!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Наводите на Бошњаковски се неточни, манипулира пред избори


Скопје, 13 октомври, 2017 - 14:52 (META) 

Паѓаат во вода и последните очајни обиди на СДС со лаги и со манипулации да добие поен плус кај гласачите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Од партијата велат дека „сè што е направено е преземено во согласност со закон, за што е донесена и одлука на влада и има позитивно мислење од законодството на владата на РМ.“

„Наводите изнесени од Бошњаковски се целосно неточни и претставуваат крајно тенденциозен обид во очи на изборите да се манипулираат граѓаните. Тоа е очаен потег на очајни луѓе. Според логиката на СДС, на Роберт Поповски, Љупчо Бубо Каров, Марјан Забрчанец, Зоран Бојаровски, Бојан Мaричиќ, Петрит Сарачини и Дарко Лешоски можат да му бидат советници и истите да бидат плаќани илјадници евра од парите на граѓаните, а Груевски не смее да има тројца советници кои донесоа нови 10.000 работни места“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, додаваат дека „скапо платената плејада на демаскирани граѓански активисти на Заев од државниот буџет цедат илјадници евра, без притоа државата да има реална добивка од тоа“.

„Ни самиот Бошњаковски не верува во тоа што го зборува и по одразот на лицето му се познава дека сè што зборува го зборува под невиден притисок и диктат“, се додава во соопштението.


Божиновски го обвини Рашковски дека лаже за вработувањата и најави контратужба


Скопје, 30 август, 2017 - 16:55 (META) 

Од 2010 година до 2017 година, професионално, чесно и посветено ја извршував функцијата генерален секретар на Владата на Република Македонија, притоа почитувајќи ги сите законски пропишани процедури и постапки, вели поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, како одговор на обвинувањата на сегашниот генерален секретар, Драги Рашковски, дека Божиновски вработил луѓе кои земале плата, а седеле дома и го оштетил буџетот за повеќе од 800.000 евра во 2016 година.

Според Божиновски, обвинувањата на Рашковски се „лаги и невистини“ и тој тврди дека сите постапки за вработување биле спроведени во согласност со законите.

– За секој вработен беше определено соодветно работно место и секој вработен ги извршуваше работните задачи било во Генералниот секретаријат, било во друга институција каде што вработениот беше упатен да извршува работни задачи. Да не заборавиме на политичката криза во која се наоѓаше државата и распишувањето на изборите во 2015/2016 година кога Владата на Република Македонија функционираше како техничка и голем дел од активностите што требаше нормално да бидат извршувани беа ставени во мирување. Помеѓу активностите кои беа ставени во мирување беше токму хоризонталното прераспоредување на вработените од една во друга институција, измена на правилниците за систематизација на работните места во институциите. Ова претставува причина поради која постапките за преземање и за прераспоредување на овие вработени формално-правно не беа докрај завршени, но во меѓувреме овие лица извршуваа работни задачи во Генералниот секретаријат на Владата во согласност со сите законски прописи – вели Божиновски во опширната изјава.

Поранешниот генерален секретар на Владата тврди дека сите вработени соодветно ги исполнувале сите права и обврски и користеле годишни одмори, боледувања, а редовно биле и оценувани.

– Небулозно е Драги Рашковски да се заканува дека ќе ми поднесе некаква си кривична пријава затоа што сум исплаќал плати на овие лица, кога и тој самиот на истите тие лица им ја исплатил платата за месеците мај, јуни и јули. Целосно и енергично ги отфрлам обвинувањата од сегашниот генерален секретар на Владата и најавувам соодветна судска постапка за заштита на мојот углед и на угледот на сите вработени во Генералниот секретаријат – додава Божиновски.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата сака да избрка вработени од помалите етнички заедници


Скопје, 28 август, 2017 - 20:24 (META) 

Она што Заев и Рашковски го прават е незаконски и ќе дојде време кога ќе одговараат. Зад превезот и измислиците дека има злоупотреби тие сакаат да остават на улица стотина вработени најголем дел припадници на помалите етнички заедници. Ова е директна дискриминација на турската, српската, бошњачката, ромската и влашката заедница, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на обвинувањата на сегашната Влада дека претходната власт вработила луѓе кои не доаѓале на работа туку седеле дома.

„СДС ја преполни владата со скапо платени српски советници, твитерџии, шарени револуционери, луѓе од подземјето, насилници, и луѓе кои Заев смета дека треба да бидат наградени само затоа што му помогнале во кампања. Затоа на СДС му треба да бара виновници и луѓе кои би ги бркал од работа. На Заев му се потребни места за да ги задоволува партиските апетити. Последната манипулација на СДС не е ништо друго туку обид на грбот на припадниците на помалите етнички заедници да се отвори простор за оние на кои Заев се уште им должи. Покрај тоа, Заев и Рашковски занесени во мислата дека вечно ќе се на власт и можат да прават што сакаат без за тоа еден ден да се соочат со одговорност, сакаат истовремено да покренуваат нови хајки кон поранешни функционери. Сите овие незрели и во вознес донесени одлуки еден ден ќе им се вратат како бумеранг“, се вели во партиската реакција.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски обвини дека вкупно 166 државни службеници кои не доаѓале на работа во 2016 година го оштетиле буџетот за преку 800.000 евра, а ршенијата за нивно вработување ги потпишал претходниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.


Граѓаните не видоа бенефит од задолжувањето од 100 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 9 август, 2017 - 15:23 (META) 

СДС, откако е на власт, за два месеци, само врз основа на аукции на државни хартии од вредност, ја задолжи државата за повеќе од 100 милиони евра, од кои граѓаните не видоа никаков бенефит, изјави на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека со тие пари не се почнала изградба на нови училишта, ниту се почнала изградба на нови градинки, канализации, водоводи или слично.

– Напротив, со ребалансот тие дури и предвидоа кратење на овие проекти. Оттука, отворено се прашуваме за што новата влада на СДС ги потроши овие пари? Дали овие 100 милиони евра се за партиски вработувања, договорни услуги и за вдомување на шарени револуционери, твитер-ликови и комедијанти за дебели хонорари? – изјави Делев.


Тевдовски: Обвинувањата за големи задолжувања се манипулација


Скопје, 4 август, 2017 - 14:42 (META) 

На третиот ден на расправата за ребалансот на буџетот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека со овој буџет ќе има ново задолжување, нема да се заврши ниту еден проект и дека ќе се зголеми буџетскиот дефицит.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, ребалансот на буџетот ги признава успешните политики на претходната влада и здраво поставените економски фундаменти.

– На глас ја критикувавте несразмерноста на буџетот од три милијарди евра, а со новиот ребаланс имате минимално намалување на буџетот од 1,5 отсто, односно висината на буџетот ја задржавте. Преку буџетскиот дефицит велевте дека минатата влада била недомаќинска, трошела непродуктивно, а вие со ребалансот дефицитот го здржувате на исто ниво од 302 милиони евра. Зошто, кога кратите на капитални инвестиции, не го намалите буџетскиот дефицит – праша Мукоски.

Тој додаде дека со вака поставените макроекономски показатели, буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 3,5 проценти, а тоа значи и зголемување на задолжувањето, при што ќе мора да се повлече капитал од домашниот пазар и преку издавање на нова еврообврзница.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, одговори дека се неточни бројките околку задолжувањето.

– Во јуни и во јули нето-задолжувањето беше 1,8 милијарди денари на домашниот пазар. Кон странство беше вратен долг од 81,9 милиони евра. Ако некој треба да врати нечиј кредит од сума од 500 денари и денеска за тој кредит земе нов кредит од 550 денари, дополнителното нето-задолжување е 50 денари. Не правете манипулации  со бројките – одговори Тевдовски.

Тој рече дека има потреба од задолжување бидејќи во јануари 2018 година треба да се врати стар кредит од 90 милиони евра, а во 2020-2021 година треба да се вратат една милијарда евра, што, според Тевдовски, е двегодишна плата за цела администрација.

Пратениците на опозицијата обвинија дека со ребалансот нема поголеми плати, пензии, субвенции и нема поголем стандард на граѓаните, а на сметка на тоа има изградба на кампови за мигранти.

– Ребалансот на буџетот е чист популизам за да се вдомат партиските кадри за на 15 октомври да излезете на локални избори – обвини пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Благојче Трпковски од СДСМ рече дека ребалансот на буџетот е одраз на домаќинското работење на новата влада.

По паузата, расправата за ребалансот на буџетот ќе продолжи во 15.30 часот.


ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски лаже за бројката од 7.708 лица вработени во администрацијата


Скопје, 28 јули, 2017 - 17:02 (META) 

Во врска со 7.708 лица кои наводно се вработени во државната администрација во периодот од донесување на одлуката за распишувањето на изборите на 17 октомври лани до денот на формирањето на новата влада на 31 мај годинава, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, лаже на нему својствен и дрзок начин, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Манчевски.

Од опозициската партија велат дека вистината е дека во тој период се вработени само 160 лица во државната администрација заради итни и неодложни работи, што е дозволено и со Изборниот законик кој е испочитуван.

„Меѓу другото, мораме да споменеме дека бројот на вработени во јавниот сектор на денешен датум, во согласност со опфатот на Законот за вработените во јавниот сектор е намален за околу 2.000 лица во однос на 31 декември 2016 година. Грубите лаги и манипулации што денеска ги изнесе Дамјан Манчевски очигледно се по насока на Заев за да се скријат масовните партиски вработувања и незаконски разрешувања изминативе два месеци, како и грубата партизација на државата од чистачка до министер“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Манчевски: Владата досега вработила 96 лица, сите ангажирани преку конкурси


Скопје, 28 јули, 2017 - 13:26 (META) 

Новата Влада од почетокот до денеска вработила вкупно 96 лица во сите институции заедно, од кои 32 посебни кабинетски советници на министрите, а само во Владата вработени се вкупно 26 лица, информираше денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Сите нови вработувања во државните институции биле направени преку претходно објавени конкурси.

– Во согласност со законот, секој министер има право на тројца внатрешни советници од редот на администрацијата и по тројца надворешни посебни кабинетски советници. Премиерот Зоран Заев има тројца советници, а за споредба поранешниот премиер Никола Груевски имал 86 советници. Од друга страна, од 1 јуни до 25 јули преку општините каде градоначалниците се од редот на ВМРО-ДПМНЕ, вработени се повеќе од 300 лица – изјави Манчевски.

Тој нагласи дека претходната влада незаконски вработувала лица во периодот од распишување на изборите на 17 октомври 2016 година до денот на формирање на новата влада.

– Во овој период биле ангажирани вкупно 7.708 лица, а само на 17 октомври биле ангажирани 4.473 лица, од кои со договор на дело, авторски договор или договор за волонтирање биле ангажирани 2.312 лица. Ќе ги повикаме надлежните инспекторати да преземат соодветни мерки за санкционирање на сите институции и лица што ги прекршиле законите – додаде Манечвски.

Министерот најави анализа на целата администрација која ќе покаже каде има вишок кадар, каде има недостиг, но најави и контакт со приватниот сектор за прераспределба на кадри. Освен тоа, МИОА ќе подготви и извештај за вкупниот број на вработени во администрацијата, кој ќе го вклучува и бројот на вработени со договор на дело и со авторски договори.

– Има сериозен недостиг од менаџерски кадар, а истовремено има превработување на најниско ниво. Во МИОА има осум сектори, а само еден има раководител – рече Манчевски, кој нагласи дека бркање од работа во јавната администрација на политичка основа нема да има.


Манчевски: Ќе има детален извештај за новите вработувања во Владата


Скопје, 24 јули, 2017 - 18:34 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска изјави дека во текот на оваа недела, Владата ќе соопшти детали за сите нови вработувања, но дека ќе излезе и со извештај за, како што рече, измамата околу вкупниот број на вработени во јавната администрација.

– Во текот на оваа недела, многу побргу од предвидениот рок, ќе доставиме детална информација за сите вработувања. Ќе се види дека се создава фама околу нешто што е апсолутно согласно закон и не постои никакво гломазно вработување. Но, исто така, ќе излеземе и со детални информации за сите илјадници незаконски вработувања во периодот од распишување на парламентарните избори до креирањето на новата влада, како и со многу детален извештај за измамата околу вкупниот број на вработени во јавниот сектор – изјави Манчевски, одговарајќи на новинарско прашања при промоцијата на новата инвестиција „Ин плејер“.

Во врска со поставувањето нови кадри на клучни позиции во власта, тој рече дека за разлика од претходната влада, оваа влада не поставува кадри насилно во еден ден, туку дека ги наоѓа соодветните луѓе што треба да ги исполнат соодветните услови за да може соодветно да одговорат на задачите. Тој појасни дека станува збор за процес во кој сите коалициски партнери во Владата наоѓаат соодветни кадри за соодветна позиција.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Владата дека почнала со реализација на планот да ја направат партијата држава, а државата партија.

– Деца на коалициони партнери на Заев, комедијанти кои глумеле објективни критичари, граѓани кои глумеле независни и невладини корективи на власта – сите денес се вработени во Владата и се платени со стотици милиони денари пари на граѓаните. Без квалификации и без критериум, освен тоа дека одработувале на интересите на Заев и ги манипулирале граѓаните. Стотици милиони денари од буџетот секоја година наместо да се трошат за нови училишта, за болници и за градинки, Заев ќе ги троши за вработувања партиски војници и профитери од граѓанскиот сектор – изјави Колариќ.


Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека од работа биле избркани успешни директори на институции


Скопје, 24 јули, 2017 - 15:01 (META) 

Зоран Заев и СДС почнаа со партиските чистки и со политичкиот прогон на неистомислениците, со нивно бркање и смена од работни места, изјави на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека во еден ден биле сменети 1.500 членови на управни и на надзорни одбори.

– Фондот за здравство сè уште не може да носи одлуки за лекување на болни осигуреници во странство поради ваквиот дилетантски однос на антиреформаторската влада. Се бркаат од работна позиција успешни директори на институции само и само затоа што не одработувале за интересите на Заев и на СДС и затоа што над нив новиот режим нема контрола. Покрај партиските војници, се вработуваат и децата на коалиционите партнери, разно-разни комичари, поети и самонаречени експерти, кои со години одработувале за СДС и за Заев, лажејќи ги сите другите граѓани дека се граѓански коректив на власта – додаде Данев.


ВМРО-ДПМНЕ ќе побара информации за новите вработувања во институциите


Скопје, 22 јули, 2017 - 13:11 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија ќе поднесат барање да им се достават информации за тоа колку нови луѓе се ангажирани или вработени во државните институции на определен, неопределен период, засновале работен однос врз основа на договор за дело, авторски или друг договор, информираше на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Тој додаде дека во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе бараат да им биде доставена оваа информација бидејќи „јавноста секојдневно е бомбардирана со вработувања на партиски војници, членови на таканаречената „Шарена револуција“ и лица кои се во директни роднински релации со функционери од власта.“

– СДСМ дури и во ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура има предвидено повеќе средства за партиски вработувања во рамките на министерствата. Во буџетот има допoлнителни 12 милиони денари за привремени вработувања во Владата, односно буџетот е направен за да одговори на основната желба на СДСМ за партизација на институциите – изјави Данев.