Сигналот за прислушување ќе оди во новата агенција (ОТА), а не во УБК


Скопје, 27 ноември, 2017 - 11:34 (META) 

Контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации станува член 60 од новиот Закон за следење на комуникациите, со новите измени што треба да го регулираат прислушувањето и да го заштитат од злоупотреби, во согласност со препораките од извештатите на експертската група на Рајнхард Прибе.

Членот 175, кој беше воведен во 2014 година, ги обврза телекомуникациските оператори да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да ѝ овозможат на УБК да ги следи комуникациите во нивните мрежи. Уставноста и законитоста на членот беа оспорени и пред Уставниот суд, кој летово реши да поведе постапка за негово укинување, но не донесе конечна одлука. Во меѓувреме Владата побара од Уставниот суд да ја запре постапката, со образложение дека  веќе работи на реформи во безбедносниот систем.

Со измените, овој член сега се брише од Законот за електронски комуникации, но одредбите од него нема да исчезнат, туку прецизирани се пресликани во сосема новиот Закон за следење на комуникации.

Членот 60 од новиот Закон за следење на комуникации, во најголем дел е истиот член 175, со безмалку истите одредби, а главната новина и прецизирањето во него е воведувањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА).

Ова значи дека сега ОТА ќе биде органот, а не УБК, кон кој операторите ќе имаат обврска:

  • Да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи;
  • На сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до OTA, за да се овозможи спроведување на мерките за следење на комуникациите во нивната мрежа;
  • На сопствен трошок да обезбедат и да одржуваат опрема и соодветни медијациски уреди, кои овозможуваат рефлектирање на сигналот во ОТА;
  • Во случај кога операторите имаат воведено компресија или крипто-заштита на комуникацискиот сообраќај, должни се да ја отстранат, пред да ја достават содржината на следената комуникациска услуга до ОТА;
  • Операторите имаат обврска да ѝ овозможат на ОТА, спроведување на мерките за следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење;
  • Операторите имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи;
  • Операторите треба да обезбедат лицето чии комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со спроведување на мерките за следење на комуникациите;
  • Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чии комуникации се следат;
  • Операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат.

Новиот закон за следење на комуникациите и измените на Законот за електронски комуникации,  како што е предвидено, треба да стапат на сила најдоцна до ноември 2018 година.


Владата вели дека нема незаконско прислушување во тековниот мандат


Скопје, 12 октомври, 2017 - 12:22 (META) 

Владата му предлага, а не му налага на Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, кој ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори, објаснува владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Според него, ваквиот предлог до Уставниот суд е поради тоа што веќе се работи на систематско решение за проблемите на следењето на комуникациите, односно се изготвуваат предлог-закони што ќе ја опфатат проблематиката.

– Уставниот суд, се разбира, не мора да го послуша мислењето на Владата – вели тој.

Прашан од новинарите зошто Владата настапува со таков став кој може да остави простор и понатаму УБК незаконски да прислушува, тој вели дека незаконско прислушување нема во тековниот владин мандат, а ако сепак некој се осмели да ги злоупотреби капацитетите на управата, за тоа ќе поднесе одговорност.

Според владината служба за информирање, на новите законски решенија работат и домашни и меѓународни експерти, а во расправата за предложените измени ќе биде вклучено и граѓанското општество и други експерти, а и граѓаните.

– Постапката ќе биде спроведена крајно транспарентно, а новите предлози за законски решенија многу наскоро ќе бидат презентирани пред јавноста – вели Бошњаковски.

Образлагајќи го мислењето на Владата за членот 175, тој нагласува дека расправата во Уставен би била излишна, оти новите законски решенија предвидени со планот за реформи „3-6-9“ ќе го решат целосно проблемот, елиминирајќи можност да се прислушува без судски налог и надвор од опсегот.


Реформите во УБК биле причината Владата да бара да запре постапката за членот 175 во Уставен


Скопје, 11 октомври, 2017 - 15:01 (META) 

Владата бара Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, бидејќи веќе работи на реформите во безбедносниот систем, а оваа „иницијатива е парцијална и не ѝ приоаѓа на оваа тема сеопфатно, и пресретнува еден процес кој е веќе во одмината постапка“.

„Во врска со одлуката на Владата на Република Македонија, на Уставниот суд, на негово барање да му достави мислење за прекинување на постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, информираме дека Владата веќе работи на реформите на безбедносниот систем, вклучувајки ја и Управата за безбедност и контраразузнавање и на Законот за следење на комуникациите. Затоа Владата, на 31. седница на 10 октомври оваа година, донесе мислење Уставниот суд да ја запре постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, зашто оваа иницијатива е парцијална и не ѝ приоаѓа на оваа тема сеопфатно, и пресретнува еден процес кој е веќе во одмината постапка“, стои во соопштението на Владата во врска со барањето кое предизвикува голем интерес во јавноста.

Во соопштението се додава дека предлозите на законските решенија на работната група, направени согласно препораките на меѓународните и на домашните експерти, се во завршна фаза и наскоро ќе бидат објавени.

„Тоа е и во приоритетите на планот „3-6-9“, и тоа во овој, тековен временски интервал од планот. Во подготовката на овие промени, Владата се раководи од идејата реформата во оваа област да биде транспарентна, темелна и сеопфатна и да биде под целосна контрола на институциите“, стои во соопштението од Владата.

Оттаму нагласуваат дека ова мислење на Владата е донесено „врз основа на барањето на Уставниот суд, Владата да даде мислење за оваа иницијатива и е редовна практика во комуникацијата меѓу Владата и Уставниот суд“.

Инаку, спорниот член 175 ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд во јуни донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста на овој член, откако мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Судот требаше да донесе конечна одлука на седницата на 27 септември, но одлучувањето беше одложено бидејќи судот работи во скратен состав и нема мнозинство за донесување конечна одлука.

Укинувањето или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештаите на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, оној од 2015 година и последниот од годинава.


Одлуката за прислушувањето преку телеком-операторите ќе чека Уставен да се екипира


Скопје, 27 септември, 2017 - 15:18 (META) 

Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука за уставноста и за законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, кој ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Како што изјавија за „Мета“ од Уставниот суд, одлучувањето по ова точка е одложено бидејќи судот работи во скратен состав, со осум судии, и нема мнозинство за донесување конечна одлука.

Ова значи дека за спорниот член 175 ќе се одлучува на некоја од наредните седници, кога „судот ќе се екипира“, односно ќе почне да работи во полн состав со девет судии.

Ваквата ситуација произлезе откако на судијата Исмаил Дарлишта на 31 јули му истече деветгодишниот мандат, а негов наследник Собранието сè уште не именувало. На 7 октомври им истекува мандатот и на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова.

Инаку, иницијативата за укинување на членот 175 од Законот беше прифатена од Уставниот суд на седницата што се одржа на 21 јуни оваа година. Таа предизвика обемна и жестока дебата, во која своите ставови ги кажаа сите, тогаш деветмина членови на Уставниот суд.

Мнозинството судии на седницата тогаш изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

На денешната седница, како што иформираат од Уставниот суд, биле прифатени иницијативите за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за извршување и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Уставните судии „изразиле сомнеж дека оспорените членови од Законот за извршување, како и целиот Закон за одредување на видот и одмерување на казната се неуставни“, велат од Судот.


Уставниот суд в среда пресекува дали УБК смее да прислушува преку телеком-операторите


Скопје, 25 септември, 2017 - 10:25 (META) 

Уставниот суд в среда ќе ја одржи првата седница по летната ферија, на која, според агендата, судиите треба да ја донесат конечната одлука за членот 175 од Законот за електронски комуникации, односно дали Упрвата за безбедност и контраразузнавање смее да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Овој предмет, заведен под бројот У.бр.29/2015, е прва од петте прифатени иницијативи, за кои уставните судии треба да донесат конечна одлука на седницата, за нивната уставност и законитост.

Иницијативата за укинување на членот 175 од Законот беше прифатена од Уставниот суд на седницата што се одржа на 21 јуни оваа година. Таа предизвика обемна и жестока дебата, во која своите ставови ги кажаа сите деветмина членови на Уставниот суд.

Предлогот на судијката Вангелина Маркудова, која е и судија известител за овој предмет, го прифатија нејзините колеги Сади Мурати, Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта и Газиме Старова. Од другата страна, „против“ беа претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и судиите Јован Јосифовски, Елена Гошева и Владимир Стојаноски.

Мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Инаку, доколку има гласање в среда, Уставниот суд ќе ја носи конечната одлука во скратен состав, бидејќи на судијата Исмаил Дарлишта деветгодишниот мандат му истече на 31 јули, а негов наследник Собранието сè уште не именувало. На 7 октомври им истекува мандатот и на судијките Габер-Дамјановска и на Гзиме Старова.

Оспорениот член од Законот за електронски комуникации, кој беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации од почетокот на 2014 година, ги обврзува телекомуникациските оператори „сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење“.

Укинувањето или измената на членот 175 е и една од препораките во извештајот од 2015 на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, но и во новиот објавен неодамна.

„УБК сè уште има директен пристап до техничката опрема што овозможува отсликување на комуникацискиот сигнал“, стои во новиот извештај на експертската група на Прибе, која нотира дека и по две години од препораките во првиот ситуацијата со реформите во следењето на комуникациите останува непроменета.


Уставен суд пресече – ќе расправа дали УБК може да прислушува без судски налог


Скопје, 21 јуни, 2017 - 13:41 (META) 

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации. Мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд сега треба да го утврди решението од денешната седница, што најрано би се случило на 5 јули, а потоа да го достави до Собранието како подготвувач на законот.

Законодавниот дом има рок од 30 дена да достави известување до Судот врз основа на кој ќе биде подготвен предлог за понатамошно одлучување. Потоа ќе се закаже седница на која судиите ќе одлучуваат дали ќе го укинат, поништат или ќе бараат измена на оспорениот член.

На гласањето за прифаќање на иницијативата му претходеше жестока и бурна расправа помеѓу уставните судии, кои, сите до еден, се вклучија во дискусијата.

Предлогот на Маркудова за прифаќање на иницијативата го поддржаа и судиите Сади Мурати, Наташа Габер, Исмаил Дарлишта и Газиме Старова. Од другата страна, „против“ беа претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и судиите Јован Јосифовски, Елена Гошева и Владимир Стојановски.

Членот 175 беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации од почетокот на 2014 година и ги обврза телекомуникациските оператори „сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење“.

Инаку, укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештајот на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, од 2015 година.


Уставен суд денеска расправа дали УБК може да прислушува без судски налог


Скопје, 21 јуни, 2017 - 9:22 (META) 

Уставниот суд ја почна расправата за уставноста и законитоста на контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации, со кој на телекомуникациските оператори во земјава им се наложува „да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да ѝ овозможат на УБК да ги следи комуникациите во нивните мрежи, без судски налог“. Судија известител е Ангелина Маркудова.

Иницијативата за разгледување на уставноста и на законитоста на овој член е поднесена во 2015 година, односно истата година кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, т.н. „бомби“.

Оваа иницијатива беше на дневен ред на Уставниот суд во март оваа година, но нејзиното разгледување беше одложено поради обемниот материјал, доставен во прилог на иницијативата.

Членот 175 беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации од почетокот на 2014 година и ги обврза телекомуникациските оператори „сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење“.

Две години претходно, односно во септември 2012 година, беа донесени измени на Законот за следење на комуникациите, со кои беше избришан членот 2 од Законот, кој предвидуваше дека „никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата“.

Инаку, укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештајот на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, од 2015 година.

„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. Уредите за пренасочување (proprietary switches) треба да бидат преместени во просториите на телекомуникациските оператори. Операторите треба да ги активираат и да ги пренасочуваат сигналите до надлежните органи (полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или до безбедносните органи (Управата за безбедност и контраразузнавање, Агеницијата за разузнавање и одделот за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантна судска наредба и само за целите на законското прислушување. Под кои било околности, УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите“, беше наведено во извештајот на Прибе.

Прибе кон крајот на оваа недела доаѓа на конференција на МАНУ, а во јули тој заедно со својот тим повторно ќе ја посети земјава, во рамките на неговиот ангажман да ѝ помогне и да ја советува новата Влада околу прашањата за реформските приоритети, особено за владеењето на правото.


Уставните судии ја одложија расправата за прислушувањето преку телеком-операторите


Скопје, 29 март, 2017 - 10:57 (META) 

Уставните судии денеска го одложија за една од наредните две седници разгледувањето на иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации.

Причина за ваквата одлука, како што беше истакнато на денешната седница, е обемниот материјал доставен во прилог на иницијативата.

Разгледувањето на оваа иницијатива требаше да биде прва точка на дневен ред на денешната седница на Уставниот суд.

Инаку, со членот 175 донесен со измените на Законот за електронски комуникации во 2014 година, на телекомуникациските оператори во земјава им се наложува „да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи“.

Иницијативата за разгледување на уставноста и на законитоста на овој член е поднесена во 2015 година, односно истата година кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, т.н. „бомби“.

Во иницијативата, како што се гледа од објавата на Уставниот суд, оспорен е целиот член 175, односно сите 10 става од него.


Уставен суд в среда ќе расправа дали е уставно УБК да прислушува преку телеком-операторите


Скопје, 24 март, 2017 - 13:51 (META) 

Уставниот суд на наредната седница закажана за среда, 29 март, ќе ја разгледува иницијативата за уставноста и законитоста на контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации. Со овој член донесен со измените на Законот во 2014 година, на телекомуникациските оператори во земјава им се наложува „да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи“.

Разгледувањето на оваа иницијатива, како што стои во агендата за седницата на Уставниот суд, е прва точка на дневенниот ред.

„Член 175 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2014, 188/2014, 44/2015 и 193/2015), Реферат У.бр.29/2015“, стои во агендата.

Иницијативата за разгледување на уставноста и на законитоста на овој член е поднесена во 2015 година, односно истата година кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, т.н. „бомби“.

Во иницијативата, како што се гледа од објавата на Уставниот суд, оспорен е целиот член 175, односно сите 10 става од него.

Инаку, членот 175 од Законот за електронски комуникации (објавен во „Службен весник“ на 25 февруари 2014 година) вели дека операторите се должни да ги обезбедат техничките услови за следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за следење на комуникациите.

Операторите сами, на сопствен трошок, се должни да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење. За опремата, операторите се должни да побараат техничка спецификација од надлежниот орган, кој ги утврдува и мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот.

Грижа на операторите е да водат сметка лицата чии комунакции се следат да не забележат дека се следени, што значи квалитетот на комуникацијата да биде на ниво, дури „операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и од квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат. (Од членот 175)

Законот за електронски комуникациите беше менуван и во 2010 година, кога тогашната власт со членот 115 ја извади одредбата дека телекомуникациските оператори можат законски да прислушуваат само во моментот кога ќе го добијат налогот за следење комуникации од надлежен суд.

Оваа одредба, која тогаш предизвика многу контроверзи во јавноста, беше укината од Уставниот суд во декември 2010 година. Сепак, во 2014 година Законот за електоронски комуникации доживеа нови измени, односно беше воведен членот 175. Во овој член повторно никаде не се споменува „судски налог“, освен дека прислушувањето мора да биде во согласност со Законот за следење на комуниакциите.

Две години претходно, односно во септември 2012 година, беа донесени измени на Законот за следење на комуникациите, со кои беше избришан членот 2 од Законот, кој предвидуваше дека „никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата“.