Силен земјотрес ја погоди Грција, издадено е предупредување за цунами


Занте, 26 октомври, 2018 - 9:43 (META) 

Тревога за опасност од цунами е издадена утринава на брегот на Средоземно море по силниот земјотресот од 6,8 степени што го погоди јужниот дел на Грција, соопшти европскиот сеизмолошки центар.

Нивото на морето се менува во близина на Грција и се формира цунами, се наведува во пораката испратена на „Твитер“. Испратено е предупредување луѓето да останат подалеку од плажите.

Земјотресот кој во 01.54 часот по локално време го погоди Јонското Море, со епицентар во морскиот дел на 44 километри југозападно од островот Закинтос, предизвика само материјална штета. Нема информации за жртви и повредени.

Голем дел од островот Закинтос неколку часа бил без електрична енергија, дел од граѓаните ноќта ја поминале на улица, а со одлука на градоначалникот училиштата денеска се затворени.

Во истиот регион следувале и претходеле уше неколку последователни земјотреси со силина од 4,8 до 6 Рихтерови степени.

Најсилниот потрес бил почувствуван и во Македонија, Албанија и Италија.


Закинтос ги загуби сите 18 Сини знамиња


Атина, 23 јули, 2018 - 10:38 (META) 

На Закинтос, еден од најпопуларните острови во Јонсокото море, му се одземени сите Сини знамиња. Локалните медиуми јавија дека Хеленското друштво за заштита на природата и Советот за туризам ги отстраниле сите Сини знамиња од островот Закинтос по жалбите дека плажите на кои им се доделени овие признанија не ги исполнуваат критериумите.

Сино знаме за плажи и марини е меѓународен еколошки стандард за квалитет на заштита на животната средина на морето и брегот. Сини знамиња се доделуваат секоја година на плажи и марини кои ги исполнуваат строгите меѓународни стандарди според 33 критериуми.

Причините за повлекување се жалби во врска со управување со течен отпад, а посебно одлив на отпадни води во реката Агиос Хараламбос. На почетокот од јули имаше инцидент во подрачјето на реката Агиос Хараламбос кога после пропуст на вработени во комуналната хигиена кои затвориле само една од две пумпи, канализацијата завршила во реката.

Другите фактори кои се додадени на одлуката за повлекување на овие признанија се присуството на смет на улиците на кој многу туристи се пожалиле, како и отсуство на спасувачи на плажите со Сино знаме.

Минатата година беа отстранети пет сини знамиња од плажи на Закинтос, како и на плажата Миртос на блискиот јонски остров Кефалонија.


Срби и Грк претепале до смрт американски турист на Закинтос


Закинтос, 7 јули, 2017 - 19:42 (META) 

Американски турист починал како резултат на повредите добиени од претепувањето од страна на српски туристи и на еден Грк. Нападот се случил во кафе-бар на грчкиот остров Закинтос, а му претходела расправија меѓу група Американци и група Срби. И двете групи биле под дејство на алкохол.

Околу 3.15 часот денеска, близу локалот „Бар код“ во Лаганас, српските гости заедно со грчкиот бармен и обезбедувачот Британец со српско потекло го претепале 22-годишното момче од Тексас. Откако излегол од локалот, го фатиле на 20-тина метри од излезот и го удирале и го клоцале околу половина минута. Неговите придружници кои излегле да му помогнат, не успеале да го одбранат. Потоа бил префрлен во болница со тешка рана на главата, но докторите не можеле да го спасат.

Полицијата ги уапсила барменот Грк и обезбедувачот на кафулето, кој е Србин со британско државјанство.


Кај Закинтос спасени 117 имигранти


Атина, 12 јули, 2015 - 13:41 (META) 

Грчката крајбрежна стража спаси денеска 117 мигранти во Јонско Море, западно од брегот на грчкиот остров Закинтос.

Грчките власти синоќа, по добиен повик за помош, откако воен авион забележал брод со мигранти западно од островот, почнаа операција за спасување.

Како што се наведува во соопштението од крајбрежната служба, мигрантите со чамци за спасување се пренесени на крстосувачот „Островска принцеза“, кој пловел во непосредна близина, а потоа се префрлени на копно.