Вооружен напаѓач се обидел да влезе во претседателската палата во Техеран


Техеран, 5 февруари, 2018 - 12:53 (META) 

Вооружен маж е ранет и приведен во Техеран откако се обидел да влезе во претседателската палата во главниот град на Иран, соопштил заменик-гувернерот на Техеран, Мохсен Хамедани, а пренесе новинската агенција „Фарс“.

„Се обидуваме да го идентификуваме лицето и да ги дознаеме неговите мотиви“, додал Хамедани.

Напаѓачот бил вооружен со голем нож, пренела агенцијата „Тасним“, а бил облечен во бела облека, што симболизира дека бил подготвен да го жртвува својот живот.

Тој бил застрелан во нога додека се обидувал да ја помине безбедносната контрола на влезот во зградата во центарот на Техеран.

Нема информации дали претседателот на Иран, Хасан Рохани во тоа време се наоѓал во палатата.


Тајната служба застрелала вооружен маж пред Белата куќа


Вашингтон, 21 мај, 2016 - 10:57 (META) 

Припадници на тајната служба на САД вчера застрелале вооружен маж пред Белата куќа, поради што пристапот кон објектот бил блокиран извесно време, јавуваат светските медиуми.

Од полицијата за „Еј-би-си њуз“ изјавиле дека лицето извадило оружје кај безбедносниот пункт во близина на зградата, поради што било застрелано во стомакот.

Напаѓачот бил пренесен во болница со тешки повреди, соопштиле официјалните служби.

Претседателот Барак Обама за време на инцидентот не бил во Белата куќа, туку играл голф во предградието на Вашингтон.

Американскиот потпретседател Џо Бајден, кој се наоѓал во зградата за време на пукањето, веднаш бил однесен на безбедно место, јавуваат медиумите.