!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Габриел: Ердоган бара непријател за да ја прикаже Турција понижена, а Западот – арогантен


Берлин, 18 март, 2017 - 13:18 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, денеска им порача на турските функционери дека Германија ќе им забрани да учествуваат на собири за поддршка на турскиот референдум на нејзина територија.

„Тој што ја преминува границата во однесувањето не смее да мисли дека може да ги шири своите ставови и кај нас“, вели Габриел за германскиот неделеник „Шпигел“.

Тој вели дека нема само Турција право да биде почитувана, туку дека истото право го има и Германија, додавајќи дека постојат и ограничувања, одредени од германските закони.

Тензиите помеѓу Турција и неколку европски земји почнаа пред неколку недели, откако Германија, во која живеат голем број Турци, забрани три собири за промоција на референдумот во Турција за јакнење на власта на претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател оттогаш изразува незадоволство и упатува тешки вербални обвинувања на сметка на европските земји, а за Германија изјави дека продолжува со „нацистичката практика“.

Габриел вели дека Германија нема намера да одговори на турските провокации, бидејќи тоа би било во интерес на Ердоган.

„Нему му е потребен непријател за време на кампањата, за да ја прикаже Турција како понижена земја, а Западот како арогантен“, вели министерот за надворешни работи на Германија.

Референдумот за воведување на претседателски систем во Турција, со кој се зголемуваат овластувањата на Ердоган, е закажан за 16 април оваа година.


Сообраќајот и понатаму се одвива отежнато, во зимски услови


Скопје, 18 јануари, 2017 - 10:00 (META) 

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила утрово има на планинскиот премин Ѓавато, како и на патниот правец Маврово – Дебар, додека од 9 часот сообраќајот на патниот правец Кичево – Гостивар преку планискиот премин Стража е нормализиран за тешки товарни возила, информираат од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ). Набргу се очекува да се нормализира сообраќајот и во обратен правец, од Гостивар кон Кичево.

Според АМСМ, патниот правец Скопје – Македонски Брод преку природниот резерват Јасен е непрооден.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, со остатоци од кашест снег, по интервенција на дежурните екипи од „Македонија пат“.

Магла со видливост до 50 метри има на Плетвар, а снег со слаб интензитет паѓа во Kрива Паланка, Дебар, Ресен, Ѓавато, Пресека, Железнец, Штип, Сарамзалино, Павлешенци, Делчево, Велес, Неготино, Кула и Петровец, додека слаб дожд врне во Удово и во Гевгелија.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, на македонската страна, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

ОД АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.


Сообраќајот се одвива во зимски услови, забрани за камиони и блокирани патишта


Скопје, 16 јануари, 2017 - 9:56 (META) 

Поради врнежите од снег, забрана за сообраќај за тешки товарни возила е воведена на планинските превои Плетвар, Стража, Пресека и на патниот правец од Маврово кон Дебар и обратно, а патниот правец Македонски Брод – село Здуње, на кој гравитираат 11 села, не е прооден за секаков вид возила, соопшти утрово Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од снег на коловозот.

Од АМСМ информираат дека снег со слаб интензитет провејува на Попова Шапка, Маврово, Стража, Кичево, Македонски Брод, Железнец, Буково, Ресен, Ѓавато, Битола, Прилеп, Плетвар, Гевгелија, Удово, Демир Капија, Неготино, Велес и во Кула.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата (оваа информација се однесува само за македонската страна на премините).

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.


Поради снегот, сообраќајот на неколку патни правци и понатаму во прекин


Скопје, 6 јануари, 2017 - 10:27 (META) 

Сообраќајот на дел од патните правиц во земјава и понатаму е во прекин поради заглавени возила и чистење на снежните наноси. Како што информираат од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ), магистралниот пат А3, Штип – Кочани, од селото Крупиште до бензиската пумпа „Ваго“ од 6 часот утрово е во прекин, поради чистење на снежни наноси, а на автопатот Велес – Скопје од наплатна станица Отовица до Катланово од 4.45 часот воопшто нема услови за нормално одвивање на сообраќајот поради заглавени возила.

Поради обилните врнежи од снег, во прекин е сообраќајот и на регионалниот пат Тетово – Јажинце, кај селото Јажинце.

Сообраќајот на патните правци Кавадарци – Неготино и Охрид – Ресен, кај превојот Буково, кој синоќа беше во прекин, поради превртени тешки товарни возила е нормализиран, додека сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес се одвива отежнато и по една коловозна лента.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот и во северниот дел од земјата, на места има остатоци од снег по интервенцијата на екипите на „Македонија пат“.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Пресека, Плетвар, Ѓавато, Буково, Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир, Струга – Ќафасан, Катланово – Велес и обратно.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково, информираат од АМСМ.


Македонската музика постапно ќе се врати во етерот


Скопје, 1 ноември, 2016 - 16:44 (META) 

По месец и пол забрана за емитување, радијата и телевизиите во наредните денови ќе почнат да емитуваат македонска музика откако денеска Министерството за култура донесе решение за запирање на одлуката на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) за забрана за емитување македонска, српска и хрватска музика.

Сопственикот на радио „Бубамара“, Ранко Петровиќ, вели дека поради одлуката на ЗАМП за забрана за емитување на овој вид музика, тие морале да ја менуваат програмската шема и од оваа недела повторно ќе почнат да ја враќаат музичката програма во која ќе биде вклучена и забранетата музика.

– Избрзаната одлука на ЗАМП ни отвори многу работа, така што моравме да ја менуваме целата програмска шема која, сепак, добро беше прифатена од слушателите. ЗАМП многу бргу ја донесе забраната и тоа селективно, само за радијата и за телевизиите, без да бидат опфатени ресторани и кафулиња. Со укинувањето на оваа незаконска одлука на ЗАМП од страна на Министерството за култура, ние полека ќе почнеме да ја враќаме забранетата музика во етерот. Но, тоа не можеме да го направиме преку ноќ, туку постепено – вели Петровиќ.

Од телевизија „Сител“ за „Мета“ изјавија дека македонската музика ќе почнат да ја емитуваат веднаш штом ќе стапи на сила решението од Министерството за култура.

– Со укинувањето на оваа одлука, ќе продолжиме со емитувањето македонска музика, за која имаме и законска обврска за осумчасовно емитување. Исто така, во утринските и во пладневните програми ќе можеме да викаме гости пејачи кои ќе можат да си ги промовираат своите нови песни. Ќе ги вратиме и програмите на кои се емитуваше и српска музика  – изјави Игор Мурговски, кој е одговорен за странска телевизиска програма и за телевизиски формати во телевизија „Сител“.


Сообраќајот на сите патишта се одвива без забрани и по влажни коловози


Скопје, 10 април, 2016 - 10:52 (META) 

Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ) информира дека сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани, но на некои места по влажни коловози.

Од АМСМ препорачуваат да се вози внимателно со прилагодена брзина на движење и со почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Особено внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и низ засеците, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и за излез од земјата.


АМСМ: Влажни коловози, наноси од снег и опасност од одрони – возете внимателно


Скопје, 18 јануари, 2016 - 10:02 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозите, по интервенцијата на дежурните екипи од „Македонија пат“, а слаб снег провејува во Крива Паланка, Гостивар, Маврово, Кула, на планинскиот превој Стража и на граничниот премин Блаце, информираат од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

Од АМСМ известуваат дека од 7.30 часот, сообраќајот на граничниот премин Блаце, кој беше во прекин поради излизгување на товарно моторно возило, е нормализиран.

Забрана за движење на тешки товарни возила и на автобуси има на патниот правец Тетово – Попова Шапка, а за другите возила задолжителна е употреба на зимска опрема.

Поради силен северен ветер на патните правци Штип – Кочани, клучка Штип – Радовиш и Свети Николе – Куманово, наместа има појава на намети од снег на коловозот.

Од АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови. Особено внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и низ засеците, како и на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.


Кина забрани пушење на јавни места


Пекинг, 29 ноември, 2014 - 11:17 (META) 

Властите во Пекинг, Народна Реоублика Кина, забранија пушење на сите затворени јавни места. Забраната ќе важи и за работните места и за јавниот превоз.

Овој закон ќе стапи на сила на 1 јуни, а казни од 200 јуани (32 американски долари) се предвидени за тие што ќе ја прекршат.

Во Кина 300 милиони луѓе пушат, а 700 милиони се изложени на чадот од цигарите.