Субвенциите ќе може да се исплаќаат додека Уставниот суд не одлучи поинаку


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:59 (META) 

Субвенциите на земјоделците ќе може да се исплаќаат, пресече Уставниот суд, кој на денешената седница со мнозинство гласови донел одлука да поведе постапка за оценка на уставноста и на законитоста на членот 8-а од Изборниот законик и на членот 11 од Законот за спречување на корупција.

Истовремено, Уставниот суд донесе и привремена мерка со која се запира извршување на овие законски решенија до конечната одлука на судот, односно ова значи дека субвенциите ќе може да се исплаќаат до конечната одлука на судот за уставноста и за законитоста на овие членови од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупцијата.

Привремената мерка стапува на сила од денеска.

Инаку, со овие членови од двата закони е уредено располагањето со буџетските средства на државата, општините, јавните фондови, јавни установи и на претпријатија, како и исплатата на субвенциите во изборен период, односно од распишувањето избори и од почетокот на изборната кампања, до завршувањето на изборите за претседател и за пратеници и до формирањето влада.

На денешната седница по оваа точка меѓу уставните судии се разви опсежна расправа околу содржината на оспорените членови и евентуалните последици што би можеле да произлезат од нивното укинување.

Судијата известител, Владимир Стојановски, предложи укинување на членот 8-а со објаснување дека е нејасен и дека законодавецот треба дополнително да го дефинира. Од друга страна, Гзиме Старова, Наташа Габер и Садим Мурати истакнаа дека со укинувањето на членови ќе дојде до нови правни последици. Судијката Старова нагласи дека со „решавањето на прашањето за нерамноправост на граѓаните од една категорија, се отвораат нови прашања за доведување во нерамноправност на друга категорија граѓани“.