!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Општина Карпош отвори телефонска линија за пријавување несовесни граѓани што загадуваат


Скопје, 24 ноември, 2017 - 11:54 (META) 

Општина Карпош отвори телефонска линија за пријавување несовесно палење смет, гуми, кабли, пластика и друг токсичен материјал кој ја загадува животната средина.

„За да дејствуваме превентивно против загадувањето на животната средина, ве молиме да ги пријавите несовесните граѓани кои палат смет, гуми, кабли, пластика и друг токсичен отпад“, велат од Општина Карпош.

Граѓаните може да пријавуваат нерегуларности секој ден, во текот на 24 часа, на телефонскиот број 078 257 640 или на 192.


„О2“: Буџетот за 2018 година е најголем, со најмал процент за борбата со загадувањето


Скопје, 24 ноември, 2017 - 11:35 (META) 

Од буџетот за 2018 година, за заштита на животната средина планирани се 0,4 отсто од вкупните расходи, најнизок процент досега, велат од Коалицијата за чист воздух „О2“ .

„Нели здравата животна средина, чистиот воздух, чиста вода ќе беа приоритет? Или толку беше? Кампањите завршија, па може да се продолжи по старо, со празни реторики, а во реалноста само 0,4 отсто се одвоени за заштита на животна средина. Во најголемиот буџет досега, каде со значителна сума учествуваат даноците поврзани со животна средина и зголемената акциза на нафта, ние имаме најнизок процент на доделени средства за заштита на животна средина“, велат од „О2“.

Од коалицијата информираат дека за намалување на загадувањето за 2018 година одвоени се само 11 отсто од сумата наменета за заштита на животна средина, односно 1,7 милиони евра, од кои, пак, за намалување на аерозагадувањето заедно со надзорот – само 635.000 евра.

„Само за патни трошоци во Собранието одвоени се двапати повеќе средства од тие за надзор и за заштита од аеорзагадување. Вкупниот буџет на МЖСПП е речиси еднаков на парите издвоени за зградата за јавна администрација, ентериерното уредување на Градската куќа и за Факултетот за драмски уметности“, додаваат од Коалицијата „О2“.


Шилегов: Галиите се небезбедни, дадов налог да се дислоцираат


Скопје, 24 ноември, 2017 - 10:27 (META) 

Новиот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервју за „Телевизија 24“ откри дека потпишал налог за дислоцирање на галиите што се наоѓаат во реката Вардар во центарот на Скопје.

– Планот е бродовите да се дислоцираат. Тие се небезбедни затоа што претставуваат определен вид брана во услови кога коритото на Вардар е проектирано за проточни води во наредните 100 години. Доколку дојдат поголеми води, може да дојде до излевање на реката во Скопје – изјави Шилегов.

Според него, најспорно е тоа што овие објекти претставуваат урбанистичка опрема според документацијата издадена од Градот, иако се градби на неколку ката.

Во врска со загадувањето, Шилегов рече дека и во изборната кампања истакнал дека не може да се очекуваат спектакуларни резултати уште во првата сезона.

– Да можеше да се реши, верувајте, ќе го направевме тоа. Проблемот со згадувањето во Скопје е тоа што во изминатиот период немавме системска и систематска борба против него. Загадувањето не може да се реши ако решавате само сегменти, морате да влезете фронтално во трите најголеми причинители, а тоа се возилата, загревањето на домовите и инспекцискиот надзор за градежништвото и комуналниот надзор за палењето. Во првата сезона може да има мерки што нема да го решат загадувањето, но може да го ублажат – додаде Шилегов.


Богоев и Макрадули договориле дополнителни мерки против загадувањето во Карпош


Скопје, 22 ноември, 2017 - 18:32 (META) 

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денеска имал средба со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, и со директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Мирослав Богдановски, на која било разговарано за дополнителни мерки за намалување на загадувањето на воздухот во оваа општина.

Како што се наведува во соопштението на Општина Карпош, на средбата биле утврдени задачи кои треба да се реализираат во претстојниот период.

Богоев нагласил дека локалната самоуправа ќе продолжи со секојдневните контроли и дежурствата на инспекторите, додавајќи дека во изминатиот период биле санкционирани повеќе потпалувачи на секундарен отпад, што е еден од најчестите загадувачи на воздухот.

Заменик-министерот за животна средина, Макрадули, истакнал дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе спроведе детална анализа и лоцирање на објектите кои загадуваат на територијата на општина Карпош.

Во соопштението се наведува дека Општина Карпош ќе продолжи со чистење на дивите депонии, како и со оградување и со осветлување на исчистените места за да не се повтори загадувањето, а најавени се и нови, специјализирани контејнери за селектирање отпад.


Макрадули: До 2020 година ќе биде забрането греењето со јаглен


Бон, 18 ноември, 2017 - 12:08 (META) 

Греењето на јаглен во Македонија до 2020 година ќе биде забрането, истакна заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, кој учествуваше на Светската климатска конференција во Бон.

Тој додаде дека оваа мерка е дел од македонските заложби за заштита на животната средина и од борбата со климатските промени кои се предизвикани од огромната емисија на јаглеродни гасови во атмосферата, со што драстично се зголемува температурата на планетата.

– Две третини од загадувањето во Скопје е резултат на затоплувањето на домовите и на користењето несоодветни материјали и затоа тоа е приоритетен проблем на Владата – вели Макрадули.

Некои податоци, како што соопшти, покажуваат дека дури 100 семејства на територијата на општина Центар во Скопје се греат на јаглен, а многу од домовите се затоплуваат со неквалитетни дрва, но и со друг штетен материјал.

Макрадули вели дека загадувањето може да се реши само со интегриран пристап и со активности во сите области паралелено и со мерки на долг рок, но кои треба да почнат да се реализираат веднаш.


ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов бесрамно се фали со проекти на Трајановски


Скопје, 15 ноември, 2017 - 12:46 (META) 

Петре Шилегов бесрамно продолжува да се фали со проекти на Коце Трајановски, реагираа денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека денешниот повик на Град Скопје за субвенционирање на печки за греење со пелети е трет по ред и бил планиран во годишниот план донесен во време на Трајановски.

„Шилегов затскрива дека ова е трет по ред повик, а претходно беа објавени уште два други во март оваа година и во октомври минатата година. Разликата е што и за ова ги скратија парите. Ако во март за време на управувањето со град Скопје на Коце Трајановски беа обезбедени 7 милиони денари за субвенции, денес Шилегов се фали со повеќе од дупло помалку пари, или само 3 милиони денари. Со четириесетина илјади евра не може да се прочисти загадениот воздух во Скопје“, стои во ракцијата.

Од партијата наведуваат дека е обидот да се престави дека само со оваа мерка ќе се прочистеле воздухот е лага и дека оти всушност претставува обид да се избегне одговорност и да се создадат лажни надежи.

„Ниту СДС, ниту Шилегов имаат конкретен план за прочистување на загадениот воздух поради кој секој ден се губат човечки животи. Ќе потсетиме на 24-ти октомври 2016-та година потпретседателот на СДС, Дамјан Манчевски на прес-конференција од Средно Водно излажа дека имале план, цитирам -„Имаме план и точни предлог мерки“. Една година потоа гледаме дека Шилегов допрва вели дека ќе правеле план, а СДС не превзема ниту една мерка за загадувањето, воздухот не е почист, туку секој ден се повеќе загаден“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


„О2“ бара пониски прагови за алармирање за загадувањето на воздухот


Скопје, 14 ноември, 2017 - 16:52 (META) 

Граѓанската иницијатива „О2“ – Коалиција за чист воздух, до Владата доставила предлог за намалување на праговите на информирање и алармирање на канцерогените ПМ10-честичките.

„Неопходно е алармантната состојба да биде прогласена соодветно реалноста и опасностите по здравјето по секој жител, а не соодветно избегнување на бројот на вклучувања на тој аларм. Ако град Скопје не може да донесе сет мерки кои ќе важат во тек на целата грејна сезона, тогаш прагот ќе мора да ја отсликува реалноста на загадувањето со ПМ10, а не да ја избегнува истата“, велат од граѓанската инцијатива.

Од Коалицијата „О2“ бараат прагот на информирање за ПМ10-честичките да биде 50 микрограми на метар кубен, а никако повисок од 75 микрограми на микрограми на метар кубен, два дена последователно. Прагот на алармирање да биде поставен на 70 микрограми на метар кубен, но не повисок од 100 микрограми, два дена последователно.

Од инцијативата бараат никакви други дополнителни услови да не влијаат на надминувањето на праговите.

„Не се согласуваме со предлогот на Министерството за животна средина прагот на информирање да биде 100 микрограми на метар кубен два дена последователно и прагот на алармирање да биде 200 микрограми на метар кубен со намалување до 150 микрограми до 2022 година, два дена последователно“, додаваат од Здружението.

Светската здравствена организација препорачува изложеноста да не е поголема од 20 микрограми на метар кубен годишно со максимално 3 дена годишно над 50 микрограми, без дополнителни услови.


ВМРО-ДПМНЕ: На Заев му е побитен евтиниот популизам, отколку чистиот воздух


Скопје, 14 ноември, 2017 - 10:05 (META) 

Владата на Зоран Заев шест месеци нема превземено ниту еден суштински чекор за прочистување на воздухот, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека наместо почист воздух, градовите се гушат во смог, а „ветувањата на СДС доживуваат фијаско“.

„Наместо да се справуваат со загадувањето, градоначалниците на СДС тргнаа со контрамерки. Шилегов и Богоев ги стартуваа мандатите со сечење на дрва низ градот. Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање секојдневно алармираат превисоки концентрации на ПМ10-честичките, загадено е низ цела Македонија, а вчера особено алармантно беше во Тетово, Карпош и Кавадарци“, стои во соопштението.

Од партијата додаваат дека „згора на тоа СДС се дрзна да ја укине и акцијата „Денот на дрвото“, во која досега, според ВМРО-ДПМНЕ, биле засадени 36 милиони дрва, со над 50 отсто успешност.

„Граѓаните врз сопственото здравје почнаа да ги чувствуваат лагите и манипулациите на владата на СДС. На Заев му е побитно да продава евтин популизам отколку да реализира реални мерки со кои ќе се подобри живеењето на граѓаните на Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Со една мерка нема да се намали загадувањето, потребен е сеопфатен пристап


Скопје, 8 ноември, 2017 - 15:47 (META) 

Потребен е сеопфатен пристап од централната и од локалните власти, невладините организации, приватниот сектор и од домаќинствата за да се надмине проблемот со загадувањето на воздухот. Ова е заклучокот од состанокот на министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, и неговиот заменик Јани Макрадули, со градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов, и со градоначалниците на општините од Скопскиот Регион.

Министерот Дураки истакна дека првпат во буџетот на Македонија е предвидена ставка со средства и со мерки за намалување на аерозагадувањето и за отстранување на дивите депонии.

Дураки посочи дека во соработка со локалната самоуправа произлегуваат неколку предлог-проекти за решавање на овие појави, а тоа се субвенционирање за поставувањето филтри во институциите, поставување филтри во јавните претпријатија и тие да добијат А-лиценца, поттикнување на употребата на електрични возила, зголемена и зајакната инспекцијата и контрола од одговорните инспекторати на државата.

Макрадули апелираше на заедничка акција на државните органи, бизнис-заедницата, невладиниот сектор, медиумите и на граѓаните.

– Сите анализи покажуваат дека доколку се примени само една мерка, загадувањето не може многу да се намали и затоа ни треба еден интегративен пристап, кој го промовираме денеска. Пристап, кој значи зголемена контрола за време на техничкиот преглед, сочувување на зелените површини и на урбаниот простор – изјави Макрадули.

Шилегов рече дека до крајот на неделата ќе излезат со заеднички определени мерки, кои секој ќе треба да ги имплементира во рамките на својата надлежност.

Според податоците од новата студија што ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), дури 45 отсто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 отсто на електрична енергија, а само 21 отсто се приклучени на парно. Според истражувањето, греењето најмногу придонесува за загадување на воздухот.

– Во текот на една грејна сезона, се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја што ги има на Водно – рече директорката на УНДП за Македонија, Луиза Винтон.


Дураки и Макрадули ќе разговараат за загадувањето со скопските градоначалници


Скопје, 8 ноември, 2017 - 9:52 (META) 

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, и заменик-министерот Јани Макрадули со градоначалникот на Град Скопје и со градоначалниците на општините од Скопскиот Регион денеска ќе одржат состанок за координирање и за усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Од Министерството информираат дека на состанокот ќе биде презентирана моменталната состојба, законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, како и предлог-мерките и патоказите за дефинирање на идната комуникација и на заедничкото дејствување на МЖСПП, УНДП, Државниот инспекторат за животна средина и на Инспекцискиот совет.

На средбата, како што е најавено, ќе присуствуваат и постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.