!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Обвинителството бара документи од институции за кривичната против Вангеловски


Скопје, 10 октомври, 2017 - 11:14 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје побарало „податоци и документација“ од институции во врска со кривичната пријава што неодамна против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, ја поднесе Советот за утврдување на факти, и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, велат за „Мета“ од Јавното обвинителство.

„Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, тргнувајќи од наводите содржани во кривичната пријава на Советот за утврдување на факти против лицето за кое покажувате интерес, достави барања до соодветни институции за прибирање податоци и документација неопходни за расветлување на случајот“, стои во одговорот на јавното обвинителство на нашите прашања дали е прифатена кривичната пријава, дали е отворена постапка и во која фаза е таа.

Кривичната пријава Советот ја поднесе на 28 септември, откако две недели претходно Вангеловски не им дозволи на членовите на комисијата која ги истражува околностите за бегството на Горан Грујовски и на Никола Бошковски, да влезат во Врховниот суд и да извршат увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

Комисијата што ја формираше Советот треба да утврди дали судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори на СЈО, ја прекршиле постапката и им овозможиле на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и на Никола Бошковски, вработен во УБК, да побегнат од државата.


Груби: Јавното обвинителство донесе правична одлука за „Монструм“


Скопје, 4 октомври, 2017 - 13:06 (META) 

Пратеникот на ДУИ во Собранието, Артан Груби, денеска од името на партијата ја поздрави одлуката на Јавното обвинителство, кое вчера побара од Врховниот суд да ја укине пресудата на Кривичниот и на Апелацискиот суд за случајот „Монструм“ и да го врати предметот на повторно судење.

Тој, на прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје, истакна дека со разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски „владеењето на правото ја добива својата форма во Република Македонија“.

– ДУИ ја поздравува вчерашната одлука на Јавното обвинителство за укинување на првостепената и на второстепената одлука на Основниот и на Апелацискиот суд во случајот „Монструм“ и ова е единствената правична одлука што можеше да ја донесе Јавното обвинителство – рече Груби, пренесува „А1он“.

Тој рече дека ДУИ го охрабрува Врховниот суд да донесе одлуки за повторно судење на овој, како што го нарече, контекстиран судски спор.

– При таа одлука се надеваме дека истовремено Врховниот суд ќе донесе одлука за целосно ослободување на луѓето кои се во затвор за овој случај – рече Груби.

Пратеникот додаде дека процесот на преиспитување на некои одлуки треба да продолжи и со случаите „Диво насеље“ и „Сопот“.


Гешковска: Сè во врска со „Монструм“ беше направено по закон и со докази


Скопје, 4 октомври, 2017 - 12:24 (META) 

Сè во врска со обвинението за случајот „Монструм“ беше направено според закон и врз основа на докази, вели за „Мета“, обвинителката Гордана Гешковска, која го застапуваше обвинението за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.

Гешковска не сакаше да го коментира барањето на Јавното обвинителство за укинување на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд и за враќање на случајот „Монструм“ на повторно судење, додавајќи дека за тоа треба да одлучи Врховниот суд, кој го има последниот збор.

– Јас, како обвинител, постапував во тој предмет и направив сè врз основа на докази и според закон. Сè е направено како што треба и по закон. За случајот имаше првостепена пресуда, која беше потврдена од петчлен совет на второстепениот суд – вели Гешковска.

Таа додава дека обвиненијата по закон подлежат и на контрола и на оценка од судот.

– Како и за секој друг предмет, судот одлучува дали обвинителниот акт е во ред и дали е заснован на докази – нагласува обвинителката.

Инаку, Гордана Гешковска беше обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по што стана шеф на Основното јавно обвинителство Скопје и заменик на поранешниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски, кој беше разрешен неодамна. Четиригодишниот мандат на Гешковска како шеф на ОЈО Скопје истече во мај годинава, но сè уште не е избран нејзин наследник.

Бурни реакции во јавноста предизвикаа завршните зборови на Гешковска на крајот на судењето за случајот „Монструм“.

– Не е случаен денот Велики четврток, кога се случи убиството кај Смиљковци. Намерата била да се убијат само машки млади лица од македонска националност и христијани. Пораката е – пукаме на Велики четврток. Заклучок – за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Заклучок – пукаме во иднината на државата. Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршување на кривичното дело и за намерата да се предизвика чувство на страв и на несигурност кај граѓаните – рече Гешковска во завршните зборови на крајот на мај 2014 година.

Од скопскиот Кривичен суд на прашање на „Мета“ кој е нивниот став во врска со барањето за укинување на пресудата и за враќање на предметот на повторно судење, кратко изјавија дека Основниот суд Скопје 1, во согласност со законските одредби „ќе ја почитува одлуката на Врховниот суд, без разлика како ќе одлучи во врска со конкретниот предмет“.


Укинување на пресудите и ново судење за случајот „Монструм“, бара Обвинителството


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:55 (META) 

Јавната обвинителка Лилјана Спасоска на денешната јавна седница за случајот „Монструм“ во Врховниот суд побара укинување пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд и враќање на предметот на повторно судење.

Врховниот суд на јавна седница денеска ги разгледуваше жалбите на шесттемина осудени за доживотните затворски казни што им ги одреди Основниот суд Скопје 1, а кои беа потврдени и од Апелацискиот суд во Скопје.

Барањето на Спасоска, која е и в.д. шеф на Јавното обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, е поради „неутврдена фактичка состојба“, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори, кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство, и кои би можеле да го сменат текот на постапката, пренесува „Телевизија 24“.

Обвинителката пред судот, исто така, побарала да бидат уважени и жалбите на одбраната на осудените за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, кои и денеска пред Врховниот суд ги отфрлија обвинувањата дека се извршители на масакрот и повторно тврдеа дека се невини.

Според адвокатите на осудените, нема докази дека тие се сторители на петкратното убиство, а пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд се пристрасни и неправични. Одбраната има забелешки и на сведочењето на заштитетниот сведок, кое, според адвокатите, е контрадикторно.

Тие посочија и дека, според судското вештачење, времето на смртта на жртвите не можело прецизно да се утврди, а сведоците не ги препознале обвинетите.

За петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.


Кривична пријава на Вангеловски бидејќи не дава увид во списите за Грујовски и Бошковски


Скопје, 28 септември, 2017 - 14:20 (META) 

Советот за утврдување на факти му поднесе кривична пријава на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Кривичната пријава Советот ја поднел бидејќи пред две недели Вангеловски не им дозволи на членовите на комисијата која ги истражува околностите за бегството на Горан Грујовски и на Никола Бошковски, да влезат во Врховниот суд и да извршат увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

„Советот за утврдување на факти на седницата одржана на 28.09.2017 година донесе одлука да се поднесе кривична пријава против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Истиот ден до надлежниот јавен обвинител поднесена е кривичната пријава за сторено кривично дело кое според Кривичниот законик се гони по службена должност“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

На 13 септември од Советот информираа дека припадниците на судската полиција им кажале на членовите на комисијата дека не ги пуштаат внатре зашто таква наредба добиле од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Од Врховниот суд тогаш одговорија дека Советот за утврдување на факти прво треба писмено да го образложи барањето за пристап до списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“, а потоа судот ќе определи време и простор.

Инаку, Комисијата што ја формираше Советот треба да утврди дали судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори на СЈО, ја прекршиле постапката и им овозможиле на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски и на Никола Бошковски, вработен во УБК, да побегнат од државата.


Ристоска: Замрзнувањето на имотот ќе го заштити ВМРО-ДПМНЕ од раководството


Скопје, 18 септември, 2017 - 16:17 (META) 

Со замрзнувањето на имотот на ВМРО-ДПМНЕ (седиштето на партијата) би се ставило забрана за раководните лица во партијата да не можат тој имот да го продадат и со тоа да нанесат дополнителна штета на политичката партија, изјави обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, по седницата во Врховниот суд.

Седницата беше по повод барањето на СЈО, Врховениот суд да ја прогласи незаконита одлуката на Кривичниот суд со која беше одбиен нивниот предлог за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“.

– Замрзнувањето на имотот е само привремено и со тоа би се ставило забрана за раководните лица да не можат тој имот понатаму да го отуѓуваат и со тоа да нанесат дополнителна штета на политичката партија. Така што, би рекла дека ако ја земеме политичката партија како посебен правен субјект, оние активности што ги преземаме се за заштита на политичката партија – изјави Ристоска.

Таа додаде дека имотот досега не е отуѓуван, но кон крајот на декември минатата година е ставен под хипотека во една од комерицијалните банки, што како аргумент од СЈО го истакнале пред Врховниот суд.

Кривичниот суд досега двапати ги одбиваше барањата на СЈО за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, а како што образложи Ристоска, за Специјалното обвинителство е спорна втората одлука која сметаат дека е незаконита, бидејќи со неа биле прекршени повеќе закони, меѓу кои и законот за финансирање на политички партии.

– Сметаме дека таквките судски одлуки не треба да бидат дел од нашето позитивно право и затоа побаравме од Врховниот суд да ја прогласи ваквата одлука на судот за незаконита – рече Ристоска.

Истрагата за случајот „Талир“ СЈО ја отвори кон средината на мај оваа година. Во него првоосомничен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а осомничени се и пратениците Илија Димовски и Даниела Рангелова и поранешниот технички премиер и поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, поранешните генерални секретари Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, како и актуелниот и поранешен член на Центарот за комуникации на партијата, Александар Бичиклиски и Иво Котевски.


Врховен ја одложи за понеделник седницата за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 14 септември, 2017 - 13:53 (META) 

Врховниот суд денеска го разгледа барањето на Специјалното јавно обвинителство за заштита на законитоста за пресудата за шестообвинетиот во случајот „Пуч“, Звонко Костовски, но од технички причини ја одложи за понеделник седницата на која требаше да се расправа за барањето за заштита на законитоста во однос на случајот „Талир“, во кој двапати беше побарано замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која беше придружувана од Ленче Ристовска, по седниците изјави дека во случајот со спогодбата на Звонко Костовски не постои кривично дело шпионажа, за кое тој е осуден. Таа истакна дека не може некој да биде осуден за кражба, а притоа да не се знае што е украдено ниту, пак, кому му припаѓа.

Обвинителките, исто така, соопштија дека СЈО засега нема информации дали некое од 17 поднесени обвиненија е прифатено или не.


Врховен суд: Прво да образложат, па после ќе добијат увид во списите за Грујовски и за Бошковски


Скопје, 13 септември, 2017 - 15:59 (META) 

Прво Советот за утврдување на факти писмено да го образложи барањето за пристап до списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“, а потоа Врховниот суд ќе определи време и простор, соопштиле од судот за државната новинска агенција МИА.

Реакцијата на судот следи откако Советот денеска обвини дека на членовите на комисијата која истражува дали судиите кои одлучувале по барањата за притвори на Горан Грујовски и на Никола Бошковски денеска не им било дозволено да влезат во Врховниот суд, по наредба на претседателот на судот Јово Вангеловски.

– Во време на одржување на јавна седница по повод жалба против пресуда за доживотен затвор, ниту безбедносно ниту технички е можно извршување на активности на Советот – рекле од Врховен суд, додавајќи дека Советот навремено писмено бил известен и дека на неговите претставници ќе им биде определен термин за прием во судот во согласност со прописите.

Од Врховниот суд навеле дека целокупната писмена кореспонденција помеѓу Врховниот суд и Советот за утврдување на факти е доверлива и дека изнесувањето содржини од писмената кореспонденција со ознака „доверливо“ од страна на Советот претставува кривично дело.


Вангеловски не ѝ дозволил на комисијата за Грујовски и за Бошковски да влезе во Врховен


Скопје, 13 септември, 2017 - 13:33 (META) 

На Комисијата која истражува дали судиите од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори, ја прекршиле постапката и им овозможиле на Горан Грујовски и на Никола Бошковски да побегнат од државата, денеска не ѝ било дозволено да влезе во Врховниот суд и да изврши увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

Како што соопштија од Советот за утврдување на факти, кој ја формираше комисијата, минатата недела го информирале Врховниот суд дека денеска ќе вршат увид во документите, но кога пристигнале во судот, судската полиција не ги пуштила да влезат внатре.

Според Советот, припадниците на судската полиција им кажале на членовите на комисијата дека не ги пуштаат внатре зашто таква наредба добиле од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

„На барање на членовите на Комисијата да им се објасни кој не го дозволува нивниот пристап во судот и извршување на потребното службено дејство – увид во списте на предметите, судската полиција усно објасни дека претседателот на Врховниот суд им наредил да не ја пуштаат Комисијата во судот. Потоа претседателот на Врховниот суд по телефон го повика претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, сè додека на судот не му биде доставена основа поради која Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејство, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе поднесуваме последици“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти.

Оттаму велат дека ваквото однесување Вангеловски претставува спречување на членовите на комисијата во вршењето на нивните овластувања, согласно членот 42 од законот за Советот за утврдување на факти, поради што, како што велат од Советот, ќе поведат кривична постапка против Вангеловски пред надлежен јавен обвинител.

Од Советот напоменуваат дека ова не е првпат Вангеловски и судиите во Врховниот суд да прават опструкции кога биле повикувани од Советот да дадат изјави или да овозможат пристап до информации кои ги има Врховниот суд.

„И денешното однесување на претседателот на Врховниот суд претставува повторување на нивното претходно однесување, односно и понатаму тече опструкцијата“, велат од Советот.


Врховниот суд повторно ја одложи јавната седница за „Монструм“


Скопје, 12 септември, 2017 - 13:04 (META) 

Врховниот суд денеска по четврти пат ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“, бидејќи полицијата не можела да донесе едно од осудените лица од затвор.

Јавната седница, на која треба да бидат разгледувани и да се одлучува по жалбите на шесттемина осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, овојпат е презакажана за 3 октомври.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, рече дека следниот пат ќе бидат издадени наредби сите осудени во случајот да бидат донесени во судот.

Адвокатот Насер Рауифи, кој е бранител на дел од осудените, повторно истакна дека овој случај треба да го преземе Специјалното јавно обвинителство.

– Оправдувањето досега беше дека нема соработка меѓу Специјалното јавно обвинителство и Државното јавно обвинителство, меѓутоа таа пречка сега е отстранета, бидејќи е разрешен државниот јавен обвинител. Не знам која е пречката што СЈО не го презема случајот, бидејќи има надлежност да го преземе. Ние како одбрана сметаме дека само на тој начин можеме да дојдеме до вистината во овој предмет, кој очигледно е монтиран – изјави Рауфи.

Неговиот колега Сашо Дуковски, во тој контекст, се осврна на изјавата на застапникот на обвинението, Лилјана Спасоска, која е и актуелен в.д. шеф на државното јавно обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, која претходно побара одложување на јавната седница на неопределно време за да може Врховниот суд да ги обезбеди доказите кои СЈО ги има за случајот „Монструм“.

– Тоа е прилично ретка појава, тој што гони самиот да бара одложување на седницата на неопределно време за правилно утврдување на фактичката состојба, односно за обезбедување на тие докази, а времето ќе покаже каков ќе биде епилогот од тоа барање – рече Дуковски.