!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„За нас се работи“ поднесе кривична пријава против директорите на ЕЛЕМ и на РЕК Битола


Битола, 16 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Битолското здружението „За нас се работи“ денеска до Основното јавно обвинителство – Битола поднесе кривична пријава против седуммина директори и раководители на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) и на РЕК Битола поради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата.

Битолските екологисти кривичната пријава ја поднесоа против генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, директорот на РЕК Битола, Иван Куковски, директорот за развој и за инвестиции во комбинатот, Тони Паспаловски, директорот на рудници, Панде Петковски, раководителот на отпепелување на РЕК Битола, Симо Атанасов, како и одговорното лице на ХТВ-лабараторија, Лидија Поповска.

Здружението ги сомничи директорите и раководителите дека во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија, која се наоѓа во непосредна близина на РЕК Битола, во село Новаци, при одложување на отпадот во вид на пепел и на згура, несовесно и со непреземање мерки за заштита на животната средина не го спречиле проширувањето на радиоактивниот отпад, при посилен ветер, низ Пелагониската Котлина и низ поблиските села. Со ова тие ги загадиле воздухот, водата и почвата и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, иако „знаеле дека одлагањето на пепелта се врши на несоодветен начин и дека при неповолни временски услови може да дојде до загадување на околината“.

– Предлагаме ОЈО Битола да спроведе истрага и да поднесе обвинение заради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата – рече Иван Чулаковски од здружението „За нас се работи“.

Воедно екологистите обвинуваат дека ЕЛЕМ како „наводно општествено одговорна компанија“ се однесува „неодговорно дрско и безобразно кон жителите од Пелагонискиот Регион, во кој спаѓа и градот Битола“.

– Кривичната пријва е само почеток на судски процес кој доколку е потребно, ќе стигне и до меѓународни судови, сè до целосно решавање на проблемот со кој се соочуваат жителите на Пелагонија – рече Илија Балтовски од „За нас се работи“.


РЕК Битола: Блокадата може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност


Битола, 2 декември, 2016 - 17:22 (META) 

„Блокадата на јавниот пат што води до РЕК Битола од страна на Здружението на граѓани „За нас се работи“ и најавите за целосна блокада на Рударско-енергетскиот комбинат е опасна авантура што може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност на државата“, се вели во соопштението на компанијата по повод блокадите за чист воздух во Битола, организирани од ова здружение.

– Овој чин го сметаме како напад  врз стратешка цел, особено затоа што се спроведува во услови кога рударско-енергетскиот комбинат се подготвува за работа во зимски услови. Уште повеќе зачудува тоа што барањата што ги поставува ова здружение најмалку се однесуваат, се во надлежност или, пак, зависат од работата на РЕК Битола – се додава во соопштението.

Во него, исто така, се додава дека „блокадите се организираат во период кога во РЕК Битола течат најголемите инвестициски вложувања во неговото четириесетгодишно постоење, насочени кон зачувување и унапредување на животната средина“.

– Само да потсетиме дека со реализацијата на проектот за модернизација на котлите на два блока на термоелектраната, остварено е намалување на нивото на штетните емисии на азотни оксиди и нивен континуиран надзор, што РЕК Битола го прави компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди, исполнувајќи ги најстрогите европски директиви за заштита на животната средина – велат од РЕК.

Оттаму потсетуваат дека стандардните мерки за заштита на околината, како што се редовното одржување на електростатските филтри со висок степен на прочистување, континуираната рекултивација, пошумување на терените околу комбинатот и поволните метеоролошки услови ги елиминираат штетните влијанија врз Битола и врз околината.


Битолчани со блокади им порачаа на политичарите дека им треба чист воздух


Битола, 1 декември, 2016 - 16:09 (META) 

Битолчани денеска со блокада на патот кон РЕК Битола го изразија својот револт од енормното загадување на воздухот во градот.

Покрај тоа што го блокираа патот за РЕК Битола, битолчани го блокираа и излезот кон Скопје, испраќајки јасна порака до политичарите за потребата од силни и конкретни мерки против аерозагадувањето во градот.

Организаторите на протестот, здружението „За нас се работи“, напоменаа дека овие блокади не се случајни во време на изборна кампања и митинзи на двете најголеми партии од македонскиот блок во Битола.

– Ова не е само аларм за чист воздух, туку протест кон сите политичари да се осврнат и на нашиот проблем, нашиот приоритет за чист воздух. Ако нивен приоритет е да дојдат на власт, наш е да имаме чиста животна средина. И како што ние трпиме од блокадите кога политичарите доаѓаат во Битола, така и тие денеска ќе го почувствуваат тоа заради нашиот приоритет – рече Душко Груевски од здружението „За нас се работи“, напоменувајќи дека не сакаат протестите да се поврзуваат со ниту една политичка опција.

Членовите на здружението излегоа и со меморандум до политичките партии, во кој се наведени неколку барања.

Битолчани да не плаќаат за ангажирана моќност на сметките за електрична енергија, да се субвениционира секој потрошен киловат-час, како и тоа да се направи режим на сообраќајот во централното градско подрачје за време на месеците кога загадувањето е најсилно, се дел од барањата содржани во меморандумот на „За нас се работи“.

Инаку, вработените на РЕК кои од прва смена се враќаа од работа, најдоа начин како да ги заобиколат барикадите по алтернативни патишта.

Блокадите за чист воздух во Битола, соред најавата на организаторите, ќе продолжат утре и в сабота од 15 до 17 часот.


Поради големото загадување, битолчани од четврток со блокада на патот за РЕК Битола


Битола, 28 ноември, 2016 - 14:33 (META) 

Битолчани ги рективираат протестите против загадениот воздух. По неколкунеделното енормно загадување на амбиенталниот воздух во градот, здружението „За нас се работи“ повикува на блокада на патниот правец кој од Битола води до РЕК Битола, со слоганот „Битола се задушува, Битола умира“.

Блокадите се најавуваат од четврток до сабота, во период од 15 до 17 часот, кога битолчани, и особено вработените во РЕК, завршуваат со права смена и одат на работа во втора смена. Битолчани поставија барања до надлежните и се закануваат дека доколку не ги исполнат, следува целосна блокада на РЕК Битола.

Тие бараат субвенционирање на електрична енергија до спроведување на гасификација, како и спроведување на режим на сообраќај во централното градско подрачје.

Од здружението „За нас се работи“ велат дека ултиматумот е упатен до Општината и до Владата, при што се дистанцираат од каква било политичка конотација поврзана со предвремените парламентарни избори.

– Не нè интересира политика, ниту кампања. Приоритет ни е здравјето на луѓето. Надлежноста за исполнување на едната мерка е на Општина Битола, а за другата – на Владата – вели за „Мета“ Илија Балтовски од „ За нас се работи“.


„За нас се работи“ со филм за аерозагадувањето во Битола


Битола, 26 јануари, 2016 - 13:41 (META) 

Еколошкото здружение „За нас се работи“ денеска го најави првиот документарен филм „БТ-токсик“ во рамките на проектот „Граѓанска вклученост за решавање на проблемите во животната средина“. Филмот ќе биде премиерно прикажан на 27 јануари во клубот „Позитив“ во Битола, во 18 часот.

Во документарецот учествуваат членови од здружението „За нас се работи“, медицински лица, стручни лица од РЕК – Битола, претставници од еколошки здруженија од Македонија, претставници од Министерството за животна средина, членови од здружението „Битола на точак“ и претставници од Институтот за јавно здравје.

– Филмот е едно гледање на проблемот со аерозагадувањето од различни страни и аспекти. Филмот е приказна за брачната заедница помеѓу РЕК-Битола и Општина Битола. И како што секој брак различно функционира и страдаат децата, овде страдаат граѓаните – најави Иван Јерчиќ од „Здружението за нас се работи“.

Филмот е во копродукција со „Охо-продукција“, сценариото за филмот го изработи Пеце Талевски, а режијата е на Елеонора Венинова.


Битолчани в сабота ќе протестираат против загадениот воздух


Битола, 11 декември, 2015 - 14:59 (META) 

Здружението на граѓани „За нас се работи“, утре во 18 часот на плоштад Магнолија ќе организира протестен собир за итно решавање на проблемот со загадувањето во Битола.

„Причина за овој повик е алармантната долгогодишна состојба со загадениот воздух во градот и во околината. Во текот на нашето досегашно дејствување, за жал, не успеавме да ги лоцираме точните загадувачи, но тоа што во овој момент е повеќе од јасно е дека виновни сме сите ние. Од тие причини, ние како граѓани на Битола повикуваме на поддршка на платформата за Битола наречена „Петка за Битола“. Во оваа платформа наведуваме пет најитни мерки за справување со загадувањето на воздухот и сметаме дека во согласност со сите експертски анализи и наоди, со реализирање на истите, во голема мера ќе се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух“, велат од „За нас се работи“.

Петте мерки кои тие ги предлагаат се режим на сообраќајот во централното подрачје на градот, прскање на улиците, јавен еколошки градски превоз, субвенционирање на трошоците за електрична енергија на домаќнствата и преадаптација на постојната топлификација во институциите.

Мерките од оваа платформа ќе бидат доставени до сите здруженија на граѓани, политички партии, збратимените градови на Битола, амбасадите во Македонија и конзуларните претставници, со барање за нејзина поддршка.