Во турските воздушни напади уништен древниот храм Аин Дара во Сирија


Дамаск, 28 јануари, 2018 - 19:36 (META) 

Во воздушните напади на Турција на регионот Африн на северот на Сирија оштетени се 60 отсто од древниот храм Аин Дара кој датира од арамејската ера (1300 – 700 година пред новата ера), соопшти сириската опсерваторија за човекови права, пренесува „ХРТ“.

Храмот е откриен во 1982 година, а се простира на површина од околу 50 хектари и е познат по остатоците од големи резбани блокови базалт и по ѕидните релјефи.

Сириската управа за антиквитети и музеи ги осуди турските напади на археолошките наоѓалишта, потврдувајќи ја информацијата за „уништувањето на храмот Аин Дара, една од археолошки највредните градби на Арамејците во Сирија“.

– Три илјади години цивилизација е уништено во само еден воздушен напад – изјавил директорот на управата Мамун Абделкарим.

Од управата ја повикуваат меѓународната заедница да изврши притисок на Турција за да се спречи гранатирањето и бомбардирањето на археолошките и културните локации.

Операцијата на турската војска против единиците на сириските Курди во Африн почна пред една недела со силно гранатирање и бомбардирање на курдската милиција во регионот.

Сириската влада на претседателот Башар ал-Асад го осуди нападот на Турција, но се противи и на курдските аспирации за автономија во северните делови на Сирија.

Сириската граѓанска војна, која почна во 2011 година, досега резултираше со огромни штети на многу историски градби, меѓу кои се древната Палмира и стариот дел на Алепо, кои се на списокот на УНЕСКО на светско културно наследство.


Најмалку 23 цивили загинале во воздушни напади во Јемен


Сана, 2 јануари, 2018 - 10:12 (META) 

Најмалку 23 цивили вчера загинале во бомбардирање на јеменскиот пристанишен град Ходеида, што го извршила коалцијата предводена од Саудиска Арабија, соопштиле безбедносни претставници на Јемен и очевидци, јавуваат светските агенции.

Според нивните тврдења во воздушните напади биле повредени осум луѓе.

Меѓународната организација за човекови права ја обвини арапската коалиција дека бомбардира места каде се собираат цивили – пазари, болници, станбени подрачја ширум Јемен, откако во 2015 година ја почна интервенцијата против Хутите.

Во граѓанската војна во Јемен досега загинаа повеќе од 10.000 цивили.


Египетската војска гаѓала и уништила возила користени во нападот на Синај


Каиро, 25 ноември, 2017 - 11:45 (META) 

Египетската војска денеска соопшти дека нејзини авиони извршиле напади во кои биле погодени повеќе возила користени во нападот во Северен Синај, во кој беа убиени 235 лица, јавуваат светските агенции.

Војската соопштила дека возилата се уништени, а лицата кои биле во нив се убиени.

Возилата, според соопштението, се наоѓале во близина на џамијата каде вчера беше извршен нападот, во градот Бир ал Абд. Станува збор за најкрвавиот напад извршен од исламистите во модерната историја на Египет.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера најави „брутален“ одговор по нападот врз џамијата во Синај.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но агенциите потсетуваат дека Ислмаска држава претходно вети дека на Синај и во Египет „ќе ги истреби суфиите“, припадници на мистичкото исламско движење, кои екстремистите ги сметаат за еретици.


Русија го спореди нападот на Рака со бомбардирањето на Дрезден


Москва, 22 октомври, 2017 - 16:23 (META) 

Русија ги осуди воздушните напади на меѓународната коалиција предводена од САД на сирискиот град Рака, кој беше упориште на Исламска држава (ИД), во кои, според тврдењата на Москва, загинале илјадници цивили, јавуваат светските агенции.

Градот Рака, кој беше главен град на територијата под контрола на ИД, оваа недела беше освоен од курдските сили кои ја имаат поддршката на САД.

Руското министерство за одбрана соопшти дека овој сириски град ја доживеал судбината на германскиот град Дрезден, кој за време на Втората светска војна, во 1945 година беше срамнет со земја во бомбардирањето од американската и од британската авијација.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера изјави дека по падот на Рака на повидок е крајот на калифатот на милитантите на Исламска држава.


Можни се воздушни напади на САД на позиции на Исламска држава на Филипини


Вашингтон, 8 август, 2017 - 13:09 (META) 

Пентагон разгледува план со кој на американската војска би ѝ се дало зелено светло да изврши воздушни напади на позициите на терористичката организација Исламска држава на Филипини, јави „Ен-би-си њуз“, повикувајќи се на двајца неименувани високи функциониери на одбраната.

Планот би можел да биде презентиран денеска, а како што се наведува, нападите би биле изведени со беспилотни летала.

Позициите на екстремистите на Исламска држава на Филипини се закана за сојузниците на САД во регионот,


Во воздушни напади во Јемен, загинаа 21 цивил


Сана, 23 ноември, 2016 - 11:48 (META) 

Дваесет и едно цивилно лице загинаа во денешните воздушни напади во северозападниот дел на Јемен, извршени од арапската коалиција, предводена на Саудиска Арабија.

Како што јавуваат светските медиуми, жртвите патувале со пикап-возило кон локалниот пазар во регионот Хиран во северозападната провинција Хиџах, која е под контрола на шиитските бунтовнци Хути, кои ја имаат поддршката од Иран.

И покрај илјадниците воздушни напади на арапската коалиција,при кои беа погодени училишта, пазари, болници и домови и загинаа голем број цивили, владините сили не успеаја да ги потиснат Хутите од главниот град Сана.

За време на 20-месечниот конфликт, загинаа најмалку 100.000 лица.


Повторно воздушни напади на Алепо


Алепо, 15 ноември, 2016 - 14:30 (META) 

Сириските опозициски активисти јавуваат дека во источниот дел на Алепо денеска се изведени воздушни напади, првпат по три недели. Тоа, како што велат, би можело да означува почеток на нова владина офанзива на овој северносириски град.

Сириската Опсерваторија за човекови права соопшти дека се бомбардирани три населби, но оти засега нема податоци за евентуални жртви.

Активистката Бара ел Халаби, која се наоѓа во источниот дел на Алепо, вели дека борбени авиони истрелале проектили и дека хеликоптерите фрлиле буриња со експлозиви во тој дел на градот.

Русија кон средината на октомври соопшти дека ги запира воздушните напади за да им овозможи на бунтовниците и на нивните приврзаници да ги напуштат источните делови на Алепо.

Бунтовниците ја одбија понудата, а Обединетите нации не успеале да се договорат за достава на хуманитарна помош во градот.


Русија и Сирија ги суспендираа воздушните напади на Алепо


Москва, 18 октомври, 2016 - 11:48 (META) 

Руската и сириската воена авијација ги прекинаа воздушните напади на градот Алепо, во пресрет на осумчасовниот прекин на огнот закажан за четврток оваа недела, поради хуманитарни причини, соопшти Москва.

Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, како што пренесува „Би-би-си“, изјавил дека воздушните напади биле суспендирани утринава.

Тој ги повикал бунтовниците и цивилното население, кои се наоѓаат во источниот дел на градот, да ги искористат хуманитарните коридори и да го напуштат Алепо.

Руски воени авони кратко пред објавувањето на денешната суспензија на нападите, бомбардирале цели во Алепо кои се под контрола на бунтовничките сили.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон соопштила дека во последните напади загинал брачен пар и нивните три деца.

Според опсерваторијата, во неодамнешните бомбардирања на Алепо загинале повеќе од 430 лица.


Франција почна воздушни напади врз ИД


Париз, 30 септември, 2016 - 10:01 (META) 

Франција ги почна првите воздушни напади врз мети на Исламска држава со носачот „Шерл де Гол“.

Голем број борбени авиони „рафал“ полетаа утринава, јавија светските агенции, повикувајќи се на челникот на бродот.

Истиот извор наведува дека леталата учествувале во напади на градот Мосул, упориште на ИД.

Францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ на почетокот од месецов е префрлен во регионот.


Најмалку 100 загинати во напади во Сирија, неколку часа по договорот за примирје


Дамаск, 11 септември, 2016 - 10:36 (META) 

Најмалку 100 лица загинале во воздушни напади во градовите Идлиб и Алепо, само неколку часа по постигнувањето договор меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Русија за прекин на непријателствата во Сирија, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-би-си“, во воздушен напад што го извршило засега неидентификувано летало, на пазар во Идлиб загинале најмалку 60 лица, додека 45 луѓе ги загубиле животите во напад во провинцијата Алепо, соопштиле активисти на сириската опозиција.

Десетдневното примирје, договорено меѓу САД и Русија, треба да стапи на сила утре, проследено со координирани воздушни напади на позициите на џихадистичките милитанти.

Турција и Европската Унија го поздравија планот за прекин на огнот во Сирија, но предупредија дека се потребни дополнителни активности за негово спроведување.

Сириската опозиција наведе дека планот овозможува извесна надеж, но дека се потребни повеќе детали околу тоа како тој ќе биде спроведен.

Владата во Дамаск соопшти дека го прифатила договорот меѓу САД и Русија.

„Сириската влада го прифати договорот меѓу САД и Русија, чија цел е наоѓање на политичко решение за кризата во Сирија“, пренесе сириската државна агенција „Сана“, додавајќи дека во Алепо ќе дојде до прекин на непријателствата од „хуманитарни причини“.