!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонија и БИХ потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи


Скопје, 13 септември, 2017 - 14:42 (META) 

Владите на Македонија и на Босна и Херцеговина денеска потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји. Во име на Владата на Република Македонија, договорот го потпиша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, договорот го потпиша министерот за комуникации и транспорт, Исмир Јуско.

Спасовски по потпишувањето на договорот рече дека надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи управуваат со возило на територијата на едната или другата држава.

– Граѓаните кои имаат регулирано престој во согласност со националното законодавство на двете држави, можат без да има потреба од полагање теоретски и практичен испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право, граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура што ќе им го овозможи ова право – рече Спасовски.

Тој додаде дека во тек е процедурата за потпишување договор за признавање и за замена на возачки дозволи и со Косово, Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и со Сојузна Република Германија и дека тие ќе бидат приоритет на МВР затоа што има голем број македонски државјани што живеат и работат во тие земји.

Министерот за комуникации и транспорт на БИХ, Исмир Јуско, нагласи дека овој договор е потпишан меѓу две пријателски земји, кои и понатаму ќе ја унапредуваат соработката.


Попладне ќе се одржи 16. седница на Владата


Скопје, 25 јули, 2017 - 13:32 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи шеснаесетта седница, со почеток во 17 часот, информираат оттаму.

„Во согласност со предложениот дневен ред, на седницата ќе бидат разгледани информации за активнoстите на министерствата поврзани со санирање на последиците од поројни дождови, електрични празнења, силен ветер и град, како и за причинетите штети на земјоделските култури во Ресенскиот и во Тетовскиот Регион“, се вели во соопштението на Владата.

Владата ќе донела неопходни одлуки во пресрет на активностите предвидени со воената вежба и вежбовните активности на „Змеј заштитник“ (Dragoon Guardian) околу влегување и престојување на војска на САД на територијата на Македонија заради учество во заедничката вежба.

На денешниот дневен ред е и информацијата во врска со учество на Македонија на „Експо 2020“ во Дубаи.

На седницата ќе се разговара и за извештајот за извршени преговори, со усогласен текст на договорот помеѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Македонија, за заемно признавање возачки дозволи во двете земји.

„На денешната седница Владата ќе разгледа предлози и одлуки за кои Владата дава мислење по барање на Собранието, а кои се однесуваат на годишните извештаи и планови на повеќе агенции, регулаторни тела и јавни претпријатија. На 16. седница превидено е и разгледување на предлог-одлука за утврдување на стратешките приоритети на Владата за 2018 година“, се додава во соопштението на Влада.


Спасовски: Не е важен датумот, туку како ќе бидат спроведени изборите


Скопје, 8 февруари, 2016 - 20:06 (META) 

Не е важен датумот кога ќе бидат одржани изборите, туку како ќе бидат спроведени и дали ќе бидат исполнети сите точки од Договорот во Пржино. Засега не се реализирани дел од предвидените точки. Нема договор во однос на регулирање на медиумите, неодамна се почна со прочистување на избирачкиот список, Специјалното јавно обвинителство се соочува со тешкотии и со проблеми, нема јавно-обвинителска служба… Сето тоа што со Договорот од Пржино е предвидено треба да се исполни, за на крајот да имаме фер и демократски, односно избори кои ќе се одржат во фер процес – истакна генералниот секретар на СДСМ и технички министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за дневникот на телевизијата „Канал 5“.

Во однос на прочистувањето на избирачкиот список, Спасовски додаде дека МВР соработува со Државната изборна комисија (ДИК) и дека оттаму има барања за доставување на одредени бази на податоци.

– Има барања од ДИК за доставување на бази на податоци кои треба да бидат вкрстени со податоците на другите државни институции во врска со издадени лични карти, патни исправи, слики од биометриски пасоши. Има податоци кои порано до ДИК биле издавани преку Заводот за статистика, а во нив се наоѓаат и нелегалните лични карти, кои се во избирачкиот список. Преку вкрстувањето на податоците на сите релевантни институции и теренска проверка. треба да се дојде до чист избирачки список и да се отстранат манипулациите и сомнежите – одговори Спасовски на прашањето дали ДИК побарала податоци од МВР.

Тој потсети дека нелегални лични карти им биле издадени на жители од Пустец, чии адреси на живеење биле заведени во зградата на МВР и на адреса на живеалишта на јавни функционери.

Во однос на пронајдените 70.000 возачки дозволи со исти сериски броеви на веќе издадени возачки дозволи, Спасовски истакна дека се врши интерна истрага во МВР.

– Станува збор за несовесно вршење на функцијата на одредени лица. Се врши внатрешна контрола во МВР и ќе се бара одговорност на вработените кои не реагирале навреме – додаде Спасовски.

Запрашан за сменетите кадри во МВР и дали луѓето се вратени на своите првобитните позиции по одлуката на Управниот суд, Спасовски обвини за манипулација, објаснувајќи дека има времена мерка за запирање на сите процеси.

– Ги запрев, бидејќи не преземам никакви дејства во однос на овие активности. Решението на Управниот суд не се однесува дали луѓето се вратени на првобитната состојба, туку управните постапки се водат за конкретни акти и не важат за другите –истакна Спасовски

Во однос на регулирањето на медиумскиот простор, тој упати забелешка до телевизијата во која гостуваше дека зела 4 милиони евра владини реклами и дека во последниот еден месец на вестите имало 7.748 секунди позитивни вести за ВМРО-ДПМНЕ и 4.633 секунди негативни вести за СДСМ.

Оттука, рече Спасовски, потребно е ослободување и професионализација на медиумскиот простор во корист на точно информирање на граѓаните, бидејќи медиумите се плаќаат од нивни пари.

На ова, уредничката „Канал 5“, Лидија Богатинова, истакна дека телевизијата е комерцијална и како и другите огласувачи и Владата се јавува како огласувач, притоа давајќи му на Спасовски банкарски документ кој покажува дека сумата на остварени приходи била многу помала од таа што во јавноста се зборува.


Мета-ретроспектива: Влади се менуваат, а „Гисеке“ печати обрасци и предизборни афери


Скопје, 20 јануари, 2016 - 9:48 (META) 

Германската фирма „Гисеке и Девриент“, која го има договорот за изработка на македонските лични докумети (пасоши, лични карти и возачки дозволи), по десет години повторно е во фокусот на медиумските конфронтации меѓу власта и опозицијата.

Во 2005 година, пред изборите, таа го доби тендерот за новите лични документи, а МВР беше обвинето дека нетранспарентно ја одбрало таа компанија и дека „заиграла“ и провизија. Владината комисија за жалби по јавни набавки, чиј претседател тогаш беше, сега актуелниот пратеник и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, тогаш утврди дека нема ништо спорно. ВМРО-ДПМНЕ, пак, како опозиција, тендерот на владата на СДСМ го оквалификува како „скандалозен“, но не само што не стори ништо за да го расветли случајот, туку ја продолжи соработката со контроверзната германска компанија.

Сега, повторно пред избори, на сцена се појави „Гисеке“, кога министерот за внатрешни работи на СДСМ, Оливер Спасовски, минатата недела на прес-конференција соопшти дека при попис на сите обрасци за лични документи во магацините на МВР, откриле 70.000 дупликати на формулари за возачки дозовли, со исти сериски броеви како на обрасци евидентирани во февруари 2014 година.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, по прес-конференцијата, повеќепати го повика министерот Спасовски да одговори, пред „домашната и меѓународната јавност“, зошто германската компанија двапати испечатила македонски возачки дозволи со ист сериски број.

„Јавноста очекува одговор дали Спасовски побарал помош преку Интерпол за спроведување на меѓународна истрага против германската компанија и за расчистување на нивните мотиви за криминал со обрасците за македонските возачки дозволи. Доколку Спасовски опстојува на ставот дека открил криминал, ВМРО-ДПМНЕ сака да го предупреди да се откаже од намерите за формирање комисија која ќе ги уништи дупликат формуларите. Тоа е уништување на доказен материјал без наредба од повисоките органи во случај кога нема ниту кривична пријава. Тоа е незаконски“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, во понеделникот, оваа недела.

Од „Гисеке и Девриент“ за „24 Вести“ соопштија дека формуларите испратени до МВР, со дупликат сериски броеви, биле изработени по грешка.

„Поради внатрешно недоразбирање од наша страна, документи со бројни секвенци од една од претходните години беа доставени во декември. Тие беа “празни“, односно, уште не беа персонализирани. Со оглед дека системот за складирање и персонализирање на Веридос, поставен на сајтот на клиентот, содржи врвни безбедносни мерки, грешката била веднаш идентификувана при пристигнување на празните документи во Скопје. Следниот чекор, односно персонализација, беше спречено од безбедносните мерки на системот. Откако ова беше откриено, македонското МВР веднаш не извести. Беше договорено дека Министерството ќе го уништи контингентот на лице место“, соопштија од германската компанија.

Расправиите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу „Гисеке и Девриент“, само од обратна позиција на власт и на опозиција, ги полнеа медиумите и во 2005 година, кога германската фирма го доби тендерот за изработка на македонските лични документи.

Тогаш, според пишувањата на медиумите, беа доведени во прашање условите и транспаретноста под кои „Гисеке и Девриент“ го добила тендерот на МВР, на чие чело во тоа време беше Љубомир Михајловски Џанго. По добивањето на тендерот, тежок 23,4 милиони евра, постапката веднаш беше обжалена од дел од другите понудувачи, меѓу кои француската „Шарл Обертур“, италијански „Институто полиграфико“, австриски „Сименс“ и „Канадијан банкнот компани“. Компаниите бараа увид во тендерската документација, а контроврзии се појавија и околу технологијата што била понудена од германската фирма, за која експерти тврдеа дека е застарена и дека европските земји полека ја напуштаат.

Во медиумите можеше да се прочитаат и шпекулации дека изборот на „Гисеке и Девринет“ била договорена работа од претходно меѓу тогашната владејачка партија СДСМ и Германците, како враќање на долгот за поддршката што германските социјалдемократи му ја дале на СДСМ за изборите во 2002 година.

Прашања до владата за тоа како бил спроведен тендерот фрчеа и од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во 2005 година наголемо се подготвуваше за изборите следната 2006 година.

– Зошто во новите лични карти нема да стои местото на раѓање, туку само датумот на раѓање и зашто во нив не е предвидено запишување на биометриските податоци – прашуваа од партијата, обвинувајќи дека тогашното МВР нетранспарентно и без објаснување ја одбрало технологијата на поликарбонатски пасош.

Случајот стигна и до владината комисија за жалби по јавни набавки, чиј претседател тогаш беше, сега актуелниот пратеник и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.

Медиумите, тогаш ја бележат и неговата изјава во врска со провизијата во износ од 1,7 милиони евра, што ѝ била исплатена на фирма-човек во Виена, која како консултант на „Гисеке и Девриент“ посредувала во зделката.

– Тоа не е провизија, туку трошоци што понудувачот ги имал при изработката на тендерската документација и целосно е во согласност со стандардите на Светска банка. Износот нас не нè засегнува бидејќи тоа е однос меѓу понудувачот и консултантот – изјавил тогаш Шилегов.

Тој за „Мета“ потврди дека тогаш бил на чело на владината комисија за жалби по јавни набавки, која на крајот утврдила дека нема ништо спорно со тендерот и со понудата на германската фирма, како и со провизијата, за која Шилегов и сега, како и тогаш, вели дека била во рамките на партнерскиот однос меѓу „Гисеке и Девриент“ и виенската фирма.

– ВМРО-ДПМНЕ, тогаш како опозиција, викаше дека станува збор за скандалозен тендер, за потоа, како власт, кога беше укинат визниот режим со земјите од Европската унија, нивниот министер за внатрешни работи да излегува и да се фали дека Македонија има најдобри и најквалитетни лични документи во цела Европа. Но, тоа е својствено за оваа партија. Инаку, провизијата за фирмата-консултант беше внесена во понудата на германската фирма и воопшто не беше скриена. Во случајот немаше ништо спорно. Таа беше наведена заедно со другите ставки во понудата, како процент од вкупната сума на договорот што на конслутантската фирма ѝ го исплаќа германската компанија, а не државата – ни изјави Шилегов.

И покрај сите наводи, перипетии, напади и обвинувања, „Гисеке и Девринет“ го задржа тендерот.

Ништо не беше променето ниту кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година. Тие ја продолжија соработката со германската фирма и во 2007 годна помпезно го најавија почетокот на издавањето на новите биометриски лични карти, пасоши и возачки дозволи.


ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да каже зошто „Гисеке и Девриент“ испечатила дупликат возачки дозволи


Скопје, 15 јануари, 2016 - 14:16 (META) 

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да ѝ соопшти „на домашната и на меѓународната јавност“ зошто германската компанија „Гисеке и Девриент“ двапати испечатила македонски возачки дозволи со ист сериски број.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција обелодени дека при попис на сите обрасци за лични документи во магацинот на МВР, биле откриени 70.000 формулари за возачки дозволи со идентични сериски броеви, како оние на формулари што биле евиднетирани во февруари 2014 година.

„Технички назначениот министер Спасовски, во согласност со истрагата која кажа дека ја иницирал, напомена дека е можно да се работи за сериозен меѓународен криминал. Оттаму и домашната и меѓународната јавност очекуваат истиот да биде поконкретен во сериозните обвинувања и да објасни по чија наредба германската компанија „Гисеке и Девриент“ се вклучила во транснационалниот криминал. Господинот Оливер Спасовски треба да одговори дали побарал помош преку Интерпол за спроведување на меѓународна истрага против германската компанија и за расчистување на нивните мотиви за криминал со обрасците за македонските возачки дозволи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму, велат дека доколку Спасовски не одговори на овие прашања, „само ќе ги потврди претпоставките дека тој не е технички назначен министер, туку дел од фабриката за афери на СДСМ“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, министерот Спасовски, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со своите „ниски манипулации ќе ѝ нанесат уште еден срам на земјава во односите со меѓународните партнери“.

„Германската компанија „Гисеке и Девриент“ е меѓу светските лидери во областа со која се занимава со 160 години традиција. Оливер Спасовски има легитимно право да се сомнева дека компанијата која изработува лични документи и пари во десетици земји од светот, ја ризикува сопствената репутација и се нафатила со криминал со македонските возачки дозволи. Оливер Спасовски има обврска да излезе со докази против германската компанија и да каже каде, кому и зошто би се продавале бланко обрасци за македонски возачки дозволи во странство и колкав е профитот на германската компанија?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски покажа дека не е министер, туку дел од фабриката за афери


Скопје, 14 јануари, 2016 - 16:46 (META) 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да поднесе кривична пријава против одговорните во германската компанија што ги произвела и испорачала обрасците за возачките дозволи, стои во реакцијата на партијата на денешната прес-конференција на министерот Оливер Спасовски, на која тој соопшти дека во магацинот на МВР се откриени 70.000 дупликати од формулари за возачки дозволи.

„ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува технички назначениот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовси, докрај да ја спроведе истрагата и во најкус можен рок да ѝ објасни на македонската и на германската јавност зошто германската компанија одлучила да изработи вторпат бланко обрасци за возачки дозволи со исти сериски броеви. Од Оливер Спасовски очекуваме во најкус можен рок да одговори кој ѝ дал наредба на германската компанија да ги изработи вторпат обрасците за возачки дозволи со исти сериски броеви како обрасци што биле претходно испорачани во Македонија. Оливер Спасовски денеска уште еднаш покажа колку е неспособен и се посрамоти себеси и партијата што ја претставува. Оливер Спасовски уште еднаш потврди и докажа дека не е министер за внатрешни работи, туку е дел од фабриката за продуцирање афери на СДСМ“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Спасовски: Откривме 70.000 дупликати на возачки дозволи


Скопје, 14 јануари, 2016 - 13:59 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на прес-конференција обелодени нови докази за злоупотреби на лични документи, овојпат 70.000 дупликати на возачки дозволи откриени во магацинот на МВР.

Дупликатите, според Спасовски, се откриени во рамките на истрагата за незаконското издавање лични карти.

Според истрагата, во овој случај е вмешан и висок раководител во МВР.

– Веднаш по откривањето на скандалот со незаконски издадените лични карти, формирав комисија и наредив да се изврши попис на сите обрасци за издавање лични документи во магацинот на МВР. Беше откриено дека на 26 ноември 2015 година, во магацинот се влезени 70.000 формулари за возачки дозволи кои не се внесени во евиденцијата на магацинот. Овој документ покажува дека во евиденцијата на МВР веќе постојат возачки дозволи со истите сериски броеви, евидентирани пред една година и девет месеци, односно на 7 февруари 2014 година – рече Спасовски.

Според министерот, за влезот на дупликат формуларите знаел помошникот-раководител што ја водел оваа област, но за тоа не реагирал. Како што соопшти Спасовски, помошникот-раководител го пријавил случајот еден ден откако биле откриени формуларите и истиот ден испратил писмо до фирмата доставувач на лични документи за МВР.

– Јас бев веднаш контактиран од фирмата од каде изразија загриженост и беа изненадени зошто случајот не бил веднаш пријавен кај нив. Станува збор за угледна фирма – објасни Спасовски.

Министерот рече дека намерно не побарал повлекување на формуларите и најави дека ќе формира комисија што ќе ги уништи овие документи. Спасовски изјави дека откривањето на овој случај отвара сериозни сомнежи за злоупотреба на идентитетот на граѓаните, како и можност овие формулари да бидат продавани во и надвор од земјата за одредени суми на пари. Во врска со незаконското издавање лични карти, Спасовски најави дека наскоро ќе објави нови информации. На новинарско прашање дали се водат истраги за незаконско издавање лични документи во другите сектори за внатрешни работи во земјава, Спасовски кусо одговори: „Истраги се водат во Министерството за внатрешни работи“.