Измените и дополнувањата на законите не ги исполнија очекувањата на судите


Скопје, 17 мај, 2018 - 14:50 (META) 

Последните измени и дополнувања на Законот за судовите и Законот за Судски совет, не ги исполнија очекувањата на судите за ефективно реформирање на овој сектор, особено измените и дополнувањата кои ги регулираат статусните прашања, односно дисциплинската одговорност на судиите и основите за разрешување.

Таков заклучок донел Управниот одбор на Здружението на судии (ЗСРМ) на својата последна седница одржана завчера. Тој смета дека измените не се во корелација со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за период 2017 – 2022 година и изразената определба за реален инклузивен пристап на судиите во овој процес.

Од здружението ги повикуваат Владата и опозицијата да преземат законодавни активности кои во прв план ќе ги стават интересите на судиите, притоа креирајќи стабилни  решенија кои ќе ја гарантираат судската независност и самостојност.


Советот за следење на правосудните реформи информиран за противењето на опозицијата


Скопје, 26 април, 2018 - 11:04 (META) 

На третата седница одржана вчера, членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор биле информирани дека некои решенија предложени од Министерството за правда за законските измени на Законот за судови, Законот за Судскиот совет на Република Македонија и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, се неприфатливи за опозицијата.

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, притоа нагласил дека на седницата на Собранието закажана за 2 мај, очекува измените на Законот за судови и Законот за судски совет да се најдат на дневен ред.


Владиниот правосуден совет, со забелешки, „ги помина“ судските закони


Скопје, 5 април, 2018 - 9:35 (META) 

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, предводен од премиерот Зоран Заев, вчера ги разгледал предлог-законите за судовите и за Судскиот совет, при што се изнесени забелешки. Сепак, според соопштението од Владата, тие предлог-закони следната седмица ќе се најдат во Собранието. Имено, заменик-министерот за правда, Оливер Ристевски, рекол дека следната среда пратениците во Собранието ќе расправаат по предложените измени.

На својата втора седница, на која ѝ претходеше Конститутивната седница минатата недела, Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор се дискутирало најмногу за предложените законски одредби кои се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог законот кои се однесуваат на нивната заштита. Членовите на советот имале одредени забелешки и за Предлог-Законот за Судски совет на Република Македонија, се дознава од владиното соопштение.

На вчерашната, втора седница на Советот присуствувале и претставници на ОБСЕ, кои и во иднината ќе ги следат седниците.


Отказ за судијата кој не носи тога, предвидуваат новите законски решенија


Скопје, 31 јануари, 2018 - 10:38 (META) 

Судија освен за партиска и политичка активност ќе може да биде разрешен од функцијата и за неноносење судска тога, како „потешка дисциплинска повреда“. Ова го предвидуваат новите измени на Законот за судовите, објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), како дел од реформите во правосудството од планот „3-6-9“ на Владата.

Судиите и досега, со актуелното законско решение, ризикуваа да добијат дисциплинска мерка за неносење судска тога, но, санкцијата за тоа беше писмена опомена, јавен укор и намалување на платата за 15 до 30 отсто во период од еден до шест месеци.

„Примање подароци и други користи во врска со судиската работа“ и со новите измени останува да се санкционира со дисциплинска мерка – опомена, укор, намалување на платата и „упатување на дополнителни часови за стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители“, која е нова одредба.

Со измените се менуваат и условите за судиите-поротници. Поротник ќе може да се стане и со средно образование, наместо со високо, како што е сега. Останува обврската за обука на поротниците во Академијата за судии и јавни обвинители, но, со измените нема да мора да полагаат завршен испит, туку ќе им се издава сертификат за завршена обука.

„Досегашното решение со кое се бараше високо образование за судија поротник како и полагањето на дополнителни испити се покажа како неефикасно и доведе до недостаток од судии-поротници во сите судови во државата“, стои во образложението на предлог-измените.

Измени има и во возрасната граница – поротник може да биде лице кое не е постаро од 60 години, наместо 64 како што е во актуелниот закон.

Со новите предлог-решенија, Министерството за правда ќе врши надзор над спроведувањето на Судскиот деловник, конкретно на функционирањето на Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС).

Надзорот ќе го врши постојана комисија, што ќе работи по годишен план. Во комисијата ќе бидат двајца „дипломирани правници со најмалку 10 години стаж на правни работи по полагање на правосуден испит и двајца информатичари обучени за работа на АКМИС.

Предвидена е и можност министерот за правда, кога ќе оцени дека е потребно, да формира комисија од надворешни експерти за проверка на функционалноста на АКМИС.

Изманите предвидуваат и Министерството за правда да биде корисник на статистичките податоци од базите на податоци од информатичките системи во правосудството, „согласно неговата надлежност за подготвување на закони од областа на правосудството, прибирање на статистички податоци за работата на правосудните институции, надзор над ажурното вршење на работите во судот и спроведувањето на судскиот деловник“.

Инаку, законот е уште во фаза на подготовка, кој заврши на 30 јануари 2018 година и допрва треба да биде утврден од Владата и усвоен од Собранието.


Два месеци ќе трае подготовката на измените на Законот за судовите


Скопје, 31 октомври, 2017 - 15:15 (META) 

Основите за разрешување судија и редефинирањето на условите за избор на судија ќе бидат дел од новиот закон за судовите, чија подготовка Министерството за правда ја почнало вчера.

Измените и дополнувањата на законот треба да бидат готови до 30 декември.

„Со предлог-законот за изменување и за дополнување на законот за судовите се врши негово усогласување со препораките дадени во мислењето на Венецијанската комисија, кое, главно, се однесува на основите за разрешување судија, основите за утврдување одговорност на судија и за изрекување дисциплинска мерка, редефинирање на условите за избор на судија, зајакнување на надзорната функција на Министерството за правда во поглед на примената на одредбите од Судскиот деловник“, стои во известувањето.

Основна цел на законот, како што се наведува, е зајакнување на независноста и на интегритетот на судиите и на нивната специјализација по области, утврдување на јасни критериуми за одговорност во вршењето на судиската функција, како и внесување на квалитативни критериуми при подготвувањето на оценката за работа.

Според Уставот, за измени и за дополнувања на Законот за судовите е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.


За изземањето на Вангеловски треба да одлучува Врховниот суд на општа седница


Скопје, 31 март, 2017 - 10:56 (META) 

Специјалното јавно обвинителство вчера побара изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на судот.

Бидејќи станува збор за претседател на највисокиот суд во земјава, односно над него нема непосредно повисока судска инстанца, законот предвидел дека за негово изземање одлучува Врховниот суд на општа седница:

Врховниот суд на Република Македонија на општа седница одлучува по барање за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонијa (член 37 од Законот за судовите).

Ова прашање е регулирано и во актуелниот Закон за кривична постапка (ЗКП):

Ако се бара изземање само на претседателот на судот, или на претседателот на судот и на судија или на судија – поротник, одлуката за изземање ја донесува претседателот на непосредно повисокиот суд, а ако се бара изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, одлуката за изземање ја донесува општата седница на тој суд (член 36, став 2 од ЗКП).

Како што соопшти вчера СЈО, во прислушуваните разговори има и разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Јово Вангеловски, како тогашен претседател на Врховниот суд, што, според СЈО, ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски да постапува по таков тип предмети, поради постоењето на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

Еве го разговорот меѓи Јанакиески и Вангеловски објавен во 11. „бомба“ на СДСМ, на 18 март 2015 година:

Јанакиески: Ало.
Вангеловски: Како си господине министер?
Јанакиески: Добар, на терен, Гевгелија.
Вангеловски: А убоо… Види вака сеа, една малку итна работа, аа знаеш за… моеш да ме следиш? Да не си у гужва, а?
Јанакиески: Влегувам во кола, повели…
Вангеловски: Е, добро. Значи за предметот „Глобал“…
Јанакиески: Добро…
Вангеловски: …има, они нели водат таа постапка, сега е кај мене тука.
Јанакиески: Добро…
Вангеловски: Аа, ми прави проблем едниот од судиите затоа што на решението кое што е донесено од моја страна го нема твојот потпис… Значи во списите на предметот…
Јанакиески: А чиј потпис има?
Вангеловски: Па, нема ничиј, празно е, ја не знам од кои причини, веројатно е таков примерокот, невозможно е да нема затоа што има печат…
Јанакиески: Може да го пушти некој на СМС-бројот на судијата…
Вангеловски: Е, сеа на СМС ќе ти го пуштам бројчето и ако е изводливо, да изорганизираш да ми пратат…
Јанакиески: Утре ќе ти го дам, на рака ќе ти го дам.
Вангеловски: Ее, така, ама не оргинал, копија, затоа што сè е во копија.
Јанакиески: Важи, готово.
Вангеловски: И ова во копија со твој потпис, ја сеа на СМС ќе ти пуштам точни бројки.
Јанакиески: Добро, чао.
Вангеловски: За да може да излезе, утре излегува од кај мене со како што треба…
Јанакиески: Готово, чао.