Нови тринаесет заболени од морбили, дете и возрасен во тешка состојба


Скопје, 19 февруари, 2019 - 15:57 (META) 

Тринаесет заболени од морбили се регистрирани во текот на вчерашниот ден од кои седум се примени на болничко лекување, информираат од Министерството за здравство согласно податоците од Клиниката за инфективни болести.

„Станува збор за четворица возрасни од Скопје и Велес, меѓу кои една 37-годишна жена е со потешка клиничка слика. Другите тројца возрасни се со непознат вакцинален статус. Примени се и три деца меѓу кои едногодишно дете од Тетово со тешка клиничка слика кое е на Одделот за интензивно лекување и во тек е дијагностичка обработка, 20-месечно дете од Кисела Вода, кое има пневмонија и четиримесечно дете од Куманово со пневмонија. Сите деца се невакцинирани“, информираат од Министерството.

На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 21 пациент со морбили од кои седум се возрасни и 14 деца, повеќето од нив под една година.

„На Одделот за интензивно лекување освен детето во тешка состојба има и еден возрасен пациент на 56 години, кој е ставен на апарат за механичка вентилација, а за кој во текот на денов ќе се добие потврда дали станува збор за морбили. Амбулантски се прегледани шест пациенти кои се пуштени на домашно лекување од кои тројца се возрасни, двајца невакцинирани и еден со непознат вакцинален статус, а три се деца од кои едно е со една доза вакцина додека другите две се невакцинирани. Сите се од Скопје. На домашно лекување ќе бидат пуштени пет пациенти“, соопштија од МЗ.

Од прогласувањето на епидемијата во декември, досега, се регистрирани 280 заболени, а тројца починаа.


Морбили, вакцинација, заразени: Епидемијата низ бројки и факти


Скопје, 11 февруари, 2019 - 16:11 (META) 

Не стивнува епидемијата на морбили. Бројот на лица со симптоми на морбили секојдневно се прегледуваат и хоспитализираат во болниците, а најкомплицираните случаи се на Клиниката за инфективни болести. Денеска поради компликации од ова заразно заболување, почина тринаесетмесечно бебе, кое е трета жртва во рок од само неколку дена.

– Болеста може да се спречи единствено со вакцинација. Апелираме уште еднаш до сите родители најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината која заштитува од ова сериозно заболување. Вакцините се со проверен и гарантиран квалитет – велат во Министерството за здравство.

Во епидемијата, досега евидентирани се 201 лице заболено од морбили. Возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 години. Како што информираат во Институтот за јавно здравје, од вкупниот број на заболени, 115 (57,2 отсто) се на возраст до 4 години, а 44 лица (21,9 отсто) на возраст над 30 години.

– Според вакциналниот статус, 144 или 71,6 отсто од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од вкупниот број на заболени, 103 лица односно 51,2 отсто се лабораториски потврдени. Од почетокот на на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица изнесува 8.434, од кои 5.900 лица се на територијата на град Скопје – велат оттаму.

Остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности кои ги превземаат Центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните тимови во пунктовите за вакцинација.

ФАКТОГРАФИЈА  

На почетокот на епидемијата (3 јануари) 15.000 деца во Скопје на возраст до 14 години немаа примено МРП вакцина

Во екот на епидемијата, на ниво на држава досега се вакцинирале влупно 8.434 лица, од кои 5.900 се на територија на град Скопје

Во екот на епидемијата, наместо на 12 месечна возраст, вакцина се прима на 9 месечна возраст

Секој ден се прегледуваат од 3 до 10 пациенти на ден со симптоми на мали сипаници

Досега во епидемијата во Скопје, од морбили заболело 201 лице

Во рок од неколку дена, 3 деца починаа од компликации од морбили


Грипот зема замав: Регистрирани се 1.252 заболени и два смртни случаи


Скопје, 8 февруари, 2019 - 10:11 (META) 

Во текот на изминатата недела од 28 јануари до 3 февруари, се регистрирани 1.252 заболени од грип, што е речиси двојно зголемување споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 643 заболени од грип. Се очекува пораст на активноста на вирусот и достигнување на пик на сезоната на грип во текот на следните недели, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје информираше дека на 5 февруари 25 годишна девојка од Охрид починала на КАРИЛ поради компликации од грип. На 6 февруари, пак, петгодишно девојче од Скопје почина на Клиниката за детски болести од компликации предизвикани од грип.

Во извештајот на ИЈЗ се наведува дека бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 37,4 отсто споредено со петтата недела од минатата сезона кога беа регистрирани 2.001 случаи.

Најголем број заболени (826) се пријавени во најголемата возрасната група од 15 до 64 години, а највисока инциденца од 91,6 на 100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од пет до 14 години.

Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (176), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кратово (313,5 на 100.000 жители).

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 4.125. Споредено со истиот период од минатата сезона кога беа регистрирани 5.479 случаи, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 24,7 отсто.


Само пет отсто од училишните деца не се вакцинирани со МРП 


Скопје, 24 јануари, 2019 - 16:00 (META) 

Теренска вакцинација не се случи на првиот ден од второто полугодие, затоа што според податоците, само пет отсто од училиштните деца не се вакцинирани со МРП вакцина, што не е голем процент, велат за „Мета“ во Министерството за здравство.

– Комисијата за заразни болести на последниот состанок одлучи да не се продолжи зимскиот распуст, затоа што бројот на вакцинирани ученици со МРП е висок, односно само пет отсто од вкупниот број не ја примиле вакцината. Сепак, родителите на овие деца ќе бидат повикани преку училиштата да ги однесат на вакцинација. Кај нас во принцип нема отпор за невакцинирање. Проблемот е во тоа што постои неоправдан страв од МРП вакцината дека предизвикува аутизам и други заболувања, но во пракса, кога детето ќе прозбори и прооди, родителите ги носат на вакцинирање – информира Марија Тасев, портпарол во министерството.

Таа додава дека заклучно со денеска до 15 часот, од почетокот на епидемијата, досега вакцина примиле вкупно 4.070 лица. Во моментов вкупниот број на заболени од морбили е 75 лица, а се очекува со свежи бројки утре да излезат одговорните во Институтот за јавно здравје.

Претседателката на Комитетот за имунизација проф. Александра Грозданова, го повтори апелот родителите да ги вакцинираат своите деца.

– На почетокот од епидемијата, во Скопје имаше 15.000 невакцинирани деца. Оттогаш, оваа бројка е намалена за речиси една третина, што ги задволува очекувањата. Сепак, останува апелот родителите да вакцинираат – вели Грозданова за „Мета“.


Еден пријавен случај на морбили во Тетово


Тетово, 24 јануари, 2019 - 11:18 (META) 

Здравствен работник, вработен во Скопје е првиот пријавен случај на морбили во Тетово. Случајот е регистриран на 18 јануари, а пациентот е на домашно лекување, информираат од Центарот за јавно здравје Тетово. Надлежните континуирано работаат на сите пунктови за пребарување и пронаоѓање на невакцинираните и непотполно вакцинираните лица со МРП. Од таму потврдуваат дека најголем е бројот на невакцинирани лица во пунктот за предшколска возраст во Тетово.

– Тие кои немаат примено вакцина, преку здравствените пунктови, ќе бидат повикани во службите за вакцинација со цел да бидат опфатени. Кај лицата на кои треба да се изврши ревакцинација, досега се нема јавено никаков проблем, што не е случај кај оние кои треба да ја примат првата вакцина-истакнуваат од Центарот за јавно здравје Тетово.

Што се однесува до другите видови на сипаници, во Тетово во 2018, вкупно се регистрирани 411 случаи на варичела. До сега пак, во 2019 година, регистрирани се 72 случаи, а генерално преовладува возрасна група од 7 до 9 и 7 до 11 години, односно деца од школска возраст, но се јавува и кај 5-годишните деца. Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека се работи за очекувани бројки, особено за зимскиот период, а и заразноста на сипаниците е голема.

Надлежните и натаму потенцираат дека единствена превентивна мерка за морбилите е вакцината, која се прима на 13 месеци и е дел од законска рамка.


Не попушта епидемијата на морбили, денеска четири нови заболени со компликации


Скопје, 22 јануари, 2019 - 11:24 (META) 

Министерството за здравство ќе прогласи крај на епидемијата на морбили кога ќе се случи да нема ниту еден заболен во период од четири недели, информираат оттаму за „Мета“.

„Процесот на инкубација трае две недели. Кога ќе има два пати по две недели без ниеден заболен пациент, тогаш ќе се стопира епидемијата. Засега тоа нема шанси да се случи, бидејќи само денеска има четири нови случаи, и тоа комплицирани, кои се хоспитализирани на Инфективната клиника“, информираат од Министерството.

Оттаму додаваат дека од почетокот на епидемијата и од почетокот на забраната за примање невакцинирани деца во градинка со МРП вакцина, досега се вакцинирани повеќе од 3.400 деца.

„Нашиот страв е дека ако ја тргнеме забраната за прием на невакцинирани деца во градинка, тогаш сите без вакцина ќе се разболат. Затоа се и толку интензивни советите за претпазливост и вакцинирање“, велат од МЗ.

Во меѓувреме, скопските градинки продолжуваат да не примата невакцинирани деца. Државните здравствени инспектори прават увид на терен дали има градинки што примаат невакцинирани деца. Како што оттаму информираат, засега нема регистрирано таков случај.


Изминатата недела регистрирани 281 заболени од грип


Скопје, 18 јануари, 2019 - 11:22 (META) 

Изминатата недела, од 7 до 13 јануари се регистрирани 281 заболен од грип, што е зголемување за 43,4 отсто во споредба со неделата пред неа кога беа регистрирани 196 случаи, информира Институтот за јавно здравје.

Во извештајот од таму, се вели дек бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 34,3 отсто во споредба со втората недела од минатата сезона кога имало 428 заболени. Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

„Најголем број заболени-198 се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 26,7 на 100.000 жители е регистрирана кај деца на возраст до четири години. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје во Куманово-39, а највисока инциденца-104,5 на 100.000 жители е регистрирана во Подрачната единица Дебар“, велат од ИЈЗ.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број заболени од грип бил 1.695 лица.

Според податоците од Управата за електронско здравство, вакцинирани се 19.942 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,2 отсто од вкупниот број на набавени вакцини. Од вкупниот број вакцинирани, 14.095 лица или 72,9 отсто се со историја на хронично/и заболување/а.


Во Србија 29 луѓе починале од вирусот Западен Нил


Белград, 12 септември, 2018 - 14:59 (META) 

Од почетокот на сезоната на комарците, од 1 мај, о соседна Србија до вчера биле регистрирани 286 случаи на заболени од вирусот Западен Нил, а 29 починале од последиците, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ – Батут“.

Најголемиот број заболени се регистрирани околу Белград и на територијата на Војводина.

До 6 септември, на Косово биле регистрирани три случаи на заболени од Западнонилска треска, со еден починат,  во Грција имало 168 случаи, со 18 починати.


Минатата недела имало 1.085 новозаболени од грип


Скопје, 1 февруари, 2018 - 12:58 (META) 

Од 22 до 28 јануари  пријавени се 1.085 новозаболени од грип, што е зголемување за 70 проценти во споредба со претходната недела кога биле регистрирани 637 заболени лица, информираат од Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона, кога биле регистрирани 1.919 случаи, постои намалување на бројот на заболени во четвртата недела од јануари за девет отсто.

Најголем број од заболените се на возрасна група од 15-64 години. Од Институтот за јавно здравје велат дека пикот со грипот ќе се достигне во следните недели.


Ќе се испитува водата во Гостивар, резултатите од анализата – следната недела


Скопје, 27 октомври, 2017 - 16:21 (META) 

Министерството за здравство информира дека денеска екипа од Институтот за јавно здравје зела дополнителни мостри за испитување на квалитетот на водата во Гостивар, во однос на бактериолошка исправност, периодично физичко-хемиска, како и анализа на остатоци од пестициди, информираат од таму.

Резултатите од анализите се очекуваат на почеток на следната недела.

Bо текот на ноќта, во гостиварската болница лекарска помош побарале уште 60 нови лица со симптоми на дијареа и на изнемоштеност и со ова, вкупната бројка на заболени се зголеми на 360 лица.