!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Турција продолжена вонредната состојба уште за три месеци


Анкара, 17 јули, 2017 - 19:31 (META) 

Вонредната состојба во Турција е продолжена уште за три месеци, речиси една година откако беше воведена поради обидот за државен удар кој се случи на 15 јули минатата година.

Парламентот го прифати барањето на владата на Турција да се продолжи вонредната состојба воведена по неуспешниот пуч.

Според соопштението на канцеларијата на премиерот Бинали Јилдрим, кабинетот побарал од парламентот да ја продолжи вонредната состојба за наредните три месеци, почнувајќи од среда, 19 јули.

Барањето следи по церемонијата за време на викендот, со која беше обележана годишнината од неуспешниот воен пуч во кој животот го загубија околу 2.500 луѓе.

Откако во Турција беше воведена вонредната состојба на 20 јули минатата година, повеќе од 50.000 луѓе се уапсени, а 150.000 се суспендирани или отпуштени од работа во државната служба, но и во приватниот сектор.


Макрон: Наесен ќе се укине вонредната состојба


Париз, 3 јули, 2017 - 18:43 (META) 

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека наесен ќе ја укине вонредната состојба во Франција која е на сила од терористичкиот напад во земјата во ноември 2015 година.

– Повторно ќе воспоставам слобода во Франција со укинување на вонредната состојба наесен затоа што тие слободи се услов за постојаност на една силна демократија – изјави Макрон.

Францускиот претседател ова го изјави во обраќањето пред двата дома на парламентот на заедничка седница во Версај.

Тој додаде дека парламентот ќе биде повикан да ги изгласа новите мерки за борба против тероризмот.

Макрон во обраќањето пред парламентот ги изнесе главните насоки за своето петгодишно претседавање.


Предизборен молк во Франција во пресрет на првиот круг од претседателските избори


Париз, 22 април, 2017 - 11:35 (META) 

Ноќеска на полноќ во Франција стапи на сила предизборниот молк во пресрет на утрешниот прв круг од претседателските избори во земјата. За функцијата претседател на Франција ќе се натпреваруваат 11 кандидати. Изборниот молк ќе трае до утре, до 20 часот, кога се затвораат избирачките места.

Речиси 47 милиони Французи имаат право на глас на претседателските избори, чиј исход е многу неизвесен поради тесната разлика во анкетите помеѓу центристот Емануел Микрон, екстремната десничарка Марин ле Пен, десничарот Франсоа Фијон и радикалниот левичар Жан Лук Меланшон.

Вкупно 66.646 изборачки места ќе бидат отворени утре во 8 часот. Изборите во прекуокеанските француски територии ќе се одржат денеска.

Досега ниту еден кандидат на претседателските избори во Франција не бил избран во првиот круг, туку во вториот, кој овојпат е закажан за 7 мај.

Изборите ќе ги обезбедуваат 50.000 полицајци и припадници на жандармеријата, како и 7.000 војници.

Претседателските избори во Франција првпат се одржуваат додека во земјата на сила е вонредна состојба, која беше воведена по терористичките напади во 2015 година. Во четвртокот оваа недела, во Париз се случи напад во кој загинаа еден полицаец и напаѓачот, а беа ранети три лица.

Инаугурацијата на новиот претседател треба да се одржи пред 14 мај, кога официјално му истекува мандатот на актуелниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, кој не се кандидираше за нов мандат.


Во Египет прогласена тримесечна вонредна состојба


Каиро, 10 април, 2017 - 9:45 (META) 

Египетскиот претседател Абдула Фатах ал Сиси прогласи тримесечна вонредна состојба по нападот на две коптски цркви, во кои загинаа 44 лица.

Мерката им овозможува на властите апсење и претрес без налог. Пред самите мерки, беше потребно одобрение од парламентот.

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападите во Танта и во Александрија, кои се случија за време на христијанскиот празник Цветници.

Сиси по состанокот на Националниот совет за одбрана рече дека војната против милитантите на ИД ќе биде „долга и болна“.

Египетскиот претседател претходно нареди распоредување на војската по целата земја за заштита на „инфраструктурата од витално значење“.


Поради снегот и студот, прогласена вонредна состојба во 10 општини во Србија


Белград, 9 јануари, 2017 - 12:59 (META) 

Поради снегот и екстремно ниската температура, во Србија и понатаму на сила е црвениот метеоаларм, а во десет општини, во централниот и во јужниот дел на земјата, прогласена е вонредна состојба.

Според податоците од Автомото-сојузот на Србија, големите снежни наноси и силниот ветер го отежнуваат сообраќајот, но и покрај ваквата состојба, сите патишта се проодни.

Изминатата ноќ најкритично беше на југот на Србија каде беа евакуирани околу 120 лица и 70 возила. Во Врање едно лице почина од премрзнување, додека на подрачјето на Ниш и понатаму се трага по едно машко лице, кое се води како исчезнато. На подрачјето на Блаце, снежните наноси се високи и до три метри.

Реката Голема Морава е замрзната, а поради мразот прекината е пловидбата на Дунав и на Сава.

Од утрово снег врне во цела Србија, а врнежите се очекува да престанат денеска попладне. Температурата, според прогнозите на метеоролозите, ќе биде под нулата сè до четврток.


Долниот дом на францускиот парламент изгласа продолжување на вонредната состојба


Париз, 14 декември, 2016 - 10:09 (META) 

Долниот дом на францускиот парламент рано утринава изгласа да се продолжи вонредната состојба во земјата до 15 јули следната година.

Францускиот премиер Бернар Казенев на 10 декември предложи продолжување на вонредната состојба.

Горниот дом на францускиот парламент во текот на денот ќе ја разгледува оваа регулатива.

Аналитичарите оценуваат дека политичките партии со ова сакаат да кажат дека безбедносната ситуација е под контрола, особено имајќи предвид дека Франција се подготвува за претседателски избори следната година.

Владата воведе вонредна состојба во ноември минатата година по нападот на исламистите во Париз, кога загинаа 130 лица. За време на вонредната состојба полицијата има широки овластувања за претрес и за апсења.

Вонредната состојба, која треба да се укине на средината од јануари, продолжена е четири пати затоа што француската влада смета дека и понатаму има висок ризик за напади од исламистички милитанти.


Француската влада ќе бара продолжување на вонредната состојба


Париз, 15 ноември, 2016 - 17:52 (META) 

Француската влада од парламентот ќе бара второ продолжување на вонредната состојба, воведена по терористичкиот напад во Париз во ноември минатата година, изјави францускиот премиер Мануел Валс.

Обраќајќи им се на пратениците, Валс рече дека поддршката која Франција ѝ ја дава на коалицијата во борбата против Исламска држава во Ирак и во Сирија значи дека не смее да се игнорира опасноста од нови напади.

– Заради тоа ќе предложиме продолжување на вонредната состојба – додаде Валс.

Вонредната состојба е продолжена првпат на шест месеци во јули оваа година. Валс не прецизираше на колкав временски период владата ќе бара продолжување.

Франција минатиот викенд одбележа годишнина од терористичкиот напад на Париз, во кој загинаа повеќе од 130 луѓе.

Францускиот премиер тогаш предупреди дека опасноста од тероризмот не поминала.

– Тероризмот повторно ќе нè погоди, но ќе победиме – порача Валс.

Во Франција следната година во периодот од април до јуни ќе се одржат претседателски и парламентарни избори.


Оланд откри спомен-плоча за настрадан во ланските атентати во Париз


Париз, 13 ноември, 2016 - 12:33 (META) 

Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска, на правата годишнина од терористичките нападите во Париз, откри спомен-плоча посветена на Мануел Дијаз, човекот кој загина во бомбашкиот напад на терористите на стадионот „Франција“, во париското предградие Сен Дени.

Дијаз загина на стадионот при првиот напад, за време на фудбалскиот натпревар меѓу Франција и Германија.

Во координираните напади на 13 ноември 2015 година, беа убиени вкупно 130 лица и ранети стотици други лица.

Во меѓувреме, францускиот премиер Мануел Валс изјави дека вонредната состојба во Франција без сомнение ќе биде продолжена за уште неколку месеци, особено поради претстојните претседателски избори во земјата.

– Тешко е денеска да ја прекинеме вонредната состојба. Уште повеќе што за неколку недели ќе почнат претседателските избори, кои ќе доведат до собирања на луѓе на јавни места – подвлече Валс на гостувањето во емисијата „Хардток“ на „Би-би-си“.

Вонредната состојба беше воведена по нападите од 13 ноември 2015 година, а кон крајот на јули беше продолжена за уште шест месеци.


Анкара забрани јавни собири и маршеви поради опасност од напади


Анкара, 18 октомври, 2016 - 10:39 (META) 

Локалните власти во турската престолнина Анкара воведоа забрана за јавни собири и за маршеви до крајот на ноември годинава, јавуваат светските агенции. Ваквата одлука следува по добиени безбедносни информации дека екстремисти планираат напади во градот, кој веќе беше цел на неколку бомбашки напади во текот на минатата година.

Забраната, како што пренесуваат агенциите, ја објавил кабинетот на гувернерот на Анкара.

Турција веќе два месеци води воена кампања во Сирија, како поддршка на силите на бунтовниците за протерување на милитантите на Исламска држава од јужната граница на Турција. Минатогодишните напади во Анкара, според турските власти, ги изведоа припадници на Исламска држава и на курдските екстремисти.

Забраната за јавни собири и за маршеви ќе остане до 30 ноември во рамките на вонредната состојба што беше прогласена во Турција по неуспешниот обид за воен удар на 15 јули годинава.


Вонредната состојба во Турција продолжена за уште три месеци


Анкара, 3 октомври, 2016 - 18:02 (META) 

Турската влада денеска одлучи да ја продолжи за уште три месеци вонредната состојба во земјата, која беше воведена по неуспешниот воен пуч кој се случи во јули.

Продолжувањето од три месеци почнува да тече од 19 октомври.

– Вонредната состојба ќе биде продолжена за 90 дена, почнувајќи од 19 октомври – изјави на конференција за новинари заменикот на турскиот премиер, Нуман Куртулмуш.