!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хелсиншки комитет: Политиката е главен генератор на говорот на омраза


Скопје, 22 мај, 2017 - 11:24 (META) 

Политичките случувања во Република Македонија се главниот провокатор и производител на говор на омраза во текот на април, посочува Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во својот извештај за април.

Хелсиншки напоменува дека говорот на омраза и повиците за насилство, го користат политичари и јавни личности, дел од демонстрантите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, а исто така се прелеал и на социјалните мрежи.

„Всушност, реториката со која е проследена политичката криза, се состои од чести повици за насилство кон политички неистомисленици и кон припадници на албанската етничка заедница. Дотолку пострашни се пораките за насилство со политичка и етничка основа споделени на јавни собири и протести, пред поголема маса на луѓе. Во обид да се манипулира со јавното мислење, индиректен говор на омраза беше забележан и во говорите на јавни личности и политичари, кои недвосмислено повикуваа на насилство во текот на целиот период. Говор на омраза претставуваат и секојдневните повици на демонстрантите за ’чиста и унитарна Македонија’ со кои се омаловажуваат етничките заедници во државата. Во изолирани случаи беше забележан директен говор на омраза кон политички претставници, во вид на повици за нивната смрт или линчување“, се вели во извештајот на Хелсиншки.

Невладината организација посочува и дека говорот на омраза на протестите резултирало со долго повикуваното насилство кон пратениците во Собранието.

Во извештајот за април, Хелсиншкиот комитет препорачува државните институции кои треба да достават податоци до Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да не ги информираат лицата за кои се води предистражна или истражна постапка какви информации обвинителите барале за нив и да ги казнуваат службениците што ќе го сторат тоа.

Наведувајќи ја несоработката на одговорни лица од „Македонски телеком“ со СЈО, Хелсиншки бара „Телеком“ да ја сфати одговорноста од својата позиција како доминантен телекомуникациски оператор и да ги проследи до СЈО бараните податоци и материјали.


Дурловски поднесе оставка во МОБ и на ФМУ


Скопје, 17 мај, 2017 - 13:21 (META) 

Директорот на Македонската опера и балет и оперски пејач Игор Дурловски денеска на својот фејсбук-профил објави дека поднесува оставка од местото директор на МОБ и од позицијата професор на Факултетот за музичка уметност.

„Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања. За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштедена од негативните ефекти од наметнатите општествени услови, кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости – уметници и на ред други помалку значајни нешта. Во таа насока, сметам дека лично ќе придонесам со поднесување оставка од позицијата директор за да не се поистоветува МОБ со моите лични дејства надвор од куќата и за да се овозможи надлежните институции бргу да изберат ново раководство кое, се надевам, ќе донесе нова позитивна енергија и нови успеси на оваа куќа. 25 мај ќе биде мој последен работен ден на позицијата директор на МОБ, а воедно ќе поднесам оставка од позицијата професор на Факултетот за музичка уметност по завршувањето на испитната сесија“, напиша Дурловски на својот фејсбук-профил.

Дурловски изминатите два месеци беше еден од организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и беше присутен во Собранието за време на насилниот упад на граѓани на 27 април, при што беа повредени неколку пратеници, новинари и граѓани.


Иванов на Дурловски му го врачи орденот за заслуги на МОБ


Скопје, 9 мај, 2017 - 13:34 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска, по повод 9 Мај – Денот на Европа и на победата над фашизмот, со одрен за заслуги ја одликуваше Македонската опера и балет.

Доделувањето на орденот се одржа во резиденцијата на претседателот на Водно, а одликувањето го прими директорот на МОБ, Игор Дурловски.

– Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и на музиката над тишината – истакна Иванов во своето обраќање по повод доделувањето на одликувањето.

Правејќи ретроспектива на развојот на Македонската опера и балет, од формирањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи, Иванов истакна дека сето тоа зборува за младите, добронамерната помош и за самодовербата како столбови на кои беа изградени Македонската опера и балет, но и македонската државност.

– И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Сè додека идејата за слободата и за независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме. Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги почнаа и „Мајските оперски вечери“, кои годинава се одржуваат по 45. пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Затоа, на овој свечен ден, 9 Мај, како претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да ѝ доделам Орден за заслуги за Македонија – рече Иванов, посакувајќи ѝ на МОБ сè повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.

Инаку, директорот на МОБ, Игор Дурловски, беше еден од основачите и водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и на протестите што се одржуваат во Скопје и во други градови во земјата, против платформата на албанските партии и на кои се бара одржување на нови предвремени парламентарни избори. Протестите ескалираа на 27 април годинава, по изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, кога толпа демонстранти, меѓу кои и Дурловски, упаднаа во законодавниот дом. Во насилствата беа повредени пратеници и новинари и беше демолиран ентериерот на Собранието.


Игор Дурловски се повлече од организацијата на протестите „За заедничка Македонија“


Скопје, 3 мај, 2017 - 14:13 (META) 

Директорот на МОБ, Игор Дурловски, денеска на својот фејсбук-профил соопшти дека се повлекува од организацијата на протестите на т.н. иницијатива „За заедничка Македонија“, но порача дека и понатаму ќе ја дава својата поддршка.

Во образложението вели дека „го скршило“ тоа што дел од граѓаните брутално го напаѓале поради неговите ставови за иднината на Македонија. Изрази и жалење што „индиректно бил дел од насилството“, за кое вели дека неколкупати јавно го осудил.

„Шеесет дена мирни, достоинствени протести со дел од моите сонародници и многу сум горд поради тоа. Верував дека со моето дејствување ќе можам нешто да променам, дека ќе успееме да ја зачуваме Македонија таква каква што ја знаеме – унитарна! Жал ми е што индиректно бев дел од насилството, кое неколкупати јавно го осудив. Стотиците закани не ме уплашија, но тоа што ме скрши е што дел од моите сограѓани брутално ме напаѓаа поради разликите во ставовите за иднината на Македонија. Тие што ме познаваат, знаат дека моите намери се чесни и од срце. Само времето може да покаже дали биле правилни. На И4 им посакувам истрајност и разумно дејствување, редовно ќе бидам меѓу нив на улица, но, пред сè, својата поддршка за Македонија понатаму ќе ја остварувам како организатор на сопствените морални убедувања и професионално дејствување. Народот добро знае за што се залага и без мене како еден од нивните организатори. Народот не може никој да го контролира. Јас сум нераскинлив дел од мојот народ кому е потребно вистинско лидерство во овој момент. Да живее Македонија!“, напиша Дурловски.

igor durlovski1


Манчевски: Ниту еден живот, ниту една гребнатинка не е вредна за Никола Груевски


Скопје, 22 април, 2017 - 16:24 (META) 

Времето и моментот од стратегијата за деблокирање на Собранието и за избор на спикер, ќе го зачуваме за себе за да избегнеме каква било шанса за каков било конфликт помеѓу граѓаните, изјави денеска пратеникот на СДСМ, Дамјан Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања.

– Ниту еден живот, ниту една гребнатинка не е вредна за Никола Груевски – рече Манчевски.

Прашан за коментар на барањето за одржување нови предвремени парламентарни избори, што синоќа го соопшти граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ на протестот во Скопје, Манчевски изјави дека барањето го оценува како контрадикторно.

– Ова барање го оценувам како многу контрадикторно, затоа што, за да може да се распишат нови избори, треба да се избере претседател на Собрание. Навистина не знам на каков начин мислат да дојдат до ова. Втората работа е она што цело време го повторуваме, дека не веруваме дека во Македонија нови парламентарни избори ќе донесат решение на оваа криза – рече пратеникот на СДСМ.

На новинарско прашање дали следната недела може да се очекува избор на нов претседател на Собранието, Манчевски рече дека „секој ден може да се очекува избор на претседател на Собранието“.

Во врска со иницијативата поднесена до Уставниот суд за продолжување на мандатите на градоначалниците, тој истакна дека таа е „апсолутно неуставна“.

– Во Македонија имаме и претходна практика да се продолжува мандатот на локалните власти, а тоа било единствено само преку одлука во Собранието на Република Македонија. Така што единствен начин да излеземе од хаосот што ни следи со губењето на мандатот на локалните власти е Собранието – нагласи Манчевски.


Доколку има потреба, МВР е подготвено да го брани Собранието


Скопје, 7 април, 2017 - 14:07 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја следи ситуацијата и доколку има нарушување на јавниот ред и мир, подготвено е да реагира, велат за „Мета“ од МВР, во врска со најавите за можно насилно влегување во Собранието.

– Министерството за внатрешни работи има формирано оперативен штаб и ја следи ситуацијата на терен. Доколку дојде до нарушување на јавниот ред и мир, Министерството за внатрешни работи е подготвено да реагира – велат од МВР на нашето прашање дали е зголемено нивото на безбедност околу Собранието по ваквите најави.

Деновиве пред Собранието можеше да се слушне пораката „Народот ве седна во пратеничките клупи, народот ќе ве извади“, како и дека „стотици илјади луѓе се готови да ја земат правдата во свои раце“.

Медиумите кои отворено ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, почнаа да објавуваат текстови во кои провејува воена реторика и се споменува „самоиницијативна мобилизација“, „народни бригади“ и „граѓански групи кои за кусо време би реагирале со сите средства за спречување на узурпацијата на институциите“.


Провмровските медиуми и здруженија заплашуваат со „народни бригади“


Скопје, 6 април, 2017 - 14:17 (META) 

Медиумите кои отворено ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, почнаа да објавуваат текстови во кои провејува воена реторика.

Така, „Република“ „дознава дека граѓани самоиницијативно веќе се организираат и се прават списоци за итна мобилизација“.

Во текстот се тврди дека „граѓаните самоиницијативно формираат групи кои во таква ситуација за многу кратко време би се собрале и би реагирале на секаков можен начин со сите средства“. Според написот, „практично тие ќе бидат чуварите на државата и на институциите во случај СДСМ да сака да го искористи предвелигденскиот период на насилен пат да ги узурпира институциите“.

Истовремено, иницијативата „За заедничка Македонија“ на својот фејсбук-профил објави „вонреден проглас“ и ги повика граѓаните: „Бидете на готовс, доаѓа времето за финалната победа “, а на пратениците им порача „Народот ве седна во пратеничките клупи, народот ќе ве извади“.

Ова се случува во момент кога СДСМ, на денешното продолжение на собраниската седница, побара поддршка од десет пратеници за да се премине на точката за избор на претседател на Собранието.


Вработените од „Трансмет“ протестираа додека Хан беше во ЕУ-инфоцентарот


Скопје, 21 март, 2017 - 14:20 (META) 

Околу стотина луѓе попладнево се собраа на протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, додека во просториите се наоѓаше еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, кој денеска треба да одржи средби со лидерите и со претставниците на парламентарните партии.

Пред ЕУ-инфоцентарот протестираат работници на компанијата „Трансмет“ и на телевизија „Нова“, како и поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Собраќајот на булеварот Климент Охридски кај седиштето на ЕУ е блокиран.

На коловозот беа паркирани неколку камиони на „Трансмет“, кои потоа си заминаа. Пред ЕУ-инфоцентарот има мал број полициски специјалци, но без посебна опрема и штитови.

Демонстрантите извикуваа „Уа“, скандираа „Македонија“ и ја пееја песната „Една мисла имаме“.


Иванов нема да се сретне со Хан, терминот ѝ го препушта на „За заедничка Македонија“


Скопје, 21 март, 2017 - 11:25 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов нема да се сретне со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и со тројцата европратеници Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, бидејќи сè уште е на работна посета во Унгарија.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, Иванов дури доцна вечерва ќе се врати во Македонија и тој уште во петокот го информирал амбасадорот Самуел Жбогар дека не планира да се сретне со бриселската четворка бидејќи неговите ставови во однос на доделувањето на мандатот остануваат непроменети.

„Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана. Со оглед на тоа што претседателот нема да има средба со еврокомесарот Хан, претседателот Иванов предвидениот термин им го отстапува на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан. Добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и со причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена“, велат од кабинетот на Иванов.

На пат кон Скопје, еден од соработниците на еврокомесарот Хан, твитна фотографија од авион и напиша: „На пат кон Скопје, Јоханес Хан, Едвард Кукан, Кнут Фленкенштајн и Иво Вајгел, со порака да се почитува демократијата и парламентарното мнозинство. Не подгревајте меѓуетнички тензии“.


Хан нема да се сретне со „За заедничка Македонија“, нема потврда ни за Иванов


Брисел, 20 март, 2017 - 13:51 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, нема да се сретне со претставниците на „За заедничка Македонија“, соопшти денеска портпаролката Маја Коцијанчич.

– Како што реков во петокот, комесарот Хан ќе се сретне со политичките претставници. Точно е дека имаше барање за средби и со други. Честопати кога патува во одредени земји, се обидуваме да се сретне со многу повеќе локални претставници, како што се тие од граѓанските организации, но комесарот овојпат само ќе се види со политичките претставници, бидејќи агендата не дозволува повеќе – рече Коцијанчич.

Точната агенда на Хан сè уште не е позната, а се очекува да биде прецизирана во текот на денот.

Како што дознава „Мета“, сè уште нема потврда дали Хан утре ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов.

Претставници од иницијативата „За заедничка Македонија“ вчера побараа средба со еврокомесарот Хан, кој утре доаѓа во Македонија, порачувајќи му дека „не треба и не може да игнорира 200.000 граѓани кои секојдневно протестираат“.

– Бараме господинот Хан да се сретне со нас за да може да му ги претставиме нашите цели и барања кои се фиксни и непроменливи. Нивното игнорирање и игнорирањето на нашите барања може да создаде само дополнителни ризици. Ако ЕУ е за почитување на граѓанско општество, тогаш треба да покаже дека декларативните заложби не се само флоскули, туку треба да преземе конкретни дела, а за почеток може да прифатат средба со нас. Игнорирањето од страна на Хан ќе го сметаме за неискрен однос и за приказ на не добри цели и намери на ЕУ кон Република Македонија – рече Игор Дурловски, членот на иницијативата и директор на Македонската опера и балет (МОБ).