!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Мицкоски за протестите пред Кривичен суд: Имаме 3-4 сценарија како ќе продолжиме


Скопје, 28 ноември, 2017 - 16:32 (META) 

Следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните приврзаници кои протестираат пред Кривичниот суд поради притворањето на пратеници и на учесници во настаните во Собранието од 27 април, ќе зависат од развојот на настаните, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Сè уште не знаеме, сè зависи од тоа како ќе се одвиваат работите. Според сознанија од пред два часа, околу половина од приведените дале искази пред истражен судија и во зависност од ситуацијата, ќе решиме што ќе правиме понатаму. Имаме три-четири сценарија, но за тоа ќе видиме понатаму. Според тоа што ни го кажуваа луѓе од цела Македонија, се врши неверојатен притисок луѓето да не доаѓаат на протестот. Ние сега, околу 16.30 часот, очекуваме да ни се придружат многу поголем број на луѓе, а потоа од 19 часот да допатуваат уште и од другите места во Македонија – изјави Мицкоски.

Прашан кој сè e предвидено да зборува на поставената бина, тој рече дека е рано да се каже тоа.

Булеварот е затворен од потегот од ТЦ „Мавровска“ до МРТВ, додека во обратна насока сообраќајот се одвива нормално.

Забележливо е зголемено полициско присуство, а во моментов на улицата пред судот има околу 200 луѓе, а се носат и метални буриња во кои се пали оган.

Утрово, по налог на Обвинителството, МВР приведе 36 лица за учество во насилствата во Собранието на 27 април годинава, меѓу кои и три пратеници.


Груевски се приклучи на протестот, се крева бина пред Кривичен суд


Скопје, 28 ноември, 2017 - 15:19 (META) 

Околу 300 приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ денеска по повикот на протест од ВМРО-ДПМНЕ, се собраа пред Кривичниот суд во Скопје, поради приведувањето на пратеници и на други учесници во насилствата од 27 април.

Демонстрантите почнаа да со собираат пред Кривичниот суд околу 13.30 часот, а еден час подоцна им се придружи поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој беше пречекан со овации и со извици „Никола, Никола“.

Покрај Груевски, на протестот присуствуваат и поранешниот министер за образование, Спиро Ристоски, поранешниот технички заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, поранешните градоначалници на Скопје, на општина Карпош и на општина Аеродром, Коце Трајановски, Стевчо Јакимовски и Ивица Коневски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски, поранешниот директор на ФЗОМ, Сашо Стефановски, и пратениците Зоран Илиоски, Панчо Минов, како и лидерот на ТМОРО-ВЕП, Страшо Ангеловски.

Пред кордонот полицајци пред Кривичниот суд е поставена мала бина, а донесен е и чај.

Почнаа да доаѓаат поголем број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува протестот да продолжи и да говорат дел од функционерите на партијата, на ГРОМ и други пратеници од опозицијата.


ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за стабилноста на земјата, порача Груевски од Гевгелија


Гевгелија, 9 октомври, 2017 - 22:02 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Гевгелија рече дека остануваат неколку дена кога ќе се одлучи „дали ќе продолжи слободниот пад или ќе почне новата ера“. Тој повтори дека ова не се обични локални избори, бидејќи се одлучува за иднината на Македонија по 15 октомври.

Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на граѓаните на Македонија и е гаранција за стабилноста на земјата, а дека новата влада ја урива економијата, преку опаѓање на инвестициите, платите, пензиите и на субвенциите. Тој повторно ги повика граѓаните, но и гласачите на СДСМ, да му се придружат и да направат, како што рече, посилна Македонија.

– Лицето кое е претседател на СДСМ не вреди. Вие заслужувате подобро. Тој не е загрижен за среќата и за спокојството на вашите семејства и за напредокот на општините. Тој нема љубов кон знамето и кон татковината, а тоа се должи на неговата единствена агенда која се вика „Груевски“. Тој за мене зборува 24 часа на ден затоа што нема капацитет и способност да го надгради тоа што досега сме го направиле – рече Груевски, повикувајќи ги граѓаните да му одржат лекција на новиот премиер, кого го нарече „празен човек“.

Груевски најави нови работни места, повеќе вложување во екологијата, намалување на даноците, зголемување на платите и на пензиите, а најави и нов проект наречен „Стекнување сопствен дом“, наменет за младите семејства. За овој проект ќе се обезбедат локации и плацеви кои ќе бидат достапни за 1 евро за еден квадратен метар, а лицата со најмал приход ќе бидат ослободени од плаќање комуналии. Другиот проект кој денеска го презентираше е отпис на долгови за вода и за комунална хигиена на социјално загрозени семејства во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Проектот, според најавата, ќе се реализира веднаш по изборите, односно на првата седница на советот на општините.

Кандидатот за Гевгелија, Иван Франгов, кој се кандидира за трет мандат, се заблагодари за досега добиена поддршка и истакна дека неговиот опонент ветува работи кои веќе се почнати, како канализацијата и пречистителната станица.

– Мојот противкандидат ветува проекти кои јас веќе ги почнав и веќе се во фаза на завршување. Замислете, тој ветува нов водоводен систем, а тој веќе се гради и е во завршна фаза со помош на Владата која ја водеше ВМРО-ДПМНЕ. Ветува нова депонија, а лично тој самиот заедно со носителот на советничка листа присуствуваше на јавната расправа за привремената депонија. Ветува пречистителна станица, а таа веќе пробно работи и се очекува да проработи до крајот на ноември. Ете, тоа се нашите политички противници, само празни зборови и украдени идеи – рече Франгов.

Тој потсети дека Гевгелија доби нова автобуска станица, нов пазар, нова патна инфраструктура кај граничниот премин, фекални канализации и спортски игралишта, а вети изградба на забавен парк, базен, спортска сала и регионална комунална депонија.