ЛП: Налепниците нема да го решат проблемот со загадувањето


Скопје, 14 ноември, 2018 - 10:24 (META) 

Либералната партија (ЛП) смета дека со воведувањето на црвена, жолта и зелена еколошка налепница за возилата нема да се реши проблемот со загадувањето.

„Ќе се удри по најсиромашниот слој граѓани кои својата последна заштеда ја искористиле за купување на сопствено возило, кое во 21 век претставува потреба, а не луксуз. Загадувањето прикажано на мерните станици покажува најголеми бројки на загадување во часовите по полноќ, период во кој низ главниот град се движи минорен број на возила. Затоа сметаме дека одговорноста треба да се бара во дивите депонии, потпалувачите на отпад и фабриките“, порача партијата.

ЛП вели дека и субвенционирањето на електрични и хибридни возила не е долгорочно решение и предлага Владата да ја укине акцизата за увоз на нови автомобили, товарни возила и механизација во наредните две години, за во краток период граѓаните да се ослободат од старите возила. Партијата предлага и во деновите со загадување над максимално дозволените граници, автобускиот превоз да биде бесплатен за сите граѓани во земјава.


O2: Справувањето со загадувањето да се вклучи во буџетот – или оставка!


Скопје, 13 ноември, 2018 - 9:38 (META) 

Во предлог-буџетот за следната година во ниту едно место не се споменува заштитата на животната средина и намалување на загадувањето. Тоа потврдува дека овој проблем е небитен за Владата, порача Иницијативата О2.

„Комплетниот дебакл што оваа Влада го доживеа во однос на справување со загадувањето и заштита на природата, овој предлог-буџет само го констатира. После година и пол од формирање, две години од изборите, оваа Влада комплетно потфрли и не го спроведе она што го вети во областа на животна средина. Како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требаше  да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар требаше да се намени исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина“, порачува иницијативата.

Еко-активистите велат дека на врв на сè, со ребалансот на буџетот за годинава се скратени над два милиони евра за заштита на животна средина.

„А се гушиме во загадување, мониторинг станици не работат, инспектори нема доволно, нема опрема за мерење, нема акредитирани лаборатории, нема доволно и адекватни субвенции за премин на домаќинствата во загревање кое нема да загадува, нема соодветен јавен транспорт што би ја намалил употребата на возила, законите стојат во место, правилници и уредби не се носат, …. и ова е само во областа на аерозагадувањето. Тонеме“, велат од Иницијатива О2.

Иницијативата бара итно да се измени буџетот за следната година и во владината програма „Унапредување на животната средина“ да се внесе посебна потпрограма  „Справување со аерозагадувањето“ или во спротивно Владата да поднесе оставка.


Ѓорчев: Налепниците на возилата се директен удар врз средната класа и сиромашните


Скопје, 12 ноември, 2018 - 17:13 (META) 

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, на прес-конференција денеска ги повика премиерот, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање и скопскиот градоначалник Петре веднаш да се откажат од планот за воведување еколошки категории за возилата, нарекувајќи го тој чекор „стигматизирање на сиромашните“.

– ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов веднаш, веднаш уште денес или уште утре да престанат со нивниот проект за стигматизирање на цели категории на граѓани, а кој што се однесува на налепниците на возилата поврзани со издувните гасови. Оваа нивна мерка е директно насочена против средната класа во Република Македонија и против сиромашните. Затоа што нивните возила нема да можат да бидат забележани со зелена налепница. Тие луѓе со месеци, и со месеци нема да можат да ги користат нивните возила, нема да можат слободно да се движат и ќе имаат реални конкретни, практични проблеми во нивното дневно функционирање. И тие и нивните семејства – рече Ѓорчев.

По прес-конференцијата реагираа од Градот Скопје, порачувајќи дека мерката е непопуларна, но здравјето на граѓаните е најбитно.

„Сигурни сме дека дел од решенијата нема да бидат популарни, но здравјето на граѓаните е од највисок приоритет и само со заеднички напори и жртва може да се постигнат резултати и подобрување на состојбата во оваа област. Конкретните измени во Законот за возила, кои се на иницијатива на Град Скопје, се далеку поефективни и поправични во однос на алтернативата која се спроведува во некои метрополи, а тоа е забрана за користење на возилата по принципот „пар-непар“, се вели во реакцијата, во која се посочува дека се спроведува план за подобрување на квалитетот на воздухот со 53 мерки.


Куманово со најзагаден воздух вчера


Скопје, 12 ноември, 2018 - 11:48 (META) 

Енормна загаденост на воздухот беше регистрирана вчера и ноќеска на голем број мерни места во Македонија. Според присуството на ПМ10 честички најзагаден воздух вчеравечер имаше Куманово, со 264 микрограми на кубен метар воздух, по што следуваше мерното место Битола 1 со 205, и Миладиновци со 183 микрограми.

Максималната дозволена вредност е 50 микрограми ПМ10 честички на кубен метар воздух.

Во Битола 1 загаденоста точно на полноќ паднала 91,2 микрограми, а во Миладиновци на 94,7 микрограми ПМ10 честички на кубен метар воздух. На полноќ во Центар биле измерени 96,1 микрограми, во Карпош 112,6 микрограми, кај Ректорат 128,3 микрограми, а на мобилна станица Бутел 96,4 микрограми.

Претпладнево во 8 часот во поглед на загаденоста со со честичките ПМ10 состојбата е лоша во Центар, кај Ректорат, Миладиновци, Бутел, Тетово и Куманово.

Кај Ректорат се измерени 127,61 микрограми ПМ 10, во Центар 95, во Бутел 108, во Тетово 93,2 микрограми, а во Куманово 70,3 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар воздух. Максималната дозволена концентрација е 50.


За возење без еколошка налепница казна од 500 евра


Скопје, 9 ноември, 2018 - 16:40 (META) 

Новиот предлог-закон за возила, со кој ќе се воведе еколошка категоризација на возилата, односно нивно означување со налепници со зелена, жолта и црвена боја во зависност од тоа колку загадуваат, предвидува и казна од 500 евра ако приватното возило нема налепница. Ако пак станува збор за фирма, казната ќе биде 2.000 евра.

Тоа е утврдено со членот 9 од предлог законот, со кој се менува членот 26 на постоечкиот закон, со кој се исфрла регистрациска налепница и таа се заменува со новата еколошка налепница. Според одредбите од член 26 казната за возење нерегистрирано возило и неносење регистрациска налепница за приватно возило е 500 евра, а бидејќи со новиот закон таа ќе биде заменета со еколошката налепница, казната во тој износ останува. Но, ако од истекот на регистрацијата поминале помалку од 30 денови, казната е 100 евра. За возила на фирми, казните за возење без еколошка налепница ќе бидат 2.000 евра.

Дополнително, предлагачот на новиот закон, Министерството за економија, пресметало дека субвенциите од 5.000 евра за ново електрично возило, односно 3.000 евра за ново хибридно возило, ќе одлеат од државниот буџет 170 милиони денари во 2019 година, 245 милиони денари во 2020 година и 320 милиони денари во 2021 година.

Предлог-законот вклучува и проширување на обемот на податоци за возилата што ќе се внесуваат во Регистарот на возила.

По стапувањето на законот на сила, со зелена налепница, за 1 еколошка категорија, ќе се означуваат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила. При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.

Втората еколошка категорија,со жолта налепница, ќе ја сочинуваат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас. За тие возила при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето, според одлуките на општините и градот Скопје.

Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.

Целта на измените е да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата.

Предлог-законот предвидува и субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции.

Исто така, ќе се субвенционира вградувањето на уреди на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година се планираат 1.200 такви субвенции.


Со црвено, жолто и зелено ќе се ограничува возењето при зголемено загадување на воздухот


Скопје, 8 ноември, 2018 - 18:51 (META) 

Министрите за економија и за внатрешни работи, Крешник Бектеши и Оливер Спасовски, денеска во Скопје ги промовираа новите законски одредби за намалување на загадувањето на воздухот од возилата, предвидени со Законот за изменување и дополнување на законот за возила, со кои се воведува категоризација на возилата со налепници.

По стапувањето на законот на сила, со зелена налепница, за 1 еколошка категорија, ќе се означуваат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила. При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.

Втората еколошка категорија,со жолта налепница, ќе ја сочинуваат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас. За тие возила при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето, според одлуките на општините и градот Скопје.

Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.

Целта на измените е да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата.

Предлог-законот предвидува и субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции.

Исто така, ќе се субвенционира вградувањето на уреди на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година се планираат 1.200 такви субвенции.

Предлог-законот предвидува и субвенционирање на купување на ново возило ако претходно користеното возило се одјави, односно повеќе не се користи.

Со законските новини се укинува и налепницата за регистрација на ветробранското стакло на возилата, која што чинеше 60 денари. Според Спасовски, таа налепница не играла никаква улога, оти задолжително при контрола морала да се покаже сообраќајната дозвола.

Исто така, во новите мерки е и унифицирана светлечка табла за такси возилата, која денеска во центарот на Скопје ја промовираа министрите Бектеши и Спасовски.


Бугарија воведува повисок данок за возилата што повеќе загадуваат


Софија, 8 ноември, 2018 - 15:13 (META) 

Бугарскиот парламент вчера ги донесе долгонајавуваните измени, со кои се воведува повисок данок за старите автомобили и камионети со вкупна тежина до три и пол тони кои многу загадуваат.

Со усвоувањето на Преодните и завршни одредби на Законот за оданочување на корпоративни приходи со кои се менува Законот за локалните даноци и такси, се очекува данокот за најголемите загадувачи да се зголеми за околу 30 отсто од 1 јануари следната година.

Со измените се воведува нов принцип на определување на годишниот данок, преку две компоненти – моќноста на моторот и годината на автомобилот од една страна и еколошката компонента, која ќе биде дефинирана од општинските совети во зависност од еколошката категорија на автомобилот.

Токму втората, еколошката компонента, ќе носи даночно олеснување за автомобилите со стандард Евро 4 или повисок, а поголеми издатоци за оние од пониските Евро стандарди или кои воопшто не влегуваат во оваа категоризација.

Се очекува од оваа мерка, чија идеја е да се исфрлаат од употреба автомобилите постари од 20 години, кои се најголеми загадувачи, преку дестимулација на сопствениците. Според сегашните податоци, во Бугарија се регистрирани 3,6 милиони возила, од кои стари до пет години се само 168.000. Од вкупната бројка возила, пак, дури 1,5 милиони се автомобили постари од 20 години.

За товарните возила со маса од три и пол до 12 тони данокот ќе се определува во распонот од 10 до 30 евра за сите следни 750 килограми носивост.

Опозицијата реагираше дека со ваквите измени ќе бидат погодени најсиромашните, односно тие ќе плаќаат и до 60 евра (28 евра) годишно повеќе. Според опозициските пратеници, станува збор за речиси 70 отсто од вкупниот број автомобили.

Владејачкото мнозинство исто така не го прифати предлогот на „Обединети патриоти“ да се намали за 50 отсто данокот за автомобилите со подоцна монтиран уред за гас.

Инаку, Македонија го забрани увозот на автомобили постари од Евро 4 на 1 јули 2016 година.


Град Скопје по две години планира да го ажурира Катастарот на загадувачи


Град Скопје го направи првиот чекор во постапката за ажурирање на Интегриран катастар на загадувачи на животната средина на Град Скопје.

На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) е објавен оглас за прибирање понуди за ажурирање на овој катастар, а од Град Скопје процениле дека за тоа ќе бидат доволни 508.400 денари.

На заинтересираните им е оставен рок до 15 ноември, односно само десет дена од објавувањето на огласот, за да ги достават понудите. Предвидено е фирмата да го заврши ажурирањето за најмногу 12 месеци од потпишувањето на договорот. При изборот Град Скопје ќе се раководи од принципот 40% за цената и 60% за квалитетот, пишува во образложението на ЕСЈН.

Инаку, сегашниот катастар на загадувачи на животната средина на Град Скопје е од јули 2016 година, а бил изработен од „Технолаб“ – Скопје.

Катастарот ги опфаќа сите видови на загадување, односно покрај воздухот, и на водите и на почвата. Се состои од:  Софтверска база на податоци, која ги содржи податоците за емисиите во воздух, вода и почва од изворите на загадување, потоа Карта на загадувачи и Карта на загаденост.


Град Скопје ќе прави мобилна апликација за споделување превоз заради намалување на загадувањето


Скопје, 6 ноември, 2018 - 15:51 (META) 

Град Скопје планира апликација за мобилни телефони за оперативните системи Андроид и ИОС, со која скопјани ќе може да се организираат и да се договараат за заеднички превоз со автомобил, како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот.

Огласот за изработувач на апликациите е распишан во петокот, планирани се верзии на македонски и албански јазик, а според проценките, за тоа би се потрошиле вкупно 5.000 евра.

Според замислата, скопјани преку апликацијата би се договарале да се превезат до некое место со автомобил во кој има слободни места, за да се намали сообраќањето на автомобили, а со тоа и количеството испуштени гасови и загадувачки честички од ауспусите.

Во огласот се бара апликацијата да има можност за креирање на профил на корисникот или логирање преку Фејсбук, можност за внесување на рутата, деновите и времето кога ја вози или патува на рутата, можност за поврзување на корисникот во зависност од тоа дали е пријавен како возач или како патник со сите корисници кои ја возат или патуваат на таа рута.

Исто така, апликацијата треба да има ГПС лоцирање на корисникот и можност за прикажување на сите други рути на кои има регистрирано корисници и можност за бирање на рутата во било кое време, можност за избор на возач или патник во било кое време, овозможување комуникација за корисниците на групата, можност за откажување на рута како возач или место како патник, како и известување за затворени улици и булевари.


„Еко-свест“ покрена петиција за мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје


Скопје, 2 ноември, 2018 - 13:00 (META) 

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ по најновите извештаи за загадувањето на воздухот во Скопје, покрена онлајн-петиција со која од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Град Скопје се бараат итни чекори за борба против причините за загадување на скопскиот воздух.

Еко-свест“ ги повика сите граѓани да се потпишат на петицијата, со која се бара забрана за употребата на јаглен за загревање на домаќинствата, како и ограничување на движењето на возилата во центарот на Скопје, како и нов зимски сообраќаен режим во градот.

Се бара и намалување на ДДВ за топлинска енергија и намалување на трошоците за приклучување на старите и новите згради на централното градско греење, како и подобрување на јавниот транспорт. Дополнително се предлагаат стимулации за работниците кои одат до работа и до работа дома пеш или со велосипед или пак ќе се организираат повеќе лица да патуваат со еден автомобил.

Се предлага и ограничување на индустријата и градежните активности во зимскиот период, како и строги казни за палењето диви депонии или стрништа.

Петицијата може да се потпише тука.