ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ ја задолжи државата за нови 10,6 милиони евра


Скопје, 19 јули, 2017 - 9:45 (META) 

Опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение утрово ја обвини Владата дека вчера преку аукција на хартии од вредност ја задолжила државата за дополнителни 10,6 милиони евра.

„На претставниците на СДС, кога беа во опозиција, устата им беше полна за презадолженост на Република Македонија. Денес, кога СДС е на власт, ја задолжува земјата што е можно повеќе. Кога беше опозиција, СДС ги сметаше аукциите на државни хартии за криминал. Вчерашното задолжување на владата на СДС го покажува нивното лицемерство. Едно зборуваат, а друго прават. Таквиот несериозен и неодговорен однос на владата на СДС ја покажа и вчерашната недоверба на банките кон работата на оваа власт, бидејќи побарувачката за државните хартии од вредност беше помала од тоа што го планираше министерот Тевдовски“, стои во соопштението.

Од партијата велат дека катастрофалната економска политика на владата е очигледна и преку ребалансот на буџетот, кој ја покажал нејзината „антиреформска и расипничка матрица на работа“.

Во врска со вчерашното задолжување, според ВМРО-ДПМНЕ, најтрагично е што нема најава дека партите ќе се искористат за реновирање училишта, болници или други инфраструктурни проекти.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ со ребалансот на буџетот го зголемува задолжувањето


Скопје, 17 јули, 2017 - 9:59 (META) 

Антиреформската влада на СДСМ со предложениот ребаланс на буџетот го зголемува задолжувањето на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение утрово.

„СДС, Драган Тевдовски и Зоран Заев, кои со месеци наназад зборуваа за нивната загриженост дека Македонија е презадолжена земја, сега, откако дојдоа на власт, предлагаат ребаланс на буџет во кој предвидуваат поголемо задолжување на државата до крајот на годината за 150 милиони евра“, стои во соопштението.

Од опозициската партија нагласуваат дека новата влада уште во првиот месец ја задолжила држвата за 60 милиони евра.

„Според плановите на Заев, до крајот на годината, секој ден граѓаните на Република Македонија кога ќе се разбудат, државата ќе биде задолжена за нови 1,2 милиони евра повеќе од планираното. Во ставката домашно задолжување владата на СДС планира наместо 17,8 милијарди денари, да се задолжи за 20,7 милијарди денари. Тоа се нови 48,3 милиони евра долг кон домашните доверители. Во ставката задолжување кон странство, владата на СДС планира наместо планираните 12,3 милијарди денари, да ги задолжи граѓаните со 18,4 милијарди денари. Со ова планираат да нè задолжат дополнителни 100 милиони евра повеќе кон странски доверители“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека граѓаните имаат право да знаат зошто државата се задолжува со толкава сума и каде СДСМ ќе ја потроши.

„Луксузите, октоподите, морските плодови, цвеќињата, партиските вработувања и вдомувањата на соросовите платеници не смеат да бидат на трошок на граѓаните“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


Завршната сметка на буџетот во сенката на дуелот Џафери – Тевдовски


Скопје, 14 јули, 2017 - 17:46 (META) 

Откако во попладневното продолжение по паузата Собранието ја забрза работата експресно изгласувајќи ги, без гласови против, претседателите и членовите, како и нивните заменици, на комисиите на Собранието и составот на делегациите на Собранието, почна расправата за завршната предлог-сметка на буџетот на Република Македонија за 2016 година.

Неа ја образложи министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој го надмина времето од 15 минути, па беше предупредуван од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да престане, по што уследи препирка, а Џафери, сепак, му даде уште една минута на говорникот.

По неколку реплики од пратениците на опозицијата, кои гo oспоруваа тоа што тој го рече на сметка на претходната власт, Џафери ја прекина осмата седница и прогласи пауза до 17 часот, кога, како што рече, ќе се почне со деветтата седница, на која единствена точка на дневен ред е ребалансот на буџетот.

Тевдовски рече дека економскиот пораст од 2,4 отсто во 2016 година е најслаб од земјите во опкружувањето и дека инвестициите во 2016 г. забележале пад од 4,3 проценти. Министерот за финансии рече и дека јавниот долг лани бил зголемен за 484 милиони евра во однос на 2015 година.

Џафери неколкупати го предупреди министерот дека времето од 15 минути му истече, а потоа му го исклучи и микрофонот и долго му објаснуваше на Тевдовски дека нема ништо лично против него, туку дека го прекинал поради надминување на времето.

Уследија реплики од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои контрираа на заклучоците на Тевдовски за клучните настани во поглед на буџетот и на БДП, а беше речено и дека за месец и половина власта на СДСМ ги задолжила граѓаните со 32 милиони евра, па ако продолжи со ова темпо, до крајот на годината ќе дојде до 650 милиони евра дополнително задолжување.


Министерство за финансии ќе позајмува повеќе пари дома, а може да издаде и еврообврзница


Скопје, 28 јуни, 2017 - 13:54 (META) 

Од почетокот на мандатот новата влада не се задолжи дополнително заради покривање на буџетскиот дефицит, туку преку продолжување на роковите на хартиите од вредност што достасуваат, а наскоро ќе се задолжува и на домашниот пазар, рече на денешната прес-конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски.

– Од моментот на стапување на должност на новата влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување, туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност што во тој момент достасуваа. Во буџетот за 2017 година е предвидено финансирање на буџетскиот дефицит од домашниот пазар и од странско задолжување – рече Тевдовски.

Тој посочи дека државата, преку Министерството за финансии, отсега ќе се задолжува повеќе на домашниот пазар отколку на странскиот. Како аргументи ги наведе пониските камати на домашните обврзници, кои во најголемиот износ се за околу 40 отсто пониски отколку за еврообврзниците. Аргумент за тоа е и поголемиот интерес за купопродажба на домашните обврзници, но и можноста за враќање на долгот на подолг рок отколку во случајот на еврообврзниците, наведе Тевдовски.


Ребалансот на буџетот ќе се најде пред пратениците пред летниот одмор


Скопје, 22 јуни, 2017 - 16:04 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, информираше дека се работи на подготовки на ребалансот на буџетот, кој пред пратениците ќе биде доставен пред тие да заминат на летен одмор.

– Во моментов правиме проценка на обврските со буџетот. Ќе направиме сè што е во наша надлежност да добиеме буџет кој ќе биде прагматичен, имајќи ги предвид обврските што се наталожени со години, а во исто време да дадеме можност на нашите реформски приоритети – изјави Тевдовски на потпишувањето на договорот за користење средства од ИПА-програмата во ЕУ Инфоцентарот.

Во однос на еврообврзницата, тој изјави дека во согласност со постојниот буџет, кој е изгласан од претходната власт, има потреба од задолжување и на внатрешниот и на надворешниот пазар со еврообврзница.

– Постои потреба за финансирање на потребите на буџетот преку задолжувања. За нас е важно да обезбедиме  вакви финансирања со релативно ниска цена – додаде Тевдовски.


Министерството за финансии нема направено нови долгови врз основа на државни записи


Скопје, 21 јуни, 2017 - 14:59 (META) 

Министерството за финансии нема направено нови долгови врз основа на државни хартии од вредност, како што беше посочено од ВМРО-ДПМНЕ, и покрај огромниот интерес за државните записи од страна на инвеститорите, информираат од министерството.

Во соопштението на министерството се вели дека „издавањето државни хартии од вредност е предвидено со буџетот за 2017 година, каде стои дека буџетскиот дефицит ќе се финансира и преку домашни извори“.

„Државните хартии од вредност издадени со последните две аукции се стриктно за покривање стари долгови. На 6 јуни беше одржана аукција на државни хартии од вредност на која беа издадени хартии од вредност во ист износ, колку што беше потребен за да се покријат старите долгови. Добро е да се спомене дека побарувачката на таа аукција беше четирипати поголема од запишаниот износ или 2,1 милијарди денари“, се вели во соопштението.


СДСМ: Пред 11 години долгот изнесуваше 1,8, а денес повеќе од 5 милијарди евра


Скопје, 19 мај, 2017 - 17:07 (META) 

„Следува период во кој новата влада ќе ги преиспита сите задолжувања што ги направи досегашната власт изминативе години на крајно нетранспарентен начин,“ велат од СДСМ.

Од партијата најавуваат дека ќе биде спроведена и темелна ревизија на сите нетранспарентни трошења на пари на граѓаните од буџетот на државата.

„Никола Груевски и неговите соработници заминуваат од власт оставајќи јавен долг во висина од речиси пет милијарди евра. Пред 11 години, во 2006 година јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра. На девизната депозитна сметка Груевски затекна над 250 милиони евра. За сите злоупотреби на пари на граѓаните ќе следува одговорност. Новата и одговорна влада ќе ја подигне економијата и транспарентно и отчетно ќе раководи со јавните финансии“, стои во соопштението на СДСМ.


Техничката влада на Димитриев се спрема за издавање на нова еврообврзница оваа есен


Лондон, 26 април, 2017 - 20:05 (META) 

Актуелната власт размислува и презема подготвителни активности за издавање на нова еврообврзница во четвртиот квартал од годинава, за да ги отплати долговите кои достасуваат за наплата идната година, извести деловниот информативен сервис „Интелињус“ (Intellinews), повикувајќи се на извори од австриската банка „Рајфајзен“.

Ако новата еврообврзница биде издадена, се вели понатаму во веста, најкраток можен рок на достасување за отплата би бил 1 декември 2020 година. Кој би бил износот на оваа идна еврообврзница, не е наведено.

Од Министерството за финансии за „Интелињус“ изјавиле дека одлуката дали и кога ќе биде издадена новата еврообврзница ќе зависело само од актуелните услови на пазарите на капитал. Тие додале дека „Македонија е компетитивна на меѓународните пазари на капитал и постојано одржува контакти со инвеститорите.“

Сепак, според „Рајфајзен“, власта веќе правела подготвителни „роуд-шоуа“ на кои ги информирала инвеститорите за економската и за политичката состојба во земјава.

„Продолжената политичка криза се заканува со нови предвремени избори. Исто така, се чувствуваме помалку вознемирени во однос на владините инвестициски планови кои би го зголемиле јавниот долг на Македонија од сегашните 48 проценти од домашниот бруто-производ на 55 проценти на среден рок. Ова нè потсетува на случајот со една друга мала балканска земја, Црна Гора, чија преамбициозна инвестициска програма доведе до значително нарушување на јавните финансии и на надворешната ликвидносна позиција“, велат од австриската банка, за овој можен чекор на македонските власти.


СДСМ: Миноски без потреба ги задолжи граѓаните за уште 6,56 милиони евра


Скопје, 28 март, 2017 - 15:59 (META) 

„Министерството за финансии денеска ги задолжи граѓаните со нов нето-долг од 6,56 милиони евра. Техничкиот министер за финансии во заминување, Кирил Миноски, ќе мора да објасни пред граѓаните зашто ги задолжи со нови 6,56 милиони евра, ако се знае дека оваа недела нема доспеани обврски за враќање“, порача СДСМ.

Партијата вели дека е недозволиво да се врши неконтролирано и нетранспарентно задолжување во период на формирање на нова влада и порача дека „новата реформска влада“ детално ќе ги преиспита нетранспарентните задолжувања и посветено ќе работи на стабилизација на нивото на јавен долг.


СДСМ: Миноски сака да ги задолжи граѓаните со нови 4,1 милиони евра


Скопје, 22 март, 2017 - 16:30 (META) 

Порачуваме дека Кирил Миноски е должен да излезе и да им објасни на граѓаните зошто сака да ги задолжи со нови 4,1 милиони евра, велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека „најавеното задолжување од овие 4,1 милиони евра доаѓа само еден ден откако Министерството за финансии реализираше аукција за плаќање на доспеаните обврски“.

„Денеска од Министерството за финансии е најавена нова аукција за вторник, со која се побаруваат нови 4,1 милиони евра, иако следната недела, според календарот на доспеани хартии од вредност, не стасуваат долгови за враќање. Нетранспарентните и неконтролирани задолжувања на товар на граѓаните и на идните генерации се уште една причина зошто мора итно да се формира новата реформска влада, која ќе ја врати контролата и транспарентноста во раководењето со јавните финансии“, велат од СДСМ.