Двајца мртви, во центарот на Белград се сруши ѕид при изградба


Белград, 29 август, 2018 - 11:14 (META) 

На градилиште кое се наоѓа меѓу Сараевската улица и улицата Кнез Милош во самиот центар на Белград се сруши ѕид и затрупа најмалку две лица.

Се срушил ѕид од зграда која се прави на местото на некогашната амбасада на САД.

Според неофицијалните информации во оваа несреќа има дека има уште затрупани.

Операцијата за спасување е во тек.


Во Драмски театар денеска комеморација за Ванчо Петрушевски


Скопје, 27 август, 2018 - 9:55 (META) 

Комеморација за актерот Ванчо Петрушевски, кој завчера загина од струен удар во скопското село Орешани, ќе се одржи денеска во 10 часот во Драмскиот театар Скопје.

Според извештајот од полицијата, Петрушевски станал жртва на струен удар додека качен на метална скала работел со електричен заварувач на пластични цевки во неговата викендичка.

„Џинот од македонската актерска сцена својата кариера ја помина токму во Драмски театар уште од 1975 година и остави безброј актерски остварувања“, порача Драмски театар Скопје, наведувајќи ја неговата биографија.

Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Дипломирал на Отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1975 година. Оттогаш како актер работи во Драмскиот театар во Скопје се до неговото пензионирање во 2017 година.

„Со успех настапувал во повеќе улоги во претстави од домашни и странски автори и секојпат покажува духовити поединости кои им даваат на неговите ликови карактеристични движења и гримаси. Неговата актерска игра се одликува со ненаметливост и спонтаност во изразот како виртуозно обликување на комични и трагични ефекти со што ги плени театарските гледачи, со што тие стануваат негови обожаватели. Со мангупска комика, непрекинато концентриран, играта успева да ја префрли преку рампата до гледалиштето, со што Ванчо Петрушевски го вбројуваме во редот на исклучителни актери“, се нагласува во соопштението од Драмски театар.

Ванчо Петрушевски беше активен на повеќе полиња и надвор од театарот, како водител на кулинарско шоу, снимаше филмови, а негова пасија беше и сликарството. Тој е еден од творците на серијата Македонски народни приказни. Многу генерации го препознаваат по ликот на Рамче од радиоемисијата „Хихирику“.

На сцената на Драмскиот театар настапувал во повеќе претстави меѓу кои се: Ослободувањето на Скопје, Солунски патрдии, Панургиј, Чудото на свети Ѓорѓија, Сомнително лице, Мачорот Мики Траси и Џингин Кан, Полнета птица, Дупло дно, Коприварник, Ноќ спроти Водици, Собирен центар, Чија си, Женски оркестар, Грев или Шприцер, Харем, Маратонците го трчаат почесниот круг, Зоолошка приказна, Сега му е мајката, Вујко Вања, Словенскиот ковчег, Платонов, Земјомерот, Сонот на летната ноќ, Тетовирани души,  Марисол, Хамлет од Долно Гаштани, Македонски рулет, Лебедова песна,  Баал, Живот во тесни чевли, Буре барут, Атена со пенис.

Ванчо Петрушевски настапувал на сцените на Македонскиот народен театар и во театрите во Штип и Велес…

Добитник е наградите „Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 година за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 год.).

Во 1987 година, Ванчо Петрушевски го доби признанието за најпопуларно ТВ лице на годината според гласовите на читателите на весникот „Вечер“, а во 1988 година, според анкетата на ревијата „Екран“ е добитник на наградата „Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата.


Во сообраќајка загина Зоран Стефановски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија


Скопје, 6 ноември, 2017 - 11:18 (META) 

Во сообраќајна незгода што се случила ноќеска во Скопје, загина Зоран Стефановски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија.

Според полицијата, несреќата се случила околу еден часот по полноќ, кога Стефановски, кој управувал возило „рено меган“ со прилепски регистарски ознаки, излетал од патот и удрил во сообраќаен знак и рекламен билборд на крстосницата од булеварот Александар Македонски и сервисната улица која ги повзува со кружен тек булеварот Никола Карев и улицата Беласица.

Стефановски со возило на итна помош бил префрлен во градската хируршка болница „Свети Наум Охридски“, каде околу 1.20 часот им подлегнал на повредите.


Во експлозија во Крагујевац загина едно лице, а по три сè уште се трага


Белград, 1 март, 2017 - 10:51 (META) 

Српскиот министер за одбрана, Зоран Ѓорѓевиќ, оцени дека постои опасност од нови експлозии во Техничко-ремонтниот завод во Крагујевац, каде вчера загина едно лице, а 25 припадници на српската војска се повредени при гаснењето на пожарот.

Српските медиуми јавуваат дека група од 74 работници се безбедно евакуирани.

Министерот формираше комисија која ќе ги истражи причините за несреќата. Сè уште се трага по три лица, од кои еден претставник на армијата и двајца цивили. Во потрагата, како што јавуваат медиумите, се вклучени беспилотни летала и роботи.
Здравствената состојба на повредените е стабилна, а двајца од нив веќе се пуштени на домашно лекување.


Македонка загина во терористички напад на Брегот на Слоновата Коска


Скопје, 15 март, 2016 - 14:40 (META) 

Mакедонската државјанка Анита Андреевска-Митровска е една од жртвите во терористичкиот напад во предградието на главниот град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, потврдија од Обединетите нации.

„Мисијата на ОН на Брегот на Слоновата Коска и програмата на ОН за волонтери со жалење известува за смртта на волонтерката на ОН која служеше како цивилен персонал во инженерската служба на Мисијата на ОН во оваа земја. Анита Андреевска-Митровска беше убиена во нападот што се случи во неделата, на 13 март, во Гранд Басам, во предградието на Абиџан“, се вели во соопштението од ОН од Бон.

Од ОН велат дека Андреевска-Митровска на Брегот на Слоновата Коска пристигнала лани во декември, како менаџер на кампот. Претходно од 2012 до 2015 година таа работела во Авганистан.

Во терористичкиот напад во туристичкото место Гранд Басам во неделата загинаа 16 луѓе. Одговорноста за нападот ја презеде фракција на Ал каеда.

Од Министерството за надворешни работи информираа дека денеска била остварена и средба со семејството, на која им било изразено сочувство на најблиските за загубата и биле уверени дека Министерството ќе ги преземе сите потребни активности во согласност со законските прописи за пренесување на телото на починатата во нашата земја.

„Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, испрати и телеграма со сочувство до неговата еминенција, господинот Абдалах Алберт Тојкус Мабри, министер за надворешни работи на Брегот на Слоновата Коска, во која изрази жалење за сите жртви од грозоморниот чин и истакна дека Република Македонија го осудува овој чин и ја изразува својата целосна поддршка и солидарност кон сите земји што се соочуваат со терористички напади“, стои во соопштението од МНР.


Тел Авив: Еден убиен и десет повредени во напад со нож


Тел Авив, 8 март, 2016 - 20:53 (META) 

Американски турист е убиен, а 10 лица се повредени во Тел Авив, откако маж ги нападнал со нож.

Како што јавуваат израелските медиуми, повеќето од повредените се во тешка здравствена состојба.

Напаѓачот прво прободел најмалку три лица во близина на пристаништето во предградието Џафа, а потоа трчајќи по булеварот, почнал да боде и други лица.


Одбележана годишнина од смртта на Трајковски пред спортскиот центар


Скопје, 26 февруари, 2016 - 12:26 (META) 

По повод 12-годишнината од трагичната смрт на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, денеска пред споменикот поставен во негова чест, пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се оддржа пригодно чествување.

Свежо цвеќе пред спомен-обележјето положи директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и претставникот на Сојузот на спортски федерации на Македонија, Борче Боев.

Исто така, со положување свежо цвеќе почит му оддадоа и претставници од спортскиот центар „Борис Трајковски“, делегација од Општина Карпош и претставници на спортските клубови и на спортските медиуми.

Поранешниот pретседател на Република Македонија Борис Трајковски беше голем поддржувач на македонскиот спорт, а во младоста се занимаваше и со одбојка. Тој трагично загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар во 2004 година.


Почина велосипедистот кој настрада во сообраќајка во Скопје


Скопје, 26 септември, 2015 - 10:35 (META) 

Почина велосипедистот кој вчера попладне беше прегазен на крстосницата на булеварот Партизански одреди со улицата Френклин Рузвелт.

Шеесет и четиригодишниот скопјанец Нинослав С. го загуби животот откако во него удрил автомобил „ауди“, управуван од 20-годишниот Е.Т. од Скопје. Тој со Итна помош беше пренесен во Ургентниот центар, каде им подлегнал на повредите.

Откако Е.Т. удрил во велосипедистот, со автомобилот потоа удрил и во автобус.

Полицијата на местото на несреќата извршила увид.


Уште еден Косовец загина во Сирија


Приштина, 30 ноември, 2014 - 16:33 (META) 

Уште еден Албанец од Косово е убиен на боиштата во Сирија. Косовецот Бурим Демоли од Коловица, кај Приштина, бил припадник на џихадистите на Исламската држава, а во Сирија заминал со сопругата и со четирите деца. За нив засега нема никакви информации.

Според неофицијалните информации, досега во Сирија и во Ирак се убиени околу 60 Албанци од Балканот, најмногу од Косово. Од Македонија загинале 11 државјани.