Најмалку 64 загинати во големиот пожар во Кемерово


Москва, 26 март, 2018 - 11:47 (META) 

Во големиот пожар што вчера се случи во трговскиот центар „Зимска вишна“ во јужниот руски град Кемерово, според досегашните податоци, загинале најмалку 64 луѓе, од кои голем број деца, соопштија руските власти.

Според „Раша тудеј“, бројката на загинати би можела да биде помала, доколку вработени во центарот не ги излажале доброволците што сакале да спасуваат луѓе од пожарот дека нема деца.

– Се обидуваа да влезат во кино-салата, но вработените таму рекоа дека нема деца. Луѓето спасуваа повредени буквално борејќи се за воздух во чадот. А потоа се покажа дека има деца – вели една жена.

За сега причината за пожарот не е позната, а истрагата е во тек. Речиси сите загинати се задушиле од чадот.

Трговскиот центар кој се простира на 23.000 квадратни метри бил отворен во 2013 година. Покрај продавниците и кино-салата, има и сала за куглање, детски центар и градина за животни.


Бројката загинати во шумските пожари во Португалија достигна 62 лица


Лисабон, 18 јуни, 2017 - 16:47 (META) 

Неконтролираниот шумски пожар што го погоди централното подрачје на Португалија од вчеравечер досега одзеде 62 човечки живота и повреди десетици луѓе. Стихијата медиумите од Европа ја нарекоа најголемата трагедија од шумски пожари во последните години.

Владата на Португалија веќе прогласи тридневна жалост.

Најмалку 54 луѓе се повредени во пожарот, вклучувајчи осуммина пожарникари и едно дете. Четворица од пожарникарите се во критична состојба денеска, според Пауло Сантош, одговорно лице од Националната команда за заштита во Лисабон.

Како што е наведено, повеќето луѓе изгореле живи во своите автомобили додека се обидувале да избегаат од местото Педрогау Гранде, каде пожарот изби синоќа.

Многу куќи се зафатени, голем дел изгореа, а пожарникарите и денеска се борат со огнената стихија. Се претпоставува дека нивната бројка изнесува повеќе од 700.

Властите очекуваат бројката на жртви да се зголемува.

– Се соочуваме со ужасна трагедија. Можно е оваа бројка да се зголемува. Ова е најголемата трагедија во последно време во поглед на шумските пожари – изјави  португалскиот премиер Антонио Коста во седиштето на португалската цивилна заштита во Лисабон.

Температурата во многу области на Португалија вчера надмина 40 Целзиусови степени, а во земјата ноќеска избувнале 60 шумски пожари.

Соседна Шпанија испрати два пожарникарски авиони напомош утрово.


Загинаа најмалку 43 лица во шумски пожар во Португалија


Лисабон, 18 јуни, 2017 - 10:57 (META) 

Најмалку 43 лица загинаа синоќа во шумски пожар во околината на португалскиот град Леириа, во центарот на земјата.

– Се соочуваме со ужасна трагедија. Можно е оваа бројка да се зголемува. Ова е најголемата трагедија во последно време во поглед на шумските пожари – изјави  португалскиот премиер Антонио Коста, во седиштето на португалската цивилна заштита во Лисабон.

Најмалку 59 лица се повредени, од кои шестмина се пожарникари. Уништени се голем број куќи.

Пожарот избувнал во близина на Педрогау Гранде, на околу 200 километри од главниот град Лисабон, околу 15 часот по локално време, по што биле ангажирани неколку стотици пожарникари и 160 пожарникарски возила. Од загинатите, 22 изгореле до смрт во нивните автомобили, кога бегајќи се нашле опколени од огнот на патот меѓу Фигуеиро дош Винхош и Кастанхеира де Пера. Најмалку тројца загинале од задушување.

Температурата во многу области на Португалија вчера надминуваше 40 Целзиусови степени, а во земјата ноќеска избувнале 60 шумски пожари.

Соседна Шпанија испрати два пожарникарски авиони напомош утрово.