!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вработен во Општина Велес им се заканувал на Заев и на Бејли со бесење


Велес, 6 ноември, 2017 - 14:36 (META) 

Новоизбраниот градоначалник на општината, Аце Коцевски  денеска на прес-конференција  обвини дека пратеникот Илија Димовски има личен возач кој бил вработен во Општината и притоа го оштетил буџетот за голема сума пари.

Според пресметките на Коцевски, вкупните долгови на Општина Велес изнесуваат 169.197.606 денари или 2.751.180 евра.

Коцевски истакна дека постојат индиции дека двајца вработени во општинската администрација на 27 април учествувале во крвавиот инцидент во Собранието и додаде дека ќе бидат поведени соодветни постапки доколку се докаже дека тоа е точно.

Меѓу другото, за време на мандатот на претходниот градоначалник Славчо Чадиев, констатирана била превработеност во општинската администрација и работење во корист на политичка партија во работно време, со што биле направени сериозни кривични дела.

– Вработен испраќал екстремни и насилнички пораки како, на пример, „Поздравете си го лидерот од Муртино и тој што пушта паричиња од амбасадата, ама пред да биде Велес двојазичен, и нив и вас ќе ве бесиме на сред маало“… И јас треба сега да работам со оваа личност? – запраша Коцевски.

Сегашниот градоначалник истакна дека општинската зграда и неколку училишта имаат сериозни проблеми со греењето. Училиштата не набавиле дрва затоа што сметките им се блокирани и навреме не поднеле тендерска документација.

– Питијадата досега ги чини граѓаните на Велес 7.101.642 денари. Тоа е преголема сума и со тие пари во сиромашна општина може да се направат многу поважни работи отколку да се потрошат на забава. Мојот став е догодина оваа манифестација да продолжи само доколку нејзината организација ја прифати Стопанската комора, а Општина Велес да биде поддржувач – додаде Коцевски.


Убиен главниот осомничен за нападот во Барселона, потврди полицијата


Барселона, 21 август, 2017 - 19:17 (META) 

Шпанската полиција потврди дека го убила 22-годишниот Јунес Абујакуб, главниот осомничен за терористичкиот напад во центарот на Барселона, во кој загинаа 13 лица, а над 100 беа повредени, јавуваат светските агенции.

Абујакуб е осомничен дека го возел белото комби кое влета во маса луѓе на улицата Ла Рамбла.

Претходно, полицијата соопшти дека застрелала едно лице кое носело појас со експлозив, во областа Субиратс, оддалечено околу 40 километри од Барселона.

Шпанските медиуми јавуваат дека Абујакуб пред да биде застрелан, извикал „Алаху Акбар“ (Господ е голем).

Специјалната противдиверзантска едница на полицијата користела робот за да го симне појасот од телото на убиениот.

Јунес Абујакуб по бегството од местото на нападот во четвртокот, убил возач на автомобил, кој го искористил за да побегне, потврди полицијата.

Во нападот во центарот на Барселона во четвртокот загинаа 13 лица, додека 130 беа повредени, кога комби влета во пешаци на улицата Ла Рамбла.

Неколку часа по овој напад, едно лице беше убиено, а шестмина беа ранети во напад со автомобил на шеталиште во Камбрилс, околу 120 километри јужно од Барселона.

Одговорноста за нападите ја презеде терористичката организација Исламска држава.


Најмалку еден загинат и 32 повредени во терористичкиот напад во Барселона


Барселона, 17 август, 2017 - 20:13 (META) 

Најмалку едно лице загинало, а 32 се повредени, од кои 10 сериозно откако комби удри во група пешаци на улица во близина на плоштадот „Каталуња“ во центарот на Барселона, јавуваат светските медиуми.

Шпанската полиција потврдила дека инцидентот го третира како терористички напад.

Властите апелирале граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот и да не ги напуштаат своите домови, а побарано е и затворање на трамвајските и на метро-страниците.

По нападот луѓето на плоштадот „Каталуња“, почнале да се засолнуваат во околните продавници и кафулиња.

Полицијата сè уште трага по возачот на комбито, кој побегнал откако удрил во групата луѓе на улицата Ла Рамбла.

Инаку, улицата Ла Рамбла и плоштадот „Каталуња“ се меѓу најпопуларните места во Барселона, кои дневно ги посетуваат илјадници турсти.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој изјавил дека е во контакт со властите во Барселона и дека во моментов најважно е згрижувањето на повредените.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјавил дека САД се подготвени да и помогнат на Шпанија.

„Заедно со сојузниците, САД се одлучи да ги пронајдат терористите и да ги изведат пред лицето на правдата“, изјавил Тилерсон.


Возач загинал кај Стоби


Неготино, 10 јули, 2017 - 14:17 (META) 

Во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 19 часот, на регионалниот пат Градско – Неготино кај локалитетот Стоби, животот го загубил С.П. (47) од неготинското село Црвени Брегови.

Како што соопшти МВР, автомобилот „киа“ со кој управувал сега загинатиот, излетало од коловозот и се превртело.

Увид извршила екипа од СВР Велес, а по наредба на јавен обвинител, на телото на починатиот ќе се врши обдукција.


Притворен полицаец осомничен за земање поткуп од стотина граѓани


Скопје, 21 октомври, 2016 - 11:14 (META) 

Триесетдневен притвор му е одреден на полицаец кој пред два дена бил фатен како зема поткуп од возач за да не му напише казна за сторен сообраќаен прекршок.

Полицаецот, како што информираат од Основното јавно обвинителство Скопје, ноќта меѓу 15 и 16 октомври вршел рутинска контола на возила во Скопје и запрел автомобил поради три сообраќајни прекршоци. Тој на возачот му рекол дека за прекршоците му следува казна од 1.000 евра, но ако му даде 3.000 денари, нема да му ја напише.

„Се договориле паричните средства оштетениот да ги остави во една од блиските продавници, каде ќе каже дека тие се за полицаецот. При тоа, службеното лице му зело лични податоци на возачот и телефонски број на кој во следните денови неколкупати го контактирал. Оштетениот го пријавил службеното лице и во организирана акција, на 19 октомври, осомничениот е фатен додека го земал поткупот“, стои во соопштението од обвинителството.

При претресот на приватното возило на осомничениот полицаец биле најдени податоци за стотина граѓани, адреси и контакт-телефони.

„Најдените докази укажуваат дека осомничениот на ист начин ги обработувал и преземал коруптивни дејства кон поголем број граѓани. Со оглед дека постои основан сомнеж за сторени кривични дела кон поголем број лица, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 предложи изрекување притвор за осомниченото лице, кој со решение на судот беше потврден, односно изречен е триесетдневен притвор. Основното јавно обвинителство – Скопје во насока на расветлување на предметот, ќе презема дејства за проверка на сите податоци најдени кај осомничениот заради утврдување на фактичката состојба во предметот“, информираат од Јавното обвинителство.


Дваесет и една година од атентатот на поранешниот претседател Глигоров


Скопје, 3 октомври, 2016 - 10:39 (META) 

Пред 21 година, на денешен ден беше извршен неуспешен атентат врз поранешниот претседател Киро Глигоров.

Во атентатот загина возачот на Глигоров, Александар Спировски, a повреден беше и неговиот телохранител Илчо Теовски.

Глигоров имаше тешки повреди на главата.

Атентатот беше извршен со автомобил-бомба пред хотелот „Бристол“ на улица Македонија.

Истражната постапка против непознат сторител е сè уште отворена.

Глигоров почина на 1 јануари 2014 година.


Откриени 40 мигранти од Сирија во камион на патот Штип – Кочани


Штип/Неготино, 19 август, 2016 - 14:43 (META) 

Полициска екипа синоќа, околу 23.30 часот, во камион кој се движел на патот Штип – Кочани открила 40 мигранти со потекло од Сирија, информираше денеска МВР.

Полицајците го забележале камионот кај местото Штипска петља, и му дале знак да застане, но возачот продолжил, а по околу еден километар, го запрел возилото и побегнал.

„При контрола во товарното возило биле пронајдени 40 лица, мигранти од Сирија, меѓу кои повеќето биле деца“, велат од МВР.

Мигрантите биле однесени во полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во Штип, а денеска треба да бидат префрлени во Прифатниот центар во Гевгелија.

Во меѓувреме полицијата презема мерки за пронаоѓање на возачот и за целосно расчистување на случајот.

Неколку часа претходно, полициски службеници забележале двајца мигранти како скокаат од воз и бегаат кај железничката станица во селото Дуброво, на пругата Гевгелија – Скопје.

„Товарниот воз бил управуван од З.М. (51) од Скопје и Ѓ.Г. (53) од Скопје. Од преземени мерки било утврдено дека со машиновозачот претходно било договорено во возот да качи мигранти за одредена сума на пари и мобилен телефон“, стои во информацијата на МВР за случајот.

Двајцата македонски дражвјани и мигрантите биле уапсени и доведени во полициската станица во Неготино. Од МВР велат дека полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.


Во возило пронајдени 12 мигранти од Сирија, од нив осум деца


Кавадарци, 25 јули, 2016 - 12:56 (META) 

Вчераутро, околу 9 часот, полициска екипа на локалниот пат Кавадарци – Конопиште, во возило, марка „рено еспејс“, со скопски регистарски ознаки, пронашле 12 илегални мигранти со потекло од Сирија, информираат од МВР.

Според полициските информации, од мигрантите четворица биле возрасни лица, додека другите осум биле деца.

Мигрантите биле приведени, а според МВР, шестмина од нив ќе бидат задржани во Прифатниот центар за странци, а другите ќе бидат вратени во Грција, од каде нелегално влегле во земјава.

Возачот успеал да им побегне на полицајците и во тек се мерки за негово пронаоѓање.


Полицијата подготвува пријава против возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“


Скопје, 31 мај, 2016 - 16:10 (META) 

Министерството за внатрешни работи попладнево излезе со официјални информации во врска со синоќешното апсење на возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“, кој до доцна во ноќта беше на распит во полициската станица „Пролет“.

Според полицијата, 47-годишниот Н.П. бил уапсен околу 20.15 часот на крстосницата од улиците „Кочо Рацин“ и „11 Октомври“, „согласно членот 158 став 3 од Законот за кривичната постапка, членот 45-а од Законот за полиција и членот 14-а од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи“, а поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело оштетување на туѓи предмети.

Во возилото, стои во соопштението на МВР, биле пронајдени и одземени три канти со дисперзиона боја од пет литри, две канти со кафена боја од три литри, девет канти со боја од еден литар, 11 спреја во разни бои, два ваљака за фарбање, поголем број на водени пиштоли, две импровизирани направи составени од пластични цедилки и гумени ластици (катапулти) како и други предмети кои, според полицијата, се предмет на кривично дело по член 243 став 2 од Кривичниот законик.

„Со лицето е извршен разговор во полициската станица од општа надлежност „Кисела Вода“ по што истиот е пуштен на слобода. По целосно расчистување и документирање на настанот против Н.П. ќе биде доставен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство Скопје“, стои во соопштението од МВР.


Ослободен возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“


Скопје, 31 мај, 2016 - 8:49 (META) 

Пуштен е на слобода возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“ кој што беше приведен синоќа.

Тој бил приведен поради кривично дело „оштетување на туѓи предмети“, а при претресот во комбето во полициската станица „Пролет“ биле пронајдени пакети со неотпакувана боја, водени детски пушки, и валјаци. Сето тоа било запленето, информираше неговиот адвокат.

Возачот беше приведен по завршувањето на синоќешниот протест, во близина на Градска болница во Скопје.

Од „Шарена револуција“ на својот „Фејсбук“ профил објавија:

„Режимот повторно се обидува да удри по нашите соборци, но нема да им успее! Вечерва, на крајот од протестот во Скопје, од страна на неуниформирани полициски лица приведен е Џовани, возачот на пикапот на ‪#‎ШаренаРеволуција‬ од каде секој ден ечат нашите гласови и нашите звуци. Џовани се наоѓа во полициска станица Пролет (Кисела Вода). Нема објаснување зошто е приведен, кажано му е да чека.
Пред полициската станица веќе се собираат стотици граѓани во знак на поддршка на нашиот соборец.
Џовани, со тебе сме, знаеме сите дека ќе има правда и ќе има мир. Ќе издржиме зашто заедно сме силни, зашто слободата е на прагот, а до тогаш ‪#‎НемаПравдаНемаМир‬!“, стои во „Фејсбук“ статусот.