РСС: Во Македонија во последните осум години отворени 103.000 нови работни места


Брисел, 5 јули, 2018 - 15:42 (META) 

Западен Балкан се враќа на патеките на порастот, бидејќи во земјите во регионот од 2010 досега се создадени 600.000 работни места,  (од кои дури 103.000 во Македонија!), а во работната сила во регионот се влезени дополнителни половина милион високообразувани луѓе, велат од Регионалниот совет за соработка (РСС).

Во Македонија во последните осум години се отворени 103.000 нови работни места, односно тоа е вториот најдобар резултат во Западен Балкан во оваа категорија.

EBU

Од РСС велат дека во земјава е забележан и импресивен раст на трговијата, односно македонската економија во последните осум години  речиси двојно го зголемила обемот на трговијата – од 6,9 милијарди евра на 12,5 милијарди евра.

Македонија е во врвот на статистиките и по тоа што во истиот период биле нововработени 71.062 висококвалификувани луѓе.

Во истиот период во Западен Балкан трговијата пораснала за дополнителни 33 милијарди евра, а трговскиот дефицит се намалил од 23,1 на 19,7 проценти од БДП. Тоа се должи на одличниот обем на извозот, што сигнализира за зголемена конкурентност на производите и услугите од регионот на меѓународните пазари.

Тоа беше соопштено на денешниот состанок на Управниот одбор на „Стратегијата за Југоисточна Европа 2020“ на РСС.

– Среќен сум што Западен Балкан се врати на патеките на растежот и постигнува добри резултати – вели Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.


Стотици административци вработени по Рамковен уште седат дома и примаат плата


Скопје, 29 јуни, 2018 - 10:58 (META) 

Сè уште не е изготвен план за распоредување на работни места на втората група административци што се вработени според Рамковниот договор и тие уште примаат плата иако седат дома и не одат на работа, пишува „Порталб.мк“.

Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор веќе два месеца е во фаза на подготовки на планот за нивно распоредување на работните места каде ќе извршуваат работни обврски.

„Порталб.мк“ пишува и дека и по три месеци, од 29 март, кога испратиле барање според законот за слободен пристап до информации од јавен карактер да се каже колку долго луѓе примале плата за седење дома, какво се нивното образование и квалификации и колкави плати добиваат, одговор од Секретаријатот нема.

Во однос на првата група кои требаше да почнат со работа, над 90 отсто од 958 административци потпишале договори за систематизација во релевантните институции, од Владата велат дека мал дел од нив почнале да одат на работа.


Решенија за вработување и договори за 1.159 полицајци и приправници


Скопје, 1 јуни, 2018 - 17:09 (META) 

Решенија за работно место „полицаец“ денеска добија 594 полицајци-приправници, а 565 кандидати што по огласот во март 2017 година успешно ја завршиле обуката добија договори за вработување како полицајци-приправници, соопшти МВР.

Новите 594 полицајци се распредели во сите седум сектори за внатрешни работи (СВР), а најмногу во СВР Скопје и СВР Битола.

На 565-те приправници, пак, од денеска им трае пробниот стаж, а по шест месеци ќе полагаат приправнички испит.


Годишната програма за вработување ги опфаќа младите и социјално ранливите лица


Скопје, 25 април, 2018 - 13:20 (META) 

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и УНДП денеска потпишаа договор за Годишната програма за вработување 2018, за која се предвидени 8,3 милиони долари.

Премиерот Зоран Заев рече дека се таргетирани 16.259 лица, но најголем бенефит ќе имаат младите бидејќи имат можност да конкурираат за работни места со плата во износ поголем од 18.000 денари.

Постојаната амбасадорка на ОН во Македонија, Лујза Винтон рече дека недостатокот на пристојна работа е предизвик за развој на државата и дека 50 отсто од младите постојано си заминуваат. Истовреме пак, растечките приватни бизниси имаат недостиг од обучен кадар.

– Со Годишната програма е предвидено отворање 980 мали бизниси, од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини кои ќе им помагаат на деца од предучилишна возраст, лица со попреченост и постари лица – рече Винтон.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска додаде дека активните мерки за вработување се прилагодени на потребите на работодавачите, но и на профилот на младите и ранливите групи.

– Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации, бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување, затоа што ние сме одговорна Влада, која што се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации – рече Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека сите невработени лица имаат еднаков пристап до мерките и Програмата за вработување предвидени со Оперативниот план иако на младите им се дава предност и тие треба да бидат застапени со најмалку 30 отсто.Таа информираше дека интересот за мерките е голем, посебно за субвенциите за вработување, програмата за самовработување и обуката за побарувачки занаети.


За четири години со поддршка на УСАИД се вработиле 115 лица со попреченост


Скопје, 12 март, 2018 - 14:07 (META) 

Повеќе од 115 лица со попреченост се вработиле во периодот од 2012 до 2016 година како резултат на соработката на агенцијата на САД за меѓународна помош (УСАИД) со над 360 компании од приватниот сектор, со 40 организации кои работат во областа на застапување на правата на лицата со попреченост и со јавни институции и асоцијации. Притоа, 12 од нив отвориле сопствен бизнис, а повеќе од 70 лица добиле практична работа во различни компании, јавни институции и невладини организации. Преку 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост, посочија од агенцијата.

И во моментов УСАИД работи на проект кој има за цел да ја зголеми  интеграцијата на младите лица со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, со акцент на ИКТ индустријата, па е изработена иновативна платформа со онлајн обуки за интерактивно учење, развој на деловно работење и меки вештини, како и обуки од полето на информатичката технологија. Сите курсеви се достапни за сите заинтересирани млади, без разлика дали имаат некој вид на попреченост или не, при што курсевите во комбинација со практично искуство во компаниите ќе им овозможат на младите да се стекнат со потребните вештини за да ги надминат бариерите што го спречуваат нивното учество во работната сила на пазарот на информатичката технологија.


Од Стопанска комора бараат законски измени за вработувања во комуналните претпријатија


Скопје, 22 јануари, 2018 - 14:46 (META) 

Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора бара измени на законските прописи кои го регулираат вработувањето работници во комуналните претпријатија на локално и на државно ниво.

– Постојните закони го отежнуваат вработувањето во еден дел, пред се при ангажирање сезонски работници, но и во други услови кога е потребно да се направат одредени поместувања поради работните активности на одредени работни позиции во компаниите – информираше претседателот на Здружението, Звонко Јованоски.

Од таму исто така ќе бараат интервенција во Законот за јавни набавки и активно вклучување во изработка на новиот закон за управување со отпад.

– Здружението ќе се вклучи во активностите околу донесувањето на новиот закон за управување со отпад кој е во почетна фаза и согласно укажувањата на Министерството за животна средина треба да се донесе до октомври годинава. Здружението има забелешки и на постојниот Закон за јавни набавки, согласно кој голем дел од тековните работи на комуналните претпријатија се отежнуваат. Проблемот е во понудената најниска цена која не соодветствува со квалитетот, како и во лимитот од 500 евра согласно кој може да се вршат интервентни набавки, што е многу мал износ – додаде Јованоски.


ЕУ обезбеди 37,5 милиони евра за вработување, образование и за социјална инклузија


Скопје, 21 ноември, 2017 - 12:45 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, денеска ја промовираше кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“, со која Европската Унија ќе обезбеди 37,5 милиони евра за унапредување на состојбите во секторите вработување, образование и социјална инклузија, финансирани од ИПА оперативната програма за човечки ресурси 2007-2013.

– Во земјава досега бев многупати за да помогнам во справување со политичката криза, но во моментов сум особено задоволен што сега можеме нашето внимание да го тргнеме од кризни прашања и да се посветиме на активности кои се насочени кон иднината. Постепено се враќаме во нормала. Ова е мошне добро за земјата, бидејќи сега може да се фокусира на посуштински работи, а тоа подразбира да се работи во служба за граѓаните, да им се овозможи да се квалифицираат, да се вработат – изјави Хан.

Хан додаде дека со оваа кампања, всушност, ЕУ покажува дека има цврста верба во иднината на Македонија, а со неа освен што ќе им се помогне на луѓето во земјава, ќе се спречи и одливот на мозоци во другите делови во Унијата.

Во рамките на кампањата, Хан ќе ја посети Агенцијата за вработување, ќе се повози со автобусот на ЕУ и ќе им се обрати на корисниците во рамките на проектот „Поддршка на вработувањето на младите“, спроведен од Агенцијата за вработување.

Двокатниот автобус на ЈСП брендиран за кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“ денеска беше промовиран пред Инфо-центарот на ЕУ.


МВР објави оглас за вработување на 500 нови полицајци


Скопје, 4 август, 2017 - 11:08 (META) 

Министерството за внатрешни работи распиша јавен оглас за вработување на 500 нови полицајци, од кои 360 ќе бидат распределени во СВР Скопје, во СВР Охрид – 30, во Битола, Струмица, Штип, Куманово и во Велес по 20 полицајци и во СВР Тетово – 10 полицајци.

Од Министерството информираат дека избраните кандидати ќе имаат основна обука за полицаец во траење од една година, по што со МВР ќе склучат договор за вработување. Кандидатите ќе имаат статус полицаец – приправник и ќе бидат обврзани на работното место да останат најмалку пет години.

Кандидатите за полицајци треба да бидат државјани на Македонија, да се полнолетни, активно да го користат македонскиот јазик, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование и да се здравствено и психофизички способни.

Постапката за селекција на кандидатите ќе ја спроведува комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од министерот за внатрешни работи.

„При спроведување на селекцијата, на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба“, се вели во огласот на МВР.

Според податоци кои „Блумберг“ ги објави во 2008 година, тогаш во Македонија имало 9.905 полицајци.

Во 2014 година, поранешниот помошник-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, изјави дека има околу 8.500 полицијаци, а според буџетот за плати, лани во МВР (вклучувајќи ја и администрацијата) имало 10.925 вработени.


Франција им забрани на политичарите да вработуваат членови на своите семејства


Париз, 27 јули, 2017 - 13:57 (META) 

Францускиот парламент усвои мерки за забрана за вработување членови на семејствата, што беше дел од изборните ветувања на претседателот Емануел Макрон.

Мерката се наоѓа во нацрт-законот за морализирање на политичарите, за што францускиот парламент расправа неделава.
Нацрт-законот е последица на корупциските афери што се случија во Франција за време на претседателската кампања.
Претседателскиот кандидат на десницата, Франсоа Фијон, кој на почетокот на кампањата беше фаворит, доживеа драстичен пад на популарноста откако изби скандалот за фиктивните работни места во парламентот за неговата сопруга Пенеполе и за две од нивните пет деца.

Против Фијон во екот на кампањата беше поведено прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавните средства. Подоцна е поднесено обвинение и против неговата сопруга.

Мета на истрага за измами и за малверзации беше и кандидатката на екстремно-десничарската партија Национален фронт, Марин ле Пен.

Францускиот весник „Фигаро“ наведува дека во последниот состав на парламентот, околу 200 пратеници вработиле членови на своите семејства.


ВМРО-ДПМНЕ: Сорос влезе длабоко во владата на Заев и СДС


Скопје, 8 јули, 2017 - 16:20 (META) 

Таканаречените невладини организации на Сорос кои се под директна контрола на СДС си го покажаа уште еднаш и дефинитивно своето вистинско лице. Тие никогаш не беа никаков невладин сектор, туку само слуги на политичките интереси на спрегата помеѓу СДС и Сорос изјави денеска Димче Арсовски, потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ пред просториите на фондацијата „Отворено Општество“.

-Поранешните невладини, а сега владини советници и чиновници докажаа дека нивната цел никогаш не била да се биде граѓански коректив на власта, туку само да се доберат до фотелји и до позиции. Нивните принципи никогаш не биле одбрана на државата и нејзините интереси, туку личниот бенефит и личниот профит. Токму затоа во владата на Заев веќе се вработени десетици т.н. граѓански активисти кои цело време, изминативе години одработуваа за интересите на СДС, лажејќи ги граѓаните на Република Македонија дека застапуваат некаков граѓански интерес. Сорос влезе длабоко во владата на Заев и СДС и докажаа дека битката никогаш не била за слобода, демократија и правда, туку за доаѓање на власт со лаги, интриги и манипулации – изјави Арсовски.