Продолжува сообраќајниот хаос во Тетово


Тетово, 3 октомври, 2018 - 14:23 (META) 

Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, деновиве ги интензивира контролните активности за поголем ред со паркирањето во градот и законско санкционирање на непрописното паркираните возила.

Сепак, граѓаните се жалат дека сообраќајниот хаос е секојдневна слика во Тетово, особено во попладневните часови. Велат, ниту зонското паркирање не ја регулира хаотичната ситуација во градот. Сликата за Тетово е таква веќе неколку години.

Само во текот на вчерашниот ден, во Тетово откриени и подигнати се 20 погрешно паркирани возила, како и 5 возила кои ги управувале лица без положен возачки возачки испит, информираат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Овие и другите прекршоци заокружени се со 20 прекршочни и 41 мандатен платен налог, а активностите ќе продолжат и во текот на наредните денови со ист интензитет, стои во соопштението на СВР Тетово.


Посебен сообраќаен режим утре на улицата кај Општина Центар


Скопје, 28 септември, 2018 - 13:06 (META) 

Во организација на олдтајмер клуб „Класик АВЈ“ – Скопје, утре  во периодот од 09 до 17 часот, на улицата „Михаил Цоков“ (до Општината Центар) ќе се одржи меѓународна изложба на олдтајмери „Олдтајмер Ревија Скопје-Центар 2018“.

Поради тоа, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот, во близина на оваа сообраќајница додека трае изложбата.


Ѓоко Поповски осуден на 9 години затвор во случајот „Триста“ за набавка на возила во МВР


Скопје, 22 мај, 2018 - 13:21 (META) 

Кривичниот суд денеска го осуди поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски на 9 години затворска казна за случајот на СЈО „Триста“ за незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година.

Според пресудата, Поповски треба и да ја надомести штетата од приближно половина милион евра и судските трошоци. Судијката Добрила Кацарска рече дека Поповски бил свесен дека со неговото постапување може да настапи штетна последица и дека бил должен да се грижи за финансиите на МВР, кои всушност се пари на даночните обврзници.

-Министерството исплатило 318.050.292 денари односно 27.894.522 денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за набавка на возила. Со ова е нанесена е штета на МВР од големи размери – рече Кацарска.

Таа истакна дека 11 економски оператори доставиле понуда за сите возила. Комисијата не предложила избор на економски најисплатливите понуди. Договорите наместо да се склучат со прворангираните економски оператори, се склучувале со другите оператори.

Поповски претходно се изјасни дека не е виновен и дека очекува ослободителна пресуда. Тој е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување.


На 22 мај пресуда за набавката на полициските возила


Скопје, 16 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска побара осудителна пресуда и затвор за помошникот-министер во МВР за јавни набавки, Ѓоко Поповски во судењето за случајот „Триста“. Откако финишираа завршните зборови на обвинителството и на одбраната, судијката Добрила Кацарска го закажа соопштувањето на пресудата на 22 мај, јави Алсат-М.

Според СЈО, на Поповски му се заканува казна затвор од 4 до 15 години за злоупотреби при набавката на 300 нови возила за полицијата.

Одбраната пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението, а тој самиот посочи дека целата постапка која се води приотив него сериозно влијаела на неговото здравје


Забрана за камиони кон неколку гранични премини, снег врне на сите патни правци


Скопје, 26 февруари, 2018 - 9:33 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози и на сите сообраќајни патни правци во државата врне снег, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

На сите патни правци има остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните служби. Поради појава на магла, видливоста е намалена од 15 до 20 метри од Тетово кон Попова Шапка.

Забрана за сообраќај на тешки моторни возила е воведена на патните правци Крива Паланка  – Деве Баир, Валандово – Дојран, Македонски Брод – Прилеп, Струга – Ќафасан, Маврово – Дебар како и на планинските превои Ѓавато, Стража и Пресека.


Такси-возач загина во верижен судир на булевар Србија


Скопје, 29 декември, 2017 - 11:03 (META) 

Едно лице загина, а друго е тешко повредено во сообраќајна несреќа што ноќеска, околу еден часот по полноќ се случила на булеварот Србија во Скопје, а во која учествувале повеќе возила.

Како што информираат од МВР, несреќата се случила кога автомобил, марка „ауди а4“, управувано од 28-годишниот Ѓ.Д. се судрил со возило „пежо 206“, а потоа преку тревникот преминало на коловозните ленти од спротивата насока, по што удрило во оградата на бензинска пумпа, а потоа во такси-возило. По незгодата, аудито се запалило и целосно е опожарено.

Во незгодата загинал возачот на такси-возилото, 58-годишниот Т.Ј. Тешка телесна повреда – фрактура на колено, била констатирана кај сопатникот во „аудито“, 21-годишниот Б.М. од селото Сопиште.

Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Скопје. По наредба на јавниот обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.

Поради несреќата, сообраќајот на булеварот Србија, на делот од крстосницата со булевар Јане Сандански до крстосницата со булевар Трета Македонска Бригада, бил во прекин во двате насоки од 1.30 часот до 5.30 часот.


Полицијата доби 45 нови „шкоди“, вредни еден милион евра – донација од Чешка


Скопје, 14 декември, 2017 - 14:28 (META) 

Амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Томан денеска на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му ја предаде донацијата од 45 возила од марката „шкода“, во вредност од околу еден милион евра.

Спасовски истакна дека за време на мигрантската криза Чешка дала „извонреден придонес за зајакнување на капацитетите на македонската полиција“.

– Нивната финансиска и материјално-техничка помош веќе надминува два милиони евра. Со оваа донација набавени се возила кои ќе служат и за граничната полиција, но и за полициските станици кои се во граничните подрачја, се со цел да може да ја зголемиме ефикасноста на полицијата, а со тоа и безбедноста на граѓаните – рече Спасовски на свеченото примопревање на возилата на паркингот во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Амбасадорот Томан истакна дека Чешка со задоволство и помага на македонската полиција и дека тоа ќе го прави и во иднина.

– Со министерот Спасовски разговараме како понатаму Република Чешка да му помогне на МВР. Република Чешка не помага само финансиски туку на јужната граница веќе е 14-от контингент на чешки полицајци, кои помагаат јужната граница да биде што побезбедна. Соработката меѓу македонските и чешките полицајци е одлична и во следната 2018 година ќе продолжиме со истиот број на полициски службеници – рече Томан.

Од 2016 година до сега во обезбедувањето на јужната граница учествуваа 534 чешки полициски службеници, а реализацијата на проектот е предвидена и за наредната 2018 година.

Вчера, македонската полиција доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра, исто така наменета за подигање на капацитетите на граничната полиција.


ЕУ на МВР му донираше возила и опрема вредни околу четири милиони евра


Гевгелија, 13 декември, 2017 - 16:23 (META) 

Македонската полиција денеска доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра.

Донацијата, со која треба да се подигнат капацитетите на граничната полиција, се состои од осум комбиња, осум патнички возила, осум четирицикли и пет специјални возила за надзор на границата со термални камери, од кои едно опремено со радар, потоа 100 рачни радио терминали и програмски алатки, 250 рачни палки со ознака „Стоп полиција“со лед светла, четири детектори за срцево отчукување, четири рачни скрининг-системи за карго-товар и проверка на возила, шест системи за проверка на валидност на документи – ВИСПЕК, комуникациска мрежа, како и локално распоредлив координативен-комуникациски центар, мобилен систем за надгледување со камери и радар.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека самиот слоган „ЕУ за тебе“ значи дека Европската Унија е тука за да и помогне на нашата земја да се справува со предизвиците.

– Со оваа донација, полицијата ќе биде поподготвена да се справува со предизвиците со кои се соочува на границата. Европската Унија останува посветена на давањето поддршка за да може полесно да се справите со овие предизвици – рече Жбогар.

Спасовски ја посети и полициската станица во Гевгелија, каде беше информиран дека безбедносната состојба во општината е на задоволително ниво, а беше запознаен и со условите и проблемите со кои се соочуваат полицајците при извршувањето на задачите.


Магла на Стража, свлечиште на патот Делчево – Македонска Каменица


Скопје, 3 декември, 2017 - 10:25 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а намалена видливост поради магла има во Крива Паланка и на Страцин до 50 метри и на Стража до 30 метри, информираат од Автомото-сојузот на Макеоднија.

Поради обилните врнежи, на патниот правец Делчево – Македонска Каменица има свлечиште и сообраќајот се одвива отежнато. На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и низ планински превои можна е појава на поситни одрони.

На учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината кон условите на патот.


Пожарот во Пржино изгаснат, едено девојче пренесено на клиника


Скопје, 2 декември, 2017 - 12:31 (META) 

Вчера, околу 16.50 часот, во Скопје на улица Баница во Пржино, избувнал пожар во зграда, при што биле опожарени осум подрумски простории, кои една аптека ги користела како магацински простор, се вели во билтенот на МВР.

Во пожарот 10- годишно девојче вдишало чад и било однесено на Клиниката за токсикологија.

Од Противпожарната бригада информираат дека пожарот бил локализиран и во неговото гаснење интервенирале 30 пожарникари со седум возила.