел Управниот одбор на Здружението на судии (ЗСРМ) на својата последна седница одржана завчера. Тој смета дека измените не се во корелација со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за период 2017 – 2022 година и изразената определба за реален инклузивен пристап на судиите во овој процес.

Од здружението ги повикуваат Владата и опозицијата да преземат законодавни активности кои во прв план ќе ги стават интересите на судиите, притоа креирајќи стабилни  решенија кои ќе ја гарантираат судската независност и самостојност.


Владиниот правосуден совет, со забелешки, „ги помина“ судските закони


Скопје, 5 април, 2018 - 9:35 (META) 

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, предводен од премиерот Зоран Заев, вчера ги разгледал предлог-законите за судовите и за Судскиот совет, при што се изнесени забелешки. Сепак, според соопштението од Владата, тие предлог-закони следната седмица ќе се најдат во Собранието. Имено, заменик-министерот за правда, Оливер Ристевски, рекол дека следната среда пратениците во Собранието ќе расправаат по предложените измени.

На својата втора седница, на која ѝ претходеше Конститутивната седница минатата недела, Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор се дискутирало најмногу за предложените законски одредби кои се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог законот кои се однесуваат на нивната заштита. Членовите на советот имале одредени забелешки и за Предлог-Законот за Судски совет на Република Македонија, се дознава од владиното соопштение.

На вчерашната, втора седница на Советот присуствувале и претставници на ОБСЕ, кои и во иднината ќе ги следат седниците.