!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Просечната нето-плата во јануари изнесувала 22.750 денари


Скопје, 24 март, 2017 - 13:27 (META) 

Просечната месечна нето-плата во јануари годинава изнесувала 22.750 денари, а бруто-платата 33.441 денари, објави Државниот завод за статистика.

Нето-платата во јануари е зголемена за 2,2 проценти во однос на истиот месец лани.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите информации и комуникации (9,4 проценти), јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување (4,6 проценти) и рударство и вадење камен (4,2 проценти).

Во јануари, еден процент од вработените во Македонија не примиле плата.


Вработените од „Трансмет“ протестираа додека Хан беше во ЕУ-инфоцентарот


Скопје, 21 март, 2017 - 14:20 (META) 

Околу стотина луѓе попладнево се собраа на протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, додека во просториите се наоѓаше еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, кој денеска треба да одржи средби со лидерите и со претставниците на парламентарните партии.

Пред ЕУ-инфоцентарот протестираат работници на компанијата „Трансмет“ и на телевизија „Нова“, како и поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Собраќајот на булеварот Климент Охридски кај седиштето на ЕУ е блокиран.

На коловозот беа паркирани неколку камиони на „Трансмет“, кои потоа си заминаа. Пред ЕУ-инфоцентарот има мал број полициски специјалци, но без посебна опрема и штитови.

Демонстрантите извикуваа „Уа“, скандираа „Македонија“ и ја пееја песната „Една мисла имаме“.


Во јавниот сектор работат 129.653 лица


Скопје, 16 март, 2017 - 14:07 (META) 

Во јавниот сектор во Македонија се вработени вкупно 129.653 лица, покажува најновиот годишен извештај за 2016 година на Министерството за информатичко општество и администрација, кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор.

При презентацијата на извештајот, министерката за информатичко општество и администрација во заминување, Марта Арсовска-Томовска, изјави дека тој нуди сериозна анализа на обемот и на структурата на вработените според пол, возраст, образование и етничка структура во јавниот сектор, како и анализа на организацијата на државата со класификација на институциите основани од државата.

– Целта ни е со подготовка на ваков извештај, кој произлегува од регистарот на вработени, да обезбедиме на едно место податоци и за институциите и за државата кои понатаму ќе ни послужат за планирање на човечките ресурси, за подготовка на следната стратегија за реформата на јавната администрација за периодот 2017-2022 година, а на стручната и на научната јавност ќе ѝ овозможат да врши истражувања и анализи во однос на јавното управување. Извештајот ќе обезбеди и транспарентен и отчетен начин на кој Министерството сака да ги сподели овие податоци со јавноста и со тоа да престанат сите шпекулации во иднина кои се однесуваат на бројот и на структурата во јавниот сектор – рече Арсовска-Томовска.

Извештајот нуди анализа на структурата на податоците за 110.311 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 59.111, а мажи 51.200, а просечната возраст изнесува 45,4 години. Извештајот не содржи податоци за структурата на 19.342 лица кои се вработени во АРМ, МВР и во Агенцијата за разузнавање поради чувствителноста на податоците.


Жените во Македонија дневно поминуваат по два часа во чистење и по два часа во забава


Скопје, 7 март, 2017 - 12:18 (META) 

Жените во Македонија сочинуваат 49,9 проценти од населението и во просек живеат 77,4 години, односно 3,9 години подолго од мажите, објави Државниот завод за статистика по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Од вкупниот број вработени жени, кој во 2015 година изнесувал 282.078 лица, 76,3 проценти се вработени во деловни субјекти во приватна сопственост.

Во 2015 година, бројот на дипломирани жени изнесувал 4.831, односно 57,1 процент од вкупниот број на дипломирани студенти. Бројот на жени магистри на науки изнесува 1.290 или 58,6 проценти од вкупниот број на магистри, а жени доктори на науки има 143.

Во домаќинствата кои имаат деца, жените просечно дневно поминуваат по 1 час и 57 минути во нивно згрижување. Во гледање телевизија, жените просечно поминуваат по 1 час и 50 минути.

Жените во урбаните средини на забава и за култура поминуваат просечно дневно по 2 часа и 16 минути, што е двојно повеќе од жените во руралните средини, односно 1 час и 13 минути.

Во текот на денот, вработените жени поминуваат 15 проценти во слободни активности, а невработените – 21 процент.

Од сите домашни активности на жените, 16 проценти отпаѓаат на чистење на станот. Жените кои имаат домашни миленици, просечно дневно поминуваат со нив по 1 час и 41 минута.

Најчесто женско име е Марија.


Вработените од „Југохром“ третпат го блокираа автопатот Тетово – Скопје


Тетово, 2 март, 2017 - 13:58 (META) 

Владата да донесе одлука фабриката да работи, а менаџерскиот тим на компанијата да продолжи со изградба на филтер-станицата, побараа вработените од „Југохром“ преку денешната блокада на автопатот Тетово – Скопје кај Желино, која траеше околу два часа. Од синдикатот на „Југохром“ најавија дека утре ќе остварат средба со премиерот Емил Димитриев. Велат дека од одлуката на владата ќе зависи нивната судбина.

– Од премиерот Емил Димитриев ќе побараме владата да донесе одлука „Југохром“ да работи. Компанијата веќе нема финансии за плати и за придонеси, од вчера не ни исплатува ниту пензиско ниту здравствено осигурување. Затоа мора компанијата да работи, да има профит, па да ни плаќа плати и придонеси, а ако работи, фабриката ќе има и пари да ја продолжи изградбата на филтер-станицата – рече Светислав Спасовски од синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот „Југохром“ не работи од ноември мината година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука компанијата да ги згасне печките затоа што не го испочитувала крајниот рок за изградба на филтер-станицата. Со затворањето на „Југохром“, 700 лица останаа на улица, но без работа се и надворешните соработници на фабриката, посочија од синдикатот.

– Ние сме 700 лица, но секој вработен во металургијата треба да го помоножиме со пет, значи од „Југохром“ егзиситраат неколку илјади лица – рече Бајрам Амити, престедател на синдикатот на „Југохром“.

Вработените од „Југохром“ поради нивниот нерешен статус, денеска третпат го блокираа автопатот Тетово – Скопје.


Дел од вработените на „МЖ – Транспорт“ го прекинаа штрајкот, возовите не сообраќаат


Скопје, 2 март, 2017 - 12:07 (META) 

Вработените од работилницата за оспособување на локомотивите на „Македонски железници – Транспорт“ одлучија да го прекинат протестот поради кој повеќе од две недели е блокиран железничкиот сообраќај, информираше претставникот на иницијативниот одбор за протестот, Ѓоко Илиески.

Вработените се сретнале со в.д. директорот на „МЖ – Транспорт“, Игор Коруноски, и било договорено по вчерашната исплата на половина од јануарската плата, втората половина да биде исплатена во текот на следната недела, а платата за февруари да се исплати целосно до крајот на овој месец.

Иако дел од вработените го прекинаа штрајкот, сè уште не се знае кога ќе се воспостави нормален возен ред на патничките и на товарните возови.


Игор Коруноски е нов директор на „МЖ-Транспорт“


Скопје, 26 февруари, 2017 - 17:16 (META) 

Директорот за одржување влечни средства, Игор Коруноски, е новиот директор на „Македонски железници-Транспорт“. Владата го назначи на местото на Никола Костов кој пред неколку дена си поднесе оставка.

Состојбата во железничкиот сообраќај сè уште не е решена, па патничките и товарните возови веќе една недела не сообраќаат поради штрајкот на вработените кои си ги бараат заостанатите плати.

Владата обезбеди 70 милиони денари за „МЖ – Транспорт“, но според претставниците на синдикатот, тие не се доволни за исплата на заостанатите плати.

Затоа, како што велат, размислуваат за радикализација на штрајкот и да продолжат да штрајкуваат низ улиците и пред зградата на Владата.


Директорот на „МЖ – Транспорт“, Никола Костов поднел оставка


Скопје, 23 февруари, 2017 - 15:01 (META) 

Генералниот директор на „Македонски железници – Транспорт“, Никола Костов, си поднел оставка, јавува телевизија „Телма“. Информацијата за овој медиум ја потврдил неговиот колега, директорот на „МЖ – Инфраструктура“, Ирфан Асани.

„Мета“ се обиде да стапи во контакт со Костов, но тој не одговори на пораката со прашање за оставката.

Вработените во „Македонски железници“ штрајкуваат веќе шести ден, поради што патничкиот и товарниот железнички сообраќај е во прекин.

Владата вчера одлучи да ѝ исплати директна помош од 70 милиони денари на компанијата, за непречено функционирање и за надминување на проблемите.


Шести ден прекин на железничкиот сообраќај, вработените на штрајк


Скопје, 23 февруари, 2017 - 9:52 (META) 

Патничките и товарните возови во Македонија веќе шести ден не сообраќаат поради протестот на вработените во „Македонски железници“, кои бараат исплата на јануарската плата.

Вработените остануваат на ставот за целосна исплата на јануарската плата, а засега, како што соопштија, немаат најави за средба со раководството на „Македонски железници“.

Министерството за транспорт и врски вчера соопшти дека на последната владина седница е донесена одлука за зголемување на средствата за директна помош за оперативното работење на железницата, во висина од околу 70 милиони денари на годишно ниво.

Оттаму информираа дека според законските прописи овие дополнителни средства ќе може да се исплатат ако вработените за извршената работа приложат соодветна документација за направените трошоци за да може исплатените средства да се оправдаат во буџетот на Република Македонија.


Просечната месечна нето-плата изнесува 23.457 денари


Скопје, 22 февруари, 2017 - 13:36 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата  во декември 2016 изнесувала 23.457 денари, а бруто-платата 34. 374 денари, објави Државниот завод за статистика.

Платата во декември 2016 година во однос на истиот месец во 2015 година е зголемена за 3,3 проценти.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите уметност, забава и рекреација (55,8 проценти), информации и комуникации (9,6 проценти) и градежништво (7,7 проценти).

Во декември 2016 година, 1,6 отсто од вработените во Македонија не примиле плата.